дома блог страница 50

Витаминка со подароци за првачињата на своите вработени

Со посебно внимание и радост, Витаминка и оваа година ги израдува првачињата на своите вработени, подготвувајќи им подароци за нивниот прв чекор во училишните клупи.

За најмладите членови на големото семејство на Витаминка беа обезбедени нови ранци, комплетен училишен прибор, брендирани подароци, како и слатки пакети исполнети со омилените вкусови.

Од компанијата упатија честитки до сите првачиња, но и до останатите ученици, со желби за среќен, успешен и исполнет почеток на новата учебна година, со многу знаење, насмевки, нови другарства и незаборавни училишни спомени.

Со оваа традиција, Витаминка уште еднаш покажува дека грижата за своите вработени и нивните семејства е важен дел од корпоративната култура на компанијата.

Велковски: Пензиите ќе се зголемат за 3 до 3,5 проценти, конечниот износ ќе се знае следната недела

Износот на порастот на пензиите ќе се знае на почетокот на септември, а според сите параметри и сознанија ќе биде 3 до 3,5 проценти, вели министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.

– Се чека да заврши август и веќе следната недела ќе ги имаме параметрите и ќе излеземе со конкретни бројки, бидејќи треба да влезат во исплата на септемвриската пензија што ќе се земе на 1 октомври – рече Велковски вечерва во гостување на ТВ Сител.

Тој посочи дека засега останува важечкиот член од законот со процентуално зголемување на пензиите кои претходно со линеарното зголемување беа зголемени за 7.000 денари.

– Дали ќе има дополнителни интервенции, согласно политиките и динамиката како ќе се движат одредени параметри во државата одлуките ќе се носат дополнително. Следното е во март 2027 година. Дотогаш мислам дека има време – посочи министерот Велковски.

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има раст на пензиите од септември, изјави дека за да се заштитат пензионерите, пензиите ќе растат согласно законот, наведувајќи дека кога владата ги зголемила пензиите линеарно, тогаш одредени поедини охрабрени од опозициските партии поднеле иницијатива пред Уставниот суд за негово укинување.

– Да, тоа ќе биде редовно нивелирање, усогласување согласно закон. Знаете дека постоеја иницијативи од страна на поединци во позадина охрабрени од политички партии да пред Уставниот суд покренат тема за линеарното зголемување на пензиите. За да ги заштитиме пензионерите и пензиите, понатаму зголемувањето ќе биде согласно усогласувањата предвидени со закон, рече премиерот Мицкоски.

Денеска сончево и топло време, наместа пороен дожд и засилен ветер

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со пороен дожд, силен ветер и услови за појава на град. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 36 степени.

Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Во попладневните часови наместа ќе има појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината процесите ќе бидат во форма на невреме со пороен дожд, силен ветер и услови за појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 36 степени.

Во новата работна седмица ќе биде сончево и топло, со услови за слаба локална нестабилност во попладневните часови.

Мицкоски: За две години креиравме 17.000 нови работни места, претходната влада нема отворено толку за седум години

Владата, во изминатите две години, почнувајќи од третиот квартал во 2024 година, завршувајќи со вториот квартал од оваа 2026 година, има креирано нови 17.000 работни места, од 691 000 вработени до 708 000 вработени, за разлика од претходната влада, која за седум години нема отворено толку нови работни места, изјави денеска во Берово премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање по посетата на манастирот „Успение на Пресвета Богородица”, Мицкоски кажа дека очекува со отворање на дата – центрите таа бројка да расте и да овозможи враќање на младите кои заминале од земјава.

-Пред два или три дена Државниот завод за статистика излезе со бројка оваа Влада, во изминатите две години, почнувајќи од третиот квартал во 2024 година, завршувајќи со вториот квартал од оваа 2026 година, има креирано нови 17.000 работни места. Од 691 000 вработени до 708 000 вработени. Ако тоа го преточите во бројки ќе сфатите дека претходната влада за седум години нема отворено толку нови работни места, а со оваа индустрија за која што досега зборував (дата центрите) и придружната индустрија која ќе ја сервисира оваа индустрија, јас очекувам голем дел од нашите, посебно млади, кои што се наоѓаат надвор од Македонија да се вратат дома и токму тука и да го продолжат животот со своите семејства. Бидејќи од она што можам да го видам, а посебно во западна Европа состојбата таму не е онаква како што беше пред 5 или 10 години. Затоа имаме амбиција, знаеме каде да ја развиваме земјата и тоа е неповратен пат. Прашањето е дали ние ќе го одиме тој пат или ќе бидеме повторно на дното, и наместо да бидеме активни ние ќе бидеме повторно реактивни, рече премиерот.

