дома блог страница 55

Битолскиот Универзитет со значителен скок на престижното THE Impact Rankings на Times Higher Education — глобално признание за придонесот кон одржливиот развој

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) со задоволство ја информира јавноста дека е рангиран во THE Impact Rankings на реномираната британска куќа Times Higher Education (THE) — единственото глобално рангирање што го мери придонесот на универзитетите кон 17-те Цели за одржлив развој на Обединетите нации (SDGs).

Ранг-листата е објавена денес, 24.06.2027 година, на веб-адресата:
https://www.timeshighereducation.com/impactrankings

Според објавените резултати, УКЛО е рангиран во опсегот 1001–1500 место на глобално ниво, со особено истакнати резултати (рангиран од 400 до 600 место) кај целите за одржлив развој:

8. Достоинствено вработување и економски раст
16. Мир, правда и силни институции

Што всушност мери ова рангирање?

За разлика од традиционалните светски рангирања, кои го оценуваат академскиот престиж и истражувачката моќ, THE Impact Rankings го мери реалното општествено влијание на универзитетите — нивниот придонес кон одржливоста, инклузијата, климатската акција, квалитетното образование и партнерствата за развој.

Секоја институција се оценува според вкупниот придонес кон остварување на SDG 17 (Целите за одржлив развој), заедно со нејзините пет најдобро рангирани цели.

Се вреднуваат четири димензии:

  • истражувањето;
  • институционалното управување (внатрешни политики и практики на самиот универзитет);
  • активностите кон заедницата (outreach);
  • наставата поврзана со секоја од целите.

Како ова рангирање се разликува од другите релевантни светски рангирања?

Во меѓународниот простор вообичаено се цитираат три престижни референтни рангирања, секое со различна перспектива:

QS World University Rankings — се темели претежно на академска и работодавачка репутација, цитираност и интернационалност. (УКЛО е рангиран на QS европската листа)

THE World University Rankings — ги мери наставата, истражувачката средина, квалитетот на истражувањето, меѓународната ориентираност и приходите од индустрија. (УКЛО е референциран, но не и рангиран)

ARWU (Shanghai Ranking) — е силно насочен кон елитни истражувачки резултати, Нобелови награди и високоцитирани истражувачи. (УКЛО не е рангиран)

Додека овие три рангирања одговараат на прашањето:
„Колку е силен универзитетот академски и репутациски?“

THE Impact Rankings одговара на прашањето:
„Колку универзитетот придонесува за општеството и одржливиот развој?“

Станува збор за комплементарни, а не исклучиви показатели.

Зошто ова рангирање е особено значајно за УКЛО како регионален универзитет?

Рангирањето во THE Impact Rankings има посебно значење за УКЛО токму поради неговата мисија како регионален универзитет длабоко вкоренет во заедницата:

  • Ова рангирање му овозможува на УКЛО, како универзитет со изразено општествено и регионално влијание, да се истакне на глобалната сцена според конкретни и мерливи резултати.
  • Рамката на SDG директно се совпаѓа со приоритетите на европските фондови (Horizon Europe, Erasmus+, Creative Europe), кои сè повеќе ги вреднуваат одржливоста, инклузијата и општественото влијание. Признанието го зајакнува наративот и кредибилитетот на УКЛО при идни апликации и меѓународни партнерства.
  • Овој резултат претставува објективно меѓународно потврдување на улогата што УКЛО ја има во развојот на југозападниот регион — преку образованието, соработката со локалните заедници, институции и стопанството, како и придонесот кон одржлив и инклузивен развој.

Ова рангирање за УКЛО го валидира и учеството во Европската универзитетска алијанса COLOURS, која има мисија усогласена со SDG17 (Целите за одржлив развој).

COLOURS означува: Соработувачки, иновативни, одржливи регионални универзитети
(COLlaborative innOvative sUstainable Regional univerSities)

Рангирањето во THE Impact Rankings е признание дека вистинската вредност на еден универзитет не се мери само со академскиот престиж, туку и со реалниот придонес што го дава за луѓето и заедницата.

