дома блог страница 45

Пригодни подароци за секое прваче во општина Крушево – Градоначалникот Чонески во обиколка на училиштата во градот и населените места

Со особена радост, градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, ги посети најмалите ученици – крушевските првачиња, по повод почетокот на новата учебна година.

Чонески ги посети двете централни основни училишта, како и дел од подрачните училишта, каде лично им посака среќен и успешен почеток на нивниот образовен пат.

За најмладите ученици беа обезбедени и пригодни подароци, како мал знак на внимание и поддршка за нивниот прв чекор во светот на знаењето.

„Како градоначалник, моја обврска и приоритет е создавање подобри услови за образование, поддршка на учениците и наставниот кадар и градење општина во која секое дете ќе има можност да расте, учи и се развива во сигурна и мотивирачка средина“, порача Чонески.

Тој посочи дека вложувањето во образованието претставува една од највредните инвестиции и најави дека Општина Крушево ќе продолжи посветено да работи на подобрување на условите во училиштата и поддршка на учениците.

За крушевските првачиња, пак, првиот училишен ден претставува почеток на едно ново и возбудливо поглавје – исполнето со нови знаења, пријателства и незаборавни моменти.

На сите првачиња им посакуваме многу успех, љубопитност, нови пријателства и безброј убави моменти во училишните клупи. Нека им биде среќен првиот училишен чекор!

Денеска и утре уписи на УКИМ за новите студенти

Запишувањето на новите студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје започнува денеска, 3 септември, а кандидатите треба особено да внимаваат на термините, потребната документација и уплатите, бидејќи условите не се исти на сите факултети.

Главниот термин за физичко запишување во првиот уписен рок е 3 и 4 септември, согласно со конкурсот на УКИМ. Примените кандидати треба да достават индекс, студентска легитимација, пријавни листови, три фотографии, потврда за уплатени 750 денари за ИКСА на УКИМ, како и дополнителни потврди за трошоци што ги определува конкретниот факултет.

Токму дополнителните уплати може да создадат проблем, бидејќи факултетите имаат различни сметки, приходни шифри, намени на дознаките и износи. Затоа кандидатите треба да користат исклучиво уплатници и инструкции објавени од нивниот факултет.

На повеќето факултети запишувањето може да се заврши на 3 или 4 септември во објавеното работно време, но има и факултети со однапред утврдени распореди.

На ФИНКИ, кандидатите се распоредени според студиската програма. Примените на Софтверско инженерство и информациски системи се запишуваат на 3 септември од 9 часот, а на Интернет, мрежи и безбедност од 11 часот. На 4 септември од 9 часот се запишуваат примените на Примена на информациски технологии, додека останатите се запишуваат од 11 часот. Од ФИНКИ предупредуваат дека кандидатите кои ќе го пропуштат определениот термин може да го изгубат местото.

Распоред има и на Економскиот факултет. На 3 септември се запишуваат кандидатите за Меѓународна трговија и Финансии, а на 4 септември оние за Сметководство и ревизија и Маркетинг. Кандидатите кои го пропуштиле својот термин треба веднаш да се обратат во студентската служба, наместо самостојно да претпостават дека можат да дојдат наредниот ден.

Особено внимание треба да се посвети на образецот ВОИ.20, кој повеќе не се пополнува на хартија, туку електронски преку Националниот портал за е-услуги. За негово пополнување е потребен активен кориснички профил на ниско ниво.

Кандидатите кои имаат само основен профил треба да го надградат во центар „Една точка за услуги“ или во подрачна единица на Управата за јавни приходи, со документ за идентификација. Оние кои веќе имаат корисничка сметка на УЈП можат да се најават со постојните податоци.

По поднесувањето, системот генерира образец и потврда за успешно доставување. Факултетите имаат различни упатства за тоа што треба да се испечати и предаде, како и што да се внесе во полето „број на индекс“. На пример, Економскиот, Правниот и Стоматолошкиот факултет бараат да се внесе „бруцош“, додека Филолошкиот факултет бара „0000“.

Бидејќи не постои единствен рок на ниво на УКИМ за дополнително доставување на ВОИ.20, кандидатите не треба да претпоставуваат дека документот ќе може да се достави подоцна. Неколку факултети предупредуваат дека без образецот запишувањето нема да може да се заврши.

Дополнителните трошоци, како и цените на индексот, студентската легитимација, пријавните листови и фотографиите, не се опфатени во наведените износи за првата рата. Доколку сумата е наведена во евра, плаќањето се врши во денарска противвредност според средниот курс на НБРСМ на денот на уплатата.