Тој кажа дека најмногу нови вработувања има во индустријата.

Утврден распоред на летното и зимското сметање на времето за следните пет години

Европската комисија ги објави официјалните датуми за почеток и крај на летното сметање на времето до 2031 година.

Според важечките правила на Европска Унија, летното сметање на времето започнува последната недела од март и завршува последната недела од октомври секоја година.

Оваа година, зимското сметање на времето ќе почне на 25 октомври, додека летното сметање на времето во 2027 година ќе започне на 28 март и ќе заврши на 31 октомври.

Распоредот е изготвен врз основа на важечките правила, така што тоа не значи дека промената на часовникот дефинитивно ќе остане до 2031 година.

Доколку во меѓувреме се донесат нови регулативи на ЕУ, промената двапати годишно би можела да се укине порано.

ЕУ со години дебатира за укинување на летното и зимското сметање на времето. ЕП во 2019 година усвои нацрт-закон за укинување на зимското и летното сметање на времето во 2021 година, но тоа беше одложено до понатамошно известување бидејќи земјите-членки не можеа да се договорат за тоа кое време треба да се задржи.

Најголемиот празник посветен на Мајката Божја: Православните вepници го празнуваат Успението на Пресвета Богородица – За многу години!

Православните христијани го празнуваат Успението на Пресвета Богородица или како што народот го нарекува Голема Богородица.

Од повеќето празници посветени на пресвета Богородица овој е еден од најзначајните. Затоа народот овој празник го нарекува уште и Голема Богородица. Во македонските цркви и манастири можат да се сретнат прекрасни претстави на настанот што црквата го слави. Обично се наоѓаат над влезната западна врата на црквата.

Инаку, самиот збор успение значи заспивање; поинаку кажано, не се слави смртта, туку вознесувањето на Богородица во небесните живеалишта.

Се слави нејзиното заспивање, бидејќи таа не помина низ смртта како враќање на правот на правот. Веднаш по нејзината смрт таа е земена на небото во Христовите прегратки, вознесена е заедно со телото и станува прв и најголем застапник на луѓето пред Бога.

Според црковното предание, Богородица го завршува својот живот тивко и мирно без никакви болести и страдања и по смртта на нејзиниот син Господ Исус Христос, таа честопати се молела заедно со апостолите Господ Бог да ја земе нејзината душа и да ја пресели на небото. Доживеала длабока старост.

За време на една молитва во Леонската Гора, светиот Архангел Гаврил и’ се јавил и и’ рекол дека за три дни ќе се пресели од овоземниот во небесниот живот. Таа му ја кажала веста на свети апостол Јован, кој, пак, требало да се грижи за неа до крајот на нејзиниот живот. Свети апостол Јован ја објавил веста, која бргу се проширила и сите доаѓале кај Пресвета Богородица да и’ оддадат почит додека се’ уште е жива.

Сево ова се случувало во куќата на светиот апостол Јован каде што Богородица му ја предала својата душа на Господ Исус Христос. Била опкружена со голем број ангели и архангели. Се создал шум и голем облак, а пристигнале сите апостоли да и’ оддадат чест.

Меѓу нив не бил само светиот апостол Тома, по божја промисла. Тој бил далеку од другите апостоли, бидејќи го проповедал христијанството. Богородица првин легнала на одарот и во тоа време во целосна светлина дошол Господ Исус Христос, а таа станала и рекла: „Душата моја го велича Господа и духот мој се зарадува во него“. Веднаш потоа повторно легнала и заспала.

