дома блог страница 448

Македонија слави значаен јубилеј – 80 години од кодификацијата на Македонскиот јазик

На денешен ден, 5 мај, 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик.

Развојот на денешната македонска азбука датира уште со појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилица и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем. До 10 век македонскиот јазик користел различни други писма, како што е грчкото писмо или некои сè уште недешифрирани писма, но со појавата на глаголицата се стандардизирала писменоста.

Така, од 10 па сè до 19 век македонскиот јазик ги користел следните азбуки: глаголица, кирилица, црковно-македонско писмо, илинденска азбука.

Нашиот великан Блаже Конески, чијшто заслуги за создавањето на македонската азбука и кодификацијата на македонскиот јазик се огромни, во една пригода рекол дека ,,Јазикот е нашата најкомплетна татковина”.

Со решение на АСНОМ од 2 август 1944 година, донесено во манастирот Прохор Пчински, македонскиот јазик беше заведен како службен јазик на македонската држава.

Усовршувањето и приспособувањето на македонскиот пишан систем и постепено поедноставување на црковномакедонското писмо започнало во XIX век со појавата на поедноставната илинденска азбука, која, пак, довела до оформување на македонската преродбеничка азбука за на крај да се создаде стандардната македонска азбука.

Во XX век имало и обид за запишување на македонскиот јазик и со латинична азбука, т.н. македонска абецедарска азбука, која не зела широки размери и останала на локално ниво во Егејска Македонија.

Најбогатиот период во поглед на развојот на стандардната македонска азбука е периодот на преродбата, поточно од средината на XIX век до почетокот на XX век. Во овој период голем број македонски интелектуалци вршеле реформи за поедноставување на македонската илинденска азбука и со тоа стандардизирање на македонскиот правопис.

(ФОТО) Публиката го скандираше неговото име, а фудбалерите излегоа со маички со неговиот лик – Фудбалски Прилеп се прости со легендата Здравески

Во рамките на 27. коло од Втората лига, фудбалерите на Победа вчера на градски во Прилеп го дочекаа Осогово. Натпреварот заврши со непопуларни 0:0, но белег остави начинот на кој црвено-белите и публиката се простија од легендата на прилепскиот фудбал, Николче Здравески.

Пред почетокот на мечот имаше едноминутно молчење за почит кон Здравески, кој прерано не’ напушти на 54-годишна возраст. Целата публика потоа едногласно го извикуваше неговото име, а фудбалерите на Победа на теренот истрчаа со маички со неговиот лик.

Здравески ќе биде запомнет како еден од најдобрите фудбалери и спортски работници воопшто од Прилеп. Имавме среќа сите да живееме во неговото време, да се радуваме на неговите бројни погодоци заедно, да ги славиме двете шампионски титули на Победа заедно…. Беше лидер, капитен, тренер кој ни донесе огромна фудбалска радост.

Да се надеваме дека овие млади фудбалери во црвено-бели дресови ќе го следат неговиот пат и ќе постигнат уште повеќе во иднина.

Нека почива во мир!

Доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2025

Државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година денеска им беше доделена на група автори: проф. д-р Веселинка Лаброска, академик и проф. д-р Марјан Марковиќ, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Еленка Стоевска-Денчова, проф. д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, проф. д-р Гоце Цветановски, д-р Ангелина Панчевска, м-р Соња Миленковска, д-р Давор Јанкуловски, д-р Македонска Додевска, д-р Дарко Томовски, м-р Ѓорѓе Геновиќ, постхумно на проф. д-р Аритон Поповски, проф. д-р Маријана Киш и проф. д-р Убавка Гајдова за научното дело „Македонски дијалектен атлас“ (од ризницата на картотетката-лексички материјали)“.

На доделувањето на наградата во Собранието присуствуваше министерката за образование и наука Весна Јаневска, која истакна дека со државната награда „Гоце Делчев“ се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на Македонија.

– Научното дело „Македонски дијалектен атлас“ (од ризницата на картотеката-лексички материјали), изработено од група автори, ја отсликува работата на сите претходници и современици, а со тоа исцртува не само слика за лексичкото богатство на македонската дијалектна територија, туку и слика за долгогодишната ангажираност на дијалектолозите во овој мошне значаен проект за македонистиката и за славистиката. На добитниците на наградата им упатувам искрени честитки и им посакувам уште поголеми успеси и значајни научни достигнувања во иднина, потенцира министерката за образование и наука, рече Јаневска.

Министерката Јаневска нагласи дека државата има должност да создава услови за напредок на науката, истражувањето и иновациите и со тоа да помага во креирањето на глобалните позитивни промени. За Владата, како што рече, унапредување на националниот научно-истражувачки екосистем е еден од програмските приоритети и во изминатите неколку месеци, значително е подобрен третманот на науката и на високото образование, преку зголемени инвестиции, но и преку јакнење на регулативата која ги уредува овие области.

