дома блог страница 866

Пендаровски тргна против цел народ: „Немајте верба во луѓето кои насилниците ги нарекуваат уставобранители”, порача од Охрид

„Нам никога не ни паднало на памет да ги тепаме другите пратеници, но опозицијата тоа го направи на 27 април. И денес најавуваат дека тие насилници ќе добијат амнестија, дали ви се верува?“ запраша претседателот Стево Пендаровски на граѓанската трибина во Охрид.

Тој додаде дека партијата која во 2012 ги избрка новинарите и пратениците од Собрание, а во 2017 засилени со толпа која тие ја организираа тепаа пратеници и ги доведоа до работ меѓу живот и смрт сега ќе ги амнестирале насилниците.

„Немајте верба во луѓето кои насилниците ги нарекуваат уставобранители, а нас не нарекуваат предавници. Не верувајте во луѓе кои велат дека тие се патриоти, ние изроди. Не верувајте на луѓе кои сакаат да се доберат до власт и после да владеат како ништо да не се сменило од 2017 година. Од вас барам масовна поддршка и мобилизација, затоа што мое длабоко уверување е дека на 24 април ќе се оцртаат и знаат и резултатите од 8 мај“ рече Пендаровски.

Претседателот додаде дека добро е да се покаже на оние кои не мислат добро и даваат вакви испробани модели, да им се покаже дека просперитетот на народот и државата се поважни.

Поради напад на полициски службеници приведен е новинарот Фуркан Салиу

-Денеска ( 07.04.2024) околу 17 часот на фудбалскиот стадион во с. Средно Коњари за време на фудбалскиот натпревар помеѓу ФК “БВК Коњаре” и ФК “Куманово”, на дваесетина минути пред крајот на натпреварот дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи. Обидот е спречен од страна на службите кои го обезбедуваа натпреварот и натпреварот бил прекинат. За време на интервенцијата, од страна на две лица нападнати се припадници на Единицата за брзо распоредување. Лицата кои го извршиле нападот веднаш се приведени и утврдено е дека станува збор за Ф.С.(33) од с. Арачиново и Н.Ј. (26) од с. Арачиново, додека С.Б. (40) од с. Арачиново е приведен за учество во тепачка. Дополнително, околу 18 часот, при преглед на патничко возило “дачија дастер”, сопственост на Ф.С., а управувано од Ф.А.(34) од с. Кондово со сопатник А.Р. (21) од с. Кондово, во багажникот е пронајден пиштол. СВР Скопје презема мерки за целосно расчистување и документирање на случајот, велат од МВР.

На социјалните мрежи се појави и видео од апсењето на новинарот.

https://www.facebook.com/share/v/6XJ8ymdRdu6fqPWC/?mibextid=oFDknk

122 години од саможртвата на војводата Методи Патчев и неговата дружина во прилепско Кадино Село

На 7-ми април далечната 1902 година во нерамна битка против 500 војници турски аскер, Методија Патчев и неговата дружина после 24 часовна борба, сами си го одзеле животот, а нивниот подвиг предизвикал восхит не само кај својот народ туку и кај непријателот

Херојската саможртва на Патчев и денеска се памети, па голем број патриоти присуствуваа и денеска во Кадино Село и му оддадоа почит на војводата и неговата чета.

Патчев е роден на 14 мај 1875 година во Охрид. Во родниот град завршил гимназија, а потоа отишол да работи како чирак кај еден свој сограѓанин – кожар во Пловдив.

Кога заштедил нешто средства од работата и со малата помош што ја добил од родителите, во почетокот на 1886 година го напуштил родниот град и тргнал да бара помош. Прво отишол во Солун, а од таму во Софија. Ниту во Солун, ниту во Софија не добил потребна парична помош за понатамошно школување во некое средно училиште. Во Самоков почнал да го посетува специјалното училиште. Во училиштето ги посетувал сите занаети што се изучувале, а истовремено работел и во револуционерниот кружок, во чија активност веднаш се вклучил. Овој ученички кружок бил мошне активен, бидејќи бил посетуван од раководителите на ВМРО, а од време-навреме и од самиот Гоце Делчев. Од материјални причини Методија набргу го напуштил Самоков, бидејќи не можел да обезбеди стипендија за да учи во некое средно училиште.

