дома блог страница 422

На година од полнолетство: Најпознатите прилепски рокери ќе слават 17 години постоење

Фото: Филип Ѓорѓиоски

Најпознатите прилепски рокери од бендот The Hounds традиционално во својот роден град летово ќе го прослават својот 17.роденден.

Концертот ќе се случи средината на август, а деталите од бендот ќе ги откријат наскоро.

“Невозможно е да го опшеме сонот што го живееме. 17 години Хаундс”, напишаа од бендот на социјалните мрежи, кои во меѓувреме имаат богата агенда на свирки низ целата држава.

Публиката во Прилеп со нетрпение ги очекува деталите за концертот, а ние сме секако тука навремено да ве информираме.

Пелагониските градоначалници во проверка на градежните работи на автопатот Прилеп-Битола (ФОТО)

Денес, на 11 јули 2025 година, Бехтел ЕНКА кој го гради новиот автопат дел од коридор 10д кој ги поврзува Прилеп, Могила и Битола, во должина од 41 км, беше домаќин на градоначалниците на трите општини: Прилеп, Битола и Могила.

Делница 4 претставува стратешка делница од автопатот, со вкупна должина од 41 километар. Со нејзината изградба значително ќе се намалат времињата на патување и ќе се обезбеди побезбеден, понадежен и поефикасен транспортен правец – подобро поврзувајќи ги семејствата, бизнисите и заедниците во регионот, но и поттикнувајќи нови инвестиции и развој на туризмот.

Оваа делница вклучува 10 моста, 16 надвозници и 6 подвозници, и бара над 5 милиони кубни метри ископ и речиси 4 милиони кубни метри насипен материјал. Во моментот, градежните активности активно се спроведуваат на околу 10 километри од трасата, со работни фронтови кои напредуваат кон Прилеп и Битола.

Проектот вработува повеќе од 600 лица, при што над 55% од тимот доаѓа од локалните заедници. Дополнително, 90% од моментално ангажираните подизведувачи се компании од домашниот пазар. Со над 50.000 реализирани часови обука, Bechtel-ENKA потврдува дека сите вклучени работници се обучени за безбедност и технички вештини.

Како дел од ангажманот со заедницата, компанијата реализираше програма за безбедност во сообраќајот со над 500 ученици од основните училишта во регионот, а исто така активно учествува и спонзорира локални спортски настани, како што се маратони и кошаркарски турнири.

Во соработка со општините, полицијата и жителите, се преземаат мерки за минимизирање на секојдневните нарушувања, а со земјоделците се работи на обезбедување непречен пристап до земјоделските површини.

„Имавме можност да го посетиме и работниот камп каде што се сместени работниците, каде што се извршуваат сите подготвителни активности за се ова да изгледа вака. Навистина респектабилна бројка на луѓе, тимови, опрема, механизација, од кои и ние можеме да добиеме нови сознанија. Оваа делница, дел од Коридорот 10, Прилеп – Битола, значи многу за развој на Пелагонија и воопшто за нашата држава, за Македонија. Ова е една област која години била запоставувана, а сега има исклучителна можност за понатамошен развој во делот на стопанството, економијата, туризмот, протокот на луѓе и стоки. На 15 км од Битола е нашиот европски сосед Грција и ако на ова се надоврзе она што јавното претпријатие го планира од Могила со некои 17 км нов спој со границата со Република Грција, уште повеќе ја зголемува вредноста на овој автопат. Ако на ова се надоврзе делницата од 24 км која ја имавме од Градско – Фариш, нова перспектива за регионот, огромен развој, задржување на младите луѓе, проширување на стопанство, нови можности за инвестиции посебно во индустриските зони“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Посетата беше искористена и за да се упати благодарност до сите институции кои го поддржуваат проектот, вклучително и полицијата, противпожарните служби, како и Инженерискиот баталјон на Армијата и Единицата за отстранување на неексплодирани средства, кои ја расчистуваа трасата од експлозивни остатоци од Првата светска војна.

Особена благодарност беше упатена до градоначалниците на Прилеп, Битола и Могила и нивните општински тимови за континуираната поддршка и партнерство во текот на изградбата на овој значаен инфраструктурен проект.

Ретка можност за гледање фудбал во лето: Во недела меѓународен натпревар на ГРАДСКИ во Прилеп

Во недела, 13. јули, со почеток од 17:30часот, на Градскиот стадион “Гоце Делчев” во Прилеп, ќе се одигра пријателски натпревар помеѓу екипите на БРЕРА од Струмица и австрискиот нисколигаш ФАВ АЦ од Виена.

