дома блог страница 915

Пред два дена поскапи, од полноќ поевтинува: Добра вест за дизелашите

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,48% во однос на одлуката од 24.10.2023 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,508%, кај дизелот за 2,946%, кај екстра лесното масло за 2,379% и кај мазутот намалувањето е за 1,858%.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,367%

Од 28.10.2023 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 81,50 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 84,00 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 82,00 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 82,50 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 47,174 (денари/килограм)

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 ден/лит.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.

Касами: Ако во училиштата се пее македонската химна, ќе мора да се пее и албанската!

Градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами истакна дека, ако се пее македонската химна во училиштата, мора да се почитува албанското мнозинство и да се пее и албанската химна, објави ТВ 21.

-Тоа е политичко прашање. Како градоначалник можам да кажам дека ќе ги почитуваме законите и Уставот, но во исто време мора да ја почитуваме и различноста. Во овој случај, ако се донесе законска одлука за интонирање на државната химна, сигурно дека ќе мора да се почитува и мнозинството граѓани, кои се од албанска етничка припадност, ќе мора да се пее и албанската химна, рече Касами.

Во некои скопски општини, за почеток во Аеродром, а потоа во Гази Баба и други, секој прв понеделник во месецот, наставата започнува со интонирање на државната химна на Македонија.

“Витаминка” ги пренесе позитивните искуства од дуалното образование по германски модел: Минатата година компанијата вработи тројца ученици веднаш по завршување на средното образование

Во рамките на SUBEX – Suppliers Balkan Expo, традиционално организиран од страна на AHK – Делегацијата на германското стопанство, кој оваа година се одржува два дена, на 25 и 26 октомври во хотел Хилтон во Скопје, се одржа и панел дискусија за искуствата од дуалното образование по германски модел. Со оглед на тоа што „Витаминка“ АД е една од компаниите кои што директно се вклучени во програмата и успешно ја спроведуваат веќе четири години со ред, директорот на правни и општи работи Орде Ѓорѓиоски беше поканет како панелист.

Од негова страна беше истакнато дека првата генерација која веќе заврши, не испирираше уште повеќе да се посветиме на реализацијата на програмата и да продолжиме со поддршката. Многу е важно во програмата да се вклучат повеќе компании и лично да се уверат дека во училиштата навистина има потенцијал и дека е потребна една поширока поддршка и од бизнис заедницата. Според тоа, „Витаминка“ беше прва компанија која што понуди вработување на учениците кои што завршија четврта година и од пет ученици тројца се вработија, од кои двајца се на одржување и еден од нив директно во производство. Сигурни сме дека како учениците, така и нивните родители, ги препознаа предностите на ваквиот начин на учење, па во иднина ќе имаме и поголем број запишани ученици, а ние како компании ќе ги отвориме ширум вратите да одговориме на зголемените барања.

Во однос на прашањето за тоа – што е со учениците кои решија да продолжат на факултет, дали имате и опции за поддршка во текот на нивното студирање, па потоа да се вратат како инженери? Одговорот беше дека секако на крајот изборот е на самиот ученик дали ќе продолжи на факултет или не. Во нашиот случај само еден од учениците изјави дека сака да го продолжи своето образование на еден од факултетите во земјава и дека ќе студира како редовен студент. Од другите ученици уште еден изрази желба да го продолжи образованието како вонреден студент и паралелно да работи, а од наша страна му беше понудена стипендија за студирањето.

Инаку, она што прави разлика дефинитивно е третманот на учениците како индивидуи со капацитет или потенцијал да одговорат на барањата на компанијата, а не како бројки. Дополнително, практичната настава задолжително мора да биде зачинета и со нестандардни дополнителни обуки, дебати и дискусии, а за да се мотивираат учениците и да се предизвикаат да размислуваат на актуелни теми. Значи, мора да се вметнуваат дополнителни содржини во реализацијата на практичната настава и да се работи индивидуално, за да се постигне таа конекција и ученикот да се чувствува како дел од програмата и компанијата.

