дома блог страница 845

Бојмацалиев: Вложени 45 милиони денари за реконструкција на станиците во Битола, Прилеп, Ресен, Крушево и Кривогаштани

Денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев оствари работни средби со раководствата на СВР Битола и Одделенијата за внатрешни работи во Прилеп и Крушево во рамки на серијата посети што ги реализираме во сите сектори ширум земјава како би се запознале одблиску со постигнатите резултати и секојдневните работни активности, но и со евентуалните проблеми во рамки на работниот процес.

Од страна на раководството на СВР Битола Бојмацалиев беше брифиран за постигнатите резултати на оваа организациска единица, при што беше оцененат безбедносната состојба како поволна и без поголеми нарушувања на ЈРМ.

„Изминативе шест години на подрачјето на СВР Битола реконструирани пет објекти и тоа: СВР Битола, ОВР Прилеп, ОВР Ресен, ОВР Крушево и Полициско одделение Кривогаштани кои беа со децении запоставени. За сите посочени пет објекти издвоивме средства од Буџетот на МВР во износ од 45 милиони денари кои според сегашниот квалитативно видоизменет градежно-инфраструктурен облик целосно ги задоволуваат бараните критериуми за непречено функционирање на полициските служби во интерес на подобрување на услугите на граѓаните од овој регион”, рече Бојмацалиев, со уверување дека вработените од СВР Битола ќе продолжат со несмален интензитет во полициското работење, а со цел одржување на поволна безбедносна состојба и гарантирање на фер и демократски Изборен процес што ни претстои наредниов период.

За време на посетата на Крушево, Бојмацалиев оствари средба со градоначалникот Томе Христовски на којашто ја констатиравме одличната соработка меѓу полицијата и локалната самоуправа, во насока на безбеден изборен процес. По средбата, Бојмацалиев го посети и вечното почивалиште на Тоше Проески каде што положи цвеќе во знак на почит на прерано загинатата музичка ѕвезда.

Tутунски-Комбинат Прилеп минатата година забележал профит од 2.7 милиони евра

Од финансиски приходи од своите вложувања, веројатно од фирма – ќерка, прилепскиот Тутунски комбинат оствари принос во вредност од 4 милиони евра и тие беа доволни да ја покријат загубата од 1,8 милиони евра од оперативното работење. И на крај што би рекле прилепчани „да остане фазла“ и профит од 2,7 милиони евра – oбјави порталот “ФАКТОР.МК”.

Најголемиот тутунски комбинат во земјава и единствен државно поседуван годинава ја заврши со добивка од 2,7 милиони евра. Станува збор за државниот Тутунски комбинат Прилеп кој беше прва од сите откупувачи која ја зголеми цената на суровиот тутун за 15 отсто.

Официјалните податоци на компанијата покажуваат дека не заработиле од производството и продажба на тутун туку биле во загуба од 1,8 милиони евра на крајот на 2023 година. Но затоа пак благодарение на финансиските приходи од 5 милиони евра оваа компанија успеала да прокнижи нето добивка од 2,7 милиони евра.

Минатата година прилепскиот Тутунски комбинат од продажба на тутун инкасирал 13,45 милиони евра и тоа е резултат на ниво на претходната 2022 година.

Целосниот текст прочитајте го на “ФАКТОР”

Oбичај кој живее со векови: На Прочка се амкаат јајца, израдувајте ги најмалите и не дозволyвajте овој обичaj да изyмpe

Старата слика потсетува за амкањето на празникот Поклади, кој се слави во февруари или март или седум недели пред Велигден.

Покрај простувањето за Прочка и посетата на младите кај повозрасните роднини за прошка, стариот адет сé помалку се пренесува од генерација на генерација и исчезнува низ татнежот на времето.

Амкањето варено, а нелупено јајце, врзано на конец и стап е обичај што се негувал со години, а децата се обидувале без помош на рацете да го фатат јајцето со усните кое се нишало од најстариот член во фамилијата.

Амкањето било следено со весели зацрвени лица на децата, кои вложувале напори, некогаш и илаџиски марифети, само да успеат да го стават јајцето во устата.

Зашто се верува дека оној кој ќе успее да го фати јајцето, ќе биде следен со многу среќа во пролетта што следи и целата година.

Старите прилепчани раскажуваат дека амкањето се правело на вечер, кога тесното семејство ќе се соберело по целодневните прошетки во сурати и маски по роднините и комшиите и по испраќањето на блиските од визитите за простување.

