дома блог страница 44

Забава за првачињата во градскиот парк во Битола – Најмалите ученици се возеа во вовчето “Мечо”, се дружеа со Заги, пееја и уживаа (Фото галерија)

Голема првоодделенска забава денеска се одржа во Градскиот парк во Битола, каде со многу музика, дружење, подароци и забавни активности беше одбележан почетокот на новото училишно патување на првачињата од Општина Битола.

Втора година по ред, Општина Битола ја организира „Училишна приказна“, настан наменет за најмладите ученици, со кој им беше посакана успешна и среќна учебна година.

Возењето со „Мечо“, дружењето со ЗАГИ, училишните точки и подароците беа само дел од содржините кои ги очекуваа првачињата, претворајќи го Градскиот парк во место исполнето со детска смеа, радост и позитивна енергија.

На првачињата, нивните семејства и наставниците, од името на Општина Битола успешна учебна година им посака секретарот Борче Димитровски, кој ја истакна важноста на првите училишни чекори, новите пријателства и желбата за знаење.

„Драги првоодделенци, голема е радоста што денеска заедно со вас сме на оваа училишна приказна, на почетокот на вашето училишно патување кога се отвораат вратите кон светот на знаењето. На ова патување ќе научите и да читате и да пишувате, но и да се дружите со новите пријатели. Знаењето е клуч кој ги отвора големите врати“, порача Димитровски.

Тој нагласи дека Општина Битола продолжува да вложува во подобрување на условите за учење и развој на учениците, вклучително и преку изградба и унапредување на спортската инфраструктура во училиштата.

„Во мое и во име на градоначалникот Тони Коњановски ви посакувам успешна година, радосни, среќни, вредни и упорни да бидете во светот на образованието“, им порача секретарот на Општина Битола.

Димитровски упати честитки и до сите ученици од повисоките одделенија и класови, посакувајќи им успешен и среќен почеток на новата учебна година.

Со „Училишна приказна“, Градскиот парк денеска беше исполнет со детска насмевка и енергија, а пораката од настанот беше едноставна – првиот училишен ден е почеток на едно ново патување исполнето со знаење, нови пријателства и убави спомени.

Настанот го организира Општина Битола во соработка со ЈП „Паркинзи“, а со својата поддршка се вклучија и Зоолошката градина, Културно-информативниот центар, НУУБ „Св. Климент Охридски“, Црвениот крст, АМД „Ѓорѓи Наумов“, „БиМилк“ и „Пелистерка“.

Мицкоски: Опозицијата жали и тагува зошто Македонија оди напред, а не е вовлечена во нивното политичко мочуриште

Во вториот квартал, во второто тромесечие имаме исклучително висока економска активност и зголемен БДП од 4,3%. Тоа е уште една лоша вест за опозицијата, која претпоставувам сега жаи и тагува зошто Македонија оди напред, а не е вовлечена во нивното политичко мочуриште на лаги, клевети, измислици и конструкции, истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Премиерот порача дека државата ќе продолжи да оди напред.

-Македонија ќе продолжи да оди напред. Не е лесно, не се сите проблеми решени бидејќи многу проблеми се наследени. Она што е важно е дека работиме и дека се трудиме сето она што е наследено да го решаваме, а нови проблеми да не создаваме. Резултатите после 25-26 месеци, еве, конечно излегуваат на површина. Имаме раст на индустриско производство, стабилизирана инфлација. овој раст од 4,3% кога ќе се додаде растот во првото тромесечие од 3,1% дава една бројка од 3,7% во првото полугодие од годинава, што е еден од најсилните во Европа. Сега повторно ги повикувам оние на социјалните медиуми да почнат да ме исмејуваат, но јас ќе си стојам на мојот став дека ова е еден од четирите најголеми растови на БДП, рече Мицкоски.

Сит работник е задоволен и продуктивен работник – Inn Ketering од Прилеп е вистинското решение за секоја компанија

Кога во една компанија има десетици, стотици или повеќе вработени, организирањето квалитетен оброк за сите не е едноставна задача. Потребна е добра организација, разновидно мени, свежи намирници, професионална подготовка и, најважно, доверлив партнер.

Токму тука својата приказна ја гради Inn Ketering од Прилеп, кој покрај кетерингот за прослави и свечености, нуди практично решение и за фирми и компании кои сакаат да обезбедат квалитетна храна за своите вработени.

