дома блог страница 944

Стручна матура и приемни испити на факултетите – Еве што предвидува новиот предлог закон за средно образование

Владата, на вчерашна седница, утврди текст на нов Предлог на закон за средно образование со кој меѓудругото се воведува стручна матура, завршен испит, уметничка матура, како и приемни испити на факултетите. Владата утврди текст и на нов Предлог на закон за стручно образование и обука.

Посебна новина којашто се воведува е воведувањето стручна матура и влезен академски испит. По завршувањето на последната година на гимназиското образование, како што е предвидено, учениците полагаат државна матура, или училишна матура. По завршувањето на последната година во Меѓународна програма за средно образование (ИБ програма) учениците полагаат меѓународна матура и/или државна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со четиригодишно траење, учениците полагаат стручна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со двогодишно, односно со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит.

По завршувањето на последната година во средното уметничко образование, учениците полагаат уметничка матура. Концепцијата за испити на крајот на средното образование, ја изготвува Државниот испитен центар, а на предлог на Државниот матурско-академски одбор, ја утврдува министерот.

Влезен академски испит за запишување во високото образование полагаат ученици кои сакаат да го продолжат образованието на високообразовните установи, а исполнуваат најмалку еден од условите: се запишани на четврта година од средно стручно образование или средно уметничко образование; завршиле средно стручно четиригодишно образование и положиле стручна матура; завршиле средно уметничко образование и положиле уметничка матура или имаат решение за признавање на диплома за завршено средно образование во странство, којашто е еквивалентна на завршено средно стручно четиригодишно образование или средно уметничко образование во земјава.

Новина има и во поглавјето „Права и обврски на учениците и ученичко организирање и учество”. Секој вработен во училиштето, според предвиденото, е должен да се грижи за најдобриот интерес на ученикот и да го почитува неговото достоинството, како и неговите права согласно Конвенцијата за правата на детето. Забрането е телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него. Во средните училишта, учениците слободно се организираат во класни заедници и ученички совет. Учениците имаат право на слободно организирање во ученички совет на локално и регионално ниво, Сојуз на средношколци на национално ниво, или во други облици во согласност со други закони и подзаконски акти. Во работата на училишниот одбор, стручните органи и тела на училиштето и во Советот на родители, учествуваат претставници на учениците избрани од страна на ученичкиот совет.

Владата утврди текст и на нов Предлог на закон за стручно образование и обука.

Законот за стручно образование и обука којшто во моментот се применува е донесен во 2006 година, а реформата на стручното образование и обука, според предлагачот, Министерството за образование, е тесно поврзана со промените на пазарот на трудот и потребата за модел на стручно образование и обука насочен кон создавање човечки ресуси за потребите на пазарот на трудот, преку вработување или самовработување.

Донесувањето нов Закон за стручно образование и обука е во согласност со Стратегијата за образование 2018-2025 година.

Владата, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, ја разгледа и усвои и Националната стратегија за ментално здравје на млади 2024 – 2026 година.

Целта е придонес во унапредувањето на менталното здравје на младите, пришто добросостојбата на младите ќе биде активен двигател на општествениот развој.

Стратегијата се води од Агендата 2030 и општите принципи на Целите за одржлив развој на ОН.

Владата, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, ја разгледа Информацијата за усвојување Стратегија за човечки капитал на Република Македонија 2024 – 2030 година и ја усвои предложената Стратегија.

Целта на Стратегијата е да помогне во подобрувањето на резултатите од човечкиот капитал во државата. Притоа, во фокус на Стратегијата се три клучни и меѓусебно поврзани подрачја: образованието, здравството и социјалната заштита, со цел зајакување и подобрување на човечкиот капитал, за инклузивен развој.

Во однос на временската рамка, Стратегијата има за цел да обезбеди патоказ за агендата за човечки капитал до 2030 година.

