Премиерот Христијан Мицкоски во Прилеп изврши увид во градежните активности за реконструкција на водоводната мрежа на улицата Кузман Јосифовски и во изградбата на кружниот тек кај мостот „Табана“.
Тој во своето обраќање истакна:
“Би сакал да ја искористам оваа можност да потенцирам дека овие проекти се многу значајни за сите општини во Македонија. Ова што го кажа градоначалникот на Прилеп, но и потпретседателот на Владата и министер за транспорт дека со овие проекти додаваме вредност и го зголемуваме квалитетот на живот е вистина бидејќи имаме повеќе од 1.200 градилишта коишто се резултат на проектот за децентрализација на средства од централниот буџет кон општините. Во оној неврзан муабет со градоначалникот бев информиран дека повеќе од 12 милиони евра се проектите коишто од страна на Владата се финансираат во Прилеп преку оваа програма. И кога на тоа ќе се додадат и средствата коишто Општина Прилеп ги издвојува како средства за капитални инвестиции, плус други програми коишто доаѓаат од другите министерства надвор од оваа програма, тогаш доаѓаме до една огромна бројка и огромна бројка на проекти коишто ќе имаат за задача да го подобрат квалитетот на живот во Прилеп.
Би сакал да ја искористам оваа можност да се заблагодарам на градоначалникот и да честитам за посветената работа којашто ја прави изминатиов период, на советниците коишто ја поддржуваат неговата работа како градоначалник, на пратениците коишто се од Прилеп и коишто се борат за проект повеќе за Прилеп и овој дел од Македонија. Да се заблагодарам се разбира тука и на колегите од Владата, на сите оние коишто учествуваат во реализацијата на овие проекти бидејќи нашата цел како Влада уште на самиот почеток беше да испорачаме што е можно повеќе проекти во рамките на нашите можности со коишто ќе го подобриме онолку колку што можеме квалитетот на живот на нашите сограѓани.
Така што уште еднаш еве честитам на сите и би посакал да се движиме во рамките на роковите коишто се зададени за да овие проекти бидат пуштени во употреба и ја имаат својата полна намена“.
