Од внимателната подготовка на намирниците, преку готвењето и порционирањето, па сè до пакувањето и доставата, секој оброк се подготвува со внимание. Во видеото на Inn Ketering може да се види целиот процес, од кујната до готовите, индивидуално спакувани оброци, подготвени да стигнат до оние за кои се наменети.

Идејата е едноставна, вработените да добијат вкусен, свеж и квалитетен оброк, а компаниите да имаат организирана услуга на која можат да се потпрат.

Понудата може да биде прилагодена според потребите на компанијата, бројот на вработени и начинот на кој е организиран работниот ден. Тоа значи можност за разновидни менија, организирана достава, без компанијата да мора да се грижи за целата логистика.

А зад оваа услуга стои искуство кое Inn Ketering го гради со години.

Тимот на Inn Ketering веќе има реализирано голем број кетеринг-ангажмани, од семејни прослави и свадби, до коктели и приватни настани. Знаењето, кулинарската умешност и професионалниот пристап сега се ставаат во функција и на секојдневната исхрана во работната средина.

Затоа, доколку сте сопственик на компанија која сака да им понуди на своите вработени квалитетен и разновиден оброк во текот на работниот ден, наместо секојдневно да губите време во организација, Inn Ketering може да биде вашиот партнер.

Помала, средна или голема компанија, потребите се различни, но квалитетниот оброк е важен за продуктивноста и задоволството на секој вработен.

Со професионална кујна, искусен тим, организирана подготовка и достава, Inn Ketering создава решение кое им носи бенефит и на компаниите и на нивните вработени.

За повеќе информации и договор околу понудата, контактирајте го тимот на Inn Ketering на 079 266 284

Inn Ketering – квалитетна храна, професионална услуга и оброк кој стигнува таму каде што е најпотребен.

ИСТОРИЈА, МАКЕДОНИЈА има нов национален херој, а тоа е прилепчанецот Матеј Белистојаноски

Македонија има нов спортски херој! Матеј Белистојаноски освои златен медал на Медитеранските игри во Таранто, Италија, остварувајќи фантастичен настап и стигнувајќи до врвот со импресивна серија победи.

Младиот македонски каратист блесна на татамито во Таранто и го освои златниот медал во својата категорија, носејќи ѝ на Македонија едно од најзначајните одличја на овогодинешните Медитерански игри.

Белистојаноски до златото стигна со доминантни настапи во сите борби. Во првата борба славеше против претставникот на Сирија со 6:1, по што следуваше голем триумф над домашниот претставник од Италија со 2:0, актуелен европски првак.

Во полуфиналната борба македонскиот репрезентативец беше убедлив и против каратистот од Грција, кого го совлада со 5:1, со што обезбеди пласман во големото финале.

Таму следуваше уште една извонредна претстава.

Во борбата за златото, Белистојаноски го совлада претставникот на Хрватска со убедливи 6:0, со што на фантастичен начин го заокружи настапот и се искачи на највисокото место на пиедесталот.

Она што дополнително го прави неговиот успех импресивен е фактот што во финалната борба не му дозволи на противникот да освои ниту еден поен.

Со серија од четири победи и одлична поен-разлика, Матеј Белистојаноски покажа дека е еден од најголемите македонски карате таленти и испрати силна порака на големата меѓународна сцена.

Во Таранто денеска се слушаше македонската химна, а на врвот на пиедесталот стоеше младиот македонски шампион со златниот медал околу вратот.

Матеј Белистојаноски е медитерански шампион!

Уште еден голем успех за македонскиот спорт и доказ дека со талент, дисциплина, огромна работа и карактер, македонските спортисти можат да се искачат на највисокото место и на најголемите меѓународни натпревари.

Ристески: Продолжуваме да ги поддржуваме компаниите, „Виталиа“ е пример за успешен домашен бизнис

Владата на Република Македонија продолжува со поддршка на домашните компании и создавање услови за нивна модернизација, раст и развој, со цел зголемување на конкурентноста и подобар настап на европските и светските пазари.

Ова го истакна заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој заедно со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши ја посети компанијата „Виталиа“, една од најстарите македонски компании во индустријата за здрава храна.

Ристески посочи дека „Виталиа“ низ годините, преку континуирани инвестиции, модернизација и бројни иновации, прераснала во успешна и современа извозно ориентирана компанија, која денес вработува повеќе од 200 лица.