Двојните избори ќе ја чинат државата 12 милиони евра

Двојните претседателски и парламентарни избори ќе не чинат околу 12 милиони евра со тендеција оваа сума да се зголеми најмалку до 15 милиони евра, бидејќи може да се појават некои непредвидени работи. Сооглед дека се двојни избори не се многу средства, имајќи предвид и дека гласа и во странство и треба повеќе ангажман, вели во интервју за МИА претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

-Ние кога се договаравме со министерот определивме една сума, меѓутоа после кога отиде буџетот во Собрание, многу се скрати. Не можам прецизно да ви кажам. Се надевам дека за некои дејствија ако биде потребно ќе се надополни Буџетот. Јас реков околу милијарда денари, сега е 600 и нешто милиони, меѓутоа најверојатно таа бројка ќе се зголеми. Сега тука многу е битно дали е сметана платената политичка кампања. Ако ја сметаме тогаш тоа ја зголемува бидејќи се работи за поголема сума, меѓутоа ние никогаш не ги земаме во предвид тие бидејќи ние сме како сервис, како дистрибутери на таа операција… Тука и дијаспората многу влече, може да повлече повеќе средства од сите избирачки одбори овде, вели Даштевски.

Во видео интервјуто со претседателот на ДИК, разговораме за подготовките за изборите, за тоа како ќе влие на процесот доколку не биде избран член на ДИК, за Избирачкиот список, за составот на ОИК и Избирачките одбори и барањето на потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху за составот на ОИК да се земе предвид вкупното население од пописот во 2021 година, а не резидентното, за тоа каква соработка очекува со техничката влада, очекува ли „жестока кампања“.

Интервјуто со Даштевски ќе биде објавено во текот на утрешниот ден.

Сликата била застрашувачка: Безживотно тело на прилепчанец пронајдено на неговата фарма, свињите се’ уште го јаделе телото

Прилепчанец на 80-годишна возраст претпладнето е пронајден мртов во двор на фарма на периферијата на Пирлеп, крај стариот пат за Битола.

Итната медицинска помош констатирала смрт, но и дека делови од неговото тело биле изедени од свињи. Увид направија полицијата и основен јавен обвинител кој нареди обдукција за да се констатираат причините на смртта на прилепчанецот.

Екипата на Итната медицинска помош повикот го добила околу 11 часот.

– Кога стигнавме до фармата, тешко беше пристапно, но со помош на полицијата влеговме во дворот и го пронајдовме телото на прилепчанецот, роден во 1943 година. Но сликата беше тешка и морничава. Имаше изедени делови од телото од свињи, десното стапало, делови од лицето, вратот, од градниот кош. Претпоставка е дека починал последните два дена, но обдукцијата ќе ги открие причините. Повикот за интервенција го добивме од комунален работник кого го замолил синот на починатиот го замолил да се јави, зашто изутрината го пронашол. Според кажувањето, тој татка си го немал видено една недела, а соседите велат дека последно го виделе во понеделникот, објаснува доктор Софија Ристеска од службата за Итна помош од Прилеп, која интервенирала на местото.

Од Основното јавно обвинителство велат дека е наредена обдукција и други детали за случајот немаат.

Пронајдена марихуана во возило во кое се возеле тројца млади прилепчани

На 17.01.2024 во 01.45 часот на улица „Прилепски бранители“ во Прилеп, полициски службеници од Полициската станица од Прилеп ги лишиле од слобода Г.С.(23), Х.Г.(20) и М.Н.(21), сите од Прилеп, затоа што при преглед во возило „пежо“ со прилепски регистарски ознаки, кое го управувал Г.С., а останатите двајца биле сопатници, била пронајдена и одземена марихуана.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок – информираат од ОВР Прилеп.

Прво сам, а потоа и заедно со брат му: Прилепчанец ги воодушеви жирито и публиката на шоуто “Никогаш не е доцна” (ВИДЕО)

54-годишниот Сашо Башески од Прилеп, остави голем впечаток кај публиката ширум Балканот и светот, со неговиот прв настап во емисијата “Никогаш не е доцна”.