Нов јавен повик за финансии за спортските клубови, кошарката ќе добие доволно средства за влез во Прва лига

Општина Прилеп по втор пат годинава објави јавен повик за за распределба на финансиски средства од Буџетот на општината наменети за финансисрање на спортски клубови, здруженија на граѓани и фондации.

Ова е втора шанса за спортот и граѓанскиот сектор да добие буџетски средства за реализација на своите планови, програми и проекти.

Јавниот повик и Формуларите за аплицирање можат да се видат ТУКА

Спортската јавност во Прилеп особено се надева дека овојпат повеќе средства ќе добие и кошаркарскиот клуб Мега Баскет, екипа која се надева дека со доволна поддршка ќе успее да ја врати прволигашката кошарка во Прилеп.

Шанса гледаат и другите спортски клубови, како во индивидувални спортови, така и во колективни, кои имаа големи планови во новата натпреварувачка сезона.

ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА ПАРТНЕР НА МЕМОРИЈАЛНИОТ ТУРНИР ВО МАЛ ФУДБАЛ „ОЛИВЕР СОКОЛОВ – СОКОЛ“

Во тек е 22-рото издание на Меморијалниот турнир во мал фудбал „Оливер Соколов – Сокол“, традиционален спортски настан кој секоја година ги обединува љубителите на фудбалот, младите спортисти и локалната заедница.

Турнирот традиционално започнува на 1 септември, со натпреварите на игралиштето „Сокол“. Видеолотарија Касинос Австрија и годинава обезбеди поддршка за турнирот. Со ова партнерство, уште еднаш ја потврдуваме својата определба за поддршка на спортот, спортските вредности и создавањето можности младите да бидат дел од позитивни, активни и инспиративни средини.

„Огромна благодарност до Видеолотарија Касинос Австрија за довербата, континуитетот и силната поддршка. Поддршката од компании кои препознаваат колку спортот значи за младите и за заедницата е исклучително важна за турнирот да продолжи да расте и да ја гради својата традиција,“ истакнуваат организаторите.

За Видеолотарија Касинос Австрија, партнерството е дел од стратегијата за општествена одговорност и континуирана поддршка на спортот. Со поддршката на ваквите настани, придонесуваме во создавањето средина во која спортот и младите имаат свое заслужено место.

Девојката со ангелски глас од Прилеп блесна на “Охрид Фест” и освои награда за најуспешна композиција

Младата и талентирана прилепска пејачка Марија Наумоска продолжува со сигурни чекори да го гради своето име на македонската музичка сцена. По настапот на Макфест минатата година, Марија оствари уште еден значаен успех – од Охрид Фест се врати со награда за најуспешна композиција.

На 27 август, Марија Наумоска настапи на втората фестивалска вечер на Охрид Фест – Охридски трубадури, во рамки на интернационалната поп вечер, каде со својот настап уште еднаш покажа дека пред неа е сериозна музичка кариера.

Песната со која настапи е дело на Митко Чешларов, кој ги потпишува музиката и текстот, додека аранжманот е на Стефан Петановски.

Нејзиниот настап беше препознаен и награден со признание за најуспешна композиција, награда доделена од Naxi Radio, која на Марија лично ѝ ја врачи директорката на радиото, Маја Раковиќ.

За Марија ова е особено значаен успех, бидејќи станува збор за нејзина втора фестивалска песна, по настапот на Макфест 2025, каде ја изведе песната „Го сакам дождот“, дело на Дарко Андонов.

Токму овие настапи покажуваат дека Марија Наумоска постепено, но сигурно го гради својот музички пат, со песни кои ѝ овозможуваат да се претстави пред сè поголема публика и да стекнува нови искуства на големите фестивалски сцени.

А музичката приказна продолжува. Марија веќе се подготвува за својот следен настап на Макфест, фестивалот кој годинава ќе се одржи на 23 октомври.

Млад талент, голема љубов кон музиката и сè посериозни фестивалски искуства – Марија Наумоска од Прилеп е име кое допрва ќе го слушаме сè почесто на македонската музичка сцена.

Во продолжение погледнете слушнете ја песната “Вечерва” со која Марија настапи на “Охрид Фест”:

УХМР предупредува: Попладне поројни дождови, грмежи и можна појава на град

Денеска не очекува сончево и топло време со мала до умерена локална облачност, но во попладневните часови се очекува дестабилизација проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Според метеоролошките најави, процесите на одделни места ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме со силен ветер, пороен дожд, грмежи и можност за појава на град. Ќе дува умерен, а повремено и засилен ветер од северен правец.

