дома блог страница 754

Во Прилеп се оддржа традиционалната „Палачинкијада“ и се прогласија првенци на генерација: Ова се највредните ученици годинава! (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Традиционално, крајот на учебната година во Прилеп, и годинава беше одбележан со манифестацијата Палачинкијада. Учениците од основните и средните училишта се засладија со вкусни палачинки и лимонада, а беа прогласени и првенците на генерацијата во секое училиште.

Најдобрите ученици добија плакети од градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески.

Палачинкијадата предизвика голем интерес кај децата кои неделава завршија уште една школска година. Да им посакаме убаво да се одморат летово, а од септември со нови сили да редат само успеси.

На Прилеп му треба нова театарска зграда! Заврши 58. издание на МТФ “Војдан Чернодрински” (Фото галерија)

Една огромна работилница од 7 месеци, четири работилници тука, една изложба, 11 претстави во официјална конкуренција, пет во придружна, секојдневно учество на Скомрахите, Театроск, Разговори на тркалезна маса, промоции на книги, презентации, ден на Горан Стефановски, филм, музика и дружења... Вие драга публико, сте мојата лична победа, затоа вам јас ви се поклонувам! – рече Ана Стојаноска

На Прилеп му треба театарска зграда! Да не дозволиме материјалното да му го заземе местото на духовното, да не дозволиме излишните луѓе да ги истиснат и да им го заземат местото на оние што му требаат на секое општество – громогласен аплауз заслужи пораката на режисерката Зоја Бузалковска синоќа на врачувањето на наградите на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Бузалковска ја прими наградата за најдобра режија на претставата „Иванов“ на Македонскиот народен театар. Оваа претстава доби седум награди на фестивалот.

-Ваков тип на претстава како „Иванов“ не е возможно да го направите ако немате колектив во вистинската смисла на зборот – актерите, цел сценографски тим, која работеше на тоа да биде возможно во овие не баш поволни услови за играње големи претстави, какви што во моментов ги имаме во Прилеп. Во тие услови успеавме да направиме магија, за жал некои луѓе не видоа делови од претставата и многу им благодарам што останаа до крај. За крај, ќе се заблагодарам на жирито, на целиот прекрасен тим – рече Бузалковска.

Да се создава фестивал значи да се раѓа една креативна идеја, концепт, смисла, приказна и таа да може да се чита на сите можни начини. Да се создава театарски фестивал значи да се практицира менаџирање на петстотини и повеќе човечки приказни секоја со својата потреба, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.

-Да се создава театарски фестивал во Македонија, а посебно во Прилеп, значи да се бориш со сите ветерници, а истовремено ветрот во грб да ти го дуваат сите помошници од првиот до последниот. Една огромна работилница од 7 месеци, четири работилници тука, една изложба, 11 претстави во официјална конкуренција, пет во придружна, секојдневно учество на Скомрахите, Театроск, Разговори на тркалезна маса, промоции на книги, презентации, ден на Горан Стефановски, филм, музика и дружења. Вие драга публико, сте мојата лична победа, затоа вам јас ви се поклонувам! – рече Стојаноска.

Таа на сцената ги покани тимот на фестивалот, вредните волонтери, сите што на некаков начин помогнале за реализирањето на претставата.

Наградата за претстава за уметничко остварување ја доби Театарот „Антон Панов“ од Струмица за „Црна дупка“ од Горан Стефановски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски. За струмичкиот театар оваа награда доаѓа на 75-годишнината од основањето.

-Струмичкиот театар по 45 години од историјата на овој фестивал, ја добива наградата за најдобра претстава, токму оваа година прославува 75 години постоење. Постарите прилепчани ги знаат добрите времиња на струмичкиот театар, кога освојуваше награди. Се надевам дека ова ќе ни биде поттик за следната година, имаме тим, актери, техники, голема благодарност до режисерот Љупчо Ѓоргиевски во името на целиот ансамбл – рече Драган Маџиров, раководител на театарот.

За улогата на Силјан во истата претстава, актерот Васил Михаил ја освои наградата за најдобра машка улога.

