СВР Битола поднесе кривична пријава против Х.Г.(21) и С.Б.(21), двајцата од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“.
На 07.05.2024 во Битола, пријавените со тврд предмет го нападнале В.Т.(41) од Битола и му нанеле повреда – информираат од СВР Битола.
Миленикот на кавадарчани, ГФК Тиквеш, вечерва игра за првата титула во својата речиси 100-годишна историја. Со почеток од 19часот на Националната арена “Тодор Проески”, Тиквеш игра против Воска во финалето од фудбалскиот Куп на Македонија, а во Кавадарци синоќа владееше вистинска еуфорија.
Лозарите го кренаа на нозе целиот град, а на натпреварот се очекува огромна поддршка од сите кавадарчани.
-И еве сме, на само неколку часа од натпреварот кој го сонувале нашите дедовци, прадедовци, татковци. Еве сме, сите заедно, сплотени како никогаш порано, од сите страни на градот убав, но и од преубавите села, млади и стари, машки и женски, вљубеници во фудбалот, во спортот, родољубци, горди на својот град, со една мисла, со една желба, за пехар и победа. Денес е натпреварот кој ќе го коментирате уште долго, кој ќе го паметите цел живот, кој ќе го раскажувате на децата и внуците… Денес сите одиме во Скопје заедно да создадеме историја, да ја испишеме најсветлата страна од кавдаречката фудбалска историја, да ги опееме новите фудбалски легенди, да создадеме вечни спомени. Денес е ден за кавадаречка фудбалска доминација, денес е ден за прослава на титула – напишаа од навивачката група “Лозари” на ФБ.
Погледнете каква беше синоќа атмосферата низ улиците на Кавадарци:
Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, на интересен начин деновиве ги елаборира случувањата во македонското судство и обвинителство.
Панчевски посебно внимание посветува на последниот случај со уапсениот Врховен судија, кој според МВР е фатен со 10.000 евра мито бележани пари.
Тој потенцира дека потребно е да се изврши проверка на сите избори на нови судии и јавни обвинители преку Академијата, како и да се направи преиспитување на сите напредувања внатрешно во правосудството.
Во друго обраќање Панчевски ги елаборира најновите случувања во Судскиот совет, или препозиционирањата кои се случуваат во оваа судска институција.
Покрај тоа Панчевски зборува и за реформа на целосното судство и обвинителство преку отпуштање на сите обвинители и судии, или само отпочнување на процес за реевалуација на нивното работење и испитување на потеклото на имотот на судиите и обвинителите. Поранешниот прв човек на Кривичен вели дека не се сите измеќари и послушници и дека има многу малку чесни и посветени на професијата. Но, и таквите чесни се жртви на политизираниот и криминален систем, но кога би се отпчнувала било каква реформа, токму тие малкумина чесни треба да бидат нова искра и надеж.
„Не постојат такви црвени подруми. Мислам дека господинот Ахмети е опкружен со луѓе кои во целиот овој период го доведоа во една ваква ситуација да верува во фантазија, а не во реални работи и тоа е неговата клучна грешка“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за ОРА 24.
Претседателот Мицкоски истакна дека не постојат црвени подруми, ниту некогаш постоеле.
„Мојата порака е дека не постојат подруми, се е транспарентно, се е јасно. Јас зборував уште од многу одамна дека природната опција за ВМРО-ДПМНЕ е да коалицира со албанската опозиција во Македонија. Така беше и на локалните избори, тие водеа кампања против мене, ВМРО-ДПМНЕ и во Тетово и во Гостивар немаат градоначалници, загубија на овие парламентарни избори. Нема потреба да верува во вакви заговори, не постојат, многу е јасна ситуацијата, многу е едноставна, треба да се помири со поразот, треба да замине во опозиција. Мој совет е да се ослободи од некои луѓе со кој тој е опкружен, треба повеќе да се фокусира на реалните работи и потоа едно ново ДУИ со нови луѓе и освежена кадровска и програмска платформа може да дојде да седнеме да разговараме, да видиме како ќе биде во иднина“, дециден е Мицкоски.
