дома блог страница 476

ФК Големо Коњари за утре подготвува големо славје! Екипата ја освои Третата лига Југ (ВИДЕО)

По победата од 10:1 над ФК Влазними, на едно коло пред крајот, екипата на ФК Големо Коњари е шампион во Третата лига Југ и ќе игра бараж за пласман во вториот по ранг фудбалски шампионат на Македонија.

Покрај екипата од прилепско, во баражот се пласирани и екипите на: Шкендија Арачиново, Слога Виница, Преспа од Ресен и Тетекс Тетово.

Од екипата најавуваат големо славје, кое ќе одржи утре (18.05) на стадионот во Големо Коњари, со почеток во 19часот.

Од ФК Големо Коњари ги повикуваат сите поранешни играчи, членови на управа, сите симпатизери, а посебно верните навивачи кои ги бодрат на секој натпревар, да бидат дел од овој историски момент.

Николоски: Следната недела ќе бидам во Лондон, договорот со Велика Британија ќе го потпишеме во кабинетот кој го користел Винстон Черчил

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски вечерва соопшти дека следната недела во Лондон ќе се потпише Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, по принцип Влада со Влада и образложи кога Македонија може да ги очекува првичните бенефити од ваквото партнерство.

-Следната недела ќе патувам за Лондон и ќе ја имам таа чест во името на Владата на Македонија, да го потпишам договорот со Владата на Велика Британија, тоа е договор Влада со Влада, договор кој што ги утврдува овие полиња на економска соработка и оваа рамка од 5 милијарди фунти, односно 6 милијарди евра, кој што се ставаат на располагање на Македонија. Со мене ќе има и други министри од Владата, така што очекувам деновиве да излеземе со детали, но веќе е дефинирано дека посетата ќе биде следната недела и таму ќе имаме средби на највисоко ниво. Еве можам да кажам еден куриозитет кој што мислам дека многу говори за симболиката, знаете во големите држави симболиката многу значи. Најавено е дека потпишувањето ќе биде во кабинетот, кој што Винстон Черчил го користел во Втората светска војна, што мислам дека многу говори за симболиката која сакаат да ја дадат од Велика Британија, да се потпише во кабинетот на историската личност број еден во Велика Британија, истакна вицепремиерот Николоски.

Николоски детално образложи како ќе се одвива постапката по потпишувањето на Договорот за стратешко партнерство се до ратификувањето на поединечните договори и почетокот на работите на терен.

-Нашиот календар е следен, следната недела да се потпише договорот влада со влада. После тој треба да биде ратификуван од страна на македонската Влада и македонското Собрание, како и од страна на британската влада, таму е поедноставна процедурата. После тоа, врз основа на овој договор да почнеме да ги конкретизираме и да ги пишуваме договорите за брзата пруга, за болниците и за финансиската компонента. Истите потоа да бидат презентирани пред Владата и пред Собранието, и еве да не е преамбициозно, но очекувам дека до крајот на летото, не подоцна од крајот на август, се’ ова да биде ефективно, да имаме мобилизација во месеците септември, октомври, и да ги видиме првите машини на терен доколку не’ послужи времето на крајот од октомври и почетокот на ноември, додаде Николоски.

Утре Прилеп ќе биде центар на велосипедизмот во Македонија! За прв пат ќе се одржи велосипедската трка “Трофеј Прилеп”

Во организација на Велосипедскиот клуб “ХЕРОЈ” од Прилеп и Велосипедската федерација на Македонија, утре (недела), 18.05., со почеток од 12 часот, во градот под Марковите Кули ќе се одржи првата велосипедска трка насловена како “Трофеј Прилеп”.

Трката ќе започне од пред Камената бина во центарот на градот, a настанот е поддржан од општина Прилеп и голем број општествено одговорни компании.

