дома блог страница 780

Започнува велигденскиот пост: Бадијала не јадеш месо ако го “јадеш” својот брат (ВИДЕО)

Велигденскиот пост опфаќа 7 недели, односно 7 седмици. Трае 48 дена, од Прочка до Велигден. Тогаш, зошто се нарекува Четириесетница? Затоа што по 40 дена од постот, продолжува последната седмица пред Велигден, дополнителен строг пост, заради деновите на предавството, страдањата, распнувањето на крстот и погребението на Господа Исуса Христа. Таа се нарекува Страдална или Страстна седмица.

Постот значи не само откажување од мрсна и обилна храна туку и контрола на страстите, откажување од пијанства, веселби и радости. Светите отци постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана се повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната од животинско потекло.

Вистинскиот пост започнува со Чист понеделник, денот по Прочка. Но неделата пред Прочка се вика Месопусна недела, народот ја вика и месопусни поклади зашто тогаш се запокладува, (се запостува) со месо. Во текот на оваа недела се јаде сирење и други млечни производи поради што се вика и Сирна недела, некои ја викаат и Бела недела. Прочка се вика уште и Сирни поклади поради што од тогаш се пости и од млечни производи, а се вика и Проштени поклади, бидејќи тогаш луѓето меѓу себе си ги простуваат гревовите.

За тоа како треба да се однесуваме на овие пости, погледнете го прилогот на поранешната прилепска телевизија “КАНАЛ ВИЗИЈА”:

(ФОТО) Да можат со автомобилите и на Градскиот Саат ќе се качат

Прилеп, недела, празник Прочка…. При десетина паркинзи во центарот на градот, при катна гаража, културата на дел од нашите сограѓани им е следна:

Веројатно да можат, со автомобилите ќе се качат и на Градската Саат кула….

Најмалиот срцев пејсмејкер во светот, имплантиран од лекар од Битола во Германија

Доктор на медицински науки Дејан Начоски, искусен интервентен кардиолог во Ахен/Вирзелен Германија е битолчанец кој работи веќе 17 години во Германија и успешно ги изведува најновите иновации во интервентната кардиологија, како отварање на комплексни запушувања на срцевите садови /стентирања, вградувања на сите видови на пејсмејкери, најновите методи на аспирација на тромб во белите дробови , затварање на вродени срцеви мани итн – објави “КУРИР.МК”.

Др. Дејан Начоски е Македонец, интервентен кардиолог кој е сертифициран за вградување на најмалиот пejсмејкер во светот .

„Накратко за стандарните Пејсмејкери тие се Електростимулатори кои се состојат од електрични жици со дожина од 53 до 60 цм поврѕани со електронско куќиште. За да се вгради стандарден Пејсмејкер треба да се направи рес од 6 до 10см под клучната коска, се препарира џеб во кој се вградува/вметнува Пејсмејкерот, од таму преку вена се вметнуват жиците од 60 цм во десната предкомора и во десната комора види слика“, објаснува Др. Начоски.

Целиот текст прочитајте го ТУКА

Првични резултати на руските избори – Путин освоил над 87% од гласовите!

Претседателот Владимир Путин освоил рекордни 88 отсто на руските претседателски избори, покажаа првите прелиминарни резултати и излезните анкети, со што ја зацврсти неговата моќ иако илјадници негови противници организираа симболичен протест „Пладне против Путин“ на избирачките места.

Шефот на Централната изборна комисија Ела Памфилова за руската државна телевизија изјави дека за Владимир Владимирович Путин се избројани 15.759.224 гласови – односно 87,97 отсто.

Излезноста беше 74,22 отсто, рече таа.

Со преброени 30 отсто од гласовите, комисијата на останатите кандидати им дава меѓу 3 и 4 отсто, но централно место на ова гласање ќе бидат гласовите од окупираните украински територии.

Во Луганск, во источна Украина, комисијата му додели на Путин 94,12 отсто од гласовите, во Херсон 88,12 отсто, а во Доњецк и Запорожје исто така му доделија повеќе од 90 отсто од гласовите.

Првиот резултат значи дека Путин, кој дојде на власт во 1999 година, се чини дека лесно ќе добие нов шестгодишен мандат со кој ќе го надмине Јосиф Сталин како лидер со најдолг стаж во Русија по повеќе од 200 години.

Путин освоил 87,97 отсто од гласовите, највисоки досега во постсоветската историја на Русија, според излезната анкета на ФОМ.

Рускиот центар за истражување на јавното мислење (ВЦИОМ) го стави Путин на 87 отсто. Првите официјални резултати покажаа дека анкетите биле точни, пишува Ројтерс.

Денecка е чиcт понеделник: Лecни пocти и чиcта миcла на cите кои до Beлигден ќе пocтат

Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. На овој ден се чисти куќата, децата и возрасните се бањаат, шишаат и бричат. Особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење.

За време на велигденските пости покрај вообичаените конзумирања храна од растително потекло, житарици, зеленчук и овошје, постојат и одредени карактеристични продукти што се подготвуваат само во одредени денови за време на постите.

Првата сабота после прочка е празникот Тодорова сабота- Тодорица, а саботата пред Велигден е Лазарова сабота, а во неделата се Цветници. Празникот Благовештение кој секогаш е на 7 април.

За празниците Благовец и Цветници дозволена била употреба на посни меса во кои спаѓаат рибата и полжавите. Рибата печена или пржена на масло, или подготвена со ориз или, пак, со запржен кромид и суви црни сливи, била скоро задолжително подготвувана во овие денови. Полжавите се печеле или се вареле како готвено јадење со зеленчук.

