дома блог страница 9

Крводарителска акција во спомен на д-р Сашка Јованова во Прилеп

Во чест и спомен на д-р Сашка Јованова, во Прилеп ќе се одржи крводарителска акција, на која граѓаните ќе имаат можност преку дарување крв да ја продолжат хуманата мисија и да помогнат во спасувањето човечки животи.

Акцијата ќе се реализира во четврток, 12 ноември 2026 година, во периодот од 08:00 до 13:00 часот, во Службата за трансфузиона медицина при Општата болница во Прилеп.

Оваа крводарителска акција претставува можност да се оддаде почит на споменот на д-р Сашка Јованова, но и да се испрати порака за хуманост, солидарност и грижа за оние на кои им е најпотребна помош.

Секој даруван крвен примерок може да значи спасен живот. Затоа, сите хумани граѓани се поканети да се приклучат и да дадат свој придонес.

Krali Marko Trails се враќа со ултра трка од 56 километри – Од денеска се отворени пријавите за 14. издание!

Љубителите на планинското трчање повторно ќе имаат можност да ги освојуваат уникатните патеки на Марковите Кули. На 7 март 2027 година, во Прилеп ќе се одржи 14. издание на Krali Marko Trails, најстарата трејл трка во Македонија, а пријавувањето за учество започнува денеска, 9 ноември, во 11 часот.

Годинашното издание носи и една особено интересна новина – враќање на ултра дистанцата од 56 километри, која повторно ќе биде најголемиот предизвик за најподготвените натпреварувачи.

Четири дистанци, еден голем предизвик

На програмата се предвидени четири трки, наменети за различни нивоа на физичка подготвеност и искуство:

  • Krali Marko Ultra Trail 56K – 56,46 км и 3.109 метри позитивна висинска разлика.

  • Kamena Baba Trail 39K – 39,26 км и 2.169 метри позитивна висинска разлика.

  • Treskavec Trail 23K – 23,28 км и 1.430 метри позитивна висинска разлика.

  • Markukule Trail 12K – 11,73 км и 668 метри позитивна висинска разлика.

Организаторите најавуваат и детска трка, со дополнителни детали што ќе бидат објавени по Нова година.

Марковите Кули – природна сцена за незаборавна трка

Она што ја прави Krali Marko Trails посебна е амбиентот во кој се одржува. Натпреварувачите трчаат низ заштитеното подрачје Маркови Кули, познато по своите гранитни карпи, необични камени формации, прекрасни пејзажи и богатото културно-историско наследство.

Токму оваа уникатна природна убавина ја прави трката препознатлива и привлекува учесници не само од Македонија, туку и од странство.

„Во 14. издание Krali Marko Trails останува трка со душа, а сега и со нова енергија. Ултрата се враќа, детската трка е на пат, а на стартот се добредојдени и најискусните и оние што за прв пат ќе се пробаат“, вели директорот на трката Дејан Крле.

Пријавувањето е отворено!

За претстојното издание се предвидени вкупно 350 места за натпреварувачи, а за најбрзите пријавени важи промотивна цена за рана регистрација.

Пријавувањето се врши преку официјалната веб-страница www.kmt.mk и ќе трае до 28 февруари 2027 година.

Минатогодишното издание собра околу 300 учесници, меѓу кои и 50 странски натпреварувачи, а за успешната организација се погрижија околу 40 волонтери.

На 7 март, Прилеп повторно ќе биде домаќин на љубителите на планината, адреналинот и спортските предизвици. А враќањето на ултрата од 56 километри ветува уште едно возбудливо издание на трката под Марковите Кули!

82 години Народен театар Битола, 12-ти по ред Битола Шекспир фестивал

На 14 ноември 1944 година е основан Народниот театар – Битола, македонски театар со статус на национална установа и најстар театар во Македонија. Денес, 82 години подоцна, зад оваа институција стојат повеќе од осум децении театарска историја, илјадници сценски мигови, генерации уметници и публика, претстави што оставиле траен белег и континуитет во создавањето и афирмирањето на македонската култура.

Оваа година, роденденот на Театарот се одбележува со настани кои на јубилејот му даваат уште поголема уметничка и меѓународна димензија.

Токму на 14 ноември се отвора 12. издание на Битола Шекспир фестивалот, меѓународна театарска средба која и годинава во Битола носи продукции, уметници и театри од Италија, САД, Ерменија, Романија, Грузија и Малта.

