дома блог страница 443

“Најдобар градоначалник од осамостојувањето” – Ристески би бил сигурен победник: Еве што мислат прилепчани!

Во внатрепартиските кругови на ВМРО-ДПМНЕ привршува процедурата за тоа кои имиња ќе бидат ставени на анкета за иден “татко” на Прилеп.

ВМРО-ДПМНЕ преку своите претседателства на месните комитети ги сумира резултатите и неофицијално преку војлата на членството, како кандидат доминирал Марјан Ристески, а зад него некој од актуелните пратеници, еден директор и претседателката на Советот.

Откако Маркукуле ја објави оваа информација, следуваше лавина коментари на социјалните мрежи од граѓани кои даваат поддршка за Ристески одново да го предводи градот под Марковите Кули.

“Не само најдобар градоначалник кој го имал Прилеп, туку беше и е најдобар градоначалник кој го имала Македонија од осамостојувањето, напред Марјан, цел Прилеп ќе гласа за тебе”, вели во коментар еден граѓанин.

“Ако сакате да му се врати сјајот на градот и да се обнови разурнатото и уништеното и да се изгради ново, само тој”

“Само Марјан и не треба воопшто да размислувате за друг кандидат, а докторите да ги оставите да си ја работат хуманата работа за која учеле и дале заклетва, затоа што ем немаме доктори, ем не ги бива за градоначалници, докажано во досегашните нивни избори, размислете малку, за таа функција треба да имаш менаџерски способности”

“ПРАВ ЧОВЕК НА ПРАВО МЕСТО, БОРЕЦ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА НАШИОТ ГРАД, ЌЕ ПОБЕДИ УБЕДЛИВО УШТЕ ВО ПРВИОТ КРУГ”

“Откако дојде Марјан за градоначалник на Прилеп градот заличи за град. Тој е вистински човек за градоначалник”

“КОЛКУ ТОЈ ШО ГО ИМА СРЕДЕНО ПРИЛЕП СИТЕ ЗАЕДНО 3% НАМААТ СРАБОТЕНО”

“Марјан Ристески потребен си му на градот за да го вратиш повторно стариот сјај на градот, чист град, средени паркови, обнова на канализационата мрежа, организирање на безброј манифестации, културно уметнички проекти, а секако и на “Пиво фест” по кој Прилеп стана препознатлив на Балканот”

“Марјан Ристески тоа што го среди, уреди и направи за Прилеп, другите градоначалници не можат да го одржуваат, НЕ па да направат! После Марјан сите други се лага”.

Oва се само мал дел од коментарите на граѓаните кои бараат токму Ристески да биде кандидат на владеачката партија на престојните локални избори.

Останатите коментари можете да ги погледнете на ЛИНКОТ во продолжение:

Николоски за патот Прилеп-Градско: “Сомнежот е дека министерот и директорот не можеле да се договорат кој да го земе митото oд изведувачот”

Во период од 10 дена пуштање во употреба на три големи инфраструктурни проекти, нешто што се нема случено во историјата на Македонија. Експресниот пат Куманово-Страцин-Крива Паланка, делницата Градско-Дреново од експресниот пат кон Прилеп и железничката пруга Куманово-Бељаковце, се три проекти кои ја вратија позитивната енергија и дух помеѓу граѓаните, истакна во вечерашното гостување во емисијата „За или против” на ТВ Алфа, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

-Јас не се сеќавам кога последно не само во Македонија, туку и во регионот се пуштиле во употреба 42 км експресни патишта и 31 км пруга во рок од две недели”, истакна Николоски кој на обвинувањата од опозицијата дека проектите ги добил готови, повторно ги потенцираше бројните проблеми со кои како министер се соочил при завршувањето на овие капитални инвестиции во патната и железничката инфраструктура.