Кога Пресвета Богородица им се јавила на присутните во својот гроб, во нејзина целосна слава и величина, тогаш тие поверувале дека таа од ангелите божји е воздигната од земјата на небото во придружба на голем ангели и архангели, серафими, херувими и светители. Тоа е преминот од земното кон небесното царство, односно од земниот кон вечниот живот.

На иконите, овој празник обично се претставува со иконата со креветот на кој лежи Богородица со рацете вкрстени на градите. На обете страни на креветот се наоѓаат свеќници со запалени свеќи. Кај нозете на Пресвета Богородица Св. Петар поткадува со кандило, а над главата се Св. Апостол Павле и Св. Јован Апостол со главата, додека останатите апостоли стојат наоколу. Над Богородица е Христос кој ја држи душата на Богородица во форма на дете, опкружена со светлина и ангели.

Бидејќи на празникот му претходи двонеделен пост, на 28 август жените одат на причест, затоа што овој ден се смета како празник за сите жени и мајки.

Во некои области, се смета дека во овој период е најдобро да се изберат лековити билки кои третираат разни заболувања, бидејќи најмногу можат да им помогнат на луѓето.

Забраната за движење во шумите продолжена до 30 септември

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по барање на ЈП „Национални шуми“, даде согласност за продолжување на целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште во периодот од 00.00 до 24 часот на територијата со која стопанисува јавното претпријатие.

Забраната се воведува со оглед на зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор, а ќе трае од 1 до 30 септември.

Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште не важи за Министерството за внатрешни работи, Министерство за одбрана, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување – Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП „Национални шуми“, како и за субјектите што вршат шумскостопански активности, шумски работи и заштита на шумите, и лица што имаат писмено одобрение за движење во шумите.

Движењето ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП „Национални шуми“ – Скопје за подрачјето со кое стопанисуваат/управуваат.

За спроведување на забраната одговорни се вработените од ЈП „Национални шуми“, кои вршат дејност заштита, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Шумската полиција и МВР.

Од ЈП „Национални шуми“ укажуваат дека за движење во парк-шумите (на пр.: Водно) и националните паркови граѓаните да се информираат кај правните субјекти што управуваат со овие територии.

По одличната прва проекција, вечер повторно кино на летната сцена во “Цепенков” – Ќе се гледа “Мадагаскар”

По одличната прва проекција минатата недела, на која присутни беа голем број дечиња и нивните родители, баби, дедовци…, од “Мој Прилеп” закажаа летно кино и за оваа недела, а се додека послужат временските прилики, ќе има проекции на летната сцена во “Марко Цепенков”.

Вечерва ќе се гледа првиот дел на култниот долгометражен цртан филм “Мадагаскар”, а почетокот на проекцијата е закажан за 19 часот.

-Мадагаскар победи со 101 глас на анкетата која сите ја креиравме и ја гласавме. Сé е спремно за вечер, се гледаме околу 19:00 со сите оние кои сакаат да се дружиме, вежбаме и играме пред проекцијата во 20:00. Препорака наша е да носите уште по едно резервно блузиче за дечињата, бидејќи денеска сонцето е пуштено на најјако. За останатото се грижиме ние, напишаа од “Мој Прилеп” на Фејсбук.

Родени 3.684 деца во второто тримесечје од годинава

Во второто тримесечје од 2026 година, во споредба со истиот период од 2025 година, бројот на живородените деца изнесува 3.684 и е намален за 3,0 % – покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Бројот на умрените лица во второто тримесечје од 2026 година бележи намалување од 0,6 % во споредба со истото тримесечје од 2025 година и изнесува 4.689 лица, а од нив 10 се умрени доенчиња.

Природниот прираст е негативен и изнесува -1.005, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.

Во ова тримесечје од годината се склучени 2.732 брака и нивниот број е намален за 2,2 % во споредба со истиот период од 2025 година, а регистрирани се и 406 разведени брака.

Кривична за прилепчанец кој со дрво претепал сограѓанин

-ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против И.Р. (26) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 27.07.2026 кај место викано „Темелите“ во населбата „Три багреми“ во Прилеп, по претходна расправија, пријавениот физички го нападнал С.М., употребувајќи дрвен предмет и нанесувајќи му тешка телесна повреда, информираат од МВР.