дома блог страница 8

“Мојата сестричка е дома со мама и тато, а јас уште не знам како изгледа нашиот дом” – Ajде Прилеп, ајде Македонијо, обединете се за малиот БОРЕЦ

Шестмесечниот Михо од Прилеп, кој се родил предвреме заедно со својата сестричка близначка Мина, веќе шест месеци се бори со тешка бактериска инфекција и хидроцефалус. Од денот на раѓањето е во болница, а неговото семејство сега се соочува со нова и исклучително тешка битка – да му овозможи неопходно лекување во Истанбул, Турција.

За да се соберат потребните средства за лекувањето, семејството започна хуманитарна кампања преку фондацијата Pavel Andreev, каде што сите хумани граѓани можат да донираат и да помогнат во борбата на малиот Михо.

Трошоците за лекувањето се огромни, а само еден ден интензивна нега чини 2.000 евра. На Михо му е потребна нашата поддршка, затоа што неговиот најголем сон е конечно да си замине дома и да порасне покрај своите родители и сестричката Мина.

Во продолжение ја пренесуваме личната порака на семејството, објавена во хуманитарната кампања:

Здраво, свету!

Јас сум Михо и иако сум многу мал, бескрајно ви благодарам за поддршката и надежта што им ја давате на мама, тато и дада.

Се родив во седмиот месец заедно со мојата сестра Мина. Нашата приказна е долга… И се надевам дека еден ден, кога сите заедно ќе бидеме дома, мама ќе ви ја раскаже до крај — со насмевка и солзи радосници во очите.

Накратко… Се родив како здраво и храбро, но мало бебе, заедно со мојата сестра.

И успеавме!

Со многу молитви, солзи, верба и секојдневни патувања од стотици километри, мама и тато доаѓаа само за да ни го шепнат она што ни даваше сила:

„Дада и бато се најубавото нешто на мама и тато.“

Да, пораснавме и во првите недели веќе почнавме да дишеме самостојно. Преживеавме сепса во болница и тогаш мама и тато помислија дека конечно сè ќе биде во ред и ќе си одиме дома.

И да, Мина беше многу силна и успеа, но јас останав!

Кај мене се случи нешто… И не знаеме како, но една опасна бактерија, Псевдомона, ја премина крвно-мозочната бариера и сега живее во ликворот што го штити моето мозоче.

Шест месеци се борам со тешка бактериска инфекција и хидроцефалус. Лекарите се обидуваа да ја стават инфекцијата под контрола со антибиотици и пункции, но таа сè уште не е исчезната. Поради инфекцијата и водичката во моето паметно главче, сè уште ме хранат преку сонда. Од раѓање сум во болница.

Времето минува, Мина расте, а јас сè уште не знам како е да заспијам во моето креветче, да се разбудам дома и мама да е тука до мене.

Знам дека ќе кажете дека сум храбар, знаат и мама, и тато, и дада.

Шест месеци сум во болница. Шест месеци мама и тато се делат меѓу мене и дада Мина. Шест месеци нивниот најголем сон е едноставен — нивните две деца конечно да бидат заедно дома.

Тие не се откажуваат од мене.

И јас ќе се борам и нема да се откажам!

Знам дека заедно ќе успееме да ја исчистиме оваа бактерија и сè да биде во ред, но за тоа ни треба и ВАШАТА ПОМОШ.

Ќе бидам храбар и умен како досега. Мама и тато секој ден ми кажуваат дека сум најхраброто бебе на овој свет.

Сега имаме надеж. Морам да заминам на лекување во Истанбул, Турција, на 12 ноември. Таму ќе се направат дополнителни испитувања и ќе се процени и спроведе потребниот третман за мојата инфекција и хидроцефалус.

Ме очекуваат сложени медицински процедури, вклучително и планирана надворешна дренажа, а понатаму, зависно од состојбата и контролата на инфекцијата, и поставување шант. Никој сè уште не може точно да каже колку долго ќе трае лекувањето и колку време ќе треба да поминам во болница.

