дома блог страница 512

Kaj нас и ова е можно: Полицаец ги известувал дрвокрадците кога ќе има контроли

Полицаец од Тетово доби кривична пријава за злоупотреба на службената должност и овластување, откако им праќал пораки на дрвокрадци кои превезувале бесправно исечени дрва, предупредувајќи ги дека ќе има контроли на пат, соопшти МВР.

„СВР Тетово поднесе кривична пријава против Љ.П.(51) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Во текот на јули 2023 година, пријавениот, во својство на полициски службеник во СВР Тетово, на три лица кои вршеле транспорт на огревни дрва во товарни моторни возила им праќал пораки на мобилните телефони со содржина дека ќе има контроли од негови колеги на автопатот од Кичево кон Скопје и на тој начин го извршил делото“, пишува во полицискиот билтен.

Tри театарски премиери, голем број концерти и изложби – Ова е годишната програма на Центарот за култура “Марко Цепенков”

Со годишната програма за работа  во 2025 година поддржана од Министерството за култура и туризам, ЦК „Марко Цепенков“ ќе реализира доста обемна програма, од речиси сите области. Поддржани се проекти од театарската дејност, од музичко сценската и фолклорна дејност, од визуелните уметности, архитектура, во издавачката дејност, а средства се одделени и за инвестиции.

Театарот „Војдан Чернодрински“ ќе реализира три премиери :

  1. „Три сестри“, од А.П. Чехов, во режија на Дејан Пројковски
  2. „Ловец во ржта“, според Џ.Д. Селинџер, во режија на Мартин Кочовски
  3. „Чиста куќа“ , од Сара Рул, режија Тамара Стојаноска

Министерството за култура и туризам додели средства за одбележувањето на 75 години театар „Војдан Чернодрински“ и за гостувањето со претставата „Бура“ на „Shakespeare Fringe festival“ во Верона.

Со поддршка на Министерството ќе се набават и ќе се инсталираат камери во објектите на НУЦК „Марко Цепенков“ и во театарот „Војдан Чернодрински, со цел зголемување на безбедноста на објектите.

Во музичко сценската дејност ќе се реализираат повеќе концерти.

  1. Концерт на женски камерен хор „Керамија“
  2. Концерт на духовна музика со црковен хор св. Петка
  3. Концерт на Трио Џентелмен – македонска рапсодија
  4. Вечер на творештвото, делото и аранжманите на Драган Ѓаконовски Шпато
  5. Концерт на дуо хармоника и пијано „Вечер на филмска музика“
  6. Целовечерен концерт на Toot kvartet „Џез вечер со Клод Болинг“
  7. Концерт на класична музика на пијано „Дневник“
  8. Dulcia sonant – фестивал на рана музика во Прилеп

А, во фолклорната дејност пари се доделени за  следните проекти:

  1. Концерт на групата „Чалгија саунд систем“ – промоција на нов албум
  2. Работа на уметничката група октет Прилеп
  3. Работа на КУД „Моминок“ – возрасни и подмладок

Проектите од областа на визуелна уметност, архитектура и дизајн, се најмногубројни. Ќе се реализираат дури 26 изложби, и ликовната колонија „Марко Цепенков- Дрен 2025“.

  1. Интернационална ликовна колонија „Марко Цепенков“ – Дрен
  2. Let’s talk abaut plan(t)s, Baby, автор Елена Димоска Николоска
  3. „поВРЗИНО“, автор Стефан Анчевски
  4. Атре (фициелни) факти во проширена реалност, автор Марија Трпеска
  5. „Јас како уметничко дело празна галерија – ново поглавје, автор Методи Исков
  6. „Линиска страпиграфија“, инсталација Давид Атанасоски
  7. „Водени фрагменти“, автор Олгица Антовска
  8. „Насмеани лица и состојби“ од Емил Солески
  9. Проект 75 години театар низ фотографии“
  10. „Круг и град“ од Рафаел Ристовски
  11. „Топлина, сонце и енергија“, автор Мирослав Живковиќ од Ниш
  12. „Падот на ангелите“ од Никола Пијанманов
  13. „Хуманизам и брутализам“ од Синиша Новески
  14. Работилница за мозаик со млади таленти„ Мозаикот денес“ со Александра Димитрова
  15. „Булки“ од Милан Темелкоски
  16. „Рефлексивна привлечност“ од Слободан Милошевски
  17. „Сувенир“ од Милко Несторовски
  18. „Украс“ од Марјана Костојчиновска Узунчева
  19. „Уметност за простор“ од Катерина Деспот
  20. Трансмутирани души“ од Филип Јовески
  21. „Модерни и многуоблични“ од Славчо Павлоски
  22. Годишна изложба на ДЛУП
  23. „55 години ликовно творештво„ од Боро Арсовски Бабата
  24. „Мотиви од Хераклеја“ од Панде Петровски
  25. „Артеизам“ од Владимир Симоновски, Васко Ѓеоргиев, Дејан Макаријовски
  26. „Пејзажни преображенија„ од Данчо Ордев, Ранѓеловиќ и Владимир Лазоски
  27. Изложба на дела од ликовната колонија „Марко Цепенков“ – Дрен

