Сечењето на двете стари и дотраени дрвја во паркот „Врбејско Маало“ е извршено врз основа на стручна проценка и со цел заштита на безбедноста на граѓаните, а како компензација претходно се засадени 20 нови дрвја во паркот – велат од ЈКП Комуналец Прилеп по вчерашните реакции на јавноста.
Во продолжение интегрално го пренесуваме соопштението на јавното комунално претпријатие:
ЈКП „Комуналец“ – Прилеп,ја информира јавноста дека во паркот „Врбејско Маало“ е извршено сечење на две стари, дотраени и оштетени дрвја, за кои Комисијата за сечење дрвја констатирала дека претставуваат ризик за безбедноста и престојот на посетителите во паркот и минувачите. По реакциите од одредени граѓани водени од свои лични побуди и дневно политички интереси, како и намерно објавените фотографии само од здрави делови на дрвјата, а не и вистинската состојба од нивната скапана срцевина, ја информираме јавноста за постапката со која извршивме сечење на дрвјата.
Одлуката за отстранување на дрвјата не е донесена произволно, ниту пак станува збор за постапка преземена без претходна анализа и план за компензација на зеленилото. Напротив, таа е резултат на стручна проценка и утврдена потреба за отстранување на дрвја кои поради нивната старост, дотраеност и оштетеност претставуваа потенцијална опасност. Посебно нагласуваме дека грижата за зеленилото и зачувувањето на животната средина се континуирана определба на нашето претпријатие. Токму затоа, во изминатите две години во овој парк беа засадени вкупно 20 НОВИ ДРВЈА, како компензација за планираното отстранување на старите и оштетени дрвја. Се остави потребниот временски период новозасадените дрвја да се закоренат, да се адаптираат и да започнат со раст, пред да се пристапи кон отстранување.
Жалиме што во јавноста се создава негативна слика за оваа интервенција, без притоа да бидат согледани сите релевантни факти, стручните констатации и претходно преземените активности за трократно компензирање на зеленилото во истиот парк. Разбираме дека секое отстранување на дрво предизвикува реакции кај граѓаните, бидејќи зеленилото е значаен дел од квалитетот на животната средина. Сепак, грижата за зелените површини подразбира не само засадување и одржување нови дрвја, туку и навремено отстранување на оние кои претставуваат опасност за луѓето, нивната безбедност, или предизвикување на материјална штета.
Изминатиов период при временски непогоди се соочувавме со паднати дрвја и интервенции во ноќните часови. Токму утрово, намерно или случајно, беше лиферуван ФБ пост, каде пред извесно време паднато дрво маслинка од силниот ветер во населбата Точила, се прикажува како намерно да сме извршиле нејзино сечење. Среќа во несреќа е што при падот на маслинката не е предизвикана човечка повреда, зашто во близина имало и дечиња. Апелираме до граѓаните, а посебно до поединци, да не вршат беспотребен притисок, а со тоа извршуваат и одложување на одредена активност која е потребно да ја преземе јавното претпријатие.
Воедно, ЈКП „Комуналец“ – Прилеп изразува загриженост и реагира на недоличното однесување на одредени поединци кон работниците кои ги извршуваа своите работни задачи. Упатувањето навредливи зборови, снимањето на вработените без соодветна комуникација и објавувањето на снимките на социјалните мрежи, создаваат непотребна вознемиреност кај работниците и негативно влијаат врз нивното достоинство, професионален интегритет и право на непречено извршување на работните обврски. Сакаме да потенцираме дека секој граѓанин има право да постави прашање, да изрази незадоволство, или да побара објаснување за одлуките и активностите во јавното претпријатие. Но, тоа треба да се прави со меѓусебна почит, достоинствена комуникација и без навреди и притисоци врз теренските вработени кои ги извршуваат своите работни задачи. Секоја комуникација е добредојдена, но и секоја издржана критика е здрава, но само кога таа е аргументирана.
ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, останува отворено за транспарентна комуникација со граѓаните, бизнис секторот, медиумите, политичките чинители и граѓанскиот сектор, и ќе продолжи да работи во интерес на заштитата на животната средина, одржувањето на јавните зелени површини и пред сè, безбедноста на граѓаните. Нашата цел не е да го намалуваме зеленилото, туку да го одржуваме, обновуваме и унапредуваме, со истовремена грижа за безбедноста на сите граѓани и имотите.
