Минималната температура ќе се движи во интервал од 13 до 21 степен, додека максималната ќе достигне од 28 до 35 степени.

Во Скопје времето исто така ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме проследено со пороен дожд, силен ветер, грмежи и можна појава на град. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, каде минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 35 степени.

Утре претпладне продолжува сончевото и топло време, а во попладневните часови повторно ќе има појава на нестабилност со засилен ветер, пороен дожд и грмежи. Локално, процесите ќе преминат во невреме проследено со силен ветер и град.

Според прогнозата, сончево и топло време со мала до умерена облачност ќе се задржи до почетокот на следната седмица, а во петок ќе дува засилен до силен ветер, претежно од северен правец.

Четири дена, четири коктел приказни: Еве што ве очекува оваа недела во AVRA

Има недели кога доволно е само добро друштво, пријатна атмосфера и коктел направен токму по ваш вкус. А оваа недела во AVRA Bites & Cocktails секој ден носи нова причина за наздравување.

Од освежителни Gin & Tonic комбинации, преку елегантни Martini варијации, па сè до Paloma коктели и совршено балансирани Sour вкусови, AVRA подготви четири различни коктел концепти, распоредени во четири дена.

Затоа, доколку барате добро место за почеток на викендот, продолжување на вечерта или опуштено неделно уживање, погледнете што ве очекува од 3 до 6 септември.

ЧЕТВРТОК, 03 СЕПТЕМВРИ – GIN & TONIC DAY

Неделната коктел приказна започнува со еден од најпознатите класици – Gin & Tonic, но во шест различни и освежителни комбинации.

На менито се:

✨ Classic G&T
✨ Strawberry G&T
✨ Mango Chili G&T
✨ Cucumber Elderflower G&T
✨ Basil & Lemon G&T
✨ Pear & Rosemary G&T

Промотивна цена: 230 МКД

Четвртокот е идеален момент за да изберете омилена комбинација и да уживате во свежи вкусови и пријатна атмосфера во AVRA.

ПЕТОК, 04 СЕПТЕМВРИ – MARTINI CLUB

Петок е резервиран за елеганција во чаша.

AVRA ве поканува на Martini вечер со избор од пет различни варијации, создадени за оние кои сакаат малку поинаков почеток на викендот.

🍸 Red Martini
🍑 Peachy Martini
☕ Espresso Martini
✨ Pornstar Martini
🍏 Emerald Apple Martini

Промотивна цена: 260 МКД

Соберете го друштвото, изберете го вашиот Martini и започнете го викендот во вистински стил.

САБОТА, 05 СЕПТЕМВРИ – PALOMA ALL DAY & NIGHT

Саботата во AVRA е посветена на еден од омилените освежителни коктели – Paloma.

Во текот на целиот ден и ноќ ве очекуваат четири различни варијации:

🍊 Classic Paloma
🔥 Spicy Paloma
🥂 Kumova Paloma
💨 Smoky Paloma

Различни вкусови, различен карактер, но иста идеја – совршено освежување и одлична атмосфера за саботна вечер.

Промотивна цена: 270 МКД

НЕДЕЛА, 06 СЕПТЕМВРИ – SOUR COCKTAILS ALL DAY

Викендот се заокружува со совршен баланс помеѓу слатко и кисело.

Во недела, цел ден во AVRA ќе се подготвуваат специјални Sour коктели:

🥃 Vodka Sour
🥃 Tequila Sour
🥃 Whiskey Sour
🥃 Amaretto Sour
🥃 Aperol Sour
🥃 Gin Sour

Промотивна цена: 230 МКД

За крај на викендот, доволно е само да го изберете вашиот омилен вкус, да се опуштите и да уживате во разговорите со друштвото.

Новата коктел агенда во AVRA Bites & Cocktails е создадена за сите оние кои сакаат секое излегување да биде малку поинакво.

A за поканата да биде уште повеќе примамлива, ќе се погрижи и кујната на AVRA, која полека но сигурно прераснува во врвен кулинарски бренд на Прилеп.

Резервирај маса на: 078 564 477

Изберете го денот, изберете го коктелот и препуштете се на AVRA experience.