Со поддршка на Министерството за култура и туризам ќе се издава и списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“.

Во  ЦК „Марко Цепенков“ ќе се реализрираат и други изложби, концерти и проекти, на кои како институција  им е дадена согласност да бараат средства, и добиле од Министерството за култура и труизам.

Битола ќе добие нов парк со три игралишта

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, советникот Бојан Бојкоски и претставници од општинската администрација, извршија увид на почетокот на работните активности за изградба на новиот парк во м.в „Областа“. Жителите на овој дел на градот, ќе добијат нов простор за спортско рекреативни активности на површина од 550 м² кој вклучува поставување на урбана опрема и изградба на 3 игралишта: мало фудбалско, кошаркарско и игралиште за деца. Вкупната вредност на овој проект изнесува 2.499.240 денари.

Во овој дел на Битола, се реконструира и улицата „Нико Фундали“, проект со кој опфатена е мешовита канализација, водоводната мрежа и целосна реконструкција на постоечката коловозна лента со реконструкција на тротоарите.

Вкупно предвидени средства за реализација на овој проект се 12.628.225,00 денари, од кои за коловоз 7.506.051,00 денари, за водовод 2.443.398,00 денари и за мешовита канализација 2.678.776,00 денари.

Со комплетирањето на двата проекти, ќе се овозможи заокружување на една целина од инфраструктурни проекти кои значително ќе ги подобрат условите за граѓаните во овој дел на Битола.

Откупувачите понудија пониски откупни цени од оние кои ги бараше Сојузот на тутунски здруженија за престојната реколта (ВИДЕО)

Дестте откупувачи на тутун не ги прифатија откупните цени на тутунот за престојната реколта кои им беа понудени од страна Сојузот на тутунски здруженија. Водејќи се според стариот Правилник за тутун, тутунарите бараа ценењето пак да биде по класи при што првата класа да се вреднува по 510 ден., втората – 450 ден. и третата класа да биде 390 денари, со што би се постигнала просечна откупна цена од околу 430 ден. Понудените цени на откупувачите пак, се движат од 412 до 420 ден. за првата класа, од 312 до 360 ден. за втората, од 250 до 300 ден. за третата и од 115 до 180 денари за дополнителната класа – објави “АЛФА ТВ”

„Од овие бројки може да се заклучи дека најголемите компании ги дадоа најниските цени. Со ова не се сложивме и ова ни дава за право да мислиме дека и оваа реколта ќе биде со анекси на договорите и купување само во прва и втора класа, што за нас не е оправдано.Баравме ние да си ги поткренат цените нормално. Она што му го понудивме беше реална проценка, на класи да си оди и да си го купат тутунот во најдобар ред и квалитетот да се плати“, изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.

Ристески објаснува дека нивните ингеренции како Сојуз, по однос на ова биле дотука. Но, бидејќи не се задовлни од понудените цени, сега тие ќе бараат да се врати стариот Закон кој бил укинат пред 7-8 години, а со кој компаниите се условени кога ќе можат да склучуваат договори.

„Доколку највисоката асоцијација на тутунопроизводители достави негативно мислење за содржината на договорот, откупувачот е должен да го усогласи договорот според мислењето на највисоката асоцијација на тутунопроизводители во рок од пет дена. Бараме законска измена…Значи, без согласност на Сојузот да не можат да склучуваат договори“, посочува Ристески.