Она што го знаеме е дека трошоците се огромни, а само еден ден интензивна нега за мене чини 2.000 евра.

Мама и тато би направиле сè на светот за да ме излечат. Но оваа битка е преголема за да ја извојуваат сами.

Знаете што сонувам секоја вечер?

Сонувам да си одам дома!

Да ја почувствувам мама без болнички мирис, да заспијам во прегратката на тато и да си играм со мојата сестричка Мина.

ВИ БЛАГОДАРАМ за поддршката, помошта, споделувањето и за тоа што сте дел од нашата приказна, која ВЕРУВАМЕ дека ќе има СРЕЌЕН крај.

Со љубов и надеж,

НАЈХРАБРОТО на мама, тато и дада — бебе Михо.

ЗА да донирате за МИХО одете на следниот ЛИНК: https://pavelandreev.org/mk/campaign/jas-sum-miho-imam-samo-6-meseci-i-se-ushte-ne-sum-bil-doma-kaj-mojata-sestrichka?fbclid=IwY2xjawVYEB5leHRuA2FlbQIxMABwZG9mBWJyaWQRMTRQNHFnQ2NMWWtWVGJoempzcnRjBmFwcF9pZBAyMjIwMzkxNzg4MjAwODkyAAEfOcCpw4jZqaurjKwGIVHqkESOWrWnpxOkZah3pM_7UcitU0ny5Kfcww4_coU_aem_61pi2YsVoW5lDfhUyOHtKw

Oд полноќ ГОЛЕМО НАМАЛУВАЊЕ на цените на горивата!

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт со која највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, изнесуваат:

-Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 86,00 (денари/литар)

-Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 88,00 (денари/литар)

-Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 94,50 (денари/литар)

-Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 103,50 (денари/литар)

-Мазут М-1 НС – 49,312 (денари/килограм)

Со оваа одлука се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 7,51% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт на Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија од 02.11.2026 година.

Согласно Одлуката за изменување на одлуката за определување на видот на енергентите, временскиот период, како и начинот на пресметка на акцизата, (“Службен весник на Републикa Македонија” бр. 256/26), применет е намален износ на акцизата од 2,00 ден/лит кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и намален износ на акцизата од 4,00 ден/лит кај ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), согласно членот 92, став 11 од Законот за акцизи, а пресметани согласно средната дневна берзанска цена на Prem Unl 10ppm на котација “Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan, за периодот од 16-ти до 30-ти октомври 2026 година и средната дневна берзанска цена на 10 ppm ULSD на котација “Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan, за периодот од 16-ти до 30-ти октомври 2026 година.

Исто така во оваа одлука е применет намален износот на ДДВ за нафтениот дериват ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), во износ од 10%, согласно Одлуката за изменување на одлуката за определување на видот на добрата и временскиот период на примена на повластена даночна стапка (“Службен весник на Република Македонија” бр. 256/26). Имајќи ги предвид влијанијата на погоре наведените елементи во формирањето на цените на нафтените деривати согласно Методологијата, малопродажните цени на нафтените деривати, се намалуваат во просек за 7,51%.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 7,00 ден/лит, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 02.11.2026 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 86,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 88,00 ден/лит. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), се намалува за 5,50 ден/лит, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 02.11.2026 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 94,50 ден/лит. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се намалува за 6,50 ден/лит, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 02.11.2026 година и со тоа малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) изнесува 103,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 6,261 ден/кг, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 02.11.2026 година и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 49,312 ден/кг

НУ Народен театар Битола подготвен за најновата премиера „Татко“, 12.Битола Шекспир фестивал и роденденот на театарот