За УКЛО, како регионален универзитет, ова е потврда дека неговата мисија — образование во служба на општеството и одржливиот развој — има тежина и видливост на глобално ниво.

Улица ‘Дебарска’ во Битола конечно добива нов лик – започна целосната реконструкција по 30 години негрижа (Фото)

По повеќегодишните проблеми со дотраената инфраструктура, започна реализацијата на проектот за целосна реконструкција на улицата „Дебарска“ во Битола.

Од Општина Битола информираат дека проектот е подготвуван во изминатиот период, а активностите сега влегуваат во фаза на реализација согласно Програмата за развојни планови и договорот со Министерството за транспорт, со обезбедени средства преку унгарскиот кредит од вториот владин повик.

Градежните работи започнаа на првата делница од улицата, односно потегот од улицата „Димитар Влахов“ до улицата „Илинденска“.

Проектот опфаќа целосна реконструкција на инфраструктурата, при што за реконструкција на мешовитата канализација се предвидени 12.148.109 денари, за водоводната линија 4.991.136 денари, додека за реконструкција на коловозот 20.146.392 денари.

Вкупната должина на улицата која ќе биде реконструирана изнесува околу еден километар.

Од локалната самоуправа посочуваат дека по долг период на проблеми, изработен е проект, обезбедени се средства и избрани се изведувачи за целосно уредување на улицата „Дебарска“.

Воедно, од Општина Битола нагласуваат дека инфраструктурните проекти се еден од главните приоритети во 2026 година, со над 900 милиони денари планирани средства за оваа намена.

Денеска е Вртолум, денот кога сонцето се врти кон зима

Денескa правocлавните xpиcтиjaни го пpaзнyваат големиот пpaзник посветен на Светите апостоли Вартоломеј и Варнава, или кај народот познат како Вртолум, а во народното верување ден кога сонцето се врти кон зима. Се верува дека денешниот ден е тежoк празник кога не се работи.

Меѓу празниците од овој период од годината посебно важно место има празникот на светите маченици Вартоломеј и Варнава во народот познат под името Вртолум, што се празнува на 24. јуни според новиот, односно на 11 јуни според стариот календар.

Во некои наши краишта овој ден се смета за тежoк празник поради што не се paботи никaква работа. Овој ден народот го поврзува со вртењето на сонцето.

Имено се верува дека на овој ден сонцето се врти кон зима. Многумина дури верувале дека тоа е видливо, поради што гледале во сонцето за да виделе кога тоа ќе зacтанaло и ќе се завртело.

На Вртолум, според народните верувања, нe cмeeте да се качувате на дрва, и нe смeeте да се капете во река.

Житието сведочи дека светиот апостол Вартоломеј поради проповедање на Христовата вера бил распнат на крст со главата надолу, но се спасил затоа што во тоа време настанал голем земјотрес во кој загинале тие што го мачеле, како судиите така многу народ, а тој останал неповреден. Тоа се сметало за Божја казна кон оние што го клеветеле и што го суделе. Потоа Евангелието го проповедал во Индија, каде што го превел на тамошен јазик Евангелието по Матеј. Потоа се вратил во Еременија каде што од завист поради тоа што ја излекувал царската ќерка од лудило е распнат на крст, одрана му е кожата и отсечена му е главата. Неговиот спомен се празнува на 24 јуни, заедно со споменот на светиот апостол Варнава.

Светиот апостол Варнава (Јосиф), од Кипар, пак, е еден од седумдесетте Христови апостоли. Првото име му било Јосиф, а Варнава е наречен подоцна. На околината оставал впечаток со тоа што ги тешел луѓето, а Варнава значело Син на утеха. Христијанската вера ја ширел и Евенгелието го проповедал заедно со Апостолите Марко и Павел во Антиохија, Рим и Милано. Настрадал на Кипар од Евреите и бил погребан од Марко заедно со Евангелието по Матеј кое што за време на животот го препишал на рака.