Во прилепско Загорани синоќа и денеска најмасовно се празнува празникот летен Св. Никола. Во истоимениот манастир вчеравечер се собраа голем број верници, кои после литургијата заиграа на убаво македонксо оро и уште поубаво се провеселија.
А се случи и една атракција… Додека сите останати вртеа оро, еден од гостите на средина стоеше на глава и тоа со минути… Очигледно гравитацијата не му може ништо…
Нека е за многу години празникот, а до година уште побројни и уште повесели!
„Никогаш не претпоставував дека по 6 години макотрпен и болен пат со колкот, ќе живеам еве веќе една година активно, како нов човек, кој живее совршен живот без болки и какви било пречки“ – вака ја започнува својата емотивна исповед 30-годишната Менче, на која пред само една година ѝ беше изведена операција за целосна замена на колкот.
Таа објаснува дека да живееш со континуирана болка е навистина тешко, особено кога се работи за млад човек, кој е постојано во динамика и движење. За среќа, таа ја имала можноста да се ослободи од болката, благодарение на вештите раце на проф. д-р Виктор Камнар и на посветеноста на целиот тим на сестри и помошен персонал од „Аџибадем Систина“.
„Сѐ некако бргу и лесно се одвиваше за време на целиот постоперативен тек. Додека лежев во болница, бргу застанав на нозе, си заминав со една штака само поради тоа дека така треба. Инаку, можев да газам нормално на двете нозе без какви било болки и слично. Потоа си продолжив со физикална во ‘Аџибадем Систина’ и сѐ се одвиваше добро. Ме вежбаа, ми ставаа струи и сѐ направија за да можам повторно нормално да одам. По една година, јас не го чувствувам колкот како туѓо тело, толку многу ми ‘легна’ што дури и ми е несфатливо како, бидејќи можам буквално сѐ да правам. Почнав континуирано да вежбам и активно да трчам по 5-6 километри и тоа ме прави навистина среќна и исполнета. Целта ми е да се пријавам и на маратон“ – вели Менче.
Проф. д-р Виктор Камнар објаснува дека се работи за сложена интервенција, која се изведува со минимално инвазивен пристап, а комплетно излекување е возможно само со вградување на вештачки импланти.
„Со минимално инвазивен хируршки пристап, со цел зачувување на мускулатурата и следење на анатомијата и геометријата на зглобот на колкот, се постави вештачки имплант со правилна биомеханичка поставеност и стабилност. Оштетувањата на сите зглобови, вклучително и на колкот, кај ваков тип хронични заболувања се многу честа појава и комплетно излекување е можно само со вградување на вештачки имплант“ – објаснува проф. д-р Камнар.
По интервенцијата, следувал и процес на рехабилитација. Благодарение на стручниот тим и желбата за брзо закрепнување на Менче, сѐ се одвивало во најдобар ред.
„Сакам јавно уште еднаш да му се заблагодарам на доктор Виктор Камнар за експертизата и стручноста што ја спроведе на дело и направи прекрасна операција. Бидејќи без него јас немаше да можам да одам, да постојам и да живеам. Му благодарам од сѐ срце! Исто така, сакам да изразам и благодарност до прекрасниот медицински тим на ‘Аџибадем Систина’, кои беа неуморни и достапни 24/7 додека престојував во болницата и на мојата докторка од физикална, Аница Хаџи-Петрушева и физиотерапевтот Дејан Парцанов, кои направија сѐ за да се вратам во нормала и повторно да одам нормално и правилно. Им благодарам на сите до еден!“ – сподели таа.
На 20.05.2024 во 23.30 часот во с.Кривогаштани, полициски службеници од Полициското одделение Кривогаштани ги лишиле од слобода М.Ј.(33) од с.Крушеани, З.К.(35) од с.Кривогаштани, М.М.(55) од Прилеп и С.Л.(56) од Прилеп.
