дома блог страница 481

Легнаа повисоките плати во МВР за 10%

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објава на социјалните мрежи.

Бране го возвраќа ударот (ФОТО)

Продолжуваат препукувањата меѓу ССМ и првиот синдикалец Слободан Трендафилов, и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Најгласен од ВМРО-ДПМНЕ е пратеникот Бране Петрушевски кој во низа прес-конференции ги нападна синдикалците дека се предводени од опозициската СДСМ. Петрушевски го обвини и синдикалецот Стојанче Кашиковски дека земал плата од над 50 илјади денари и како што вели синдикалците Трендафилов и ССМ, не знаат кој од кој има поголеми примања. Овој пат, Трендафилов, во знак на први април, на социјалните мрежи се пошегува со Петрушевски.

А Петрушевски подоцна му возврати на следниот начин:

Хуманитарен тренинг во Прилеп за Кочани – Бидете дел од овој настан и дајте свој придонес!

Време е Прилеп да покаже срце!

На 05.04.2025 во О.О.У. “Рампо Левката”, петмина тренери од Прилеп: Ивона Крстеска, Бети Зин, Александар Наумоски, Ангела Гелинческа и Наумче Трајкоски, заедно ќе тренираат, а собраните средства ќе бидат донирани за семејствата на повредените и загинатите во Кочани.

Влезот за сите заинтересирани е 300 денари, а почетокот на настанот е закажан за 12:00 часот.

Актерот Димитрија Доксевски е избран за нов директор на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“

Актерот Димитрија Доксевски од Скопје, на свечено Собрание на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) е избран за нов директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Според статутот на ДФРМ, мандатот на Доксевски важи за следните две изданија на фестивалот.

– Доксевски ја презентираше Предлог-програмата на фестивалот и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера, соопшти ДФРМ.

Доксевски е македонски филмски и театарски актер, сценарист и продуцент, роден на 28 јули 1983 година во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2006 година во класата на проф. Кирил Ристоски, а во 2014 година магистрирал режија на истиот Факултет во класата на проф. Слободан Унковски. Професионалната кариера ја почнал во Македонскиот народен театар во 2006 година каде останува до 2011 година. Продолжил кратко да работи во Кумановскиот театар во периодот од 2011 до 2013, по што во 2014 година се приклучил на ансамблот на Драмски театар Скопје и до денес е активен член на тој театар. Покрај настапите на матичната сцена, Доксевски има учествувано и во претстави на други театарски сцени низ државава, како и во филмски и телевизиски проекти во и надвор од земјава.

Учествувал во организирање и продуцирање на повеќе театарски претстави, организирање на повеќе од 20 музички настани со артисти од светот, продуцирање и организација на две големи музички (open air) фестивали со повеќе од 20 интернационални изведувачи, како и продуцирање и реализација на кратки филмови, играни видеа за деца и театарски претстави.

Општина Битола изврши целосна контрола на станбените објекти: Од 640 згради, 243 немаат хидрантска мрежа и ПП апарати,

Согласно добиените задолженија од градоначалникот на општина Битола, општинскиот инспекторат изврши контроли на објектите за домување во колективни станбени згради, со цел утврдување на моменталната состојба во зградите во поглед на исполнетоста на обврските согласно Законот за домување, како и понатамошно задолжување за преземање мерки од страна на управителите на зградите и станбените сервиси.

Од страна на одговорните субјекти во зградите, беше побарано да достават информации за тоа дали зградата има хидрантска мрежа, дали хидрантите имаат црева за вода, колку од зградите поседуваат ПП апарати и дали има лица кои што знаат со нив да ракуваат.

Од досега утврдената состојба, констатирано е дека, на територијата на општина Битола, од вкупно 640 згради (согласно Закон за домување, од страна на инспекторот секој влез се утврдува како посебна зграда), 590 се под управување на станбените сервиси, а за останатите во тек е утврдувањето на нивната состојба.