Веднаш штим излезе на сцената, тој ја поздрави публиката, а потоа зборуваше за реакциите на неговите сограѓани кога разбрале дека ќе се натпреварува на ова шоу.

Нашиот прилепчанец ја отпеја песната “Да зна зора”, а со самиот избор на оваа композиција веќе предизвика позитивна реакција кај жирито и публиката.

“Феноменално, фантастично пеење, меко, сведено. Се слуша дека можеш со гласот се’ што сакаш, а го користиш онолку колку што треба, тоа е голема уметност кога пејач знае да се исконтролира. Често имаме големи пејачи кои немаат таква мера, а ова е баш како што треба”, порача Маре.

Во ревијалниот дел Сашо настапи заедно со неговиот брат Дејан, а публиката и жирито повторно уживаа. На крајот членовите на жирито одлучија прилепчанецот директно да се пласира во наредниот круг.

Настапот на Сашо можете да го погледнете од 45.минута во видеото во продолжение:

Данела стана претседател на “ПРИЛЕПСКА” партија

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска е нов претседател на партијата, Нова Алтернатива, формирана во 2007-та година од екс пратеникот од Прилеп Ѓорѓи Оровчанец.

На последните избори во 2020-та година партијата партиципираше во владеачката коалција предводена од СДСМ..

Од Нова алтернатива соопштија дека денеска во 18 часот во хотел “Континентал” ќе се одржи конвенција за официјална промоција на Арсовска.

Неодамна, таа најави дека ќе формира своја политичка партија, со цел да учествува на престојните избори.

120 прилепчани ќе скокнат по светиот крст на Водици, во базенот од аквапаркот “Салида”

По повод празникот Богојавление – Водици, во петок 19 јануари, во 12:00 часот, 120 прилепчани ќе скокнат во базенот од аквапаркот кај хотелот „Салида“ во Прилеп, со желба први да стигнат до светиот крст.

-Во соработка со Прилепското архиерејско намесништво оваа година се враќа масовноста на овој свет чин, а освен во Прилеп, Богојавленскиот водосвет, односно чинот на фрлање на крстот ќе биде извршен во уште 15 други населени места на територијата на општина Прилеп.

Сите пријавени учесници се замолуваат со себе да носат документ за лична идентификација и да бидат пристигнати во базенот Салида во 11:00 часот – информираат од општина Прилеп.

Прилепчанец заработи кривична пријава за коментар на Фејсбук

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Т.М.(55) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.

На објава поставена на социјалната мрежа Фејсбук, на 17.05.2023 пријавениот постирал коментар со кој промовирал или поттикнувал омраза и насилство – информираат од МВР.

Ченто: Како кула од карти им се руши предметот “27-ми aприл” (Видео)

ФБ статус на Јане Ченто по вчерашните нови пресуди на судот во Стразбур:

-Како кула од карти им се руши предметот 27ми Април. Стигаат пресуди дека државата, судиите и обвинителите ГИ ПРЕКРШИЛЕ ПРАВАТА НА ОБВИНЕТИТЕ. Ова е само почетокот, финалето следи за многу брзо. 27ми Април е најголемиот монтиран процес во поновата македонска историја и тие што го монтираа МОРА ДА ОДГОВАРААТ! За многу брзо од денес, кога ќе имаме нормална извршна власт, кога ќе имаме нормална судска власт и нормални обвинители , предметот 27ми Април ќе ја добие ВИСТИНАТА И ПРАВДАТА бидејќи ние, нашите семејства и македонскиот народ заслужува да ја знае вистината. Да живее Република Македонија

Се потрошивме за празниците, или градот ни се испразни? (Фото галерија)

-Ова е центарот (душата) на град Прилеп. Фотографиите се направени нешто по 21:30 часот. На вас ги оставам коментарите – напиша на својот ФБ профил Костадин Керпичоски, кој објави неколку фотографии од центарот на Прилеп.

Празно, жива душа нема… Да паднеш, нема кој да те крене…

Се потрошија ли прилепчани за празниците, или градот полека, но сигурно ни се испразни?