Нема кој не ги знае прилепските мечкари, но дали знаете зошто им се даваат пapи?

Тимот на најпознатата Фејсбук група “Патувања низ Македонијa” на одличен начин ја опишаа долгогодишната карневалска традиција во Прилеп и значењето на традиционалната маска Прилепски мечкари.

Текстот во продолжение е на Ангела Ризовска:

Прочка се празнува низ цела Македонија. Македонската традиција за Прочка е богата и разновидна. Како дел од таа традиција е и заедничката вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата (На урка за предење волна се закачува конец и на него јајцето и на децата им се амка јајцето пред устињата за да го фатат), што претставува детска радост и добро расположение.

А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.

Во Прилеп кај нас, уште од рано сабајлето се преправаат дечињата кој во народни носии, кои во други интересни маски и одат кај своите баби и дедовци и роднини, со што бабите им даваат по едно бело јајце и паричка за среќа.

Карневалот во Прилеп е долгогодишна традиција низ прилепските улици, и е доста успешен и прилично посетен. Обично е организиран во неколку дена со најразлични интересни маски, претстави, а она што е најважно тие неколку дена е радоста на најмалите. Да не ги заборавиме и мечкарите без кои карневалот и самиот празник не би имал смисла.

Традиционална маска заштитен знак за Прилеп е мечкарската. Мечкарските маски се направени од пресни кожи кои се врзуваат од рано наутро на студено место.

Суратите се од црна чоја, вепарски заби, а се користат и препарирани животни. После завршувањето на карневалот, прилепчани им плаќаат на “мечкарите“ за да си го откупат сопствениот живот. Касапите пак наредниот ден се собираат на касапски посен грав за да си ги “измијат” гревовите што ги направиле на прочка.

Ви препорачувам да го посетите карневалот во Прилеп, да ја видите нашата традиција и да си поминете незаборавно со многу шеги и убава прилепска скара. Па, кај нас викаат: Простете ако сум ви згрешил/а, и вас нека ви е простено и од мене и од Бога! За многу години и нека трае вечно убавата традиција!

Ти замина, ама спаси најмалку четири животи: Битолчанецот Пеце е донорот кому јавноста му оддава почит!

Завчера беше направена мултиорганска трансплантација на органи во којашто еден пациент доби срце, еден пациент доби црн дроб, двајца пациенти добија бубрези, а во наредните денови пациенти од Универзитетската клиника за ортопедија ќе имаат шанса да добијат и коскени ткива, информираа од Министерството за здравство.

Министерот Демири упати благодарност до семејството на донорот, чиј идентитет веќе се споделува на социјалните мрежи и кому му се оддава почит.

Како што објави битолскиот портал „Бабам Битола“, станува збор за Пеце Аврамовски, млад битолчанец, чие семејство со одлуката за донирање на неговите органи спасило повеќе животи.

И сестрата на Пеце, Елизабета Трајчевска, на социјалните мрежи се прости со него на емотивен начин, порачувајќи дека тој е херој.

– Ти замина, ама спаси други животи брате мој. Почивај во мир, објави таа.

Како што информираа претходно од Министерството за здравство, по добиената согласност во вторникот, завчера во раните утрински часови започнале трансплантациите на срце, црн дроб, бубрези и коскени ткива.

Демири упати јавна благодарност до семејството на донорот, кое повторно потсети на важноста, на емпатијата и на хуманоста и во најтешките моменти од животот.

– Нивната одлука денес значи нов живот за некого, од вчера спасуваме најмалку 4 животи. Дарувањето органи е највисокиот чин на алтруизам кои сите нас не прави подобри луѓе спасувајќи човечки животи. Голема благодарност и до сите медицински тимови кои овие 48 часа работат со пациентите и се грижат за нивното здравје, истакна Демири.

Од 2020 година досега трансплантирани се 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива, вкупно 77 органи што живот значат.

(ФОТО ГАЛЕРИЈА) Вредните раце на учениците од Прилеп изработија над 400 креативни маски: Со традиционалната изложба започна карневалот “Прочка 2024”

Со традиционалната изложба на маски во Центарот за култура „Марко Цепенков“ денес започна карневалската магија која ќе кулминира в недела со централното дефиле за Прочка 2024.