Посебен визуелен идентитет на годинашното фестивалско издание му дава официјалниот плакат, чие авторство е на Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, познатиот македонски илустратор, чиј препознатлив уметнички ракопис го збогатува визуелниот израз на фестивалот.

А фестивалот се отвора со „КОРИОЛАН“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел.

Оваа претстава веќе ја носеше приказната за Народниот театар Битола надвор од границите на Македонија, реализирајќи три меѓународни гостувања, покрај премиерното претставување на фестивалот Охридско лето. Настапите на меѓународните фестивалски сцени ја потврдија нејзината улога како значаен амбасадор на македонската театарска уметност. И токму на роденденот на Театарот, по својот меѓународен пат, „Кориолан“ ќе ја има својата премиера на матичната сцена – пред домашната публика.

Амбицијата, гордоста, политичката моќ и односот меѓу поединецот и народот се во срцето на оваа Шекспирова трагедија. Преку приказна која и по повеќе од четири века звучи изненадувачки современо, „Кориолан“ нè соочува со прашањата за власта, манипулацијата, вистината и човечката гордост. Приказна за светот во кој живееме и за човечката природа која, и покрај сите историски промени, останува иста.

Осумдесет и две години НУ Народен театар Битола ја чува сцената жива. Со нови приказни, нови уметнички предизвици и поглед кон светот, продолжуваат да ја пишуваат театарската историја. 82 години театар. И секогаш нова причина да се вратиме во театарот.

Прославете со Битолскиот театар 82 години љубов, уметност и аплауз.

Кошаркарите со +52 го згазија Црн Дрим – Петок се очекуваат “многу средства” со ребалансот на буџетот

Eкипата на прилепски Мега баскет стигна до четвртата последователна победа во Првата лига, откако вчера со 52 поени разлика го декласираа Црн Дрим во Прилеп.

Пред прилепчани во Групата А од Првата лига е само Феникс со еден бод повеќе, но со ваква игра и пожртвуваност на теренот, прилепчани со сигурност наскоро ќе го преземат првото место.

Екипата во која не веруваше никој, а не веруваа очигледно ниту општинските власти во Прилеп, со оглед на финансиската помош од само 5.000 евра за двете екипи (сениорска и младинска), се бори да ја врати кошарката во елитен ранг и да покаже дека градот е расадник на таленти.

Можеби со престојниот ребаланс на буџетот на општина Прилеп ќе се изнајдат сили, па општината ќе оддели дополнителни средства за Мега баскет.

Несторовски не престанува да ги полне мрежите во Хрватска – Што уште треба да направи овој човек за да се врати во репрезентативниот дрес на Македонија?

Втората младост на Илија Несторовски продолжува во Хрватската фудбалска лига (ХНЛ), кадешто 36-годишниот македонски напаѓач постигна уште два гола за Славен Белупо во триумфот од 5:3 на гостувањето кај Горица во 13. коло.

Стрелецот на 10 гола за македонската репрезентација, кој не доби повик од селекторот Гоце Седлоски за претстојната завршница од Б-дивизијата на Лигата на нациите против Шкотска во Глазгов и со Словенија во Скопје со објаснување дека ја подмладувал селекцијата, го отвори резултатот во 17. минута, а во 65. минута погоди од пенал за 4:3.

За прикажаното на теренот во Велика Горица прилепчанецот беше прогласен за играч на натпреварот со оценка 9,3.

Со вкупно 10 погодоци во ХНЛ сезонава, Несторовски е трет на листата на стрелците, на која води Хрватот Дион Дрена Белјо од Динамо Загреб со 12, пред Данецот Емил Фредериксен од Истра со 10.

Голем број верници од Прилеп зедоја учество на вечерната богослужба во пресрет на Митровден и се поклонија пред честицата од моштите на Св. Димитриј

Во духот на молитвата и празничната радост, синоќа храмот Св. Димитрија во прилепски Варош беше исполнет со мноштво верници, кои зедоа молитвено учество во вечерната богослужба во пресрет на празникот на светиот великомаченик Димитриј – Мироточив.

Верниците имаа можност да се поклонат пред честицата од светите мошти на свети Димитриј, да измолат благослов и молитвено застапништво, а потоа да бидат помазани со осветен елеј од страна на свештеникот, за здравје и духовно укрепување.

По повод празникот, свештеникот одржа пригодна беседа, потсетувајќи на значењето на светиот Димитриј и на повикот неговиот пример на вера и предаденост на Христа да биде наше духовно раководство.

Нека молитвите на светиот великомаченик Димитриј бидат со сите нас!