-Посебно ми е драго што оваа награда ми се случи според текст на Горан Стефановски, во пиесата базирана на митот за Силјан Штркот, запишан од Марко Цепенков, уште еден прилепчанец. Горан праќа уште подлабока порака а тоа е дека овде во овој живот треба да го побараме она што постојано мислиме дека недостасува. Таа друга страна на животот – љубовта. Ви благодарам – рече Михаил.

Мојата прва професионална претстава беше токму на Прилеп, а ова е моја трета награда токму на „Чернодрински“, моето потекло и корени се од Прилеп. Ви благодарам публико, секогаш е задоволство да се игра пред вас – видно возбудена истакна актерката Дарја Ризова, примајќи ја наградата за најдобра женска улога за претставата „Иванов“.

-Голема благодарност до моите прекрасни колеги од претставата, кои со голем труд влегоа во овој процес и без нив немаше да бидам тука. Благодарам на мојот другар и колега Благој, фала ти што секогаш си тука покрај мене и во најтешките моменти од животот. Оваа награда ја посветувам на нашето долгогодишно другарство – тоа е најважно – рече Ризова.

Нејзиниот колега Ѓорѓи Јолевски ја освои наградата за најдобра споредна улога. Тој истакна дека редовно учествува на речиси секој фестивал.

-Оваа награда ми значи затоа што е награда за тимот што беше на сцената, водена од главниот актер Благој Веселинов, кој беше диригент на таа оркестрација. Благодарниост до целиот тим во МНТ, како мравки работевме на таа претстава и бевме наградени многу од вас, драга прилепска публико – рече Јолевски.

Актерката Анкица Бенинова ја прими наградата за женска епизодна улога.

-За вас постоиме и ќе постоиме и театарот дури и да се распаѓа, ние живееме – рече Бенинова.

Наградата за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Григор Јовановски за улогата на Љвов во „Иванов“. Тој се потсети дека неговиот прв настап на театарска сцена бил токму во Прилеп на сцена со Благоја Спиркоски-Џумерко.

– Оваа награда е благодарение на сите луѓе што се дел од процесот. Благодарам на организацијата на фестивалот, за сè она што го правте за ние да бидеме овде, особено на професорката Ана Стојаноска. Да сте живи и здрави! Прилепската публика е најдобрата што човек може да ја посака – порача Јовановски.

Навистина сум многу возбудена и иако добивам награда за млад актер, сметам дека оваа улога мене сосема ме промени, навистина станав позрела. Се надевам дека нема да биде последна, сакам да се заблагодарам на жирито и на организаторите, рече Јована Миладинова од претставата „Едвард Втори“, наградена за најдобра млада актерка.

-Чест ми е што играв во овој Дом на култура. Навистина сум многу возбудена и иако добивам награда за млад актер, сметам дека оваа улога мене сосема ме промени, навистина станав позрела. Се надевам дека нема да биде последна, сакам да се заблагодарам на жирито, на организаторите – рече Миладинова.

Иван Јерчиќ, директор на Народниот театар од Битола ја прими наградата за колективно остварување. Наградата за најдобра музика за Ристо Вртев ја прими Томе Темелкоски, кој беше дел од музичкиот состав што ја изведуваше музиката во претставата „На дното“ на прилепскиот театар.

-Го затвораме 58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. Ги собираме впечатоците, го собираме уморот, се обидуваме да го одржиме пламенот на креацијата и страста во создавањето нови промени. Обично на вакви вечери, главниот и одговорен за тоа прави рецензија, самоевалуација и се обидува во свечен тон да ја заокружи целата недела што изминала. Јас ветувам дека ќе бидам поинаква. И тоа е дел од промената! – рече Ана Стојаноска.

Во чест на наградените синоќа настапи дуото Добрила и Дориан со нивната прекрасна музика.

Се претера со моторите, граѓаните не спијат навечер, полицијата почна да казнува: Во неколку часа казнети 30 моторциклисти на територијата на СВР Битола

Секторот за внатрешни работи Битола во текот на вчерашниот ден (14.06.2024), во периодот од 18.00 до 24.00 часот продолжи со контролите во областа на сообраќајот.

На територија на СВР Битола изречени се вкупно 30 мерки за возачи кои управуваат мотоцикли, од кои 18 мерки за некористење на заштитна кацига, 9 мерки за непоседување на возачка дозвола.

При контролата откриени биле и 13 останати прекршоци…

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.

Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта – велат од СВР Битола.