Во пресрет на првата премиера во сезоната 2026/2027 на Народниот театар од Битола, претставата „Татко“, но и 82 роденден на театарот, како и 12.издание на Битола Шекспир фестивалот, беше одржана прес конференција. „Татко“ е по текст на Август Стриндберг, во режија, сценографија и костимографија на Благој Мицевски. Главната улога во претставата ја игра Петар Горко, а покрај него настапуваат и Катерина Аневска-Дранговска, Сандра Грибовска Илиевска, Никола Пројчевски, Живко Борисовски и добитничката на наградата за животно дело „4ти ноември“, Соња Михајлова. Асистент на режија е Дамјан Димовски, композитор Марјан Нечак, тон Александар Димовски, светло Горан Петровски, суфлер Гордана Михајловска, реквизит Цветан Јовановски, испициент Оливер Петровски. Ова е еден од најзначајните текстови на Стриндберг во кој за првпат се прикажува распаѓањето на едно семејство одвнатре.
„Многу ми е драго што во овој славенички месец за нашиот театар, кој слави 82 години од своето постоење, после војната до денес без прекин, на 14-ти ноември сме дел од програмата за прослава на „4-ти ноември“ на градот Битола, која официјално се затвора утревечер со нашата премиера.

Работиме на овој текст и на оваа претстава речиси три месеци, со мали паузи поради обврските на театарот и главно поради гостувањата на фестивалите. Тоа е прилично долг и комфорен период за работа на ваков текст, а темите што ги обработува ме засегнаа лично од повеќе аспекти.

Прво, конечно со Петар Горко имаме можност да работиме заедно на претстава, иако сме генерациски пријатели и заедно дојдовме во овој театар, фативме различни периоди и сме долго тука, сега имаме можност, каде што тој има главна улога, да ја реализираме таа соработка. Дел од нашата екипа е и нашата доајенка и лауреатка на годинашното 4 ноември, Соња Михајлова и уште Катерина, Живко, Николче и Сандра. Една екипа која работеше многу сплотено со цел да добиеме претстава каква што посакувавме кога почнавме“, истакна режисерот и костимографот Благој Мицевски.

Додаде дека е среќен што направија една нормална претстава која ја нарекоа психолошка драма со елементи на трилер.
„Јас лично сум веќе во генерацијата на највозрасните во театарот. Веројатно има потреба да се занимавам повеќе со класиката и повторно да ја препрочитам на класичен начин за да откријам зошто тие дела се класика и зошто траат до денес. Процесот беше исклучителен, се обидувавме да ги откриеме сите слоеви на ова многу комплексно дело и не знам дали успеавме во сè, затоа што има многу. Не е само едно семејство, туку и односите во семејството, бракот како институција, односите маж-жена, наука, религија, мајчинска љубов, детето како жртва на нефункционално семејство каде што постојано има борба за моќ, превласт и можеби најголемиот проблем кој до денес постои и не измачува – постоењето на огромна суета, што доведува детето да биде колатерална штета. Мислам дека токму тоа е она што најмногу го поврзува овој текст со денес. Сакам уште нешто да кажам – сега на улиците, во соседството и низ Европа гледаме генерации млади луѓе за кои е докажано и научно и теоретски дека нема да можат да го достигнат статусот и начинот на живот на своите родители, а не пак да го надминат, што би требало да е логично. Тоа кај нив создава фрустрација, бидејќи повеќето од нив го посветиле животот на наука, образование, вложиле време, пари и средства, а се без работа или имаат работа со која едвај ја плаќаат киријата тука и низ европските метрополи. Овој текст има длабоки корени во многу нешта кои мислам дека ќе нè испровоцираат и нас како уметници – со што се занимаваме, како и зошто правиме театар – и публиката, која мислам дека ќе се препознае во многу ситуации. Мислам дека претставата ќе има долг живот и ќе трае долго на нашата сцена, и дека е полн погодок во програмскиот дел, токму каква претстава недостасуваше во нашиот репертоар“.

Главната улога ја игра Петар Горко.

„Особено ми е драго што после последната „Вујко Вања“ повторно имам можност да одиграм една голема улога. Знаете, уште од младоста кога ги читавме класиците, никогаш не обрнувавме внимание, веројатно затоа што бевме премногу млади, на тоа какви се тие ликови. Но, еве стигнавме до таа возраст кога можеме да ги играме ваквите ликови. И да, за сите генерации секогаш има улоги. Ова го кажувам за младите колеги, да не се плашат дека нема да има улоги за нив во животот. Особено ми е драго за соработката со Благој, Соња, Жиката, Николче, Сандра, а најмногу со Кате, со која имавме брилијантно искуство во „Кралски игри“ како партнери и таму се пронајдовме. На сцена има хемија меѓу нас што функционира и брзо ги решава работите, брзо доаѓа до резултати, и тоа е она што мене лично ме исполнува како актер, затоа што можеме едноставно да ги извадиме нештата од нас, однатре да ги пренесеме преку тој четврт ѕид до вас, до публиката“.