-Губење на време е да се коментира СДСМ, затоа што граѓаните тоа што имаа да кажат за нив на парламентарните избори освоија само 18 пратеници, што е најголем пораз на владеачка партија. Една од причините што доживеаја таков пораз е што ја потценуваат интелигенцијата на граѓаните. На Градско-Прилеп само што станав министер добив еден документ кој што значеше катастрофална ситуација таму. Изведувачот имаше почнато процедура за арбитража, која што Македонија сигурно ќе ја изгубеше и ја имаше напуштено државата. Недостасуваа некаде околу 13 милиони евра за да се заврши проектот, висеа карпи над патот необезбедени, косините не беа средени, два тунели водеа од нигде кон нигде, не беа завршени, експропријацијата не беше завршена и земја се спушташе на трасата цело време затоа што не беа обезбедени косините”, истакна Николоски кој како главна причина за ваквата состојба го потенцираше непотпишувањето на два додатоци на договорите со Европската Унија, кои цели година и пол претходното раководство на министерството ги одлагало, а не била формирана ниту заедничка Комисија со Јавното претпријатие за државни патишта.

“Можам само да се сомневам зошто таа комисија не се формирала. Некои велат дека не можеле министерот и директорот да се договорат кој да го земе митото од изведувачот и дека тоа било причината зошто не ја формирале оваа комисија. Јас кога бев избран и кога беше избран директорот на ЈПДП Трајановски веднаш ја формиравме таа комисија. Истата почна да работи во тек на месец август и веќе на 12. септември беа потпишани овие адендуми на договорот. Од 12 септември почна интензивно да се работи и веќе на 14 јануари го пуштивме патот во употреба”, истакна министерот Николоски.

Тој ги потенцираше проблемите со кои како министер се соочил и при изведбата на патот Куманово-Страцин-Крива Паланка, каде од вкупно 25,5 км на 19,5км воопшто немало асфалт.

-Тоа е пат каде што се случија доста иновации за македонски услови. Прв пат се воведе асфалтирање во ноќни услови и на ниски температури, прв пат се воведе тросменска работа, работа на дожд и прв пат се воведе комбинарана работа помеѓу повеќе изведувачи. И таму имавме проблем со еден дел од надзорот и еден од изведувачите беше заминат од државата, па го враќавме, потенцираше Николоски.

Министерот зборуваше и за состојбата која ја затекнал и на пругата Куманово-Бељаковце, каде трасата воопшто не била обезбедена, немало ставено заштитна ограда, пругата не била тестирана а не биле дозавршени ниту железничките станици.

Акција на полицијата – фатени дрвокрадци во Прилеп

-На 22.01.2025 во 03 часот на патот за Вештачкото езеро во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп од А.С.(47) и Е.А.(35), двајцата од Прилеп, одзеле по две запрежни коли натоварени со бесправно исечени огревни дрва.

Одземеното е предадено на Шумска полиција Прилеп, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава – информираат од МВР.

Да го оствариме сонот на Антонио од Прилеп! Сите можат да помогнат во овој хуман и благороден подвиг!

Антонио Пандовски од Прилеп годинава сака да си ја исполни својата животна желба, а тоа е со трчање и пешачење од Ниш да стигне до манастирот Свети Василиј Острошки во Црна Гора. Целта е благородна и хумана, а за да ја оствари на Антонио ќе му треба поддршка од сите нас, но и од општествено одговорни компании и фондации, кои се повикани да го помогнат овој негов подвиг.

-Сакам со вас да ја споделам мојата најголема животна желба и цек тоа е трчање-пешачење до Манастир Острог во чест на моите родители кои веќе не се меѓу нас. Овој подвиг ќе го реализирам во јули месец оваа година, ако биде се’ како што треба и оди се’ по план. Исто така овoј подвиг сакам да биде и како хуманитарен подвиг, собирање на средства за деца кои боледуваат од канцер. Сакам да се соединиме сите и да покажеме дека сме хумана држава. Јавно барам некоја фондација да се вклучи во овој мој проект и да направиме се’ што можеме да им овозможиме на нашите мали херои подобар живот. Исто така, ако има некој што сака да се вклучи како пратња да ми озвомозжи полесно трчање во овoј подвиг, oсобено велосипедиста, слободно нека ме контактира. Детали наскоро – напиша Антонио на својот Фејсбук профил.