„Виталиа“ е корисник на повеќе владини мерки за поддршка на компаниите, меѓу кои и поддршката согласно Законот за поддршка на инвестициите, што, како што посочува Ристески, е потврда дека владините мерки имаат за цел да им помогнат на домашните компании да инвестираат, да растат и да отвораат нови работни места.

„Владата на Република Македонија ги поддржува домашните компании, создаваме услови за нивен раст и развој, инвестираме за нивна модернизација со цел подобар настап на европските и светските пазари“, порача Ристески.

Тој нагласи дека Министерството за економија и труд продолжува со политиките за поддршка на домашниот бизнис, со посебен акцент на отворање нови производствени капацитети, создавање поквалитетни и подобро платени работни места, примена на современи технологии и зголемување на продуктивноста.

Целта, како што посочи заменик-министерот, е преку ваквите мерки домашните компании да станат уште поконкурентни, да го зголемат производството и извозот и да продолжат да се развиваат на домашниот, но и на европскиот и светскиот пазар.

Велосипедист со тешки повpeди заврши во прилепската болница, во него удрил автомобил

-На 02.09.2026 во 20:10 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на ул.„Браќа Моцаноски“ во с.Кривогаштани, прилепско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од И.М.(20) од с.Пашино Рувци, општина Кривогаштани и велосипед управуван од Ј.С.(62) од с.Кривогаштани. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Градска општа болница Прилеп. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Прилеп, информираат од МВР.

Ден за солзи радосници! По 82 дена во болница, Бисера си оди дома – кога се роди тежеше само 960 грама

Денес е ден за солзи радосници, за длабока воздишка и за прослава на најголемата животна победа. По цели 82 дена поминати на одделот за интензивна нега (ОИНТ), нашето мало, а толку големо чудо — малата Бисера, конечно го прави својот најважен чекор и заминува дома, во прегратките на своите родители каде што и е местото, информираат од скопската Клиника за гинекологија.

Бисера се роди во 27 гестациска недела, со телесна тежина од 960 грама.

-Бисера уште од својот прв ден покажа што значи да се бориш без збор, а да кажеш сè. Со секој изминат ден, со секое отчукување на срцето и секој самостоен здив, таа ни одржа лекција за храброст, за волја и за животна сила . Таа не беше само пациент — таа беше нашата мала хероина, нашата дневна инспирација и потсетник зошто оваа професија е толку света. Секој монитор што чукаше во нејзиниот ритам, секоја промена на нејзиниот апарат, секоја непреспана ноќ и секој нежен допир преку инкубаторот беа дел од една невидлива, но нераскинлива врска. Во овие 82 дена, целиот тим дишеше во ист ритам со неа помагајќи и да ги надмине сите препреки. Ги броевме нејзините грамови како најголемо богатство, ја чувавме секоја нејзина мала победа и со страв и надеж чекавме да дојде токму овој ден. До нејзините родители: ви честитаме на несекојдневната трпеливост, тишината која ја носевте со толку достоинство и вербата која ниту за момент не ја изгубивте. Вие бевте нејзиниот најсилен столб, а таа вашата најголема светлина, велат од ГАК.

Од болницата се обратија и до малата, храбра Бисера.

-Драга мала Бисера, сега кога си ги пакуваш невидливите крилја со кои ги прелета сите пречки, ти посакуваме дома да те дочекаат само смеа, топлина, безгрижни денови и прегратки кои никогаш не завршуваат. Расти здрава, жива и среќна, сјај силно и никогаш не заборавај дека уште од првите денови на овој свет покажа дека си вистински победник. Денес ОИНТ испраќа еден мал дел од своето срце дома. Среќен пат кон новиот почеток, мила Бисера, посочуваат од ГАК.

Набавени 49 нови возила и специјализирана опрема за комунална хигиена, ќе има и за Прилеп

Нови 49 возила и специјализирана опрема за комунална хигиена добиваат Градот Скопје и повеќе општини во земјава, како дел од проектот реализиран со поддршка на Светската банка. Новите возила денеска беа промовирани од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓеоргиевски.

Вицепремиерот Николоски истакна дека набавката е реализирана преку транспарентен процес, при што од проценетата вредност од 5,5 милиони евра, опремата е набавена за 4,2 милиони евра, со што е остварена заштеда од околу 1,3 милиони евра.