„За мене беше огромен предизвик да работам на ликот на Лаура. Таа не е класичен негативец, не е класична манипулаторка. Таа е жена која се бори за својата егзистенција со сите средства што ѝ стојат на располагање во еден таков патријархален свет. Многу остроумно, тивко и стратешки. Целата претстава, како што кажа Благој, личи на еден психолошки трилер во живо. Мислам дека со колегите, со режисерот, со Пеце успеавме да изградиме еден свет. Повеќе би рекла дека тензијата се чувствува во паузите, а не само во репликите. Се надевам дека претставата ќе допре до секој што ќе ја гледа и дека сите од публиката ќе ја почувствуваат таа искрена, сурова реалност“, додаде актерката Катерина Аневска Дранговска.

„Ќе почнам со тоа дека ми е искрено задоволство што сум дел од оваа екипа, претставата „Татко“. Прво, голема благодарност до режисерот Благој Мицевски што сум дел од екипата, на моите колеги за соработката и процесот до овој ден пред премиера. Многу настани се случија едно по друго во изминатиот период. Сакам посебно да се заблагодарам на Народен театар Битола и на директорот Васко Мавровски што и по пензионирањето сум третирана како член на големата театарска фамилија на Народен театар Битола, за што искрено благодарам. Претставата е многу необична и интересна. Ликот на Маргарет е жена и мајка која искусила многу во животот, а во сложените семејни односи мајка-татко-дете, таа е на страната на зачувување на семејството, иако констатира дека најмногу во тие семејни конфликти доминираат суетата и егото. Најчесто во тие контексти, не сме свесни дека секој е во потрага по својата доминација. Многу ми е драго за соработката и за оваа претстава и верувам дека една таква вечна тема како семејство, татко, мајка, дете, ќе предизвика кај публиката момент на самопреслушување, токму во однос на суетата, егото и разбирањето“, рече актерката Соња Михајлова.

На сето ова актерот Никола Пројчевски додава:

„Фасцинантно ми беше во текстот што овој човек, кога живеел, се занимавал со таткото, а не со мајката. Ние живееме во време кога сите филмски платформи сега се занимаваат со жената, затоа што живееме во време, можеби е потребно да живееме во време на ултра феминизам. Дури и еден филм „Источно од рајот“, сега серијал на Netflix, една жена која е олицетворение на злото, на крајот се обидуваа да ја прикажат дека е таква поради мажите во нејзиниот живот. Еве, во оваа претстава не е така. Многу ми е драго што во претставата се отвораат проблемите на еден татко, а не проблеми кои доаѓаат од некоја жена. Јас, на пример, сега се прашувам дали едно дете, затоа што и јас сум имал такво чувство, ја сака повеќе мајката. На пример, ако го прашаат моето дете дали би ја избрало мајка му или мене, ако некогаш треба, и проклетството зошто треба со мајка му да избере. Кога јас правам сè. Ликот на Петар Горко, на таткото, во еден момент вели: „Зошто да заминат? Зошто ние да немаме право да одлучиме? Ние кои толку многу ги сакаме.“ Сака да каже дека ги сакаме еднакво како и мајката, ама на Netflix ќе биде прикажано дека таа го родила, го носела девет месеци во утробата, го чувствувала, срцето ѝ чукало со него.

Многу ми е фасцинантна темата затоа што откривам многу работи. Пеце го игра брилијантно, морам да признаам“.

Веднаш после премиерата која е на 10-ти и 11-ти ноември, на 14-ти започнува 12-тото издание на Битола Шекспир Фестивалот. Свеченото отворање на фестивалот кое воедно ќе биде и одбележување на 82. роденден на НТБ ќе биде со битолската премиера на „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел.