Клубот од Австрија го предводи поранешниот репрезентативец и голгетер на Македонија од Прилеп, Илчо Наумоски, кој имаше желба неговиот тим првично да одигра пријателски натпревар против Победа, но таа варијанта отпадна.

Одлична прилика за вљубениците во фудбалот од градот под Марковите Кули, да уживаат во еден натпревар што е реткост во летниот период.

Oпштина Прилеп објави јавен повик за времено ангажирање на 30 лица за заштита и превенција од пожари

Се повикуваат сите невработени лица евидентирани во АВРМ кои се заинтересирани да се вклучат во мерката 6.2 – Јавни работи за заштита и
превенција од пожари и оплеменување на животната средина на локално ниво (пошумување), заради зголемување на вработливоста преку работно
ангажирање на невработените лица за заштита и превенција од пожари и заштита и оплеменување на животната средина на локално ниво
(пошумување), да се пријават во Агенција за вработување на РСМ- Центар за вработување Прилеп.

Работното ангажирање на невработените лица ќе биде реализирано за период до најмногу 5 (пет) месеци. За кандидатите кои ќе бидат избрани и
работно ангажирани се предвидува да им биде исплатен износ од 24.000 денари месечно со вклучено осигурување за инвалидност и телесно
оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход. (средства обезбедени од Буџет на АВРСМ – Потсметка активни програми и мерки)

Заинтересираните лица, повеќе информации може да добијат на следниот линк: https://www.prilep.gov.mk/32016-2/

Битолчани се степале за местоположба на тезга, едниот завршил со yбоди од нож

-На 10.07.2025 полициски службеници од СВР Битола на ул.„Генерал Васко Карангелески” во комплекс „Нов Пазар” во Битола го лишиле од слобода К.С.(42) од Битола. Имено, истиот ден Ј.С. (70) од Битола во СВР Битола пријавил дека настанала расправија околу местоположба на тезга со А.Б. (55) од Битола, кој физички го нападнал.

Подоцна, според пријавеното, дошол и К.С. (син на Ј.С.) и со остар предмет му нанел повреди на А.Б.. Со возило на Итна медицинска помош Битола А.Б. бил пренесен во Клиничка болница Битола, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.

СВР Битола поднесе кривична пријава против К.С. за сторено кривично дело „обид за убиство“ по член 123 став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик, а судија на претходна постапка му одреди мерка притвор во траење од 30 дена – информираат од СВР Битола.

Денот што ќе промени се’ во Прилеп! Над градот, под ѕвездите – се раѓа култот наречен TERASA Pub Club

Во срцето на градот, токму таму каде што пулсира ноќниот живот, се раѓа нова приказна. TERASA Pub Club – локација што не е само уште едно ново место, туку целосно ново искуство.

Сместен високо, над Ресторан Порта, TERASA ќе биде вашето ново омилено бегство. Вкус на минатото и звук на иднината – ова е клуб кој го оживува духот на ЕКС ЈУ музиката, со живи свирки, вистински бендови, и емоции кои не се забораваат. Кога ноќта ќе падне над Марковите Кули, тука ќе започнува новата ера на урбана забава.

Ова не е само локал.
Ова е движење.
Ова е култ.
Ова е територија за оние што знаат што значи вистинска музика, вистинска атмосфера и вистински момент.

📅 Среда, 16.07.2025 – не ја испуштајте вечерта за која ќе се зборува со недели.
Откриј ја TERASA Pub Club.

Погледни! Слушни! Почувствувај!
И дознај зошто сите ќе зборуваат само за едно место во Прилеп.

Не пропуштајте го отварањето на ТЕRASA, новата приказна на прилепската Стара чаршија, чии страници ќе ги пишуваме заедно!

Резервирајте навреме на тел.бр.070-304-967

И во време на забрана, дрвокрадците не мируваат! На две локации во Прилеп запленети возила натоварени со бесправно сечено огревно дрво (ФОТО)

На 09.07.2025 година, за време на важечката забрана за движење во шума поради опасност од пожари, Шумската полиција од Прилеп откри и спречи два случаи на бесправна сеча и транспорт на огревно дрво.