Ајде сите заедно да се вклучиме во овој негов подвиг и да му помогнеме на Антонио да ја оствари својата хумана цел! Најмалку што можеш е да споделиш на социјалните мрежи, за идејата на овој млад прилепчанец да допре до што поголем број стопанственици и хумани граѓани.

ДСЗИ бара дисциплинска постапка по смpтта на новроденчињата- близначиња и стручен надзор во прилепската болница

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе издаде решение со наредба за спроведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност кај здравствените работници кои учествувале во лекувањето и исписот на новороденчињата-близначиња кои починаа на 16 јануари, стои во наодот на Инспекторатот кој во понеделникот изврши вонреден инспекциски надзор во прилепската болница, конкретно во Гинеколошко-акушерското и во неонатолошкото одделение во случајот со починатите новороденчиња.

-Инспекторатот ќе издаде и наредба за задолжително известување на надлежен Центар за социјални работи во случај кога интересите на пациентот односно неговиот родител/старател се спротивставени, а за што од страна на ДСЗИ ќе биде спроведена и соодветна прекршочна постапка. Истовремено ДСЗИ врз основа на Законот за санитарна и здравствена инспекција, до министерот за здравство ќе иницира постапка за стручен надзор над стручната работа на здравствената установа согласно Законот за здравствена заштита, стои во известувањето на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Инспекторатот констатирал дека кога на 10 јануари мајката со потпис, на свое барање заминала од болницата со новороденчињата предвреме родени на 30 декември и со мала тежина, болницата не го известила Центарот за социјални работи.

-Во врска со исписот од установата, од страна на докоторите од неонатолошкото одделение добиен е податок дека мајката инсистирала на испис на новородените и покрај нивното убедување дека треба да останат во установата се нивно целосно адаптирање. И покрај тоа новородените на барање на мајката и со нејзин потпис, испишани се од установата со препорака за доење, витамин Д3 и контрола кај педијатар поради мала тежина. Од страна на установата, во врска со предвремениот испис на новородените, не е доставено известување до надлежниот Центар за социјални работи, се вели во извештајот на ДСЗИ.

Бебињата близначиња се родија на 30 декември предвреме, во 34-та гестациска недела со мала тежина, под 2 килограми. На своја рака со потпис мајката на 10 јануари си заминала дома со бебињата. На 16 јануари при тешка здравствена состојба на бебињата, семејството од својот дом во селото Славеј повикало Итна помош. Била констатирана смртта на машкото бебе, а женското починало во прилепската болница.

Од прилепската болница информираат дека ќе биде формирана внатрешна комисија која ќе го испита случајот.

Склучен Договор за соработка и донација помеѓу Фондацијата „Никола Јанчев“ и МАНУ

Денешниот настан има огромно значење за Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Фондацијата „Никола Јанчев“ и за Македонија. Потпишан е договор за соработка и донација, на три години, помеѓу Фондацијата „Никола Јанчев“ и МАНУ, што е резултат на посветените заложби на градоначалникот на Општина Кавадарци, г-дин Митко Јанчев и одборот на Фондацијата. Оваа поддршка е важен поттик за понатамошен развој на МАНУ, која има клучна улога во сочувувањето на нашето уметничко и културно наследство.

МАНУ, како највисока и самостојна научна и уметничка институција во земјата, игра одлучувачка улога во следењето на состојбата во науките и уметностите и во нивното унапредување. Академијата се залага за оспособување и усовршување на научно-истражувачките и уметничките кадри, како и за заштита и афирмација на македонското културно наследство и природни ресурси.