Податоците од станбените сервиси, говорат дека од 590 згради:

Згради со хидрантска мрежа се вкупно 347, од кои 22 поседуваат и ПП апарати
Згради без хидрантска мрежа се вкупно 243 и истите не поседуваат ниту ПП апарати
4 згради имаат план за евакуација

Инспекторот во обука, согласно своите надлежности, достави известувања до сите станбени сервиси со кои истите се упатуваат дека се должни да постапат согласно член 6 став 3 и член 19 став 1 точка 2 од законот за домување и во најкус можен рок да ги отстранат сите неправилности во зградите кои се под нивно управување, а тоа вклучува: одржување, поправка и замена на хидранти, хидрантски црева и други хидрантски делови, набавка на нови противпожарни апарати и редовно сервисирање на постоечките, обезбедување на функционалност на противпожарните скали во зградата, одржување, поправка и сервис на лифтови, лифтовски простории и уреди, како и технички преглед на истите, поправка на оштетените и замена на дотраените фасади, фасадни облоги и елементи на фасади.

Известувањето со констатираната состојба, испратено е и до Државниот комунален инспекторат, како надлежен за постапување и утврдување на состојбата на терен.

Контролите спроведени во училиштата и детските градинки, покажуваат дека овие институции функционираат како безбедни средини. Истите се опремени со противпожарни апарати, како и обучени вработени, додека хидрантски мрежи, има секаде каде што може истите да се инсталираат. За исправноста на ПП апаратите или хидрантската мрежа надлежни се лиценцирани фирми кои ги одржуваат, а секаде каде што ќе се појави потреба од дополнување на опремата, истото ќе биде направено по изготвувањето на финалните извештаи во координација со сите надлежни институции, најдоцна до средината на овој месец.

Видеолотарија со донација за Здружението асоцијација на правата на деца и младинци со попреченост – Ластовица

ВИДЕОЛОТАРИЈА СО ДОНАЦИЈА ЗА ЗДРУЖЕНИЕТО АСОЦИЈАЦИЈА НА ПРАВАТА НА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ СО ПОПРЕЧЕНОСТ – ЛАСТОВИЦА

Видеолотарија Касинос Австрија ја продолжува својата мисија како општестевно одговорна компанија. Обезбедивме донација за здружението Асоцијација на правата на деца и младинци со попреченост – ЛАСТОВИЦА во Скопје.

Видеолотарија Касинос Австрија обезбеди донација за Здружението Асоцијација на правата на деца и младинци со попреченост ЛАСТОВИЦА Скопје. Оваа донација ќе придонесе за подобрување на условите и поддршката која здружението им ја нуди на децата и младите со попреченост.

Со оваа донација ќе се обезбедат:

· опрема и дидактички материјали неопходни за стимулација и поддршка на детскиот развој,

· организација и реализирање на рехабилитациони третмани,

· едукативни програми-изучување на знаковен јазик и Браевото писмо,

· организирање на инклузивни или интерактивни активности и излети, кои ќе помогнат за социјализацијаа и интеграција на децата во секојдневието

Дел од вработените во Видеолотарија Касинос Австрија и доброволно се вклучија во изучувањето на знаковниот јазик. На овој начин сакаме да ја подигнеме свесноста и важноста за знаковниот јазик, но и да стекнеме способност за невербална комуникација. За нас, ова е голема одговорност. И во иднина ќе продолжиме да бидеме дел од иницијативите кои имаат директно влијание врз заедницата. Веруваме дека секое дете заслужува еднакви можности и се надеваме дека со оваа донација ќе им помогнеме да го достигнат својот потенцијал.

Под слоганот „Играј со најдобрите“, Државна Видеолотарија и во иднина ќе продолжи да го развива својот идентитет на модерна и општествено одговорна компанија преку поддршката на проекти кои позитивно ќе влијаат врз заедницата. Само за потсетување, во 2024 нашата посветеност кон оваа цел од која придобивки имаат сите граѓани, ја потврдивме со низа активности за што издвоивме вкупен буџет од 45.980.779 денари.

Започнаа пробите за „Чорбаџи Теодос“ во Битолскиот театар

Народен театар – Битола започна со пробите за својата најнова претстава, познатата битова драма на Васил Иљоски, „Чорбаџи Теодос“. Истата ја режира Дамјан Димовски. Драмата напишана во 1937 година, којашто се смета за врвно уметничко дело на македонскиот драмски писател, е комедија на интрига инспирирана од анегдотата за присилното кумство. Дејството се случува во Скопје, во турско време. Драмата е составена од три чина, а драмското дејствие е развиено во четири етапи.