Во ликовната галерија во Центарот за култура “Марко Цепенков”, беа изложени над 400 маски изработени од вештите раце на учениците од прилепските училишта заедно со нивните ментори и наставници, а најдобрите во секоја категорија беа наградени.

На настанот се обрати градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, кој ги додели наградите и признанијата за најдобрите маски, а гостин беше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Николоски: Прекрасен ден во Прилеп, многу проекти

Прво, да честитам на градоначалникот, на претседателот на Совет, на пратениците, на советниците, затоа што во Прилеп навистина се реализираат бројни проекти. И ми е драго што еве после две години се случува една инфраструктурна трансформација на градот. Она што можам да го ветам за следниот период, е дека веднаш после парламентарните избори планираме да направиме ребаланс на Буџет со цел ветувањето коешто го дадовме, а тоа е некаде 250.000.000 евра од капиталните расходи да се спуштат во општините и да бидат дел од пакетот за децентрализација и да се случи уште оваа година, што значи дека Прилеп може да очекува уште оваа година некаде во втората половина на годината да има дополнителни околу 4.000.000 евра кои што би биле за инфраструктурни проекти кои што ќе ги понуди Општината, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна потпретседателот Александар Николоски.

„Што значи на сето она што го имаме досега како реализација и што ќе секако се реализира во следниов период дополнителни средства би дошле од Буџетот уште оваа година во вредност од 4.000.000 евра што значи дека во еден четиригодишен инвестициски циклус тоа би требало да е најмалце 16-тина милиони евра, а со овие проекти може да оди и до 20.000.000 евра, со што конечно би сакале да ги затвориме основните инфраструктурни проблеми на граѓаните. Пред се тука мислам во делот на патна инфраструктура, водоводни и канализациони системи, исто така во делот на претшколска возраст односно градинки, изградба или обновување, и во делот на образование, односно во делот на училишта и спортски сали. како би можеле после четири години да зборуваме за далеку покрупни проекти. Нашата идеја е со овој процес на децентрализација да се спуштата средствата помеѓу граѓаните. Градоначалникот спомена, еве денеска ќе направиме увид на неколку проекти кои што се работат, тоа е кружниот тек кој што е еве тука пред нас, тоа е секако почеток на изградба на спортска сала. Скоро сме во финале на реконструкција и рехабилитација на 60 улици во Прилеп, што е невидено во историјата на градот во еден во еден вака кус временски период да се направи“, вели Николоски.

Тој додава дека исто така е при крај еден голем проект во селото Канатларци, кој што треба да реши децениски проблем за сите жители таму, кој што очекувам за две до три недели, исто така да е готов.

„Имаме бројни други проекти кои што следуваат во следниот период. Она што исто така, сакам да го споменам оттука и да го потврдам е дека е при крај изработката на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за следните парламентарни избори. Еден од приоритетите ќе биде подобро надворешно инфраструктурно поврзување на Прилеп, тука пред се мислам на конечна изградба на експресниот пат од Градско до Прилеп. Гледате дека откако се промени власта, овие седум години камен немаат ставено и скоро и ништо да не се случува таму, освен што се блокира сообраќајот по постојниот пат кој што се користи. Така што, во план ни е во максимално брз рок тоа да се заврши. Исто така, едно автопатско решение од Прилеп кон Битола, а она што можам да го најавам за највозрасната категорија на граѓани, во делот на пензиите е дека уште во првата година од мандат на ВМРО-ДПМНЕ планираме линеарно зголемување на пензиите за пет илјади денари. Што значи дека, на пример, оние кои што земаат најниска пензија од 12 илјади денари, веќе ќе земаат 17 илјади денари и така прогресивно да продолжиме во следниот период. Во следната недела очекувам да ја имаме комплетно програмата, да ја презентираме. Ќе има доста работи кои што ќе ја опфатат целокупната популација, но ќе има и доста интересни работи за Пелагонискиот регион и јас како носител во четворката ќе бидам почесто со вас, така што ќе можеме ги да коментираме“, вели Николоски.

Од понеделник во градинка деца со три дози вакцини против пертусис

Директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат, Рената Младеновска најави дека денеска ќе ѝ биде донесена новата одлука со дообјаснувањето од Комисијата за заразни болести, со што ќе се овозможи од понеделник во градинките да се примаат деца кои ја имаат комплетирано вакцинацијата со три дози против пертусис.

