дома блог страница 428

Премногу легенди на едно место! Златната генерација на Победа се собра на Градски во Прилеп (ФОТО)

На Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп се собра златната генерација на прилепска Победа од сезоната 1987/88.

Оваа екипа во која настапуваа: Мирсад Јонуз, Милан Тодороски, Марјан Стојковски, Тони Наумоски… и многу други звучни фудбалски имиња, во таа сезона во Втората југословенска лига – Истока, успеа да наниже серија од 7 победи, со што од последното место на табелата, се искачи до самиот врв.

Состанокот на Градски во Прилеп беше исполнет со емоции, носталгија и многу убави спомени од времето кога ја носевме истата боја на дресот со срце и гордост.

-Се насмеавме, се прегрнавме и повторно се почувствувавме како тим – како што отсекогаш сме биле.Во знак на почит и благодарност, на сите присутни легенди им беа доделени благодарници, како потсетник на нивниот придонес и верност кон клубот. Особена чест му припадна на Симон Наумоски, кому му беше врачена плакета за посебен придонес и несебична посветеност кон генерацијата и клубот – пишуваат од ФК Победа.

Во Прилеп отворена изложбата “Рефлексивна привлечност ” од скулпторот Слободан Милошески (ФОТО)

Во петокот во ликовната галерија на НУЦК “Марко Цепенков” во Прилеп беше отворена изложбата “Рефлексивна привлечност ” од скулпторот Слободан Милошески, кој се претставува со дела кои се иновативна уметност, заради материјалот што е употребен и со концептот на идеи што ги носат.

-Скулптурите претставени на изложбата прртставуваат различни метални симболи-стилизирани растенија, геометриски форми…обезбедувајќи им на гледачите приказ на изработка, со комбинирање слоеви од метал, едноставност и безбедност на хроматската текстура, во склад со уметничката душа….Видлив е капацитетот на авторот да ги примени своите специфични вештини во создавањето хармонично координирани површини направени од метални елементи и конструкции-забележува проф.д-р Џемаил Бектовиќ, за творештвото на уметникот.

Слободан Милошески досега реализирал бројни изложби во земјава и во странство. Изложбата е дел од годишната програма на Центарот,поддржана од Министерството за култута и туризам.

Истакнати модни дизајнери дел од годинешното издание на Креативниот ден во Битола

Повеќе реномирани дизајнери ментори ќе бидат дел од годинешното, 4. По ред издание на Креативниот ден во Битола кое оваа година ќе се одржи на 28.мај во Битолскиот театар и тоа: Благој Мицевски, Андреј Папаз, Александар Ортаковски, Муамед Маликовски, Монсоло, Екатерина Петреска, Боркица, Христијана Голубовиќ,Сербез, Алшар Силвија Михајловска, Весна Божиловиќ,Бе.оне, Маја Петковска, Маја Андревска, Ирена Стојановска, Снежана Петровска, Анастасија Зулевска, училишта од Скопје, Струга, Прилеп, Богданци, Куманово, Штип, Виница и домаќинот Битола.

ВИП гости: Никола Ефтимов, Ивана Кнез, Елена Лука, Татјана Алексиќ, претставници од Текстилен Кластер.

„Она што е најважно во овај процес е тоа дека учениците поминуваат низ цел процес од идеја до реализација на модел. Уште поголемо искуство е соработката со конкретен ментор и клиент што на некој начин теоретското искуство го претвора во практично. На тој начин се подигнува нивото на текстилното образование кое произведува дизајнери подготвени за конкретни предизвици“, вели Мицевски.

„Преку практична работа, креативна слобода и јавна презентација на нивниот труд, учениците добиваат чувство на вредност, самодоверба и реална перспектива за својата идна професија. Работењето на конкретен проект од почетна идеја до финален производ, особено под менторство на професионалци, е мотивациски двигател и одлично надополнување на класичната училнишна рутина. Учениците учат за работа под притисок, комуникација, тимска соработка и презентациски вештини, сето тоа преку искуствено учење кое остава трајна трага“, истакнува Ортаковски.

Дизајнерите ќе дизајнираат заедно со младите од текстилниот отсек во средните училишта низ Македонија. Учествуваат 32 екипи од 11 градови, 9 стручни училишта. Секој тим се состои од: талентиран ученик од стручно модно училиште, дизајнер-ментор, кој ги води низ креативните и техничките аспекти на процесот и успешна жена – Дама – која, претставувајќи ја финалната креација на модната писта, ја покажува својата општествено, социјална одговорност, јавно им го признава стекнатото знаење и вештини на младата генерација дизајнери и креативци.

Со тоа настанот секоја година станува се помасивен, со се поголема заинтересираност и учество на училиштата. Поврзаноста со бизнис секторот е во насоката на тоа што моделите ги носат успешни деловни жени од Битола, а собраните средства одат за подобрување на практичната настава.

„Креативен ден“ е настан по иницијатива и идеја на Весна Божиловиќ, продуцент и дизајнер од продукција “Божиловиќ“, на која од првиот настан се приклучија професорките Анита Стефановска, Ема Ќука и Живка Танушевска од текстилната струка на СОУ “Таки Даскало“, Битола.