Истата ја носи пораката дека животот секогаш наоѓа начин да не соочи со сопствените неправди и да не врати на вистинскиот пат. Во претставата играат: Живко Борисовски, Марија Стефановска, Елена Моше, Никола Стефанов, Александар Димитровски, Сандра Грибовска – Илиевска, Никола Пројчевски, Александар Копања, Петар Спировски и Марија Цветановска. Премиерата се очекува на 26.мај.

Изминатиов период во Битолски театар беше промовирана Монографијата „80 години Народен театар Битола“, на авторот д-р. Иван Додовски, испишана на 310 страници, испечатена од Графопром Битола, беше изведена премиерата „Жиголо“, праизведба на македонскиот текст од авторот Игор Кузмановски во режија на Благој Мицевски. Оваа сезона НТБ ќе има вкупно 10 премиери, од кои 3 праизведби, една детска претстава, две претстави кои се дел од програмата во основните и средните училишта. Посетеноста на Битолскиот театар расте од ден на ден, па изминатите месеци немаше претстава во која имаше празно седиште. Во завршна фаза е и опремувањето на новата просторија во која ќе се чува архивата на НТБ, проектирана според барањата на Државниот архив на Република Македонија. Во овој архив, покрај архивските документи од работењето на НТБ кои истовремено се дигитализираат со новиот софтвер за дигитално архивско работење кој е во функција од 01.01.2025 год, ќе се чуваат повеќе од 250 драмски текстови од претстави поставувани на сцената на НТБ а некои од нив стари и повеќе од 60 години. Со сето ова се создава вистинска ризница на книги и текстови кои се во категоријата на културно наследство, истите во најскоро време ќе бидат дигитализирани и достапни за пошироката јавност во е-библиотеката на НТБ.

Пратениците едногласно изгласаа забрана за пиротехника во затворен простор

Со 87 гласа „за“, без гласови против и без воздржани, Собранието го поддржа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Законот беше предложен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и усвоен по скратена постапка. Со ова, се забранува пиротехника во затворен простор, а доколку има следуваат драконски казни.

Измените се резултат на трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, во која загинаа 59 млади лица, а околу 200 беа повредени. Пратеникот Тони Јаревски изјави дека измените се неопходни за да се спречат слични несреќи во иднина.

Со новите измени:

Се забранува користење на експлозивни материи и пиротехнички средства во затворени простории.

Се зголемуваат глобите за прекршителите, а за повторен прекршок се предвидува притвор.

Полицијата добива зголемени надлежности за превенција и постапување во случај на нарушување на јавниот ред и мир.

Паралелно, Министерството за внатрешни работи работи на нов Закон за експлозивни материи за цивилна употреба, со кој детално ќе се регулира оваа област.

Утре и во сабота сите во сала! Стартува борбата за опстанок! Максимално да ги поддржиме ракометарите на ПРИЛЕП

Фото/РК Прилеп/ФБ

Со две средби на домашен терен, ракометарите на РК Прилеп ќе ја започнат битката за опстанок во плеј-аут разигрувањето на Супер лигата.

Најпрво утре (среда), 02.04. со почеток од 19:30 часот, во Прилеп гостува екипата на РК Фрути Ленд Борец од Велес, а потоа во сабота (05.04) со почеток од 18:30ч. доаѓа и екипата на Пролет.

Ова се две средби на кои бодовите мораат да бидат императив, а секако поддршката од публиката не смее да изостане.

Затоа да ја исполнеме трибината во салата на СОУ “Ристе Ристески-Ричко” до последно место, да ги поддржиме момците и да се радуваме на две победи на стартот од плеј-аутот.

Над 340.000 пензионери во државата од денеска ќе добиваат за 2.500 денари повисоки пензии

Над 340.000 пензионери во Република Македонија од денес ќе добиваат за 2500 денари повисока пензија. Со линеарното покачување на пензиите во месец Септември и мартовската пензија во месец Април, пензионерите добиваат за 5000 денари повисоки пензии за само 9 месеци мандат од оваа Влада.

Покачувањето на пензиите беше едно од предизборните ветувања на оваа Влада, која веднаш, на првата владина седница, започна со постапката за нејзино реализирање.

Како Влада и ресорно министерство ја потврдуваме грижата за нашата највозрасна категорија на граѓани. Продолжуваме и понатаму со креирање на политики и мерки кои ќе го унапредуваат квалитетот на живот на пензионерите.