– Прв наш чекор во таа насока беше изработката на Предлог Националната програма за научно-истражувачка дејност – стратешки документ кој долго време недостасуваше во креирањето на релевантни политики. Сега работиме на нови законски решенија за високото образование и научно – истражувачката дејност, кои треба да обезбедат повеќе права и можности за засегнатите. Дел од вас присутните се вклучени во процесот на нивно креирање и очекувам до крајот на годината да ги имаме новите закони, рече Јаневска.

Во однос на расположливите средства за наука, истражувања и иновации, таа изрази благодарност до сите владини членови, кои, како што рече, поддржаа да издвоиме и усвоиме најголем буџет досега, кој изнесува 680 милиони денари, и речиси двојно е поголем од ланскиот.

– Започнавме со негова распределба. Веќе се објавени три конкурси за финансирање на национални научно истражувачки проекти на јавните високообразовни и научни установи, на МАНУ и проекти изработени во партнерства со бизнис заедницата, со фокус на исполнување на целите од Стратегијата за паметна специјализација. Преку трите конкурси ќе се доделат 376 милиони денари, па еве, денешнава е уште една добра прилика да ги повикам сите научници и истражувачи, како и компании посветени на науката и истражувањата, да креираат и да аплицираат со иновативни проекти, посочи министерката Јаневска.

Според неа, овие мерки се дел од нашата визија за модерна, отворена и конкурентна држава, заснована на знаење, иновации и наука. – Ќе продолжиме со уште посилен фокус и посветеност кон создавање услови за научен развој и меѓународна соработка, најави Јаневска.

Претседателот на Одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“ академик Живко Попов им го врачи признанието на годинашните добитници. Од името на наградените се обрати проф. д-р Веселинка Лаброска, која истакна дека авторите на овој атлас претставуваат пример за сплотеност и соработка меѓу Интитутот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Истражувачкиот центар за ареална лингвистка (ИЦАЛ) при МАНУ.

Добивањето на ваква престижна награда, како што рече, обврзува да работиме уште посплотено и да покажеме дека тимската работа поткрепена со индивидуална одговорност е вистинската формула за успех, не само во лингвистиката, туку во сите сфери.

– Народот што сам се цени, си го цени најпрво сопствениот јазик, јазикот на кој ги обликува своите мисли и чувства, а потоа ги учи другите јазици. Наш јазик е македонскиот и за нас тој е најубавиот и најбогатиот јазик, потенцира Лаброска.

Maкедонското девојче чекори сигурно кон Олимпијада: Милана Релиќ освои сребро на силниот турнир во Шведска

Сребрен медал и нови 7.20 поени за олимписката ранг листа за квалификации за Лос Анџелес 2028 година, викендов освои нашата олимпијка и најдобра спортистка за 2024 година, Милијана Релиќ. Успехот го постигна на силниот Г-1 турнир во таеквондо во Криштианштад, Шведска.

Во првото коло Мила беше поуспешна со 2:0 во рунди од домашната натпреварувачка Нора Хогфелт, во второто коло Мила ја победи и шведската репрезентативка – одличната Тиндра Андерсон со 2:0 во рунди. Во полуфиналето, Мила издвојува сјајна победа над Чиа Веи Ванг од Тајпеј со 2:1 во рунди. Во финалето, Мила беше поразена од хрватската натпреварувачка Дора Мештровиќ, но и оваа борба, според тренерот Александар Ефтимов, Мила можела да ја добие доколку немало судиските грешки кои ја одземале победа. Мила веќе ја имаше поразено Дора Мештровиќ пред 1,5 година на Европксото првенство до 21 година во 2023 во Романија.

Од ТКД Тигри настапи и Горјан Бадаровски кој освои бронзен медал во категорија сениори +87кг. Горјан, со победата од 2:0 во рунди над Расму Бремдинг од Шведска обезбеди бронзен медал, иако во полуфиналето беше поразен од друг швеѓанин Густав Карлсон. Ова е одличен резултат и за Горјан кој после 1,5 година учество на Г турнири, за 2 месеци освојува 2 бронзени медали. Првиот на Скопје Рамус Г-1 опен во март годинава.

Од Македонија свое деби во сениорска конкуренција имаа и младите Христијан Симоновски и Давид Божиновски од ТКД Младост, кои прикажаа одлични борби.

Трагедија: 13-годишно момче од прилепско го загуби животот по судар помеѓу два мопеди

-На 02.05.2025 година во 08.50 часот во Полициската станица Прилеп било пријавено дека во село Лажани, прилепско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу два мопеди, едниот марка „Бенели“ а другиот марка „Пежо“, и двата мопеди без регистарски таблици, а управувани од 13 годишен и од 14 годишен малолетник, инаку и двајцата од село Лажани.

Во несреќата од здобиените повреди починал 13 годишниот малолетник при што смртта била констатирна од страна на лекар во Градската болница Прилеп, додека пак другиот малолетник се здобил со тешки телесни повреди и не е во животозагрозувачка состојба.

Извршен бил увид од надлежен Јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Прилеп , а телото на починатиот малолетник било предадено за обдукција – информираат од МВР.

