дома блог страница 805

Не смеете да сликате зад параванот, се гласа и со истечени документи

Државната изборна комисија (ДИК) е целосно подготвена за спроведување на утрешните претседателски избори, изјави на вчерашната седница претседателот на ДИК Александар Даштевски.

Правото на глас на изборите, како што појасни Даштевски, граѓаните ќе можат да го остварат со важечки документ за лична идентификација, лична карта и патна исправа со старо уставно име на Република Македонија, како и со лична карта и патна исправа чија важност истекла девет месеци пред денот на одржувањето на изборите, а за денеска тоа е 24 јули 2023 година.

Даштевски кажа дека немало проблеми со гласањето денеска на болните, затворениците, во дијаспората и лицата во старските домови.

На 98-та седница акредитирани беа нови набљудувачи за Претседател и за Парламентарните избори. Вкупната бројка на набљудувачи се зголеми на 1601, од кои 915 се домашни, а 544 меѓународни набљудувачли, 84 преведувачи како и 58 странски новинари.

Дополнително на седницата беа одобрени акредиации на ОБСЕ/ОДИХР за четворица набљудувачи и двајца преведувачи, за Косова прес за двајца новинари, на Амбасадата на САД за четворица набљудувачи, Еуроњуз Албанија за двајца новинари, за Фондација ромите за демократија за двајца набљудувачи, за АБЦ Њуз Албанија тројца новинари, Асошиејтед прес пет новинари, ТВ АРД Германија еден новинар, Прва ТВ Србија двајца новинари, РТВ Косово пет новинари, ТВ ЗДФ 3, Вејк уп дополнување со 570 набљудувачи, Македонски центар за културен развој еден набљудувач, ТВ Н1 за двајца новинари, БНТ тројца новинари, и ИФЕС дополнување со еден набљудувач за парламентарните избори.

Акредитираните набљудувачи и странски новинари и медиуми добиваат беџови од ДИК за да можат да ги следат изборите, додека како што појасни членот на ДИК Борис Кондарко, домашните новинари, фоторепортери и сниматели ќе можат да известуваат и да ги посетуваат избирачките места од изборите само со своите прес-легитимации.

Дозволено е да се снима и да се слика во избирачките места, но не е дозволено да се снима и да се слика зад параванот за да не се наруши тајноста на гласањето, како и Избирачкиот список бидејќи таму има лични податоци на граѓаните. Евентуално може да се направи исклучок ако некој од гласачите затекнати на избирачкото место не сака да даде согласност и не сака да биде снимен, истакна членот на ДИК Борис Кондарко.

Изненадување за сите средношколци од АМД Прилепец – Шанса за бесплатна обука за возачка дозвола!

АВТО ШКОЛА АМД ПРИЛЕПЕЦ со интересна понуда за сите средношколци!!!

До 15.05.2024г. во просториите на АМД Прилепец, сите средношколци кои исполнуваат законски предвидена возраст, ќе можат да се пријават и да бидат во конкуренција за добивање бесплатна обука за А2 и Б категорија на возачка дозвола.

Наградени ќе бидат најдобрите двајца кандидати кои ќе го решат тестот со сите можни поени.

Пријавете се и станете дел од големото семејство на возачи на АМД Прилепец!

Со среќа!

Хумани пријатели вие сте на ред! Да и помогнеме на Дијана во нејзината борба!

Драги хумани луѓе Дијана боледува од ретка болест Neuromilit Optucus, болест која поради нејзината сериозност доведува до губење на видот и отежнато движење. За подобрување на состојбата потребна е соодветна терапија која чини доста скапо, а за тоа и е потребна вашата хумана рака.

И споделувањето е донација.

Телефони за донација:
– Tелеком: 143 177
– A1: 143 403

Жиро сметка за донација:
210-1000006820-46 НЛБ Тутунска Банка

Затворениците денеска гласаат, а затворската полиција во Прилеп на протест

Вработените и полицајците од затворот во Прилеп од утре почнуваат протести кои секој ден ќе се оддржуваат пред затворот меѓу 12 и 14 часот. Тие излегоа со соопштение во јавноста појаснувајќи дека протестираат поради лошите работни услови:

„Сакаме да ве известиме за крајно сериозната состојба во која се наоѓаат дел од Затворите во државата во кои од пред извесен период се распоредени осудени лица од висок ризик, а затворите и затворските полицајци немаат услови да се справат со предизвиците. Еден од нив е конкретно и Затворот Прилеп каде веќе состојбата е загрижувачка и во делот на условите за обезбедување, а и од делот на човечкиот персонал. Под страв и од неможност да одговорат на потребата за обезбедување половина од вработените се веќе на боледување и избегнуваат извршување на работните задачи додека останатата половина од вработените се оставени на милост и немилост. За таа цел како синдикат веќе го известивме Директорот на Управата за извршување на санкции кои го посети Затворот Прилеп кој ни пренесе дека решавањето на овој проблем не е во негова надлежност и тој нема моќ да го реши, при што побаравме средба од Министерот на кое што барање до денес немаме одговор.