Од друга страна пак Фондацијата „Никола Јанчев“ дејствува во решавање на важни прашања, а со својата грижа и донации придонесува за долгорочен и одржлив развој на својата заедница. Фондацијата помага онаму каде е најпотребно, а фондот се гради од донираната Градоначалничка плата од страна на г-дин Митко Јанчев, како и од средствата дадени од компанијата “Кожувчанка”. Вкупниот износ на донација досега изнесува околу 5 милиони денари.

МАНУ помина низ значајна етапа од својот развој, но како и сите други институции, се соочува со големи предизвици што ги носи времето. Во наредните години, Академијата ќе продолжи да работи на остварување на својата мисија и визија, со цел да даде целосен придонес во интеграцијата на македонската наука и уметност во современите европски и светски научни текови, па затоа оваа соработка е од големо и клучно значење.

„Како претседател на Фондацијата „Никола Јанчев“ и Генерален менаџер на Компанијата „Кожувчанка“, би сакала да изразам огромна почит кон МАНУ и сите кои се дел од неа. Ме радува што Фондацијата од својот локален карактер прераснува во препознавање на национално ниво, сега и преку оваа од голема важност соработка со МАНУ. Верувам дека средствата ќе бидат имплементирани за сигурни цели, кои ќе поттикнат научно-истражувачка работа и постојана грижа за зачувување на македонското уметничко и културно наследство.“ – изјави г-ѓа Јанинка Чупаркоска, Претседател на Фондацијата „Никола Јанчев“ и Генерален менаџер на компанијата „Кожувчанка“.

Од Фондацијата „Никола Јанчев“ се надеваме на постојана и плодна соработка со Македонската академија на науки и уметности.

ОФС Прилеп со двајца нови делегати во ФФМ на местото на Тони Тарунџиоски и Александар Спиркоски

На изборно собрание на ОФС Прилеп одржано во Ресторан “Порта” покрај постоечките делегати кои што остануваат ,заменети се со двајца нови :.
Да се надеваме дека со овие измени ќе биде стопирана агонијата на прилепскиот фудбал

Синоќа во Ресторан “Порта” во Прилеп, се одржа изборно Собрание на Општинскиот фудбалски сојуз Прилеп, каде за претседател со 52 гласа “ЗА” е избран Марјан Стојкоски.

Во однос на составот на делегатите, направени се две измени. На местото на досегашните Тони Тарунџиоски и Александар Спиркоски, избрани се актуелниот пратеник во Собранието, Петар Ристески и раководителот на УЈП Прилеп Александар Мирчески.

Покрај тоа, ОФС Прилеп даде и целосна поддршка за новиот претседател на Фудбалската Федерација на Македонија, Масар Омерагиќ.

Да се надеваме дека со овие измени ќе биде стопирана агонијата на прилепскиот фудбал.

ФОТО/Фејсбук/Зоран Костоски

Како да постапите доколку возилото ви е оштетено во сообраќајна незгода?

Сообраќајните незгоди без оглед дали штетите се поголеми или помали се стресни за секој учесник во сообраќајот. Во тие моменти многумина доколку за прв пат возилото им е оштетено во сообраќајна незгода не знаат точно кои документи им се потребни за да се пријави штета на возило од сообраќајна незгода, каде да се поправа автомобилот и како се врши исплатата на штета. Оттука добро е да се знаат процедурите кои во таквите моменти на возачите може да им затребаат.

Во случај кога нема повредени лица, кога двете возила се подвижни односно имаат исправни системи за управување, кочење и потпирање, кога учесниците не се од други држави и имаат возачки дозволи и полиси за осигурување од автоодговорност и кога возачите не се под дејство на алкохол, се пополнува Eвропски Извештај по можност на лице место за да може да се направи реконструкција на начинот на кој се случила сообраќајната незгода со возилата-учесници во незгодата.

Се прават фотографии на кои се гледаат и двете возила-учесници, при што е пожелно да се извести и најблиската полициска станица, која понатаму за потребите на осигурителната компанија и учесниците во незгодата, ќе може да издаде службена белешка за незгодата. Потоа возилата се отстрануваат од коловозот со цел да не се попречува одвивањето на сообраќајот и во најкраток можен рок оштетениот пријавува штета во осигурителната компанија на причинителот со присуство и на другиот учесник во незгодата. На увид се носат и двете возила со цел да се направи реконструкција на настанот.