Рутата е следна:

Трката е кружна, а стартот е на булевар “Гоце Делчев” од пред споменикот Александар III Македонски во правец на кружен тек кај Основниот суд, каде што се врти лево по ул. “Димо Димоски – Наредникот”. Се продолжува до “Кеј 9-ти Септември”, каде се врти лево се до раскрсницата со ул. “Кузман Јосифоски”, каде повторно се врти лево. На кружниот тек пред домот на културата “Марко Цепенков” се врти десно по булевар “Гоце Делчев” се до кружен тек “Карпалак”, каде се врти 180 степени и се стигнува до целта, која е каде што е стартот. Должина на еден круг е 2.4 километри.

Kругови по категории:

У-13 – 5 круга или 12 километри
У-15 – 6 круга или 14.4 километри
Кадети – 8 круга – 19.2 километри
Јуниори – 15 круга – 36 километри
Жени – 15 круга – 36 километри
Мастерс – 15 круга – 36 километри
Сениори – 20 круга – 48 километри

Кривична пријава за три лица, од кои двајца прилепчани – за запалена викендичка во велешко

-СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Ѓ.П.(56) од село Ореше, општина Чашка, С.М.(40) и Д.Д.(37), двајцата од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Имено, на 10.05.2025 во 10.35 часот во СВР Велес било пријавено дека во близина на село Капиново, општина Чашка, настанал пожар во викенд куќа, сопственост на Д.Ј.(32) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Велес, а повредени лица немало.

По преземени мерки и активности и спроведена истрага од Полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција Велес, Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ и ОВР Прилеп, било утврдено дека Ѓ.П., С.М. и Д.Д., со патничко возило „опел“ со прилепски регистарски ознаки дошле во село Капиново, со употреба на сила влегле во викенд куќата и со запалива течност предизвикале пожар од кој целосно била зафатена куќата. Ѓ.П. и Д.Д. на 16.05.2025 се лишени од слобода и задржани во полициска станица, а се преземаат мерќи за пронаоѓање на С.М. – информираат од МВР.

Вечерва во Дневникот на “Сител”, Николоски ќе соопшти ексклузивни детали за договорите со Велика Британија

-Инвестициски циклус што ќе ја промени Македонија и ќе ја направи поубаво место за живеење, објави Вицепремиерот Александар Николоски.

Николоски посочи дека ќе објави ексклузивни детали за договорите со Велика Британија во вечерашното интервју на ТВ Сител во 19:00 часот.

Прв пат во јавност детали за Договорот за Стратешко Партнерство и Договорот Влада со Влада, потенцира Вицепремиерот Николоски.

Маркукуле дознава: Ова се “тешкашите” кои ќе ја предводат советничката листа на СДСМ во Прилеп

Како што наближуваат локалните избори партиските штабови полека влегуваат во целосна готовност, а веќе се лиферуваат и првите имиња кои ќе се најдат на советничките листи на најголемите политички партии. СДСМ веќе една година е во тешка опозиција, што значи дека не можат да си дозволат луксуз и да чекаат, па токму затоа од партијата веќе ја подготвуваат советничката листа.

Маркукуле од партиски избори дознава кои имиња ќе се најдат на првите четири места, со кои партијата ќе ја бара поддршката од граѓаните во октомври.

Првото место е резервирано за претседателката на ОО СДСМ Прилеп, Петра Лукароска, која ја го презеде партистикиот огранок по катастрофалниот пораз на парламентарните избори минатата година.

Ваднаш зад неа ќе биде Александар Китаноски, актуелен советник кој е еден од најгласните во Советот и можеби со најдолг стаж помеѓу советниците.

Третото место е за претседателот на СДММ во Прилеп, Бојан Цветаноски, син на Мери Цветаноска, поранешната директорка на ЈП за ПУП, која ги набави четирите автобуси од градскиот превоз, во времето кога локалната самоуправа ја предводеше Илија Јованоски.

На четврто место ќе биде Саша Лепиткова, повеќегодишен активист на партијата во Прилеп, која ја предводеше и филијалата на Македонски Пошти во градот под Марковите Кули.

Од друга страна пак, се’ уште се енигма имињата на кандидатите за градоначалници од двете најголемите партии, кои ќе ја бараат поддршката на граѓаните на престојните локални избори.