За многу години празникот! На сите верници им посакуваме телесно здравје и духовно спасение а на оние на кои св. Димитриј им е закрилник на домот и семејството им ја честитаме славата!

За многу години Митровден: Честит именден Диме, Димитар, Митре, Мите, Димитрина…

Именден празнуваат Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра..

Свети Димитриј се роди во Солун, во третиот век. Беше син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го постави Димитриј на истото место и посебно му препорача да ги гони христијаните.

Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонеше, туку и јавно ја исповедаше и проповедаше верата во воскреснатиот Христос. Штом слушна за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, сврати во Солун, за да ја испита работата.

Го повика Димитриј, кој не ја одрекуваше својата вера и дури и го убедуваше цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството.

Максимијан се разгневи и го фрли Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погуби. Некои христијани го земаа неговото тело и чесно го погребаа. На тоа место подоцна беше подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун.

За овој ден постои верување. Во очи на празникот Митровден, значи вечерва, секој треба да биде во својата куќа, бидејќи ако не биде дома, тој цела година ќе преноќува по туѓи куќи.

Постоело и верување дека ноќта пред Митровден мора да бидат завршени сите големи работи, посебно на поле и останати обврски кои се извршуваат надвор. Се сметало дека времето по Митровден е лажливо, односно дека зимата може во секој момент да изненади, па затоа се зацврстило мислењето дека лоша среќа е ако нешто се одложи да се заврши по големиот празник.

Затоа за Митровден исто така се верува дека претскажува каква ќе биде зимата. Ако денот е сончев, наводно зимата ќе биде блага, со исклучително малку студени денови. Ако на Митровден падне снег, се верува дека снегот ќе се задржи до април.

Во некои делови постоеле и верувања дека на Митровден не треба да се прекоруваат децата, колку и да згрешиле или биле безобразни, бидејќи наводно цела година ќе бидат непослушни.

Македонија утре на мегдан со Грција – Капитенот Кузмановски повикува на претпазливост

Македонскиот ракометен репрезентативец Филип Кузмановски, ќе биде лидер на нашиот национален тим на гостувањето во Халкида кај Грција.

Кузмановски изјави дека ни следи средба со една борбена екипа, која покажала што може со пласманот на СП 2027.

„Мислам дека имаме анализирано и собрано доволно видео-материјал од екипата на Грција. Тие покажаа во изминатите квалификации против Холандија една добра и борбена игра во одбраната и една брза транзиција. Очекувам дуелот со Грција да биде еден тежок меч, но сметам дека ние максимално сме спремни и посакуваме победа на Македонија. Ние секогаш одиме на таков резултат кога играме за националниот тим, но мора да го покажеме тоа на терен со дисциплинирана игра. Сите сме здрави, спремни, искусни и веруваме во себе. Против секој ривал мора да играме 60 минути посветено и ангажирано, така можеме до успех“, изјави Кузмановски.

Натпреварот помеѓу Грција и Македонија се игра во недела од 16:00 часот. Во првото коло нашиот национален тим го победи Луксембург а Грците загубија од Швеѓаните.

Црквата Св. Димитрија во прилепски Варош – ретко културно наследство од 13 век кое плени со убавина (ВИДЕО)

Црквата Свети Димирија се наоѓа во средишниот дел на населбата Варош, на граничниот пункт на некогашното средновековно “Панаѓуриште”.

Денес оваа црква претставува целина од три цркви, поставени во должина една до друга.

Најстарата црква била еднокорабна градба со полукружна апсида на источната страна, покрие- на најверојатно со дрвена кровна конструкција на две води и датира од средината или од третата четвртина на XIII век.

Ктитор на последниве градителски зафати е Димитрие Мисионополит, насликан на ктиторската композиција на северниот ѕид.

Во внатрешноста на црквата се наоѓа полилеј од XIVвек кој претставува редок пример на нашата територија и пошироко.

БРАВО! Четврта победа по ред во гости на младите кошаркари! Очекуваат помош од oпштината со ребалансот во петок

Mладинската екипа на прилепски Мега баскет продолжува да реди триумфи. Попладнево во Струга, дечките го совладаа и Црн Дрим, за четврта последователна победа. Крајниот резултат на семафорот денеска – 62:65, за ново победничко селфи после натпреварот.

Со ваква игра и со ваква пожртвуваност на теренот, нема да биде изненадување ако до година ги гледаме во повисок ранг на натпреварување, но има еден проблем, а тоа е помошта од општинските власти, која мора да биде поголема.

Браво дечки! Прилеп се гордее и верува во вас!