„Претставата веќе имаше свој европски живот. Ја имавме македонската премиера на Охридско лето, светската премиера на Верона Фринџ Шекспир Фестивалот во Италија, настапивме во прекрасниот антички амфитеатар во Бутринт, Саранда, на јубилејното, 10-то издание на фестивалот „Магични ноќи во Бутринт“, и последно пред еден месец настапивме на East Direction фестивалот во Бјалисток, Полска. Претставата насекаде беше одлично прифатена и се надевам дека по долг период, бидејќи премиерата беше во јули, ова е шанса и за битолска премиера, па Битолчани конечно да го видат ова дело на Шекспир, кое за првпат се поставува во Македонија и за првпат дел од нашите колеги и остатокот од екипата ќе го изведеме „Кориолан“ на македонски јазик“, изјави директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски.

Покрај „Кориолан“ и свеченото отворање на Шекспир фестивалот, има уште пет претстави кои доаѓаат од Италија, Грузија, Ерменија, Романија и Малта и ќе бидат прикажани во периодот од 14 до 22 ноември. Во програмата е и видео проекција на филм на Џон Блондел кој е направен за тогашните откажувања на Шекспир фестивалите низ светот за време на короната, театарска работилница за деца, која ќе ја води Билјана Крајчевска, која е посветена на Шекспир. Цела програма е фокусирана на едно дружење со Шекспир, промоција на македонската култура, македонскиот театар и истовремено презентација на тоа што се случува надвор од Македонија, а е поврзано со Шекспир.

Претставата која е во подготовки и ќе биде последната премиера за оваа сезона е „Ни треба пејачка“, во режија на Ненад Витанов. Урнебесна комедија за која премиерата се очекува на 12 декември.

На прес конференцијата Мавровски се осврна и на ситуацијата со греењето во театарот.

„Факт е дека средства за греење Народен театар Битола и останатите театри во државата немаат. Нема да навлегувам во причините зошто, бидејќи тоа е работа на Министерството за култура. Ние се обидуваме, кога велам ние, мислам на директорот на Центарот за култура, Камерниот оркестар и Народниот театар Битола, бидејќи во овој објект сме три национални установи.

Правиме сè што е можно театарот, Центарот за култура и установите да не претрпат штети. Јас така ја разбирам целата моја работа како менаџер – да ги менаџирам проблемите. Ќе повторам, факт е дека немаме средства за греење, но факт е и дека успеавме да обезбедиме поголема количина на нафта и дека Шекспир фестивалот ќе се одржи. Некои од претставите намерно ги преместивме на нова сцена, бидејќи таму грееме на струја и се надевам, и најавена е разрешница, дека во декември ќе добиеме средства и дека сè ќе продолжи со нормален тек.

Министерството за култура и туризам е сопственик на сите објекти што се национални установи. Ние сме назначени функционери кои треба да раководат со објектите во сопственост на Министерството за култура. Последните, колку што се сеќавам, повеќе од 30 години откако станавме независна држава, тие средства се добиваат на посебна сметка и се исклучиво наменети за греење. Не е таков примерот со скопските театри, бидејќи тие се поврзани на топлификација. Не можеме да набавиме од сопствени средства, бидејќи имаме лимитирана набавка до 60.000. Законот вели дека можеме без тендер, а за да распишеме тендер мора да ги имаме средствата на сметка за законски да го распишеме тендерот. А ние сума од два милиона на сметка, за жал, немаме“.

„НЕ БИДИ ТРУПЕЦ, ЗАСАДИ ДРВO“ – Сина револуција по 4-ти пат организира акција за пошумување во Прилеп

По повод Светскиот ден на дијабетесот, на 15 ноември, СИНА РЕВОЛУЦИЈА организира нова акција за пошумување, со која испраќа порака за еколошка одговорност, солидарност и грижа за идните генерации.