„Она што започна како мала иницијатива, Денот на креативноста, сега се прошири на национално ниво, поврзувајќи средношколци, студенти, ментори, успешни жени и професионалци од индустријата. Една од нашите клучни цели е да ја разбиеме стигмата околу стручното образование и да им покажеме на младите дека изборот на овој пат не е само паметен, туку и возбудлив, модерен и полн со можности. Со здружување на студенти, експерти од индустријата, дизајнери и бизнис лидери, создаваме мост помеѓу образованието и пазарот на труд, давајќи им на младите луѓе доверба да се гледаат себеси како професионалци – дури и пред да дипломираат“, истакнува Божиловиќ.

Оваа година темата е Ориент.

„Фокусот ни е на креативниот процес од почеток до крај -од истражување на ориенталната култура и модни влијанија, преку скицирање на модели, до изработка и стилизирање. Сите тимови работат на модели кои се инспирирани од ориентот- богатото културно наследство, декоративните елементи , традиционалните ткаени и колоритни мотиви од истокот. Покрај организацијата на модната ревија ќе има и средби и разговори околу дизајнирањето на облека со познати дизајнери од Македонија.

Целта ни е не само да прикажеме облека , туку и целосно визуелно и културно искуство инспирирано од ориентот“, велат професорките Анита Стефановска, Ема Ќука и Живка Танушевска.

Овој настан полека но сигурно, прераснува во растечка заедница на иноватори, едукатори и претприемачи кои веруваат во моќта на модата како професионален пат и алатка за промени, се трансформира во вистинска Модна Зона.

Билетите експресно продадени! Алкалоид вечерва го игра најважниот дуел од постоењето на клубот

Ракометарите на Алкалоид вечер во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ќе го играат најважниот натпревар во својата четиригодишна историја. Тие се домаќини на грчки АЕК во реваншот на ЕХФ Европскиот куп.

Алкалоид од Атина донесе четири голови предност (29:25) кои се надеваме ќе бидат доволни за освојување на трофејот.

Предводникот на Алкалоид, тренерот Кирил Лазаров, побара од неговите избраници да бидат смирени и да не подлегнат на психолошкиот притисок.

За остварување на целта, македонскиот претставник ќе има голема поддршка од навивачите кои експресно ги купија билетите.

Почетокот на натпреварот е закажан за 20:30 часот.

“Трчај бе” и Атлетската федерација на Македонија, донираа реквизите во вредност од 100.000ден. за училиштата во Битола

Втора година по ред, Здружението организатор на трката „Трчај бе“, заедно со Атлетската федерација на Македонија, во пресрет на трката „Мини трчај бе“ која ќе се одржи на 01 јуни, донираат спортски реквизити за основните училишта во Битола.

Денешната донација е во вредност од 100.000 денари и се состои во пречки и конуси.

Организаторот на трката, Никола Димитровски, во име на здружението и атлетската федерација изрази благодарност до сите наставници по физичко образование, нагласувајќи дека нивната соработка е особено важна за организација на еден ваков настан и побара во иднина дополнително да бидат детектирани сите потреби на училиштата од реквизити поврзани со атлетиката, со цел истите да бидат обезбедени со следните донации.

(Фото галерија) Воени оркестри на армиите на Македонија и САД, одржаа концерт на плоштадот “Магнолија” во Битола

Денеска, на плоштадот “Магнолија” во Битола, едночасовен концерт одржаа воените оркестри од армиите на Република Македонија и САД.

Концертот се реализира пред вежбата „Immediate Response 25“, која ќе се одржи на Криволак, а посетителите имаа можност да проследат повеќе популарни џез нумери, шлагери и македонски фолк мелодии.

Во име на Општина Битола, воените оркестри ги поздрави заменик градоначалникот на Битола – Бојан Бојкоски

Денешниот концерт е уште една потврда за силната соработка и пријателство помеѓу армиите, како и за нивната посветеност кон
културното зближување и заедничките вредности.

Воените оркестри, преку својата изведба создаваат атмосфера на хармонија и разбирање, што е клучно за ефикасна меѓуармиска соработка и градење доверба меѓу сојузниците.

Судиските одлуки му го одзедоа пласманот на Големо Коњари во Втора лига? (ВИДЕО)

Денеска се одиграа трите бараж натпревари за пополнување на Втора македонска фудбалска лига.

Пласман во Втората лига за следната сезона обезбедија Шкендија Арачиново, Слога Виница и Тетекс.

За Прилеп и прилепскиот регион во фокус беше натпреварот на стадионот во Ѓорче Петров, каде пласман во Втора лига бркаше ФК Големо Коњари.

Иако Тетекс водеше со 2:0 до 87. минута, фудбалерите на тимот од прилепско и со играч помалку, успеаја да израмнат на 2:2. Стрелец на двата погодоци во финишот на натпреварот беше Беким Алимоски во 88. и во 90. минута.

Следуваше изведување на пенали, каде тетовчани беа поуспешни.