Треба да разбереме дека тоа се млади луѓе кои треба да бидат слушнати. Во однос на предизвиците со кои се соочила компанијата при имплементацијата и спроведувањето на програмата, беше одоговорено дека: Првиот предизвик беше да се назначат ментори, луѓе од организацијата со соодветно искуство, кои што ќе одвојат од нивното време, од работата и ќе се вложат во програмата за да се постигне целта. Анимиравме неколку квалитетни кадри кои што беа делумно ослободени од некои работни обврски и соодветно стимулирани.

Планот наш е по стекнувањето доволно искуство, вработените дуалци да станат идни ментори. Предизвик беше и усогласувањето на програмите помеѓу училиштето и интерната на компанијата. Во тој дел соодветна помош обезбеди и АХК, па откако помина првата генерација, сега значително полесно се одвиваат работите. Предизвик, генерално кажано, беше и тоа да се сврти вниманието на родителите и пошироката јавност кон програмата на локално ниво, а за да се согледаат предностите и да се прими како атрактивна, се со цел поголем број ученици да се запишуваат на програмата.

Учесник како панелист од завршените ученици беше и Марко Сваќароски, сега вработен во „Витаминка“ како одржувач на машини и опрема. Од негова страна беше изразена благодарност до компанијата за високото ниво на кое ја реализирала програмата, што било клучно за неговата определба да се вработи во компанијата и да запише високо образование на машински отсек на УКЛО во Битола, како вонреден студент.

На настанот беа доделени сертификати за положени завршни испити по германски модел на учениците кои завршија четврта година.

(ФОТО) Mиовски постигна гол и запиша асистенција, а потоа ги ПЕЦНА Грците со начинот на прослава

Екипата на Абердин каде настапува нашиот репрезентативец Бојан Миовски синоќа прокоцка водство од 2:0 против грчки ПАОК и загуби со 2:3 во третото коло од Лигата на конференции на УЕФА.

Миовски постигна гол за водство на Шкотлаѓаните, а запиша и асистенција за 2:0.

Македонскиот голгетер потоа ги пецна Грците со начинот на прославата.

Ова е втор погодок за нашиот репрезентативец во ова натпреварување на УЕФА, откако во минатото коло стрелаше прецизно и против фински Хелсинки, но за жал неговиот Абердин досега освои само еден бод.

За многу години Петковден: Денеска е Преподобна Параскева

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 14 октомври.

Денеска е Преподобна Параскева-Петковден.

Во народот позната како света Петка. Неа и е посветена црквата во долниот дел на скопската населба Црниче. Била од словенско потекло, од градот Епиват, меѓу Салинаврија и Цариград. Родителите и биле имотни и побожни христијани.

Таа живела со нив до нивната смрт, а потоа заминала за Цариград, а оттаму во Јорданската пустина, во денешен Израел, каде се подвизавала во пост и молитва до својата старост.

Во староста се вратила во Епиват, каде проживеала уште две години. Се успокоила во Господа во единаесеттиот век. Нејзините чудотворни мошти биле пренесувани од место во место, а денес се наоѓаат во Романија, во градот Јаши.

Талентираната прилепчанка ја освои штипската публика и доби најголем број гласови на “Макфест”: За сите кои пропуштија, уживајте во нејзиниот настап и песната “Не сакам” (Видео)

Минатиов викенд во Штип се одржа 38-мото по ред издание на македонскиот музички бренд “МАКФЕСТ”, на кој учество како дебитант зеде и нашата прилепчанка Александра Трајческа.

Aлександра настапи со својата песна „НЕ САКАМ“, на музика, текст и аранжман на композиторката Ана Пандевска.

На првата вечер на овој фестивал резервирана за дебитантите, Александра доби најголем број на гласови од публиката и со тоа се пласира во следната, ревијална вечер, која беше обезбедена за настапот на ѕвездени имиња од македонската музичка сцена.

„Прекрасна публика, совршена организација и преубава сценографија. Задоволна сум од тоа како ја изнесов песната и благодарна на штипската публика која како публика со изграден музички вкус ме награди со своите гласови, и се разбира на директорот на фестивалот Роберт Саздов за пружената можност. Слушнете ја мојата песна и пишете ги вашите впечатоци. Вашата поддршка за мене значи непроценлив поттик .Ви благодарам од срце.“ , порача Александра.