ДСЗИ неделава изврши стотина вонредни инспекциски надзори низ градинки во кои, како што рече, е утврдено дека се почитува решението за забрана за прием на нецелосно или делумно вакцинирани деца.

Одговорните лица во самите градинки си ги контролираат и ажурираат податоците од вакциналниот статус на секое дете. Се почитува мерката, така што сега за сега, задоволни сме и од самата соработка и од начинот како се спроведуваат вонредните надзори, изјави Младеновска.

Таа повтори дека во надлежност на ДСЗИ е, согласно сите списоци што им ги праќаат вакциналните пунктови, да ги повикаат родителите на постапка на порамнување или казнување, ако родителот не се согласи да го вакцинира неговото дете.

Засилени се и тие контроли. Сѐ повеќе и секојдневно ни стасуваат списоци каде се содржани деца кои не примиле досега ниту една доза, нагласи директорката на ДСЗИ.
Во однос на значително повисокиот процент на вакцинирани деца во внатрешноста од над 95 проценти, наспроти во Скопје каде околу 50 отсто не се вакцинирани, Младеновска оцени дека родителите во градови во внатрешноста се поодговорни.

– Мојот заклучок е дека на тие деца кои се во внатрешноста, родителите им се одговорни и го почитуваат редовниот Календар за имунизација и се редовно вакцинирани. Очигледно е дека проблемот е во градот Скопје. Мислам дека овие епидемии ќе нѐ освестат дека треба да се вакцинираат сите деца, сѐ со цел да не ни се случуваат и да не ги враќаме заразните болести, рече Младеновска.

Таа најави дека ДСЗИ ќе продолжи со инспекциите и во наредниот период.

– Ќе мора да ја решиме оваа состојба зашто не е во ред да враќаме заразни болести, веќе сме 21. век, порача Младеновска.

Комисијата за заразни болести вчера препорача децата кои примиле три дози на ДиТеПер вакцината да може да посетуваат градинка, но, под услов да се ревакцинираат за шест месеци.

Како што соопшти денеска министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири денеска се пристигнати вакцините против пертусис и за возрасни.
Предност при вакцинацијата ќе имаат возрасните кои живеат со деца под две години, вработените кои се во директен ангажман и се во контакт со децата на оваа возраст и бремените жени кои се во третиот семестар од нивната бременост.

Од 1 до 7 март, пријавени се 50 нови случаи на голема кашлица. Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се пријавени во Скопје. Од новите 50 случаи, пет се хоспитализирани. Станува збор за четири деца на возраст под една година и едно од возрасната група од една до четири години. Заклучно со 7 март, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица, со инциденца од 9,4/100 000 жители. По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје – 151 или 87,3 отсто во дванаесет различни општини, според податоците на последниот извештај од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Силјановска: Ќе ги помилувам осудените за 27ми Април

Претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова, вчера во емисијата Вин-Вин на ТВ Телма изјави дека доколку стане претседателка ќе ги помилува лицата осудени за упадот во собранието на 27ми Април 2017.

– Така ќе дојде до помирување- изјави таа.

Во првиот предмет за упадот во Собранието беа обвинети 33 лица од кои со закон за амнестија беа помилувани 15 лица. За 16 осудени за „тероризам“ судот донесе пресуда со вкупно 188 години затвор.

Министерот Тошковски го посети полицискиот службеник, на кого пред неколку дена до темел му изгоре семејната куќа

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес во Кратово го посети полицискиот службеник Зоран Стојановски на кого пред неколку дена во пожар целосно му изгоре семејната куќа.

Во пожарот тој и неговото семејство го изгубија сето она што целиот свој живот го градел со својата полициска плата, а покрај изгубениот дом нарушена е и нивната животна егзистенција.

Министерот Тошковски го увери Стојановски дека во овие моменти не е сам и дека ќе стори сè што е потребно во рамките на неговите можности со цел да се излезе во пресрет на неговите потреби во овие тешки моменти.

„Солидарноста отсекогаш била карактеристика на полициските службеници и во таа насока испратив телеграма до сите вработени во министерството за внатрешни работи со која ги повикав на доброволна основа да донираат средства кои во овие моменти се неопходни за нашиот колега да го обнови својот дом.“, потенцираше министерот Тошковски.

Тошковски ги повика и сите хумани граѓани во рамки на своите можности да помогнат и да донираат средства на следната трансакциска сметка: 300007082346687, Комерцијална банка, Зоран Стојановски.