По повод Светскиот ден на дијабетесот – 14 Ноември, здружениетона граѓани СИНА РЕВОЛУЦИЈА по четврти пат ја организира еколошката акција за пошумување под мотото „НЕ БИДИ ТРУПЕЦ, ЗАСАДИ ДРВО“.

Акцијата ќе се одржи на 15 ноември 2026 година, со почеток во 10:00 часот, во атарот на манастирот „Св. Димитриј“ во село Селце, а во неа ги повикуваме да се вклучат сите граѓани, волонтери, компании, институции, организации и добронамерни луѓе кои сакаат да придонесат за поздрава и позелена животна средина.

За сите заинтересирани волонтери кои немаат сопствен превоз, организиран е бесплатен превоз до локацијата на акцијата. Поаѓањето е во 09:30 часот пред Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Оваа иницијатива има посебна симболика и претставува продолжение на нашата заложба грижата за здравјето на луѓето да ја поврземе со грижата за природата.

Лицата со дијабетес секојдневно користат инсулински игли, ленти за мерење гликемија, сензори, ланцети и други медицински материјали неопходни за одржување на нивното здравје и квалитет на живот. Овие материјали создаваат специфичен медицински отпад, кој претставува дел од еколошкиот отпечаток на животот со дијабетес.

Не можеме да се откажеме од медицинските помагала кои ни го спасуваат животот, но можеме да преземеме одговорност и да направиме нешто добро за природата.

Токму затоа, преку оваа акција сакаме симболично да го компензираме дел од еколошкиот отпечаток што го оставаме, но и да ја подигнеме јавната свест за правилното постапување со медицинскиот отпад, заштитата на шумите и потребата од активно вклучување на граѓаните во зачувувањето на животната средина.

За СИНА РЕВОЛУЦИЈА, ова не е само еднодневна активност. Ова е порака дека лицата со дијабетес не се само корисници на здравствени услуги, туку и активни членови на општеството кои имаат право, волја и одговорност да придонесуваат за подобра иднина.

Со секое засадено дрво создаваме нова вредност, оставаме позитивен пример и испраќаме порака дека промените започнуваат од нас самите.

Бидејќи природата не треба само да ја користиме – треба и да ѝ враќаме.

НЕ БИДИ ТРУПЕЦ, ЗАСАДИ ДРВО!

Датум: 15.11.2026 година
Време: 10:00 часот
Локација: Манастир „Св. Димитриј“, с. Селце

Општина Кривогаштани преку средби со граѓаните ќе го креира буџетот за 2027година – Градоначалникот ќе ги посети сите населени места

Во Кривогаштани се одржа првата средба со граѓаните за подготовка на општинскиот буџет за 2027 година.
Средбата беше организирана во соработка со здружението „Пелагона Прва“, а присутните изнесоа предлози за инфраструктурни проекти и иницијативи од значење за локалната заедница.

Во наредниот период Општина Кривогаштани планира да одржи средби во сите населени места. Жителите ќе имаат можност да кажат кои проблеми во нивното населено место бараат најитно решение и да предложат конкретни проекти. Општината ќе ги разгледа предлозите при утврдувањето на буџетските приоритети, имајќи ги предвид своите надлежности и расположливите средства.

-Им благодариме на сите што учествуваа на денешната средба и ги покануваме жителите да се вклучат со свои предлози и на следните средби.Термините и местата на одржување ќе бидат навремено објавени на општинската веб-страница и на социјалните мрежи, стои во соопштението од општината.

Прилепчанецот Давид Карапеев освои златен медал на меѓународниот боксерски турнир „Загреб опен“

Уште еден убав спортски успех за Прилеп! Младиот боксер Давид Карапеев од Боксерскиот клуб „АС Прилеп“ освои златен медал на 13. Меѓународен боксерски турнир „Загреб опен“, кој се одржа во Загреб, Хрватска.

Карапеев, кој годинава е и ДРЖАВЕН ПРВАК НА МАКЕДОНИЈА, до најсјајното одличје стигна со одличен настап во финалната борба во категоријата до 75 килограми (У-17), каде што го совлада домашниот боксер Марио Галешиќ со убедливи 5:0 и се искачи на највисокото место на победничкиот пиедестал.