Освен овие барања околу откупните цени и договорите, Сојузот продолжува да бара и измена на членовите 43 и 47 од Законот за тутун, а кои се однесуваат на забраната за увоз на суров тутун додека целосно не заврши откупот, како и за полагањето за лиценци.

Инаку, откупот на тутунот од ланската реколта завршува утре, а веќе од понеделник започнува склучувањето на новите договори за годинашната реколта. Од Сојузот појаснуваат дека според Законот, тутунарите се обврзани во рок од еден месец да ги склучат договорите, а со кој откупувач ќе го направат тоа, останува да биде нивни личен избор.

KAРОЛИНА ДУРЛО

Ѓорѓиоски: Потребни се дополнителни економски реформи и вложување во образованието

Д-р Орде Ѓорѓиоски, директор на правни и општи работи во Витаминка, со големо задоволство зеде учество на панел дискусијата „Од истражување до политики: искористување на податоците за праведна миграција“ што се одржа на Економскиот факултет – Скопје.

Претставници од извршната власт, професори од академската јавност, менаџери и раководители од македонски корпорации дискутираа за тоа кои се тековните трендови на миграција, какво е нивното влијание врз пазарот на труд и кои се начините за усогласување на потребите и недостатоците од квалификувана работна сила.

Ѓорѓиески во своето излагање се осврна на потребите од дополнителни економски реформи, вложување во образованието, создавање поволни услови за претприемништво, интернационални партнерства и мобилност на работната сила, со цел олеснување на регуларната миграција и размената на експертиза.

Панел дискусијата беше организирана во рамки на семинарот „Обликување на шеми за одржлива миграција: сознанија од проектот Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција (SKILLS4JUSTICE)“.

Прилеп – дел од Б40 мрежата на балкански градови! (ФОТО)

Имавме чест да учествуваме на 2025 Sofia Summit – B40 Balkan Cities Network, каде што заедно со градоначалници од целиот Балкан дискутиравме за иднината на нашите градови. Фокусот беше ставен на иновациите, зелената транзиција, дигиталната трансформација и економската соработка, како главни двигатели на развојот – информираше на социјалните мрежи, градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески.

-Имавме чест да учествуваме на 2025 Sofia Summit – B40 Balkan Cities Network, каде што заедно со градоначалници од целиот Балкан дискутиравме за иднината на нашите градови. Фокусот беше ставен на иновациите, зелената транзиција, дигиталната трансформација и економската соработка, како главни двигатели на развојот.

На самитот се разменија идеи за:

✔️ Одржливо урбано планирање и зелена енергија
✔️ Паметни градови и дигитални решенија за поефикасно управување
✔️ Јакнење на локалната економија и културната соработка
✔️ Финансиски можности за инфраструктурни и климатски проекти

Овие теми се од особено значење за Прилеп. Нашето учество во оваа мрежа ни овозможува пристап до нови знаења, партнерства и финансиски извори што можат да придонесат за подобар квалитет на живот на нашите сограѓани.

Продолжуваме да работиме посветено за модерен, одржлив и развиен Прилеп – напиша Јовчески.

Позитивно известување за сите корисници на услугите на Минт Финтек Груп. Mint App – сега и на Apple Store!

Позитивно известување за сите корисници на услугите на Минт Финтек Груп.
Mint App – сега и на Apple Store!

Сите финтек услуги на Mint FinTech Group – сега достапни за корисниците на iPhone! Брз пристап до кредити, осигурување, патувања, награди и девизен курс – сè на едно место.

Преземете ја денес: mint.com.mk/mintapp

10 премиери во Битолски театар, прва од нив „Жиголо“ (ФОТО)

Во Битолскиот театар се одржа првата прес конференција за 2025, посветена на првата премиера на Битолскиот театар, „Жиголо“, праизведба на македонскиот текст од авторот Игор Кузмановски во режија на Благој Мицевски. На почетокот директорот Васко Мавровски ги информираше присутните новинари дека за оваа сезона НТБ ќе има 10 премиери, од кои 3 праизведби, една детска претстава, две претстави кои се дел од програмата во основните и средните училишта. Министерството за култура и туризам финансира 4 проекти.

