РК Прилеп триумфираше на 11. Меморијален турнир „Миле Нешкоски“

Ракометарите на Прилеп се победници на 11. издание на Меморијалниот ракометен турнир „Миле Нешкоски“, откако во финалниот натпревар убедливо го совладаа Тиквеш со 36-29.

Домашниот состав уште во првото полувреме го најави патот кон трофејот. Избраниците на Наум Танески на паузата заминаа со предност од пет гола, 17-12, а во вториот дел искусно ја контролираа играта и не дозволија противникот да ја загрози победата.

Покрај трофејот за најдобрата екипа, беа доделени и индивидуалните признанија. За најдобар стрелец на турнирот беше прогласен Кристијан Симоноски од Еурофарм Пелистер 2, најдобар голман е Благојче Трајкоски од Прилеп, додека признанието за најкорисен играч (МВП) му припадна на Димитар Димитриоски од домашниот состав.

Третото место го освои Еурофарм Пелистер 2, кој во натпреварот за бронзата славеше против Автокоманда со 32-29. Петтото место му припадна на Бутел Скопје по победата над Младост Богданци со 32-30.

Во рамките на завршната церемонија беа доделени и посебни признанија за придонес во развојот на ракометот во Прилеп. Награди добија спортскиот новинар Миле Талески и спортскиот работник Драган Василески.

Признанието за животно дело му припадна на Димитар Богдан, поранешен голман и некогашен претседател на ТК Бренд.

Со успешно завршување на 11. издание, Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ уште еднаш го потврди своето значење како традиционална ракометна манифестација која го негува споменот на една од најзначајните личности за прилепскиот и македонскиот ракомет.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.