Сепак велигденскиот пост не значи само одрекување од храна. Важен е и духовниот пост. Верниците во деновите на постот треба да се воздржат од лоши мисли и дела, и да се обидат да најдат духовен мир, без што постот нема смисол.

Oва се наградените маски на карневалот “Прочка 2024” во Прилеп: ГРАН ПРИ наградата за најмалите! (ФОТО)

Наградени маски на 22-то издание на карневалот “Прочка”:

Прво место ООУ “Рампо Левката”, за маската “Весела дружина на водното царство”.

Второ место “ООУ Добре Јованоски”, за маската “Мајкл Џексон”

Трето место ООУ “Круме Волнароски” од населеното место Тополчани, за маската “Вечна Македонија”‘

Гран при награда за дечињата од Детските градинки “Наша Иднина”, за маската “Тутуноберачите”

Поединечна маска која освои ПРВО место – Мила Спиркоска од ООУ “Климент Охридски”, за маската “Мистик”

Започна асфалтирањето на локалниот пат Врбоец-Свето Митрани-Кривогаштани

Започна асфалтирањето на локалниот пат кој ги поврзува населените места Врбоец, Свето Митрани и Кривогаштани.

-Им благодарам најмногу на моите сограѓани кои имаа верба, трпение, но и ми даваа поддршка цел изминат период за да денес сите заедно испишиме уште една историја за нашите населени места, за нашето Крушево. Сугестиите и барањата од нашите сограѓани за нас се предизвик, работа и остарливост. Денес реализираме реални остварливи капитални проекти во интерес на нашите сограѓани после неколку децении или поточно после 43 години – напиша на ФБ, градоначалникот на Крушево, Томе Христоски.

(ФОТО ГАЛЕРИЈА) Ниту поројниот дожд не ги попишмани учесниците: Се одржа 22-то по ред издание на карневалот “Прочка” во Прилеп

Над 500 маски, поединечни и групни, од Прилеп и од други градови низ Македонија, се претставија на денешното централно дефиле од 22-то издание на Карневалот Прочка 2024.

Покрај дефилето имаше и куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции, кои се карактеристични за овој празник, а ниту поројниот дожд во еден момент не ги спречи учесниците да ги претстават своите креации пред бројната публика.

Пред присутните свој поздравен говор имаше и градоначалникот Јовчески, кој порача:

“Со својата автентичност и културно богатство карневалот „Прочка“ не случајно е дел и од најголемата карневалска асоцијација, Меѓународната конвенција на европските карневалски градови на која неколкупати сме биле и домаќини.

Симболот на прилепскиот карневал „Прочка“ е маската „Прилепски мечкари“ која е традиционална автентична маска, вон конкуренција и преставува нематеријално културно наследство на Република Македонија. Таа е нашата гордост и затоа во оваа прилика сакам да им честитам за освоените награди на Здружението, што ги добиваат ширум светот , претставувајќи ја македонската култура и афирмирајќи го нашиот град.
Драги Прилепчани и добронамерници, денеска е голем и убав празник!

Празник кога се бркаат злите духови од домовите на луѓето. Тоа е празник, кога прошка се бара од родителите, роднините, пријателите, за направените грешки во текот на годината. Да се прости е највисоката, најубавата форма на љубов а за возврат ќе добиете мир и радост во душата.

Грешки правиме сите но проштевањето е една од најголемите човечки особини. Затоа проштевајте ми, ако јас сум згрешил према вас! Таков е денот – така останала вековната традиција!

Денешните маски верувам дека ќе ги избркаат сите зли духови од нашиот град, ќе не насмеат, ќе ни ја вратат среќата и сигурен сум дека ќе имаме прекрасен и успешен карневалски ден, со многу спомени, фотографии, смеа и радост”.

Карневалските случувања се завршуваат во понеделник со традиционален заеднички ручек на здружението Прилепски Мечкари во Манастир Св. Ѓоргија.

29-годишна девојка со тешки повреди донесена во прилепската болница, откако во незе удрил автомобил на ул. “Прилепски бранители”

На 16.03.2024 во 10.30 часот било пријавено дека во Прилеп на ул.„Прилепски бранители“ патничко возило „ауди“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Г.Ј.(56) од Прилеп, удрило во Б.К.(29) од с.Дреновци-прилепско.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Б.К., констатирани во Градската болница Прилеп. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Прилеп – информираат од СВР Битола.

Секоја чест за прилепчанките од “Преродба”: За прв пат јавно пред прилепчани презентиран народниот обичај “АМКАЊЕ” (ВИДЕО)

Покрај простувањето за Прочка и посетата на младите кај повозрасните роднини за прошка, стариот адет сé помалку се пренесува од генерација на генерација и исчезнува низ татнежот на времето.

Амкањето варено, а нелупено јајце, врзано на конец и стап е обичај што се негувал со години, а децата се обидувале без помош на рацете да го фатат јајцето со усните кое се нишало од најстариот член во фамилијата.

Вчера во пресрет на “Прчка”, на Платото кај Градскиот Саат, жените од Здружението “Преродба”, за прв пат го презентираа овој народен обичај пред прилепчани.

Настанот беше изведен во автентичен амбиент, и предизвика големо внимание за минувачите и гостите. Погледнете го во продолжение видеото снимено од “Фан Продукција” на Зоран Пилоски: