Владата на Република Македонија продолжува со поддршка на домашните компании и создавање услови за нивна модернизација, раст и развој, со цел зголемување на конкурентноста и подобар настап на европските и светските пазари.
Ова го истакна заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој заедно со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши ја посети компанијата „Виталиа“, една од најстарите македонски компании во индустријата за здрава храна.
Ристески посочи дека „Виталиа“ низ годините, преку континуирани инвестиции, модернизација и бројни иновации, прераснала во успешна и современа извозно ориентирана компанија, која денес вработува повеќе од 200 лица.
„Виталиа“ е корисник на повеќе владини мерки за поддршка на компаниите, меѓу кои и поддршката согласно Законот за поддршка на инвестициите, што, како што посочува Ристески, е потврда дека владините мерки имаат за цел да им помогнат на домашните компании да инвестираат, да растат и да отвораат нови работни места.
„Владата на Република Македонија ги поддржува домашните компании, создаваме услови за нивен раст и развој, инвестираме за нивна модернизација со цел подобар настап на европските и светските пазари“, порача Ристески.
Тој нагласи дека Министерството за економија и труд продолжува со политиките за поддршка на домашниот бизнис, со посебен акцент на отворање нови производствени капацитети, создавање поквалитетни и подобро платени работни места, примена на современи технологии и зголемување на продуктивноста.
Целта, како што посочи заменик-министерот, е преку ваквите мерки домашните компании да станат уште поконкурентни, да го зголемат производството и извозот и да продолжат да се развиваат на домашниот, но и на европскиот и светскиот пазар.






