Детали за хоророт кој ја вознемири цела Македонија: Мажот ја давел и тепал сопругата, таа се ослободила, па ги убила и него и свекорот

Маж од Кратово ја тепал и ја давел својата сопругата. Таа се ослободила и со нож го убила него и неговиот татко. Што претходело на ужасното двојно убиство кое ја вознемири Македонија?

Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 36 – годишна жителка на Кратово, осомничена дека сторила кривичнo делo – Убиство од член 123 став 3 во врска со став 2 точка 2 од Кривичниот законик.

-При вршење семејно насилство на 13 јуни, осомничената со умисла ги лишила од живот сопругот и свекорот. По претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Од повредите тие починале на лице место, стои во соопштението.

По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка и определи 30-дневен притвор на осомничената.

Битолчанец украл “тико”, по неколку часа го фатиле

На 15.06.2024 во 01.30 часот во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Е.А.(33) од Битола.

Тој се сомничи дека во периодот од 22 до 24.00 часот на 14.06.2024 одзел патничко возило „тико“ со битолски регистарски ознаки, сопственост на З.Т.(48) од Битола.

Возилото било пронајдено и вратено на сопственикот, а лицето било приведено во полициска станица.

По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

(Фото галерија) Во ЦК “Марко Цепенков” отворена изложбата “Испразнетото гнездо”, од уметницата Марија Конеска

Синоќа, 14.06.2024, во Ликовната галерија беше отворена изложбата “Испразнетото гнездо” од уметницата Марија Конеска, во која се говори за емиграцијата.

Изложбата ја отвори Викторија Димеска, историчар на уметност, посочувајќи дека се работи за инсталација со фотографии печатени на пластика, на кои се претставени напуштени куќи, градби и игралишта.

-Со цел да ја акцентира тридимензионалноста во просторот и сегашноста и да го вовлече посетителот како активен учесник во визуелната композициска нарација, уметницата пред фотографиите поставува пластични силуети, претходно исечени со ласер.Поставените силуети потсетуваат на одамна минато време обременето со заборавени уморни ветувања”сенки без спомени”.

Уметницата Конеска со богат визуелен јазик на автентичен начин ја опишува емигрантската приказна и ја претставува животната приказна која ја остава секој иселеник зад себе”-рече Димеска.

ЗНАМ откри кои ќе бидат новите министри за правда и администрација

Игор Филков, роден во 1979 година, е кандидат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за министер за правда, а Горан Минчев (1972) е кандидат за министер за администрација.

Имињата за членови на новата влада од партијата на Максим Димитриевски беа утврдени на седница на партискиот Централен одбор вечерва, а потоа на прес-конференција ги соопшти Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ.

Тој кажа дека преговорите со коалициските партнери во идната влада продолжуваат и за две заменик министерски места, но дека тие се уште не се дефинирани. Исто така, ЗНАМ ќе преговара и за позиции во третиот ешалон односно за директорски функции.

Движење ЗНАМ – За наша Македонија на Парламентарните избори освои шест пратенички места во Собранието, а потпретседателката на партијата, Весна Бендевска, е една од тројцата потпретседатели на Парламентот.

Најдобрата самоуслужна автоперална во Прилеп ве очекува да ги разладите вашите автомобили (ВИДЕО)

Најсовремената самоуслужна автоперална во Прилеп, GALA WASH e повторно со вас! Лоцирана покрај Градската река, на улица “Кеј 1-ви Мај”, GALA WASH е местото каде можете да му пружите најдобра нега на вашето возило, и сето тоа без чекање, сами, а сега и по најниски цени во целиот град.

Цената на еден жетон е само 25 денари, а со тоа добивате 90секунди. Само тука вашето возило можете да го перете со топла вода (55 Степени помешана со шампон), а ако сакате вашиот миленик на четири тркала навистина да заблеска, тогаш на располагање ви е и опцијата за нанесување восок со ладен воден млаз.

Покрај тоа GALA WASH нуди и можност за плакнење на возилото без бришење, со дестилирана вода, а откако добро ќе го светнете возилото однадвор, редно е да се упатите на следната станица, односно добро да ја исчистите внатрешноста. За 1 жетон од 25денари добивате 180 секудни за користење на правосмукалка.

Она што мора да се потенцира е тоа дека автопералната користи исклучиво докажан бренд на хемиски средства, односно од реномираниот белгиски производител NERTA.

На вас останува после дождливото време, да ги посетите и да се уверите во пишаниот збор одблиску.

Малолетник со тешки телесни повреди донесен во прилепската болница, откако паднал од моторцикл

-На 13.06.2024 во СВР Битола било пријавено дека во 18.00 часот во с.Тополчани, прилепско, малолетник од Тополчани, управувајќи мотоцикл без регистарски ознаки, изгубил контрола над мотоциклот и паднал на коловозот.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетен сопатник од Тополчани, констатирани во Градска општа болница во Прилеп.

Увидот го извршила увидна екипа на ОВР Прилеп – информираат од СВР Битола.

„Црна дупка“ на театарот „Антон Панов“ од Струмица – најдобра претстава, седум награди за „Иванов“ на МНТ на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Претставата „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски на Театарот „Антон Панов“ од Струмица ја освои наградата за уметничко остварување на претставата во целина, на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“. Наградите на македонските јазик на денешната прес-конференцијата ги соопшти меѓународното жири во состав Марина Миливојевиќ-Маѓарев, претседател, Марина Катниќ Бакаршиќ и Варја Ѓукиќ, членови. Струмичката претстава доби уште две награди – и тоа за главна машка улога за Васил Михаил за улогата на Силјан и за женска епизодна за Анкица Бенинова за улогата на Сања.

Претставата „Иванов“ од Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, а продукција на Македонскиот народен театар од Скопје освои дури седум награди. Тоа се:

-Награда за рекламен материјал – Зоран Кардула
-Награда за кореографија и сценски движења – Александар Зарапчиев, инструктор за техника на качување и движење на карпа и Нина Деан
-Награда за сценографија – Илина Ангеловска, Тодор Дајевски и Зоја Бузалковска
-Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ – Ѓорѓи Јолевски за улогата на Лебедев
-Награда за главна женска улога – Дарја Ризова за улогата на Саша
-Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ – Григор Јовановски за улогата на Љвов
-Награда за режија – Зоја Бузалковска

Ова се останатите награди на фестивалот.

-Награда за музика – Ристо Вртев за „Дупло дно“ на Театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп
-Награда за костимографија – Симон Мачабели и Раде Василев за „Едвард Втори“ на Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во копродукција со Драмски театар Масалитинов, Пловдив, Бугарија.
-Награда за современа сценска драматизација и адаптација – „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци – Скопје.
-Награда за современ драмски текст не се доделува.
-Награда за млада актерка – Јована Миладинова за Изабел де Валоа во претставата „Едвард Втори“- Театар „Јордан Хаџи Контантинов – Џинот“ Велес и Драмски Театар Масалитинов, Пловдив, Бугарија.

Жирито додели и специјално признание за колективна актерска игра на ансамблот на претставата „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани од Народен театар Битола.

-Сакаме да искажеме задоволство поради можноста да видиме разновидни театарски поетики и жанрови што покажува богатство на продукцијата на современиот театар во Македонија. Посебно сакаме да го нагласиме големиот број на актерски креации на сите генерации актерки и актери. Значајна вредност на фестивалот е инспиративниот театарски амбиент, каде клучен придонес даде публиката. Се заблагодаруваме на целата организација која ни овозможи ваков театарски настан, а посебно тука ги истакнуваме волонтерките и волонтерите – рече актерката Варја Ѓукиќ.

Марина Миливојевиќ-Маѓарев истакна дека претставата „Црна дупка“ има хармоничен однос кон сите елементи на претставата – сценографијата одговара на стилот на претставата, глумата е усогласена со стилот, режисерската е јасна, но не е наметлива, и тоа што е значајно што актерите беа многу професионални и не им влијаеа техничките проблеми што ги имаа. Тие многу одлучно ја водеа својата претстава. Тие покажаа дека ја сакаат својата претстава. И многу е важно да се посочи дека играа дело според авторот во фокус.
Наградите ќе им бидат врачени вечерва на свечена церемонија во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во 19.30 часот, а во чест на наградените ќе настапат Добрила и Дориан дуо. Вечерва ќе биде соопштена и наградата од публика, што се воведе годинава, по пауза од повеќе години.