„Црно семе“ – според романот на Ташко Георгиевски (праизведба), режија: Андреј Цветановски,, „ Кога ние мртвите ќе се разбудиме“ – Хенрик Ибзен, режија: Оливер Мицевски, „Магбет“ – Вилијам Шекспир, режија: Сабо К. Иштван (Унгарија), „Госпоѓа Бовари“ – Густав Флобер, режија: Дејан Пројковски. За 11. издание на „Битола Шекспир Фестивал“, Министерството додели 800.000 денари, а од областа на меѓународна дејност: Гостување со претставата „Галеб“ на фестивал во Ереван, Ерменија, буџет: 410.000 денари“, истакнува Мавровски.

Согласно Одлуката на уметничкиот совет по предлог Годишната програма за работа на НУ Народен театар Битола за 2025 година доставена од страна на директорот и Одлуката на Управниот одбор на НУ Народен театар Битола се прифаќаат, за реализација од сопствени средства, следните проекти: 1. „Којзнае зошто?“ – според расказот „Сонот на смешниот човек“ Ф.А. Достоевски, режија: Дамјан Читкушев, копродукција Здружение Купола Штип – независна сцена 2. „Жиголо“ – Игор Кузмановски (праизведба), режија: Благој Мицевски, 3. „Чорбаџи Теодос“ – Васил Иљоски, режија: Дамјан Димовски 4. „Рибарски караници“ – Карло Голдони, режија: Јован Ристовски 5. „Пламенка“ – според романот на Петре Димовски (праизведба), режија: Софија Ристевска Петрушева, копродукција ЗИУ Интимен театар Битола – независна сцена 6. „Пипи Долгиот Чорап“ – Астрид Линдгрен, авторската екипа ќе биде избрана преку интерен оглас на НУ Народен театар Битола.

Во периодот јануари, фебруари 2024, НТБ имал 14 изведби и 3088 посетители, а во истиот период оваа година НТБ имал 20 изведби и 4880 посетители.

„Тоа зборува дека кампањата „Дојдете во театар“ и посветеноста на сите вработени кои деноноќно се во театарот, ги даде своите резултати. Горди сме на тоа што го правиме и јавно изразувам благодарност до секој еден посетител кој одделил дел од своето време и го посетил Битолски театар. Во месец фебруари морам да кажам дека немавме претстава во која имавме празно седиште“.

Најавена беше и Монографијата „Народен театар Битола“, на авторот Иван Додовски, испишана на 310 страници, испечатена од Графопром Битола.
„Сметам дека сме гигант помеѓу театрите и први сме во државата кои успеавме да изработиме монографија која е црно бела“, истакна директорот за Монографијата за која ќе има посебна промоција.

„Жиголо“ е премиера што ги брише границите меѓу маската и вистината Некои приказни се кажуваат. Некои се шепотат. „Жиголо“ е онаа што не можете да ја избегнете – ќе ве најде во очите на ликовите, во паузите меѓу зборовите, во она што се гледа, но никогаш не се кажува гласно. Оваа претстава ја истражува тенката линија меѓу улогите што ги играме и луѓето што навистина сме. Желби што се кријат зад фасади, вистини што се разголуваат во мигот кога светлата ќе згаснат.

„Ова е претстава за искреноста. Нешто што многу ни недостасува и сите го посакуваме. Всушност како неискреноста не води на еден пат, не става во еден вртлог во животот кој потоа тешко се контролира и од кој не може да се излезе. Се занимававме и со тоа што е сега актуелно, карактери позајмени од видео игрите, вештачката интелегенција, виртуелниот свет, кои не ставаат во машина која не носи во вртлогот на животот“, истакна режисерот Мицевски.

Aвторот Игор Кузмановски истакна дека му е чест што е во најстариот театар во Македонија.

„Јас имам напишано повеќе дела, ова е моја прва праизведба. Среќен сум што работев со оваа прекрасна екипа и се надевам дека текстот ќе и се допадне на публиката. Се работи за драма комедија која ги поставува прашањата: Што се сме спремни да направиме за љубовта? Дали постојат граници? Дали сме спремни да преминеме преку истите?“.

Во претставата играат Марјан Георгиевски, Соња Михајлова, Марија Стефановска, Маја Андоновска Илиевски и Никола Пројчевски.