По излегување од затворот, во учебната 1901/1902 година Методија Патче бил назначен за учител во Прилеп. Но, откако турската власт му забранила да работи како учител, тој преминал во илегала и се приклучил на четата на Марко Лерински (Георги И. Ѓуров). Тој бил бугарски офицер кој, придобиен од Гоце Делчев и Ѓорче Петров во 1900 година, учествувал во македонското револуционерно движење како член и војвода на Македонската револуционерна организација. Марко бил испратен во леринскиот крај, а неговата чета, благодарение на неговата официрска подготовка и организациски способности, станала училиште за обука на македонските револуционери и војводи. Меѓу оние кои ја поминале неговата обука бил и учителот Патче. Во октомври 1901 година, Методија Патче бил назначен за војвода на првата агитационо-организациска чета во Прилепско. Со намера да привлече и зачлени поголем број комити во Организацијата, патува низ прилепскиот регион и за релативно кусо време, ќе дојдат до израз неговите организаторски способности. Во текот на март 1902 година, заради разврат го ликвидирал и прилепскиот војвода Тале Горанов.

Но, откако на 6 април 1902 година, на селскиот празник, Благоец, дошол со шестмина соборци во Кадино Село, Прилепско, за да покрсти нови членови за организацијата, бил предаден и опкружен од турскиот аскер и башибозук. Додека војводата со четата биле сместени во старата кула, а народот за тоа време бил во црква, околу пладне во селото дошле околу 500 вооружени луѓе, меѓу кои аскер од Битола и познатиот разбојник Расим со 25 души.

Претходно четата не била известена за движењето на силниот аскер кон Кадино Село и немала ниту време и можност да се извлечат од кулата и селото. Опколени од сите страни, четата се забрикадирала во кулата. Започнала нерамноправна јуначка борба која траела до наредниот ден (7 април 1902 година), се до моментот кога на четата им снемало муниција. На Патче и комитите не им преостанало ништо друго освен да се предадат или да умрат. На повикот од аскерот да се предадат одговориле дека македонски борци не се предаваат. Со песна, после 24-часовна борба, Методи Патчев и неговите соборци со последните куршуми извршиле групно самоубиство.

По престанокот на пукотниците, кога Турците влегле во кулата, глетката била потресна и величенствена. Со прострелни смртоносни рани, со радосни лица во пресрет на смртта, комитите како да ѝ оддавале последен поздрав на својата мајка земја и на својата татковина Македонија. Командантот, потпоручникот Нијази-бег, подоцна еден од истакнатите членови на Младотурската револуција, покажувајќи на положените тела на комитите, пред аскерот изјавил: “Тоа се херои. Гледајте како се бореа за својата идеја. Сами се убија.” Потоа со плотун преку мртвите тела, Турците им оддале почит на загинатите македонски борци.

Турците кај Патче пронашле шифрирани документи од кои ја откриле целата револуционерна мрежа на Организацијата во Прилепско. Османлиската војска правејќи голем зулум, извршила претрес и апсења во 18 прилепски и 6 мариовски села, при што биле затворени 92 припадници на Организацијата. На судењето во Битола, на разни затворски казни биле осудени 16 души, а другите биле ослободени. Врз основа на разни добиени податоци се смета дека предавството го извршиле Станко Ачкоски, кмет на селото, познат врховист и турски шпиони, и неговиот заменик Јонче Врбоски. Ачковски бил осуден на смрт од Организацијата и истото лето бил убиен.

Македонската револуционерна борба пред и по Илинденското востание памети многу колективни самоубиства на македонски војводи и комити, кои со посегањето по сопствениот живот предизвикувале восхит не само кај својот народ туку и кај непријателот. Меѓутоа самоубиството на охриѓанецот Методија Патче и неговата дружина е прв таков чин по чиј пример подоцна ќе тргнат многумина македонски синови.