Цените на нафтата се враќаат по старо, како пред војната во ИРАН

Цените на нафтата забележаа нов пад на светските берзи откако повеќе бродови поминаа низ клучниот Ормутски теснец. Ваквото раздвижување на теренот е резултат на напредокот во разговорите за решавање на конфликтот меѓу САД и Иран.

Меѓународниот стандард, суровата нафта „Брент“, забележа пад од 0,7 проценти и се тргуваше по цена од 76,30 долари за барел, објави Асошиејтед Прес.

Во изминатите неколку денови со оваа нафта се тргуваше под границата од 80 долари. За споредба, кон крајот на февруари, пред почетокот на воениот конфликт, цената изнесуваше околу 70 долари за барел.

Паралелно, пазарните аналитичари будно ја следат состојбата со глобалните резерви и преминот на танкерите низ кризните подрачја.

„Дејството на цените сугерира дека пазарот очекува прилично брзо закрепнување на залихите на нафта во Персискиот Залив. Сепак, иако премините на бродови низ теснецот се зголемија во последните денови, тие остануваат далеку под нивоата пред војната“, изјавија за АП стратезите за стоки на ING, Ворен Патерсон и Ева Манти.

Истовремено, падна и вредноста на американската сурова нафта „Benchmark“, која исто така се намали за 0,7 проценти и достигна цена од 72,70 долари за барел.

Со пари од Министерството за транспорт, се реконструира улицата “Методија Патчев” во Боротино

Во општина Кривогаштани започна реализацијата на проектот за реконструкција на дел од улицата „Методија Патчев“ во населеното место Боротино, до црквата „Св. Марина“!

-Од денес започнаа градежните активности за реконструкција на дел од улицата „Методија Патчев“ во должина од 188,5 метри, проект кој ќе придонесе за подобрување на локалната патна инфраструктура и полесен пристап на граѓаните до црквата „Св.Марина“ во Боротино. Вкупната вредност на проектот изнесува 1.736.451 денари со ДДВ, а средствата се обезбедени преку Министерството за транспорт, согласно Програмата за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа, информираше на социјалните мрежи градоначалникот на општината, Игор Каравилоски.

Македонскиот кошаркарски стручњак Ивица Јаковлески работеше со еден од најдобрите НБА тренери (ВИДЕО)

Еден од најдобрите скил девелопмент тренери во Европа, Ивица Јаковлевски, работеше со светскиот НБА тренер Ганон Бејкер. Заедно со него беше младиот талентиран прилепчанец Сергеј Стрезоски, кој заедно со Ивица и Ганон ги демонстрираа вежбите. Голема чест и гордост е за Македонија и за нашиот град што еден млад кошаркар, благодарение на тренерот Ивица Јаковлевски, има можност да работи со еден од најдобрите тренери во светот. Браво, Сергеј! Ти си гордост на Прилеп и на Македонија.

Прилепскиот стратег Горан Кузманоски нов предводник на ракометниот клуб Строволу од Кипар

Прилепскиот ракометен стратег Горан Кузманоски ја продолжува својата тренерска кариера во странство. Кипарскиот ракометен клуб Строволу официјално го промовираше Кузманоски за нов главен тренер на машкиот тим.

Кузманоски, кој e од Прилеп, е добро познато име во македонскиот ракомет, како поранешен репрезентативец, така и како тренер кој работи со млади категории и сениорски екипи. Во играчката кариера настапуваше на позицијата среден бек, а го носеше и дресот на македонската репрезентација, со која има запишано 25 настапи и 55 голови.

По завршувањето на богатата играчка кариера, Кузманоски се насочи кон тренерската работа. Беше предводник на РК Прилеп 2010, а потоа работеше и во РК Скопје 2020 и РК Бутел Скопје. Паралелно со клупските обврски, тој е и селектор на машката кадетска репрезентација на Македонија до 18 години, со која обезбеди пласман на Европското првенство кое ќе се одржи во Србија во летниот период.

Од Строволу порачаа дека се среќни што го добиваат Кузманоски како дел од нивното семејство и му посакаа успех во новиот предизвик.

