Концерт на Драган Даутовски на локалитетот Врбјанска Чука

Здружението за субкултура „ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП“, организатор на фестивалот Prilep Jazz Weekend, го најавува почетокот на јубилејното 15. издание со концерт на еден од најпознатите македонски музичари, Драган Даутовски.

Концертот ќе се одржи на 23 август 2026 година, недела, со почеток во 18:30 часот, на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука.

Со овој настан продолжува традиционалната соработка меѓу Prilep Jazz Weekend и Центарот за истражување на праисторијата, преку која музиката и културното наследство се поврзуваат во уникатен амбиент. Врбјанска Чука и годинава ќе биде место каде посетителите ќе имаат можност да уживаат во музички настап во непосредна близина на еден од значајните археолошки локалитети во регионот.

Организаторите посочуваат дека ваквите настани имаат за цел не само да понудат квалитетна музичка програма, туку и да придонесат кон промоцијата на археолошкото и културното наследство, создавајќи несекојдневно искуство за посетителите.

Од Prilep Jazz Weekend упатуваат благодарност до Општина Прилеп, Општина Кривогаштани, општествено одговорната компанија GURMANO, како и до сите добронамерници кои несебично го поддржуваат реализацијата на настанот.

Овој концерт ќе биде вовед во јубилејното издание на Prilep Jazz Weekend, чија официјална програма ќе биде претставена на 1, 2 и 3 октомври во просториите на НУЦК „Марко Цепенков“.

Со концертот на Драган Даутовски на Врбјанска Чука, Prilep Jazz Weekend уште еднаш ја потврдува својата препознатлива концепција – спој на музиката, културата, историјата и уникатните простори кои му даваат посебна атмосфера на секој фестивалски настан.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.