„При пријава на штета потребно е на увид да се донесат сообраќајна дозвола, возачка дозвола и полиса за осигурување од двата учесници во незгодата, како од причинителот на сообраќајната незгода, така и од оштетениот“, вели Љупчо Поповски, проценител на штети во СН Осигурителен брокер АД Битола.

Тој појаснува дека двете возила треба да се донесат на увид, со цел да се направи реконструкција на настанот за да се утврди дали постои совпаѓање во оштетувањата помеѓу возилата и да се утврди обемот на оштетувањето, односно кои делови се за поправка или замена, колку работни саати и материјали се потребни за тоа.

„Се пополнува пријава за штета, европски извештај за сообраќајна незгода и изјава за тоа како се случила незгодата. Во текот на целиот процес СН Осигурителен брокер асистира во реализацијата на оштетното побарување. Возилото оштетено во сообраќајна незгода, најдобро е да се поправи во овластен сервис на осигурителната компанија, со што се гарантира квалитетот и навременото извршување на поправката.“, вели Поповски.

По поправката на возилото, за да се изврши исплата на штета потребно е до осигурителната компанија да се достави фактура за извршена поправка од соодветниот сервис. Воедно, на увид треба да се достави возилото што е поправено, како и сите делови што се заменети во текот на поправката на возилото.

„Исплатата на штетата може да се врши на неколку начини. Првиот е со гарантно писмо, при што осигурителната компанија гарантира исплата на фактурата за поправка на возилото, а сопственикот на возилото може да го подигне возилот без да плаќа. Основ за изготвување на гарантно писмо е возилото да е поправено, да се приложи фактура за поправката до службата за ликвидација на осигурителната компанија и доколку постои основ за исплата, го изготвува гарантното писмо и го доставува до сервисот каде што се вршела поправката.“, вели тој.

Втора варијатна е кога сопственикот на возилото ја плаќа поправката на возилото во сервисот. Доставува доказ за платена фактура и во рок од 14 дена од комплетирањето на предметот средствата од обештетувањето му се исплаќаат на сопственикот на возилото.

„Исплата на штета може да се изврши и со склучување на спогодба меѓу сопственикот на оштетеното возило и осигурителната компанија, при што сопственикот не е обврзан да приложи фактура, ниту да го достави возилото на увид, за да се изврши исплата на оштетно побарување. Ова се практикува кај помали по обем штети каде што заради намалениот износ на исплата е во интерес на осигурителната компанија, а заради побрзата и поедноставна постапка при реализацијата на оштетното побарување е во интерес на сопственикот на оштетеното возило.“, вели Поповски.

Ни се запусти младината! Тинејџери од Прилеп фатени со дpoга во Битола

-На 21.01.2025 во 18.30 часот на ул.„Павел Шатев” во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги лишиле од слобода М.А.(18) и 17 – годишна малолетничка, двајцата од Прилеп, затоа што кај нив била пронајдена марихуана.

По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок – информираат од СВР Битола.

Сме стигнале до 42.000 денари просечна плата во Македонија

Просечната исплатена нето плата во ноември изнесувала 41.999 денари, што е зголемување за 9,5 проценти во однос на ноември, објави денеска Државниот завод за статистика.

Зголемувањето се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата во секторите Уметност, забава и рекреација каде се бележи зголемување за 15,3 проценти, кај Транспортот и складирањето за 12,7 проценти и кај Преработувачката индустрија за 11, 2 проценти.

Намалување на просечната нето-плата е забележано во секторите Рударство и вадење на камен, Дејности во врска со недвижен имот и Земјоделство, шумарство и рибарство.

Просечната бруто-плата во ноември изнесувала 63 154 денари