Како Независен синдикат на затворската полиција и администрација – Затвор Прилеп, со цел актуелизирање на состојбата и решавање на проблемот од утре започнуваме со протести кој ќе се одржуваат секој ден пред Затвор Прилеп од 12.00 до 14.00 часот.

За протестите и барањата подетално ќе известиме на прес конференција која ќе ја одржиме во 12.15 часот пред Затвор Прилеп, за што би биле благодарни на вашето присуство и поддршка“, велат од Независниот синдикат на затворска полиција и администрација – Затвор Прилеп.

“Еден транспорт на компири, поскап од транспортот на избирачкиот материјал за изборите 2024”

Реакција на компанијата “ЕЛС – EКО ЛОГИСТИК СЕРВИС” за тендерот за транспорт на изборниот материјал од ДИК

Се избра “најповолен понудувач” на тендерот за доставување на избирачкиот изборен материјал, ни помалку ни повеќе на само неколку дена пред изборите. Цената која ја добива приватната пошта во загуба “Колпортер” по километар е пониска од транспортот на компири за релациите кои се наведени.

Доколку се земе во предвид еден транспорт на комбе на една релација Скопје-Битола, транспортот на најниската цена од логистичките компании е над 13.000 денари за транспорт на компири.

Транспортот за избирачкиот материјал за изборите чини 8.600 денари на истата релација. Тендерот вреден на над 100.000 евра, првпат беше објавен на бирото за јавни набавки од ДИК, а понудувачи беа Државната пошта и “Еко Логистик Сервис”. “Еко Логистик Сервис” е со пониска цена од државната пошта на повикот, но со образложение дека немале комплетна документација.

Оттука се јавува прашањето зошто од ДИК не побарале од “ЕЛС” во постапката да изврши дополнување на документацијата, туку им стигнало од ДИК дека поднесената документација е во ред?

Подоцна во поедноставена постапка од нигде-никаде се појавува “Колпортер”, фирма во загуба која ниту една банка неможе да им издаде банкарска гаранција, особено не за 2-3 дена. Вториот доказ кој излезе во јавноста е што “Колпортер” нема доволно возила како што има наведено во тендерската постапка.

Рекламниот материјал се вози со 15 возила, а во тендерската документација беа потребни 45 возила обезбедени со камери. Од “Еко ЛОГИСТИК Сервис” имаат доставено комплетна документација со регистарски таблички на возилата, камери, систем на ГПС, додека “Колпортер” користи возила од “Пост Експрес”.

Дали двете пошти имаат договор за соработка пред добивањето на тендерот од ДИК, или после тоа е склучен тој договор? Дали “Колпортер” доставил банкарска гаранција до ДИК?

Како ќе се мери/наплати цена по километар, кога возилата немаат ГПС системи? Кои се луѓето кои ги возат комбирања на “Колпортер”, бидејќи нема пријавено толку вработени?

На сите овие прашања треба да се испита дополнително целиот процес посочуваат од “Еко Логистик”. Единствено што сме сигурни е дека доколку се оди по закон, доколку прворангираниот понудувач не ги исполнува условите, постапката се доделува на второрангираниот најповолен понудувач.

Во денешно време со покачување на нафтените деривати оваа цена е целосно неисплатлива и е доказ за корупцијата која владее во нашето општество. Гласот на граѓаните вреди помалку од вреќа компири… – стои во реакцијата од оваа компанија испратена до нашата редакција.

Уште еден познат лекар си заминува од државното здравство

Лекарот Нико Беќаровски во објава на социјалните мрежи најави заминување од јавното здравство. Откако вчера тој и уште неколку доктори од Клиниката за Токсикологија ја обвинија економската директорка Бесија Иљази за хаосот на клиниката, а по што министерот за здравство Илир Демири објави дека го разрешува медицинскиот директор Даниел Петревски, а за Иљази рече дека работела добро, Беќаровски пишува дека се откажува од борбата за јавното здравство.

„35 години бев најголем борец за здрав јавен здравствен сектор. Дон Кохот конечно го напушта оклопот. Време е во некоја од приватните болници да се отвори Одделение за детоксикација и клиничка токсикологија. Бројот на консументи на психоактивни супстанции секојдневно расте“, пишува Беќаровски.

Вработените на Токсикологија сведочат дека економската диркеторка која не знае македонски сакала да вработи 18 лица на кои им истекле договорите, а не дозволила вработување на двајца биолози и еден болничар. Беќаровски се обидел со директроката да комуницира на англиски јазик.

Златни деца! Младите пијанистки Софија и Хана од Прилеп освоија награди на голем интернационален натпревар во Италија

Македонија и Прилеп најдостојно претставени на Интернационалниот натпревар по пијано во Тревизо, Италија кој се одржа од 19 до 21 Април 2024 година!

Во конкуренција на претставници од над 20 држави од целиот свет Софија Ташкоска го освои второто место, а Хана Петреска го освои третото место, и двете ученички во класата на проф. Христина Никоска Тасеска при музичкото училиште “Ордан Михајлоски-Оцка”.

Во конкуренција на пијанисти од: Италија, Франција, Австрија, Јужна Кореја, Словенија, Молдова, Бугарија, Русија и.т.н., нашите две млади пијанистки во најблескаво светло ја претставија Македонија со дела од: Бах, Хајдн, Иберт, Мајкапар и Мошковски.

Честитки и комплименти за професионалната и успешна работа доби проф. Христина Никоска Тасеска од страна на жири комисијата, која ја сочинуваа еминентни светски пијанисти, а Софија и Хана поддршка да продолжат да чекорат по патот на музиката.

Изборите ќе ги следат 342 домашни и 568 странски набљудувачи

Вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на Претседателските избори. Како што е објавено на веб страницата на ДИК, заклучно до 19 април се акредитирани 342 домашни и 568 странски набљудувачи и преведувачи, од кои најбројни се од ОБСЕ/ОДИХР – 375. Од домашните најбројни ќе бидат набљудувачите на Здружението Здружението за развој на опшествено – социјални иновации „ВАКЕ УП“ – Скопје – 182.

Освен овие организации акредитирани за набљудување на Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и за Изборите на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година се Здружението на граѓани ЦИВИЛ – Центар за слобода – Скопје, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество Инклузива Куманово, Фондацијата Ромите за демократија – Скопје, Парламентарното Собрание на Советот на Европа – ад хок комисија за набљудување претседателските избори во Република Северна Македонија, Националниот демократски институт за Надворешни работи, Вашингтон САД – подружница Република Северна Македонија, Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (тренинг центар) на Централна Изборна Комисија на Грузија, Амбасадата на Република Словачка во Скопје, Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (тренинг центар) на Централна Изборна Комисија на Грузија и Европската асоцијација за дијалог и демократија – Берген, Норвешка.

Изборите за шеф на државата ќе ги следат и 32 странски новинари, меѓу кои и од агенциите Ројтерс и Франс прес, Еуроњуз Албанија, Европската прес фото агенција – ЕПА, Ал Џазира Балкан, Гласот на Америка – македонска редакција, Топ Канал Албанија – отсек Косово и други.

Седмите претседателски избори во земјава ќе се одржат на 24 април, а евентуалниот втор круг заедно со парламентарните на 8 мај.

MВР: Лични карти ќе можат да се подигаат и на денот на изборите

Во пресрет на претстојните претседателски избори што ќе се одржат во среда на 24 април 2024 година, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 24.04.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.

Исто така, граѓаните на Скопје, ќе можат своите лични карти да ги подигнат во полициските станици во Скопје – информираат од МВР.

Молк пред утрешните претседателски избори, гласаат болните, затворениците, лицата во старските домови, тече кампањата за пратеници

Во земјава денеска е молк, пред утрешните седми претседателски избори. Молкот завршува на 24 април во 19 часот, кога се затвораат избирачките места. Годинава поради тоа што се одржуваат двојни избори, за време на молкот за претседателските избори, нема прекин на кампањата за парламентарните избори закажани за 8 мај.

Вообичаено денеска, на ден пред изборите, гласање за претседателските избори се спроведува за болните и изнемоштените, затворениците во Казнено-поправните домови и лицата во притвор, во старските домови и нашите државјани во странство.

Гласањето за претседател почна со 191 член на избирачките одбори во саботата кои отпатуваа да го спрповедат гласањето во дијаспората. Во дипломатските претставништва и конзуларни канцеларии денеска од 7 до 19 часот по локално време, врз основа на прифатените 2.571 пријави на наши државјани, гласање треба да се спроведе во Абу Даби каде се пријавени 26 наши државјани за гласање, во Белград-31, Берлин-260, Берн – 186, Бон – 164, Брисел -93, Вашингтон-34, Венеција – 79, Виена – 123, Детроит-34, Загреб-87, Канбера-31, Копехаген-74, Лондон-87, Љубљана-332, Минхен-166, Мелбурн-64, Њујорк-85, Осло-41, Париз-44, Прага-52, Рим-30, Стокхолм-85, Торонто-117, Хаг-65, Чикаго-88, Анкара-18, Варшава-23, Мадрид-18, Пекинг-12 и Софија 22.

Другите наши граѓани кои живеат во странство, своето право на глас можат да го остварат во избирачките места во земјата, согласно адресата во личните документи.

Резултатите од денешното гласање ќе се знае утре, заедно со резултатите од гласањето во земјата.

Право на глас на седмите претседателски избори имаат 1.814.317 избирачи. Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето трае до 19 часот. Се гласа на 3480 избирачки места во целата земја.