-Сакам да кажам како дојдовме до оваа идеја и како почнавме. Ние имаме со Светската банка како Влада и како министерство, еден проект кој што траен неколку години, за ревитализација и за изградба на нови локални и регионални улици и тие се спроведуваат низ сите општини во државата. Имајќи предвид дека последните два повици беа исклучително добро направени, дојдовме до една заштеда на средства во тој момент од околу 5,5 милиони евра и тогаш се сретнавме со директорката на Светска банка и нејзиниот тим. Се сеќавате минатата година што се случуваше со претходниот градоначалник во Скопје, и во едни такви услови разговаравме како е најдобро да се помогне и на Градот Скопје и на останатите општини. И идејата дојде, овие возила кои што денес се реалност, се најдобриот начин да се помогне на Град Скопје и на останатите општини. Влеговме во процесот и повторно направивме заштеда, проценетата вредност беше 5,5 милиони евра, а вкупната вредност на оваа вредност е 4,2 милиони евра. Што значи дека низ еден транспарентен процес успеавме да ја завршиме набавката и тука да заштедиме средства, истакна Николоски.

Николоски посочи дека вкупно се набавени 19 мултифункционални камиони од различен тип, 9 специјализирани камиони, цистерни, и 21 мултифункционално возило, кои што треба да помогнат во чистење на улиците.

-Во овој проект ќе има возила за градот Скопје, Куманово, Прилеп, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар, Велес, а се надевам дека со останатите проекти ќе има и за останатите општини, потенцираше заменик претседателот на Владата.

Домот му бил полн со пакувања со дpoга – Полицијата фати 28-годишен дилер од Битола

-На 02.09.2026 во 17:25 часот, полициски службеници од СВР Битола извршија претрес во домот на С.С.(28) од Битола. При претресот, извршен со наредба од Основен суд Битола, пронајдени се и одземени 42 пакувања со прашкаста материја, марихуана, дробилки со остатоци од марихуана, дигитална вага и предмети со остатоци од бела прашкаста материја.

По документирање на настанот, против него ќе следува соодветна кривична пријава, информираат од МВР.

Кривогаштани ќе го памети ова лето: Со прекрасна „Бела ноќ“ заврши Културно-спортското лето 2026

Со музика, многубројна публика и одлична атмосфера, изминатиот викенд во Кривогаштани со „Бела ноќ“ свечено и успешно беше заокружена програмата на „Културно-спортското лето Кривогаштани 2026“.

Настанот, организиран од здружението „Урбано гнездо“, беше вистинска кулминација на летната програма која во изминатите денови понуди голем број културни, спортски и забавни содржини.

Кривогаштани ова лето беше домаќин на повеќе разновидни настани, меѓу кои турнирот во мал фудбал, концертот на Врбјанска Чука, театарската претстава „Девојките на Марко“, меморијалниот турнир во баскет и Фестивалот на пиперката.

Секој од настаните донесе различна атмосфера и содржина, а големиот број посетители од Кривогаштани, но и од соседните општини, се најдобар показател дека програмата успеа да го привлече вниманието на публиката.

„Културно-спортското лето Кривогаштани 2026“ покажа дека и една мала општина може да понуди квалитетна и разновидна културна и спортска програма, да ги поддржи младите и локалните таленти и истовремено да ги промовира традиционалните вредности и земјоделските производи.

За успешната реализација на програмата, упатена е благодарност до сите организатори, здруженија на граѓани, институции, изведувачи, спортисти, волонтери и учесници кои дадоа свој придонес.

Благодарност е упатена и до ЛАГ „Агро Лидер“, „Урбано гнездо“ Кривогаштани, генералниот спонзор на Фестивалот на пиперката – „Кривогаштани Промет“ со брендот „Гурмано“, Прилепска пиварница, „Евора Комерц“, како и до сите останати компании и поддржувачи на одделните настани.

Сепак, најголемата благодарност оди до граѓаните и посетителите кои со своето присуство придонесоа секој настан да биде исполнет со позитивна енергија и прекрасна атмосфера.

Со „Белата ноќ“, Кривогаштани стави точка на едно богато и исполнето лето.

Кривогаштани покажа дека знае да биде добар домаќин – лето исполнето со спорт, култура, музика, традиција и дружење, кое долго ќе се памети.