„Ова ми е прва официјална претстава после враќањето од функцијата директор на Центарот за култура, и се радувам што сум дел од еден интересен процес, во кој истражував во себе некои актерски нови патишта. Истражував кој е начинот мојот темперамент да се смири и без навидум никаков напор да се раскаже една комплексна приказна, за луѓе кои секодјневно се дружат, работат, сакаат. Јас го играм ликот на психијатарот Карине, кај кого доаѓаат сите ликови од претствата, и на кој начин луѓето гледаат на менталното здравје денес“, изјави Андоновска Илиевски.

„Ние соработуваме 10 години со Благој, од првата премиера „Без паника“. Отвораме со театарот некои прашања кои се тригер во општеството, посебно кај луѓето кои ќе ја погледнат претставата. Како тие делуваат во односот на нивниот најблизок семеен систем и како истиот тој систем делува во општеството. Колку користиме социјални маски за да можеме да функционираме во општеството“, истакна Марјан Георгиевски.

На тоа актерот Никола Пројчевски додава:

„Раскажуваме и за професија која можеби не е прифатлива во тие општествени рамки. Се отвора прашањето дали треба да сме искрени, во што јас не верувам дека секогаш се треба да кажеме. Верувам дека е важна намерата со која жиголото во претставата одлучува да помогне на својата жена на која и е потребна помош во борбата со нејзината болест“.

„Јас и ликот кој го толкувам имаме нешто заедничко, а тоа е возраста. Во различни фази од животот сите ние поминуваме различни избори, различни провокации од различни страсти, цели, но во третото доба паѓаат маските, изборите и човек се соочува многу повеќе со себеси. После сите премрежја, доживувања и лична драма на губење на партнер, сопруг, фокусот паѓа на други нешта. Во случајот, на ќерката на Елиса. Огледалото во кое се гледа себеси, трагајќи по некоја лична возбуда што животот ќе го направи побогат“, изјавува Соња Михајлова.

Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимите на Благој Мицевски а музиката на Марјан Неќак, драматург е Оливера Павловиќ. Претставата ќе биде реализирана од сопствени средства, а премиерата е закажана за 01 март 2025.

Мицкоски: Апсолутно не размислувам за промена на македонската химна

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски вечерва изјави дека размислува за промена на државниот грб, но апсолутно не размислува за промена на македонската химна, ниту пак, како што кажа, му доаѓа на памет да влегува во таква дискусија.

-Химната е дефинирана во Законот, постои закон за знаме, грб, химна. Таа е дефинирана со закон, којшто е системски и е потребно двотретинско мнозинство. Исто така таа си е дефинирана со текст. Дали некој ќе одлучи како што вие велите, химната да ја емитува со текстот или без текстот, практично е одлука на организаторот. И често пати сум бил на настани во коишто се слуша само мелодијата, но да се менува текстот… мене не ми паѓа на памет да влегувам во било каква расправа за менување на текстот на химнаа, рече Мицкоски во вечерашното интервју во централниот дневник на АЛСАТ-М телевизија.

Мицкоски посочи дека ниту станало збор за таа тема на дискусија меѓу коалициските партнери, и ниту па ќе влегува во каква било расправа во која ќе се менува текст на химна.

Премиерот нагласи дека химната ја отсликува историската генеза на создавањето на оваа држава, додавајќи оти е многу погрешно гледањето на работите за тоа дека химната не ја отсликува мултиетничноста.

-Истото би го кажал и на коалициските партнери ако ме прашаат и за оваа тема. Тогаш влегуваме во една голема замка, тогаш ќе дадеме сто аргументи кои се спротивни на таа теза. Па дури ниту химната на Косово, ако така гледаме, не ја отсликува. Но тоа не е суштината. Суштината е дека оваа држава е создадена врз основа на некакви процеси што се случиле во минатото, што се прераскажани во текстот од химната и ние со тој текст искажуваме почит кон тие процеси, не поради етничката припадност, туку поради тоа што тие процеси и таа жртва во тие процеси се создала оваа држава. И тука нема Македонци, Албанци, Турци, Власи, Бошњаци…, потенцира Мицкоски.

Во однос на промена на грбот и дали има таква иницијатива, Мицкоски рече дека ако има ќе знае јавноста, ќе влезе во Парламентот.

