РК Прилеп во финале! Прилепчани ќе се борат за трофејот на турнирот „Миле Нешкоски“

РК Прилеп 2010 е во финале на Меморијалниот ракометен турнир „Миле Нешкоски“, откако прилепчани ги совладаа двата противника во групната фаза и со максимален учинок обезбедија борба за трофејот.

По убедливата победа над Мулти Есенс од Скопје со 31:26 во четвртокот, избраниците на РК Прилеп 2010 синоќа одиграа уште еден одличен натпревар и го совладаа РК Младост со 31:27.

Прилепчани имаа послабо прво полувреме и на паузата заминаа со негатива од 10:14. Сепак, во вториот дел покажаа карактер, борбеност и огромна енергија. Во последните 15 минути целосно го презедоа натпреварот и направија голем пресврт за победа од 31:27.

Голем придонес во триумфот имаше и голманот Трајкоски, кој со неколку клучни одбрани во финишот го запре налетот на противникот и им овозможи на своите соиграчи да го комплетираат пресвртот.

Во првиот натпревар од групната фаза против Мулти Есенс, најефикасен кај РК Прилеп беше Денис Шабановиќ со осум голови, додека Димитар Димитриоски постигна пет, а Андреј Стојаноски четири погодоци.

Со две победи во групата, РК Прилеп 2010 заслужено се пласираше во големото финале, каде што ќе се бори за трофејот на турнирот „Миле Нешкоски“.

Финалето е закажано за во недела со почеток во 20:00 часот, во салата „Ристе Ристески – Ричко“.

Прилепчани сега се на чекор до трофејот, а поддршката од домашната публика ќе биде дополнителен мотив за освојување на турнирот посветен на една од најзначајните личности во прилепскиот и македонскиот ракомет.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.