Младата и талентирана прилепска пејачка Марија Наумоска продолжува со сигурни чекори да го гради своето име на македонската музичка сцена. По настапот на Макфест минатата година, Марија оствари уште еден значаен успех – од Охрид Фест се врати со награда за најуспешна композиција.
На 27 август, Марија Наумоска настапи на втората фестивалска вечер на Охрид Фест – Охридски трубадури, во рамки на интернационалната поп вечер, каде со својот настап уште еднаш покажа дека пред неа е сериозна музичка кариера.
Песната со која настапи е дело на Митко Чешларов, кој ги потпишува музиката и текстот, додека аранжманот е на Стефан Петановски.
Нејзиниот настап беше препознаен и награден со признание за најуспешна композиција, награда доделена од Naxi Radio, која на Марија лично ѝ ја врачи директорката на радиото, Маја Раковиќ.
За Марија ова е особено значаен успех, бидејќи станува збор за нејзина втора фестивалска песна, по настапот на Макфест 2025, каде ја изведе песната „Го сакам дождот“, дело на Дарко Андонов.
Токму овие настапи покажуваат дека Марија Наумоска постепено, но сигурно го гради својот музички пат, со песни кои ѝ овозможуваат да се претстави пред сè поголема публика и да стекнува нови искуства на големите фестивалски сцени.
А музичката приказна продолжува. Марија веќе се подготвува за својот следен настап на Макфест, фестивалот кој годинава ќе се одржи на 23 октомври.
Млад талент, голема љубов кон музиката и сè посериозни фестивалски искуства – Марија Наумоска од Прилеп е име кое допрва ќе го слушаме сè почесто на македонската музичка сцена.
Во продолжение погледнете слушнете ја песната “Вечерва” со која Марија настапи на “Охрид Фест”:


