Талентираната девојка од Прилеп по којзнае кој пат покажа со какви вокални способности располага и дека и’ претстои блескава музичка кариера. Уживајте во продолжение со нејзиниот настап:

Кривична за 20-годишно момче од Прилеп – се сомничи дека му нанел тешка повреда на татко си

СВР Битола поднесе кривична пријава против М.К.(20) од Прилеп, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“.

На 05.10.2023 во семејниот дом пријавениот физички го нападнал неговиот татко – информираат од ОВР Прилеп.

Преубава слика: Голем број прилепчани на едно место го празнуваа денешниот празник (Фото галерија)

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 13 октомври.

Денеска е Света великомаченичка Злата Мегленска. Именден празнуваат: Злата, Златка, Златица, Злате…

Родена е во селото Слатина, во Мегленската област, од сиромашни селски родители, коишто имаа уште три ќерки. Света Злата беше кротка и побожна девојка, мудра со Христовата мудрост и златна не само по име туку и по богобојазливото срце. Еднаш, кога излезе по вода, ја фатија некои бесрамни Турци и ја одвлекоа во својата куќа.

Кога еден од нив ѝ нудеше да се потурчи и да му биде жена, таа храбро му одговори: „Јас во Христа верувам, само за Него знам и Он ми е Женик. Од Него нема да се откажам никогаш, макар и на илјада маки да ме ставите и на парчиња да ме исечете.“ Тогаш дојдоа нејзините родители и ѝ рекоа: „Смилувај се на себе и на нас, откажи се привидно од Христа и ќе бидеш среќна и ти и ние, а Господ е милостив, ќе ти прости за гревот ако го правиш по цена на животот.“ И плачеа горко родителите, сестрите и роднините.

Но, витешката душа на света Злата не даде да биде победена од ѓаволските стапици. На своите родители им одговори: „Штом ми советувате да се одречам од Христа Кој е вистински Бог, не сте ми повеќе родители ни сестри; татко ми е Господ Исус Христос, мајка – Богородица, а браќа и сестри – светителите и светителките.“ Тогаш Турците ја фрлија во затвор, каде што лежеше три месеци и секој ден ја биеја додека нејзината крв не ја натопи земјата.

Најпосле ја обесија главечки и ја подложија на оган за да се загуши од чадот. Но Господ беше со неа и ѝ даваше сила во страдањето. На крајот, ја обесија на дрво и целата ја исекоа на парчиња. Така, оваа мажествена девица Му го предаде својот дух на Бога и се пресели во рајските живеалишта, во 1796 година. Парчиња од нејзините мошти христијаните разнесоа за благослов по своите домови.

Во Прилеп празникот најмасовно се празнува пред параклисот посветен на светицата на ул. “Петта прилепска бригада”, свето место кое го изгради прерано починатиот прилепчанец Ристо Тошески.

Кај параклисот и денеска се собраа голем број прилепчани кои палеа свеќи и се помолија за здравје. Една убава традиција, на уште поубаво место која со сигурност ќе продолжи и во наредните години.

Нека е за многу години и напомош!

Рано утрово пожар во куќа на прилепчанец

Денеска (26.10.2023) во 03.20 часот во СВР Битола било пријавено дека настанал пожар во куќа во Прилеп, сопственост на Љ.Ш. од Прилеп.

Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот – стои во соопштението од ОВР ПРилеп.

Бруцошите од Економски факултет кои аплицираа за стипендии, денеска потпишаа договори во општина Прилеп (ФОТО)

Новозапишаните студенти од прва година, кои аплицираа за стипендиите за академската 2023/2024 година, што ги доделува Општина Прилеп, ги потпишаа своите договори за доделување стипендија. Ова беше можност за поттик и на младите да креираат знаења и да творат тука во својата заедница.

Советот на Општина Прилеп од оваа година донесе Програма и Правилник за доделување стипендии на студенти од Општина Прилеп, така што за прв пат, во оваа академска година, беше одлучено на 20 најдобри студенти и студенти од социјално ранливи категории од Општина Прилеп да им бидат доделени стипендии.

Општина Прилеп и Економскиот факултет – Прилеп на почетокот од акедемската година за оваа цел склучија и меморандум за соработа.

-Им посакувам на студентите да имаат успешна академска година и да ја остварат својата цел, да ги развијат своите вештини и способности за економските науки и да останат да делуваат во својата заедница, во нашиот Прилеп – истакна градоначалникот Јовчески.