Селаните ги закопале македонските херои во црквата “Света Богородица”, а подоцна ги откопале и ги погребале во заедничка гробница на селските гробишта. За војводата Методија Патче испеани се повеќе песни. Една од нив е и песната „Јас Методи Патче од Охрида“

Си ја копал нивата во битолско, па пронашол 80 гранати

На 06.04.2024 во 11.00 часот во Полициското одделение Новаци, Ж.А. пријавил дека при работа во неговата нива во с.Рибарци, битолско, пронашoл 80 стари гранати.

За настанот бил известен пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување, кој утврдил дека се работи за минофрлачки гранати од Првата светска војна со калибар 60мм и кој безбедно ги подигнал.

Членка на ЕУ е од 2007 година: Бугарскиот “европски изглед” 17 години подоцна (ВИДЕО)

Бугарија е членка на Европската Унија од 2007 година, или цели 17 години. А дали во тие 17 години членство доби и европски излгед, проценете сами:

Видеото кое стана вирално на социјалните мрежи пишува дека е направено во април годинава.

Maлолетник од Битола фатен во обид да изврши тешка кражба

На 06.04.2024 околу 23.50 часот во Битола, полициски службеници од СВР Битола лишиле од слобода малолетник од Битола. Тој бил фатен при обид за извршување „тешка кражба“ на ул.„Бонде Скерлевски“ во Битола.

По документирање на настанот, против малолетникот ќе биде поднесена соодветна пријава – стои во соопштението од СВР Битола.

Трамп собра над 50 милиони долари за една ноќ за неговата кампања

Доналд Трамп, кандидат за претседателските избори во САД во ноември успеал да собере повеќе од 50,5 милиони долари за својата изборна кампања за време на вечерата во Палм Бич, недалеку од Мар а Лаго, луксузната резиденција на поранешниот претседател на Флорида.

Настанот го организираше милијардерот Џон Полсон. Меѓу гостите беа и бизнисменот Роберт Бигелоу, кој своето богатство го заработи во угостителската индустрија пред да биде на чело на компанија за истражување на воздухопловството и Џон Кациматидис, сопственик на синџир продавници за намирници. На настанот беше присутна и сопругата на Трамп, Меланија.

Трамп истакна дека ноќта била неверојатна уште пред да започне и дека луѓето сакале да донираат за да ја направат Америка повторно голема.

Пред околу една недела, демократот Џо Бајден организираше слична вечера во Њујорк со учество на поранешните претседатели Бил Клинтон и Барак Обама, но тогаш успеа да собере само 25 милиони долари.

Собраните суми се користат за финансирање на турнеите на претседателските кандидати низ земјата, за плаќање на нивните тимови, за издавање анкети и за плаќање на телевизиски реклами.

Трамп се спореди себеси со Нелсон Мандела, што предизвика остри критики од таборот на Бајден.

Во изминатата година, поранешниот претседател беше обвинет во четири случаи, од кои сите се изложени на ризик од затвор. Меѓу другото, тој е обвинет дека договарал сомнителни плаќања на порно ѕвезда во судскиот процес што ќе започне на 15 април.

Трамп редовно го напаѓаше судијата кој ќе го води судењето, поради што судијата Хуан Меркан му наметна ограничувања на говорот. Вчера Трамп потсети на овие ограничувања во објава на својата социјална мрежа „Truth Social“, во која рече дека судијата „го прекршил законот и уставот“.

-Ако овој тотално зависен шарлатан сака да ме стави во затвор за кажување на најочигледните вистини, би бил среќен да станам модерен Нелсон Мандела – тоа би било голема чест, рече Трамп.

Неколку дена претходно републиканецот објави лажна скица од судско рочиште, но на која седи до Исус Христос.

Кампањата за реизбор на претседателот Џо Бајден го критикуваше.

Во другите случаи, Трамп е обвинет за обид за поништување на резултатите од претседателските избори во 2020 година, како и за невнимателно ракување со доверливи документи.