Тие се сомничат дека претходно во угостителски објект во с.Кривогаштани, сопственост на Б.Ѓ.(27) од с.Годивље, оштетиле дел од инвентарот, а подоцна запреле патничко возило „бмв” со прилепски регистарски ознаки, кое го управувал Б.Ѓ, со употреба на сила му го одзеле, го однеле на ул.„Илинденска“ и го запалиле.
Пожарот бил локализиран од екипа на Територијалната противпожарна единица Кривогаштани, а повредени лица нема.
Во врска со настанот, на 21.05.2024 во 03.50 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на 20.05.2024 околу 23.30 часот М.М. и З.К. агресивно се однесувале кон командир на Полициското одделение Кривогаштани и му упатувале закани, додека тој извршувал службени дејства.
По целосно расчистување и документирање на случајот, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави – стои во соопштението од МВР.
Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан не го менува името и не се откажува од дијаспората во замена за Томос од Вселенската Патријаршија.
Во изјава Архиепископот Охридско и Македонски г.г. Стефан вели дека МПЦ-ОА веќе е дел од православната екумена и дека никој не може да бара да го менува името за да добие Томос од Цариградската патријаршија.
Кога тоа ќе се случи не знае никој вели поглаварот на МПЦ-ОА.
Г.г. Стефан не се откажува ниту од дијаспората во замена за Томос од Вселенската Патријаршија.
Во организација на Општина Македонски брод на 01 и 02 Јуни 2024г во Самоков ќе се одржи третиот адреналински фестивал на отворено SAMOKOV XTREME. Главната цел на овој фестивал е развојот на туризмот во Поречкиот регион и ставање на с.Самоков на мапата на атрактивни дестинации за авантуристички туризам.
Базата на фестивалот, на кој очекуваме да учествуваат повеќе од 500 вљубеници во природата и авантуристи ќе биде на фудбалскиот стадион, каде ќе има организирано кампување на учесниците, придружено со културно забавни активности.
Учесниците со своите спортски вештини ќе можат да се презентират во следниве дисциплини и истите ќе имаат ревијален карактер:
– возење со теренски возила ( џипови)
– возење со мотокрос
– возење со АТВ возила
– планинарeње
Програмата за фестивалот е следна:
Сабота 01.06. 2024г
09.00ч – 12.00ч пристигнување на учесниците и формирање на кампот каде ќе престојуваат
12.00 ч – 14.00 ч регистрација на учесниците и подигнување на стартните пакети
14.00 ч Самоков – Волче – Пеклиште – црква Св.Богородица – Долно Ботуше – Кицин – Самоков. 40км
20.30ч палење на логорски оган и дружба на учесниците и месното население
21.00ч – 23.00ч гледање на финалето во Лигата на Шампионите помеѓу Реал Мадрид и Борусија Дортмунд
22.45ч заедничка забава на учесниците на фестивалот и месното население
Недела 02.06.2024г
09.30ч поздравен говор на Градоначалникот на Македонски брод Г дин Жарко Ристески
10.00ч заеднички старт на учесниците во сите дисциплини
1.Возачите на теренски возила, АТВ возила и мотокрос ќе возат тура на релација : Самоков – Бачилиште – Илино – Железна река – Манастир Св Никола – Бенче – Самоков.
Се стремиме кон Порече заради не толку често посетените убавини кои пленат со зеленило и недопрена природна убавина. Добра Вода е не толку посетена планина и токму заради тоа плени со својата недопрена убавина. Таа е висока венечна планина во Македонија што се издига помеѓу долината на Мала Река од исток и Кичевската Котлина од запад. Се дели на два дела: северен (познат и под името Челоица) со највисок врв Добра Вода (2.062 м) и јужен (познат како Песјак) со врвовите Кула (1.917 м) и Коњарник (1.874 м).
За вас подготвивме многу интересна тура со локалните волонтери од Самоков заради подобро запознавање на магијата на Порече. Самоков е срцето на Порече, ако не верувате дојдете и ќе видите сами.
ОПИС НА ТУРАТА:
– Старт од село Самоков во 10:00ч. Селото Самоков се наоѓа во областа Порече, во западниот висок планински дел на територијата на Општина Македонски Брод, на просторот на левата страна на реката Треска. Селото е ридско, на надморска височина од 600 метри.