Успехот на Карапеев е дел од одличниот настап на македонските боксери на овој меѓународен турнир. Македонската репрезентација освои два златни и два сребрени медали, а двајца наши боксери се закитија и со бронзени одличја.

Златни медали освоија Адријан Алими и Давид Карапеев, сребрени Алишан Реџеповски и Кирил Рајков, додека бронзените одличја им припаднаа на Лука Пецевски и Алиу Резард.

Честитки за Давид Карапеев и неговиот клуб „АС Прилеп“ за освоеното злато и успешното претставување на Прилеп на меѓународната боксерска сцена!

Што ќе понуди Прилеп за предновогодишните празнувања? Погледнете ги менијата и музичките програми на рестораните и локалите!

Прилеп отсекогаш знаел да се забавува, а предновогодишниот период е една од оние традиции што секоја година носат посебна атмосфера, добро расположение и многу убави моменти.

Декември е време кога се собираат семејствата, се организираат дружби со пријателите, се слави со друштвото, но и со колегите од работа. Секој сака да ја избере својата омилена вечер, добро место, вкусна храна и музика што ќе ја направи забавата незаборавна.

И оваа година, прилепските ресторани, кафулиња и локали подготвуваат богата понуда за предновогодишните празнувања. Различни менија, разновидни музички програми, настапи на познати музички имиња и атмосфера за сечиј вкус.

Во продолжение ви ги претставуваме понудите, менијата и програмите на рестораните и локалите во Прилеп.

НАЈДОБРАТА ТЕРАСА во ПРИЛЕП (Pub Club Terasa) оваа година со феноменална програма и МЕНИ на кое не може да се одолее:

ТЕРМИНИТЕ во РЕСТОРАН ПОРТА се при крај:

НОВИНА во ноќниот живот и вистинско освежување во понудата на Прилеп оваа година е AVRA – Bites & Cocktails, каде очигледно добро се подготвиле за престојните предпразнични денови, па еве што нудат:

ПРИЛЕП пред извесно време го доби и Cipriani Fine Dining & Lounge Bar, ресторан кој создаде нови стандарди на угостителската сцена, не само во градот под Марковите Кули, туку и пошироко. И во Cipriani ќе се празнува и ќе има одлични забави, а еве што нудат и што има како музичка понуда:

Кога сме кај Cipriani, не е лошо да знаете дека имаат и голем GIVE AWAY во тек, ПРОЧИТАЈТЕ на ЛИНКОТ во продолжение:

Можеби токму вие ќе ја дочекате Новата година со нов iPhone 18 Pro – Голема наградна игра во Cipriani!

НЕ СМЕЕМЕ да го заборавиме ЛАКИ, ресторанот со една од најдолгите ТРАДИЦИИ во Прилеп и оваа година има што да понуди, па со сигурност ќе врие како во кошница.

Ако планирате да славите, не оставајте ја резервацијата за последен момент. Интересот е голем, термините се резервираат брзо, па можеби токму сега е вистинското време да го изберете вашето омилено место и да си обезбедите вечер исполнета со добра храна, музика и дружење!

На Митровден пред 85 години во прилепско Царевиќ, за прв пат е изведена песната “А, бре Македонче”

Прилепчани, веројатно најмногу од сите Македонци се емотивно поврзани со борбената химна на македонските партизани – А, бре Македонче, тоа е така и заради 11. Октомври и затоа што песната е создадена од тројца Прилепчани, првоборци партизани: Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски – Оцката.

На 8 ноември – Митровден, пред точно 85 години, во 1941-та година, во прилепското село Царевиќ првпат е изведена познатата македонска борбена, патриотска песна „А бре Македонче“. Песната ја извеле партизаните од одредот „Гоце Делчев“ на територијата која се смета за прва слободна во почетокот на Народноослободителната борба и Народната револуција.

