Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја посети Битола, каде што во населбата Буковски Ливади се реализира проектот за изградба на ново подрачно училиште. Тој порача дека Владата останува целосно посветена на реализација на капитални проекти и подобрување на условите за живот на граѓаните.
„Продолжуваме и понатаму да бидеме посветени на испорачување на проекти. Тоа е еден од нашите врвни приоритети. За жал, во изминатите децении се направени многу пропусти и не можеме одеднаш да ги решиме сите, но работиме по приоритети, еден по еден, без да создаваме нови проблеми“, истакна Мицкоски.
Премиерот нагласи дека секој што работи може и да направи грешка, но дека Владата ќе продолжи активно да ги решава проблемите на граѓаните.
„Сакам однапред да се извинам за понекоја грешка што ќе се направи во текот на работењето. Не греши само оној којшто ништо не работи. Ќе се трудиме таквите грешки да бидат сè помалку и навреме да ги исправаме“, рече тој.
Во своето обраќање, Мицкоски упати благодарност до градоначалникот, општинската администрација, советниците, пратениците и членовите на Владата кои, како што рече, работат на реализација на повеќе проекти за Битола.
Тој потенцираше дека Битола останува еден од главните приоритети на Владата и најави продолжување на инфраструктурните инвестиции во регионот.
„Забрзано се гради автопатот што ќе ги поврзе Битола и Прилеп, а сериозно се размислува и за реализација на експресно поврзување на Битола со граничниот премин Меџитлија. Со тоа значително ќе се подобри сообраќајната поврзаност и ќе се намалат гужвите во градот“, изјави премиерот.
Посетата беше реализирана на локацијата каде што е во тек изградбата на новото подрачно училиште во населбата Буковски Ливади, проект што треба да обезбеди подобри услови за образование на учениците од овој дел на Битола.




