Новиот ангажман е уште една потврда за квалитетот на прилепската ракометна школа и за имињата кои од овој град оставаат трага во македонскиот и европскиот ракомет.

https://www.facebook.com/story.php?story_fbid=122190820448875685&id=61576270554337&rdid=zKAR5GY15FDZIb7z#

Вака се сака Прилеп: Kапа долу дечки! Екипата ќе биде се побројна (Фото галерија)

Иницијативата која што ја започна “МОЈ ПРИЛЕП” за промена на состојбите во градот, наиде на голема поддршка кај прилепчани, и кај младите, но и кај постарите.

На повикот да се помогне околу уредување на некогаш култното игралиште кај интернатот, се јавија десетици доброволци, па сега игралиштето одново изгледа уредно и чисто.

Како изгледаше работната акција ви пренесуваме преку фотографии во продолжение, а сите вие кои сакате да се вклучите и да помогнете, следете го МОЈ ПРИЛЕП и навреме информирајте се за следните работни акции.

(Фото галерија) Страшно невреме направи пустош синоќа во Битола – градоначалникот до доцна во ноќта на терен

Силното невреме кое синоќа ја зафати Битола и околината, со интензивни врнежи од над 40 литри на метар квадратен, предизвика оштетувања на повеќе локации во градот и околните населени места.

Екипи на јавните претпријатија „Нискоградба“, „Водовод“ и „Комуналец“ од раните утрински часови се на терен со својата механизација и оператива, работејќи на расчистување и санирање на последиците од невремето.

Најпогодени се делови од населбите Баир и Бадембалари, како и улиците Дебарска, Бихач и Караорман, каде се констатирани оштетувања на коловозните површини. Активности се спроведуваат и на потегот кон Кравари и Бистрица.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, заедно со директорите на јавните претпријатија, беше на терен и ја координираше работата на екипите со цел што побрзо надминување на состојбите.

„Заедно со директорите сум на терен со цел координирање и санирање на состојбите“, информираше на социјалните мрежи Коњановски.

Надлежните служби продолжуваат со активности на повеќе локации, со цел нормализирање на состојбата по обилните врнежи.

Три држави, три настапи и големи резултати: В.К. Херој испиша историја за велосипедизмот во Прилеп (ФОТО/ВИДЕО)

Неделата, 21 јуни 2026 година, ќе остане запишана како историски ден за Велосипедскиот клуб Херој од Прилеп.

Членовите на клубот настапија на три различни натпревари во три држави – Македонија, Србија и Бугарија, а од овие настапи се вратија со одлични резултати и првите меѓународни успеси во историјата на клубот.

На трката Куп Србије „Улицама Саве Шумановиќа“ која се одржа во Шид, Србија, младото име на В.К. Херој, Константин Костоски, го оствари најголемиот успех за клубот досега.

Костоски, во категоријата јуниори, со својот настап ја донесе првата меѓународна победа за В.К. Херој, бранејќи ги боите на својот матичен клуб. Историски резултат кој е голема награда за трудот, посветеноста и работата на младиот велосипедист.

Уште еден одличен резултат пристигна од Бугарија. На трката Гран Фондо во Велинград, каде настапија повеќе од 200 натпреварувачи, Влатко Лозаноски во категоријата Мастерс успеа да се искачи на второто место.

Лозаноски имаше фантастична борба до самиот финиш, а дополнителна тежина на успехот му дава фактот што со победникот имаа исто време.

Во меѓувреме, на домашен терен, на Државното првенство во МТБ маратон во Крушево, свој настап имаше Андреј Маџоски во сениорска конкуренција.

На исклучително тешка и долга патека, Маџоски храбро го заврши предизвикот и беше многу блиску до место на пиедесталот.

Од В.К. Херој упатија честитки до своите возачи за постигнатите резултати и порачаа дека овој ден е потврда дека клубот оди во вистински правец.

Три настапи, три држави и историски резултати – В.К. Херој продолжува да го испишува своето име на велосипедската карта.