Песната веднаш била прифатена. И од борците и од населението. За брзо станала препознатлива не само во Прилепско, туку и низ цела Македонија. Станала химна, не само на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“, туку и на другите партизански одреди, односно на целото партизанско и антифашистичко движење во Македонија

Песната „А бре Македонче!“ во форма на музика за филм се пее во првиот македонски игран филм „Фросина“ во 1952 година, по сценарио на Владо Малевски, а во режија на Воислав Нановиќ. Музиката во филмот му е доверена на македонскиот композитор Трајко Прокопиев, кој, воедно, е и диригент на Оркестарот на државната филхармонија.

Крводарителска акција во спомен на д-р Сашка Јованова во Прилеп

Во чест и спомен на д-р Сашка Јованова, во Прилеп ќе се одржи крводарителска акција, на која граѓаните ќе имаат можност преку дарување крв да ја продолжат хуманата мисија и да помогнат во спасувањето човечки животи.

Акцијата ќе се реализира во четврток, 12 ноември 2026 година, во периодот од 08:00 до 13:00 часот, во Службата за трансфузиона медицина при Општата болница во Прилеп.

Оваа крводарителска акција претставува можност да се оддаде почит на споменот на д-р Сашка Јованова, но и да се испрати порака за хуманост, солидарност и грижа за оние на кои им е најпотребна помош.

Секој даруван крвен примерок може да значи спасен живот. Затоа, сите хумани граѓани се поканети да се приклучат и да дадат свој придонес.

Krali Marko Trails се враќа со ултра трка од 56 километри – Од денеска се отворени пријавите за 14. издание!

Љубителите на планинското трчање повторно ќе имаат можност да ги освојуваат уникатните патеки на Марковите Кули. На 7 март 2027 година, во Прилеп ќе се одржи 14. издание на Krali Marko Trails, најстарата трејл трка во Македонија, а пријавувањето за учество започнува денеска, 9 ноември, во 11 часот.

Годинашното издание носи и една особено интересна новина – враќање на ултра дистанцата од 56 километри, која повторно ќе биде најголемиот предизвик за најподготвените натпреварувачи.

Четири дистанци, еден голем предизвик

На програмата се предвидени четири трки, наменети за различни нивоа на физичка подготвеност и искуство:

  • Krali Marko Ultra Trail 56K – 56,46 км и 3.109 метри позитивна висинска разлика.

  • Kamena Baba Trail 39K – 39,26 км и 2.169 метри позитивна висинска разлика.

  • Treskavec Trail 23K – 23,28 км и 1.430 метри позитивна висинска разлика.

  • Markukule Trail 12K – 11,73 км и 668 метри позитивна висинска разлика.

Организаторите најавуваат и детска трка, со дополнителни детали што ќе бидат објавени по Нова година.

Марковите Кули – природна сцена за незаборавна трка

Она што ја прави Krali Marko Trails посебна е амбиентот во кој се одржува. Натпреварувачите трчаат низ заштитеното подрачје Маркови Кули, познато по своите гранитни карпи, необични камени формации, прекрасни пејзажи и богатото културно-историско наследство.

Токму оваа уникатна природна убавина ја прави трката препознатлива и привлекува учесници не само од Македонија, туку и од странство.

„Во 14. издание Krali Marko Trails останува трка со душа, а сега и со нова енергија. Ултрата се враќа, детската трка е на пат, а на стартот се добредојдени и најискусните и оние што за прв пат ќе се пробаат“, вели директорот на трката Дејан Крле.

Пријавувањето е отворено!

За претстојното издание се предвидени вкупно 350 места за натпреварувачи, а за најбрзите пријавени важи промотивна цена за рана регистрација.

Пријавувањето се врши преку официјалната веб-страница www.kmt.mk и ќе трае до 28 февруари 2027 година.

Минатогодишното издание собра околу 300 учесници, меѓу кои и 50 странски натпреварувачи, а за успешната организација се погрижија околу 40 волонтери.

На 7 март, Прилеп повторно ќе биде домаќин на љубителите на планината, адреналинот и спортските предизвици. А враќањето на ултрата од 56 километри ветува уште едно возбудливо издание на трката под Марковите Кули!