Кружниот тек кај “Табана” да го носи името на народната хероина Вера Ацева – иницијатива на Сојузот на борците и Завод и музеј

Новиот кружен тек кој се гради на мостот Табана во Прилеп да го носи името на народната хероина Вера Ацева. Оваа иницијатива ја покренуваат Сојузот на борците од Прилеп и Завод и музеј – Прилеп, со цел да се оддаде достојна почит на една од најзначајните личности од македонската народноослободителна борба.

Идејата беше обелоденета на предавањето на историчарот Рубин Белчески, одржано во библиотеката „Борка Талески“, по повод 107 години од раѓањето и 20 години од смртта на Вера Ацева, прилепската и македонска народна хероина.

Од вкупно 66 народни херои кои ги дала Македонија во Народноослободителната борба, дури 15 се од Прилеп – градот херој и првоборец. Десет од нив загинале за време на четиригодишната војна, додека петмина починале во слободна Македонија.

Но, и по повеќе од две децении од нивната смрт, овие петмина народни херои сè уште немаат соодветно одбележување во градот во кој се родени и од каде започнал отпорот против бугарскиот, германскиот и италијанскиот фашистички окупатор.

Покрај Вера Ацева, без спомен-обележја, бисти или други форми на јавно одбележување се и народните херои Крсте Црвенкоски, Борка Темелкоски – Лилјакот, Ѓоре Дамески и Атанас Забазноски.

Токму затоа, Завод и музеј – Прилеп покренува иницијатива за исправување на оваа неправда, барајќи поддршка и од локалната самоуправа за овие значајни личности да добијат заслужено место во јавниот простор на градот.

Именувањето на кружниот тек кај Табана по Вера Ацева би било еден од чекорите кон зачувување на историската меморија и оддавање почит на луѓето кои оставиле неизбришлива трага во македонската историја.

Како што беше истакнато на предавањето, тоа не е само чин на почит кон минатото, туку и должност кон историјата и идните генерации.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.