Страшна вест: Универзална сала останува да биде бетонски споменик за некогаш спортски Прилеп?!

На големо разочарување на прилепската јавност, спортските работници и спортистите, неофицијално од страна на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор е одбиен предлогот за санација и реконструкција на салата.

Со ова Прилеп останува за жал град кој нема функционални спортски објекти, а кошарката, фудбалот и ракометот се на најниски гранки.

Потребно е брзо и функционално решение!

И покрај посетата на Министерот за спорт пред некој месец и ветувањата за подобро спортско утре, се помалку надеж останува за љубителите на спортот во некогаш најспортскиот град.

Министерот со три ветувања во Прилеп: За Универзална сала, комплексот “Маркови Kули” и сала “Македонија”

Прилеп се поклонува на “совеста на револуционерната организација”: 113 години од смртта на великанот Пере Тошев

Пере Тошев – Лефтер (1865 – 4 мај 1912) е македонски револуционер, војвода и учесник во Илинденското востание. Тој е член и раководител на Македонската Револуционерната Организација, еден од најблиските соработници на Ѓорче Петров и Гоце Делчев, а подоцна близок на Народната Федеративна Партија.

Роден е во Прилеп во семејство на на богати и видни иселеници од Дебар.

Пере Тошев бил револуционер кој имал оформени идеи и ставови за револуционерната борба, како никој друг.

Иако Тошев не се согласил со решението за кревање на недоволно подготвено масовно востание, сепак зел активно учество во Илинденското востание. Тој дејствувал во прилепскиот крај кај Мариово, а по задушувањето на востанието, со помош на Петар Ацев, Ѓорѓи Пешков и Ѓорче Петров, работел на обновување на револуционерната мрежа на Организацијата во Прилепско.

Тој по востанието се залагал за реформи и децентрализација во Организацијата.

Неговите современици ќе забележат дека: „Меѓу најголемите македонски дејци, Пере Тошев е најмалку познат. Тој живееше во осаменост и умре незабележано. Неговиот тивок и меланхоличен лик, сепак е полн со редок и скапоцен шарм. Внатрешниот живот кај никој од соборците не беше така чисто фокусиран и изобилен со морално богатство како кај него“.

Тошев е опеан во неколку македонски песни, а една од нив е “Песна за Пере Тошев”:

Спасен прилепчанец кој паднал во провалија кај превојот Слива

-На 02.05.2025 во 19.45 часот во Полициска станица за граница и надзор Старавина било пријавено дека на превојот Слива на патот за с.Витолиште, прилепско имало паднато човек во провалија при што со возило од Итна медицинска помош при Општа Болница Прилеп е пренесен во Општа Болница-Прилеп и се работи за Ш.Ј.(74) од Прилеп кој се здобил со тешки телесни повреди при пад од висина – информираат од МВР.

„Идеалите живеат вечно“: Македонија одбележува на 122 години од смртта на Гоце Делчев

Во Македонија денеска се одбележуваат 122 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев. По тој повод, делегации и граѓани положија цвеќе пред гробот на Делчев во црквата Свети Спас, а во Собранието ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за значајни остварувања во областа на науката.

Во црквата „Св. Спас“ цвеќе положија собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски во чиј состав се пратениците Велика Стојкова-Серафимовска, Сања Лукаревска и Павле Арсовски, владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски во чиј состав се министрите за внатрешни работи и за образование и наука, Панче Тошковски и Весна Јаневска, како и партиски делегации, здруженија, граѓани….

Во Собранието напладне ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година за особено значајни остварувања од интерес за Република Македонија во областа на науката. На доделувањето на наградата ќе се обрати министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска.

Наградата годинава се доделува на научното дело „Македонски дијалектен атлас“ од ризницата на картотетката-лексички материјали“ на група автори: проф. д-р Веселинка Лаброска, акад. проф. д-р Марјан Марковиќ, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Елена Стоевска-Денчова, проф. д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, проф. д-р Гоце Цветановски, д-р Ангелина Панчевска, м-р Соња Миленковска, д-р Давор Јанкуловски, д-р Македонска Додевска, д-р Дарко Томовски, м-р Ѓорѓе Геновиќ, проф. д-р Аритон Поповски, проф. д-р Маријана Киш и проф. д-р Убавка Гајдова.

Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од османлиската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер. Роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. По убиството на 4 мај 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Конечно нов директор во Прилеп! Гласот на народот се послуша

По низата негативни финансиски извештаи, реакциите на советничките групи, граѓаните, а пред се’ од пазарџиите, променет е директорот на ЈП Пазари Прилеп.

На местото на досегашниот Игор Крстески, за нов директор е назначен Сашо Ѓорѓиески.

Ѓорѓиески е дипломиран економист и човек од чаршискиот еснаф.

Во ова јавно претпријатие потребни се брзи чекори за финансиско стабилизирање, како и за подобрување на условите. Останува да видиме како Ѓорѓиески ќе се снајде на оваа позиција.