15 пушки, 6 пиштоли, револвери, муниција…. Битолчанец дома чувал цел арсенал на оружје

ФОТО/илустрација

-СВР Битола поднесе кривична пријава против П.Ј.(69) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“.

Полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле 15 пушки, шест пиштоли, два револвери, 363 парчиња муниција од различен калибар, различни делови од оружје и барут – информираат од СВР Битола.

Прилепчанец фатен во кражба во Битола

На 17.05.2025 во 01.10 часот на ул.„Македонски Гемиџии” во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Е.Б. од Прилеп.

Тој бил затекнат при извршување кражба во плац на правно лице, по што украденото било вратено на сопственикот.

Лицето било задржано во Полициска станица Битола, а по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

(ВИДЕО) Финализира изградбата на новата детска градинка во Битола – се наоѓа во поранешната касарна

Општина Битола активно работи на реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти за најмладите граѓани — изградба на нова детска градинка во просторот на поранешната касарна АРМ.

Со преземање на одговорен и посветен пристап, веднаш по стапувањето на функцијата, градоначалникот Тони Коњановски иницираше детални анализи на состојбата на теренот, при што беа утврдени неопходните чекори за надминување на затекнатите проблеми.

Како дел од подготовките, беше склучен договор за изведба на дренажен систем кој обезбедува заштита на објектот од високи подземни води, со
нивно собирање и одведување кон атмосферската канализација. За оваа активност се инвестирани 4.750.114 денари.

Првата фаза од изградбата на градинката, која опфати изградба на карабина со надворешно застаклување, вклучуваше земјени, бетонски,
армирачки, ѕидарски, изолатерски, столарски и покривачки работи. Вкупната инвестиција за оваа фаза изнесуваше 43.437.192 денари.

Во моментов е во тек втората фаза од проектот, која предвидува изведба на градежно -занаетчиски работи, целосно уредување на внатрешноста,
партерно уредување и оградување на локацијата. За целосно завршување на објектот планирани се 79.594.915 денари.

„Почитувани битолчани, работиме посветено за вас — за нашите граѓани, за нашата иднина, за нашите деца. Ги надминавме затекнатите проблеми на теренот во 2021 година. Денес, градиме иднина. Новата детска градинка во просторот на АРМ е нашата заедничка приказна за успех. Тука ќе се згрижуваат 250 деца. Во моментов се врши поставување на сите инсталации: електрични, водоводни, канализациски и други.

Создаваме простор каде што иднината расте: безбедна, среќна и подготвена за новите предизвици. Затоа што нашата иднина се нашите најмлади,”
изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, за време на увидот во градежните активности.

Градоначалникот уште еднаш нагласи дека во овој период, посебно е ставен акцент на контролите во градинките и училиштата, во насока на
зголемување на безбедноста и континуираната грижа за најмладите, во заедничка соработка и консултација со Дирекцијата за заштита и
спасување, по што се преземаат соодветни мерки во насока на издадените препораки, за дислокација на училници.

Најмногу дожд во Крушево, денеска променливо облачно

Најмногу дожд изминатите 24 часа наврнал во Крушево, 41 литар на метар квадратен.

Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за наврнат воден талог во изминатото деноноќие, до 8 часот се регистрирани 26 литри дожд во Охрид, 24 во Гевгелија, 23 Тополчани, 22 Крива Паланка, Пожар-Радовиш, 21 Прилеп, 19 Лазарополе, 17 Берово, 16 Виница, Маврови Анови, 14 Претор, Пожаране, 13 Штип, 11 Битола, Кавадарци, 10 Демир Капија, 9 Тетово, Попова Шапка, 6 Скопје-Петровец, Куманово, 5 Скопје-Зајчев Рид.

УХМР најави дека времето денеска ќе биде променливо облачно, во западните делови со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Дневната температура ќе биде во интервал од 16 до 22 степенa.Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Дневната температура ќе достигне до 22 степенa.