После натпреварот се огласија од ФК Големо Коњари, од каде упатија честитки за ангажманот на екипата. Од клубот сметаат дека судиите со црвениот картон и неколку досудени непостоечки офсајд ситуации, го оштетиле Големо Коњари, а како пример објавија видео од една од спорните ситуации, каде судиите досудија офсајд.

ФК Големо Коњари сега ќе чека шанса за пласман во Втората лига преку жрепка, во која два од трите поразени тима денеска ќе станат второлигаши.

Moторциклист заврши со тешки повреди на ул. “Тризла” во Прилеп

-На 23.05.2025 во 21.10 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на ул.„Тризла“ во Прилеп, мотоцикл со прилепски регистарски ознаки, управуван од Н.Е.(51) од Прилеп, излетал од коловозот.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Општа болница во Прилеп.

Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Прилеп – информираат од СВР Битола.

Tребало да се вика Св. Сава, но прилепчани не попуштиле: Еве како е граден грандиозниот храм Св. Кирил и Методиј во Прилеп

Храмот Свети Кирил и Методиј, познат и како Параклис и годинава свечено го одбележува својот празник. Светите браќа Кирил и Методиј се познати христијански светители, најмногу за словенските народи. За нив во црковните богослужби се пее како за рамноапостолни, учители и просветители.

Учители и просветители се затоа што ја создале азбуката, преведувале книги и учеле многу народи на писменост и наука. Рамноапостолни се, оти се еднакви на апостолите. Ширејќи ја писменоста, го ширеле и христијанството. Голема е заслугата на Светите браќа за покрстувањето на словенските народи.

Огромно е почитувањето на Светите браќа Кирил и Методиј во Прилеп и пошироко. Тоа се гледа во тоа што голем број прилепчани ги носат имињата на овие светители и на овој ден слават именден. Има и семејства во кои, ако на едното дете му дале име Кирил, на другото му даваат Методија.

Во почетокот на 20 век во Прилеп е изградена грандиозната црква посветена на Светите браќа Кирил и Методиј. Градена е во време на српската окупација на Македонија.

И постои едно кажување дека властите во тоа време за градба на црквата го определувале местото кај денешната пошта, но црквата да биде посветена на Свети Сава, но иницијативниот одбор и народот не се согласил, па со отстапување на места од имотите на видни прилепски семејства, изградена е црквата на местото каде од порано постоела помала црквичка – Параклис од 1884 година, а која ја паметат постарите дека е урната во средината на 20 век.

Црквата Свети Кирил и Методиј претставува репрезентативно остварувања на познатиот белградски архитект Момир Коруновиќ, чија активност на овие простори во периодот меѓу двете Светски војни резултирала со значајни архитектонски остварувања.

Светиот дом е граден е во непосредна близина на стариот Параклис. Храмот има основа на впишан крст. Се влегува со искачување на неколку скалила, со што започнува градбата на храмови во велелепни стилови. Во подрумот на храмот се наоѓаат гробници од загинати војници од Првата светска војна.

Црквата Свети Кирил и Методиј во Прилеп градена е во периодот од 1926-1936 година, аа на 4 октомври 1926 година, на најсвечен начин, е положен камен темелник.

Првата служба е одржана во ноември 1930 година, веројатно во подрумските простории каде се изградени костурници за коските на оние кои загинале во Прилеп во војните од 1912-1918 година, а во 1936 година црквата ја осветил тогашниот епископ Охридско-битолски Николај (Велимировиќ).

Црквата е висока 23 метра. Покрај костурницата има балкон за жени и посебен балкон за пејачки хор. Храмот има скромен иконостас, кој не е споменик на културата. Во 2006 година довршена е градбата на куполата, која не била крената при градбата на храмот, заради немање на финансии.

Последниве години во црквата се сликаше фрескоживопис во олтарниот дел.

Претреси во битолско, прилепско, крушевско и во Македонски Брод, пронајдени оружје и муниција, лишени од слобода четири лица

На 23.05.2025, полициски службеници од СВР Битола – ОВР Прилеп во с.Обршани, прилепско, го лишија од слобода Д.М.(41) од с.Обршани. при претрс во неговиот дом, извршен со судска наредба, пронајдени се ловечка пушка и патрони различен калибар.

На 23.05.2025 во с.Цапари, битолско, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода Ј.Н.(44) од с.Цапари, затоа што при преглед во неговиот дом пронајдени се пет пушки, четири пиштоли, како и 39 парчиња муниција од различен калибар.

На 23.05.2025 во с.Пресил, крушевско, полициски службеници од ОВР Прилеп и ОВР Крушево го лишија од слобода И.Р.. Врз основа на наредба од основен суд Прилеп извршен е претрес во неговиот дом и пронајдени се две рамки за пиштол и муниција различен калибар.

На 23.05.2025 во с.Горно Ботушје, општина Македонски Брод, полициските службеници од ОВР Македонски Брод го лишија од слобода З.М.(58) од Македонски Брод . При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Кичево, пронајдени се 15 патрони за ловечка пушка и делови за оружје.

По документирање на настаните, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.