Вљубениците во ракометот од Прилеп доживеаја ново разочарување, откако синоќа избраниците на Наум Таневски одиграа ново реми, овојпат со Струга, натпревар на кој се очекуваше сигурна победа и клучни бодови во трката за плеј-оф разигрување.
Иако сезоната е на самиот почеток, натпреварите на домашен терен, особено со оние екипи кои во изминатите сезони завршуваа во долниот дел од табелата, се клучни со цел клубот да ги исполни зацртаните аспирации, а тоа е после подолго време да се смеша во разигрувањето за место на европската сцена.
Стружани имаа водство во поголемиот дел од првото полувреме, особено во првите петнаесетина мнути кога беше 10-7 во нивна корист. Прилеп се враќаше, а првиот дел заврши со резултат 15:16.
Во вториот дел Прилеп го врати водството, на двапати водеше со 19-18 и 21-20, но наместо да го зададе последниот удар, дозволи Струга да ја преземе контролата и да поведе со плус три, 25-22.
На крајот стружани можат повеќе да жалат, бидејќи водеа со 29-27, но прилепчани не се откажаа од борбата и успеаја да земат бод од овој натпревар, за конечни 29:29.
По пет одиграни кола, РК Прилеп останува на петтото место на табелата 6 освоени бода. На врвот неприкосновени се Вардар и Алкалоид со максимален ефект од по 5 победи.
Во наредното коло, Прилеп му гостува на Бутел.
