-Ценам дека хералдичкиот симбол земскиот лав е симбол на сите оние генерации кои што живееле во овие простори, и тоа не е некоја тајна. Тој е партиски симбол и на други политички партии, не е само на ВМРО-ДПМНЕ. Таму мојата изјава е резултат на брифинзи кои што излегоа во јавноста во одредени медиуми и претпоставувам дека новинарот кој што мене ми го постави прашањето беше инспириран од тие брифинзи во тие медиуми. И јас дадов одговор внимателен во кој што кажав дека владата во која што беа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кој што ја предводеше Никола Груевски имаше договор за да се смени грбот во државата. И тоа беше мојот одговор, додаде премиерот.

Претседателот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими вчера оцени дека со промената на грбот треба да се смени и химната, за што, според него, има три опции: химна со два текста – едниот за Албанците, другиот за Македонците, химна со еден текст што ќе ги вклучи сите етникуми и ќе може да се пее на сите нивни јазици и химна без текст.

Против промена на химната се изјасни и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, според која, нема потреба за промена на химната. -Апсолутно мислам дека нема потреба од промена на химната. Химната никогаш не одразува сегашност, секогаш одразува историска меморија, генеза. И ние немаме право, замислете јас не сум чула да менуваат луѓе дури и, ако се сеќавате, во рамките на ЕУ, во обидот да се донесе Уставот во 2005 на ЕУ, беше предвидена химна. Не дојде до тоа. Значи целата историја сите народи низ историјата креирале песни или химни коишто се најважниот државен симбол впрочем и затоа незнам колку знаете, текстовите на химните во најголемиот број држави се во Уставот, рече претседателката во изјава за медиуми минатата недела.

Секој ден се крчка и до 6 часа, не треба најавување, има во секое време! Денеска ве носиме да го испробате најдобриот гулаш во Македонија, а го има само во Прилеп

На самиот влез во Прилеп од страната за Скопје, во непосредна близина на бензиската пумпа “Макпетрол”, се наоѓа најмераклиското место во градот под Марковите Кули. Ресторан BEER TI & JA веќе цела година е магнет и главна дестинација за сите гурмани и вљубеници во вкусот на традицијата.

Богата понуда на македонска традиционална храна, пријатен амбиент, културен и искусен персонал, ресторан кој веќе е прогласен дека ја нуди најдобара ЧОРБА во градот, единствено место каде можете да дегустирате вкусен ГУЛАШ во Прилеп, каде редовно можете да го нарачате најголемиот прилепски специјалитет – ШИРДЕНОТ и каде скарата се прави од најквалитетно место.

Ова е само мал дел од понудата која ќе ја најдете во ресторан BEER TI & JA, локал кој зрачи со една поинаква топла енергија и стана еден од препознатливите гурмански брендови на градот под Марковите Кули.

Денеска ве каниме да го испробате токму ГУЛАШОТ, за кој многумина кој имале прилика да направат споредба велат дека е подобар дури и од “МАЏАРСКИОТ”.

Уште доцна во ноќта казанот се подготвува за наредниот ден. Месото е приказна сама по себе, чисто, меко и сочно. Шефовите во кујната вложуваат огромна љубов во приготвувањето на овој специјалитет, а освен врвна мајсторија, вкус и знаење да се стави квалитетно зајре, трпението им е главна особина. За еден добар ГУЛАШ велат потребни се и до 6 часа, за секој залак потоа да биде мевлем за душа.

Она што е најважно гулашот го има редовно во понудата на ресторанот, нема чекање, нема закажување, а во смеа тимот на ресторанот вели: “Гулаш има, се додека не го снема”.

Полниот тајнир ќе го добиете со пресно печено крцкаво лепче, луто пиперче и сето тоа одлично сервирано и погодено….Мх, мх, мх, прсти да си изедеш….

За оние кои немаат време да уживаат во кафанскиот амбиент, има можност да си купат и да си понесат за дома. А кога еднаш ќе им однесат и на домашните, тогаш ГУЛАШОТ ќе им стане редовен неделен оброк на семејната трпеза.

Затоа ако денеска се мислите, како и каде да го поминете семејниот или деловниот ручек, наш предлог е токму ресторан BEER TI & JA.

Постете ги и уживајте во прекрасниот вкус на традицијата!

НАЗДРАВЈЕ!