Денеска е Благовец: Честит именден Благоја, Блаже, Блага, Благица…

Празник на радосната вест и на пролетната убавина.

Денеска честитајте именден на сите што го носат името: Благоја, Благојка, Блаже, Благица, Баже, Блага, итн.

Празникот Свето Благовештение, меѓу народот познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. се смета за тежок празник. некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв Велигден“.

Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, или на 25 март според стариот календар. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. и се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица и тн.

Поради тоа што Благовец е благ ден тогаш, се верува дека и раната не боли па на малите деца им ги дупат ушите за обетки. Во Гевгелиско ушите ги дупеле рано наутро уште додека не јаделе за да не добијат краста…

Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. За кукавицата се вели дека и таа радувајќи се на овој благословен ден отворала уста и кукала но никогаш не кукала пред Благовец како што пупал пупунецот.

Се верува дека ако наутро гладен, како што се вели на гладно срце, слушнеш некоја од овие птици, ќе те разбие и не ќе имаш напредок во текот на годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб.

Во Радовишко ако луѓето ја чуеле кукавицата откако нешто ќе каснеле сметале дека тие ја „пребиле“ па три пати ќе и викнеле: „Чух те пребих те”.

Во Дебарца ако некого го разбила кукавицата на Благовец тој и враќал на Ѓурѓовден кога ќе излезел пред сонце над селото и три пати ќе и викнел: „Куку, куку, кукајце, кукајце, ти мене ме разби, сега јас те разбив“.

“Децата” на Победа му го зедоа скалпот на фаворитот од Радовиш: Нов позитивен резултат во борбата за опстанок во Втората лига

Екипата на Победа попладнево забележа нов добар резултат на тешкото гостување во Радовиш кај Детонит. Црвено-белите играа со третопласираниот на табелата и стигнаа до вреден бод во борбата за сигурен опстанок во Втората фудбалска лига.

Прилепчани поведоа со голот на Давид Дебрешлиоски уште во 12-та минута од натпреварот, а домаќините израмнија на 1:1 во 44-та, резултат кој се задржа до самиот крај.

Со овој резултат Победа целосно му ги замрси сметките на Детонит, а ако се земе во предвид дека есеноска во Прилеп беше 2:0 за победашите, тогаш прилепчани би можеле да им бидат главни виновници на денешните домаќини, доколку не успеат во намерата да се изборат за пласман во најелитното фудбалско друштво.

Во следното коло Победа го пречекува Кожуф, а после 23-то коло, црвено-белите се наоѓаат на тринаесеттата позиција на табелата.

Нова трагедија во Прилеп: Прилепчанец попладнево изгоре во пожар, откако запалил стрниште на неговата нива

Во несреќен случај, од пожар загина 63-годишен прилепчанец кој палел стрниште на својата нива. При палењето на стрништето прилепчанецот бил зафатен од пожарот и починал на местото на несреќата. Итната помош само констатирала смрт и поради несреќата нема да се изврши обдукција зашто нема траги на насилство.

Како што информира основниот јавен обвинител Стевчо Биноски, несреќата се случила околу 13 часот.

-Прилепчанецот запалил стрниште на својата нива во месноста викана Поводенци кај Прилеп. Пожарот излегол од контрола, ги зафатил и другите ниви, но го опфатил и 63-годишниот прилепчанец со иницијали С.Д. Прилепчанецот загинал на местото на несреќата. Екипата на итната помош само констатирала смрт. Пожарот ги зафатил и другите ниви, но од противпожарната единица од Прилеп е изгаснат, рече основниот јавен обвинител Стевчо Биноски.

Според командирот на прилепската противпожарна единица Кристијан Момироски, екипите на единицата за брзо време го изгаснале пожарот, но доцна било за 63-годишниот прилепчанец.

-Излеговме на терен со 2 возила и 8 пожарникари. За брзо време пожарот е изгаснат, но кога пристигнала нашата екипа возилото на Итната помош веќе заминувало од местото на настанот со телото на починатиот, рече Момироски.

Од Итната помош во Прилеп истакнаа дека нивната екипа можела само да констатира смрт.