– пешачење по асфатиран пат од 1.5 км до село Ковач. Селото Ковач исто така се наоѓа во областа Порече, во западниот висок планински дел на територијата на Општина Македонски Брод, над селото Самоков. Селото е ридско, на надморска височина од 720 метри, не е заведено во катастарската евиденција и го дели атарот со соседното село Самоков.
– по изминување на асфалтот движењето е низ шумска патека кадешто во најголем дел сме под сенка, континуирано сме опколени со високостеблеста шума и сите нијанси на зелено. Попатно правиме кратки паузи.
– пристигнување во село Бенче кадешто правиме подолга пауза за ручек и освежување. Селото Бенче е на половина од патеката… од стартот до село Бенче има 7,5 км.
– од село Бенче продолжуваме да се движиме по планинска/козја патека до село Самоков во должина од околу 7 км од кои околу 1 км пред финиш одиме по асфалтен пат.
– Ова е средно тешка тура со околу 15км вкупна должина (12 км – шумска патека, околу 3 км асфалтен пат). Патеката е кружна, но стартот и финишот е на местото кадешто е поставен кампот, на фудбалското игралиште во Самоков.
– Предвидено е пристигнување во кампот најдоцна до 16 часот.
ПОТРЕБНА ОПРЕМА И УСЛОВИ:
– психофизичка подготвеност за пешачење
– удобни чевли/ чизми (не е препорачано да се носат патики)
– Панталони со долги ногавици
– Планинарски стапчиња
– Капа и средства за УВ заштита.
– Кабаница
ИСХРАНА:
– секој сам си носи исхрана од ранец;
– вода 2 литри. (вода има во селото Бенче);
– суво овошје, сендвичи и сл.
НАПОМЕНА:
– За да не дојде до оптоварување на турата, задолжително е претходно пријавување за учество;
– Секој учесник е должен да ги почитува правилата и насоките на организаторот и водичите, во спротивно сам е одговорен за несаканите последици;
– Организаторот и водичите имаат право да исклучат член пред стартот на планинарската акција доколку не ги исполнува наведените услови и не ја поседува соодветната планинарска опрема за предвидената планинарска акција.
– Организаторот и водичите го задржуваат правото на измени на термините и редоследот на акцијата во зависност од временските услови и останатите технички препреки.
– За сите планинари кои доаѓаат од Прилеп, организаторот ќе обезбеди автобуски превоз на релација Прилеп – Самоков.
Учесниците на настанот кои ќе не посетат треба најпрво да се регистрираат на пунктот за пријавување, да си подигнат стартен пакет и да потпишат Изјава за учество на сопствена одговорност. Стартниот пакет чини 600 денари и содржи: место во кампот, сувенир маичка, присуство на вечерната забава, учество во адреналинскиот конвој и производи од спонзорите на фестивалот.
Оние учесници кои нема да бидат дел од кампот во Самоков во саботата, односно ќе пристигнат утрото во неделата ќе треба : најпрво да се регистрираат, да подигнат стартен поакет и да потпишат Изјава за учество на сопствена одговорност.
ПС.во недела наутро ќе има организиран превоз на релација Прилеп – Самоков – Прилеп со автобус.
За подетални информации за настанот:Гоце Бојкоски 075 770 600
Синоќа, по наредба на судија на претходна постапка направен е претрес во Тетово во домот на Иџет Мемети членот на советот на обвинители , и претрес во службените простории на Советот на јавни обвинители.
Сомнежот е дека истиoт заедно со осомничениот судија Наке Горгиев имал влијание злоупотребувајќи ја позицијата член на Советот на јавни обвинители во случајот барање на мито за олеснителни околности за екс градоначалник кој е во притвор.
Иџет Мемети важи за близок до политичка партија од албанскиот политички блок, и беше во два мандати народен правобранител. Тој е и поранешен министер за правда, уставен судија, државен советник во Владата и член на Државната изборна комисија.
Во текот на денот се очекува какви мерки ќе бидат определени против Мемети.