Прилепчанец возел ем пијан, ем без возачка

-На 01.09.2026 во 12:30 часот на ул.„Тризла” во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода М.Л.(34) од Прилеп. При контрола во сообраќајот полициските службеници сопреле мопед, управуван од М.Л., при што било констатирано дека го управува без да поседува возачка дозвола и под дејство на алкохол, односно му биле измерени 2,80 промили алкохол во крвта. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок, информираат од МВР.

3.000 денари за секое прваче – Дали е тоа доволно?

Општина Прилеп го објави Јавниот повик бр. 01/2026 за доделување еднократна парична помош во висина од 3.000 денари за секое дете кое за првпат е запишано во прво одделение во основните училишта на територијата на општината за учебната 2026/2027 година.

Право на финансиската поддршка имаат родителите или старателите кои се жители на Општина Прилеп и чие дете е запишано како прваче во основно училиште на територијата на општината.

Јавниот повик е отворен од 2 до 18 септември 2026 година, а заинтересираните родители/старатели потребно е да поднесат барање со целокупната потребна документација до Архивата на Општина Прилеп.

Јавниот повик е во продолжение:

Предмет на повикот

Се повикуваат сите заинтересирани родители или старатели, кои се жители на Општина Прилеп, а чие дете за првпат е запишано во прво одделение во основно училиште на територија на Општина Прилеп, да поднесат барање за остварување на правото на еднократна парична помош во висина од 3.000 денари по дете.

Услови за учество

Право на користење на еднократна парична помош можат да остварат физички лица кои ги исполнуваат следните услови:

Се жители (имаат живеалиште) на територија на Општина Прилеп.
Имаат дете прваче запишано за првпат во основно училиште на територија на Општина Прилеп за тековната учебна година.

III. Потребна документација

За остварување на правото, подносителот (родител/старател) задолжително ја поднесува следнава документација:

-Барање за остварување на правото на еднократна парична помош (образецот е достапен во Архивата на Општина Прилеп и на официјалната веб-страница на Општина Прилеп).
-Фотокопија од важечки документ за идентификација (лична карта или пасош) на барателот.
-Копија од трансакциска сметка на име на барателот.
-Копија од извод од матичната книга на родените за детето.
-Потврда за запишан ученик во прво одделение заверена од основното училиште – оригинал.
-Копија од решение за старател (само во случај кога барателот е старател на детето).

Важна напомена: Документите под точки 1, 2, 3, 4 и 6 се приложуваат во копија, додека потврдата од училиштето (точка 5) задолжително се доставува во оригинал. При поднесувањето на барањето составен дел е и изјавата за користење и обработка на личните податоци, како и изјава за точност и реалност на податоците во приложената документација.

Начин и рок на поднесување

Барањето со целокупната потребна документација се доставува до Општина Прилеп на адреса Прилепски бранители бр. 1, 7500 Прилеп, преку Архивата на Општина Прилеп (во приемното одделение на општината).

На ковертот треба да има назнака:

ЈАВЕН ПОВИК бр.01/2026 за доделување на еднократна парична помош за ученици запишани во прво одделение во основните училишта на територија на Општина Прилеп за учебната 2026/2027 година.

Рок за поднесување: Јавниот повик е отворен од 02.09.2026 до 18.09.2026 година. Нецелосните барања и барањата поднесени по истекот на рокот нема да бидат разгледувани.

Постапка по јавниот повик

По завршување на рокот, Комисијата за општествени дејности и заштита на правата на децата ќе изврши разгледување и проверка на поднесените документи.

Комисијата ќе изготви записник со листа на прифатливи баратели. Врз основа на записникот, Градоначалникот на Општина Прилеп донесува поединечни решенија. Конечната листа на лица кои го оствариле правото на парична помош ќе биде објавена на официјалната интернет страница на Општина Прилеп, по што средствата ќе бидат пуштени на трансакциските сметки на корисниците.

ПРЕЗЕМИ БАРАЊЕ

ПРЕЗЕМИ Јавен повик

 

Најновата Победа во сабота во село Могила на пријателска средба

Новоформираниот ГФК Победа го започнува своето фудбалско патување, а првиот чекор ќе го направи овој викенд со пријателски натпревар против ФК Могила.

Средбата е закажана за недела, на стадионот „Димко Сарванов – Могилчето“ во село Могила, со почеток во 17:00 часот. За новиот клуб ова ќе биде прва можност за излегување на терен и почеток на една нова фудбалска приказна.

Од ГФК Победа ги повикуваат сите љубители на фудбалот, спортисти и поддржувачи да бидат дел од овој почеток и да им дадат поддршка на фудбалерите на првиот натпревар.