Во 18:00 часот, на местото викано Пештерица, беа затекнати и одземени 3 просторни метри зелени дабови дрва и еден шпедитер. Во 23:00 часот, на местото викано Студенец, беа откриени уште два обиди за транспорт: едно комбе „Форд Транзит“ натоварено со 4 просторни метри букови дрва и едно комбе „Форд Галакси“ со 2 просторни метри букови дрва.

Во двата случаи, сторителите се дале во бегство, а шумската полиција ги одзеде возилата и дрвата, кои се предадени на Подружницата „Црн Бор“ – Прилеп.

-Апелираме граѓаните да ја почитуваат забраната за движење во шума и да ги пријавуваат сите забележани нелегални активности. Шумската полиција продолжува со засилен надзор и контроли на терен – велат од Шумската полиција.

Денес се празнуват Светите маченици Кир и Јован

Пренос на моштите на светите маченици Кир и Јован

Се празнуваат на 31 јануари. Под тој датум е опишано нивното житие и страдање. На 28 јуни се празнува преносот на нивните мошти од Канопос во Манутин и многубројните чуда што се случија притоа. Александрискиот патријарх Св. Кирил истрајно се молеше на Бога да го уништи идолското нечестие во Манутин, кај што имаше идолски храм и владееше демонска сила. Тогаш на патријархот му се јави ангел Божји и му рече дека Манутин ќе биде очистен од нечестието ако тој ги пренесе таму моштите на Светите Кир и Јован.

Патријархот веднаш го направи тоа: ги пренесе чесните мошти на мачениците во Манутин и изгради таму црква, којашто им ја посвети на Светите Кир и Јован. Од моштите на овие маченици се исцели од шкрофул Амониј, синот на александрискиот градоначалник Јулијан; некој Теодор од слепило; Исидор од Мајум се исцели од раскапување на црниот дроб; една жена Теодора од отруеност; некој Евгениј од водена болест. Сето тоа се случи во 412 година.

Палеле кабли и предизвикале страшен пожар

На 10.07.2025 во 15:30 часот, при вршење на патрола на патот помеѓу Кадино и Миладиновци од страна на полициски службеници од Единица за интервентна полиција при СВР Скопје е забележан црн дим (чад), при што затекнати се две лица кои имаа запалено кабли во близина на сува трева и ѓубре (дива депонија). Со брза реакција пожарот е спречен да се прошири и истиот е изгаснат. Утврдено е дека станува збор за лицето И.Б.(39) од Куманово и А.Б.(31).

Лицата се лишени од слобода во Полициска станица Гази Баба и ќе биде известен Јавен обвинител за поднесување на соодветна пријава.

Причест без разбирање – Јадење на својата ОСУДА: Задолжително четиво за оние кои сакаат да се причестат

Пишува: Протоереј Љупче Петрески

– Оче, постев и сакам да се причестам. Дали е потребно претходно да се исповедам? Како оди тоа и кога има причесна?
– Чедо Божјо, убаво што си постел. Но, пред сè, ќе те прашам нешто важно – дали знаеш што е Причеста? Бидејќи сакаш да примиш нешто во себе, логично е да знаеш што е тоа, нели?

– Хм… Причеста е… за здравје; за убаво; благодат; да се исповедаме; лепче и винце …
Ова се најчестите одговори кои ги добивам од мнозина верници кои сакаат да се причестат и тие илустрираат една загрижувачка и длабоко апсурдна ситуација – луѓето сакаат да примат нешто во себе, а не знаат што е тоа!

Мнозина пристапуваат кон Светата Чаша формално, не сфаќајќи што всушност прават. Го прават тоа затоа што „така треба“, „така правеле баба ми и дедо ми“, или затоа што некој им кажал дека е убаво да се причестат. Од моето свештеничко искуство, ваквата појава, за жал, сè повеќе се шири меѓу верниците и затоа, без да навлегувам во причините за ова непознавање, ќе нагласам: тоа мора да се промени, зашто последиците може да бидат болни – духовно, а некогаш и телесно.

Овој текст го упатувам до сите оние кои сакаат да се причестуваат, но не се доволно едуцирани и воведени во верата. Не ми е намерата да ги исплашам или да ги одвратам пред големината на Светата Тајна, туку напротив – да ги охрабрам да се причестуваат, но со правилна подготовка и разбирање, за да се удостојат за Светата Причест.

Зошто е многу важно да знаеме што е Причеста?

Затоа што Причеста може да ни биде и за ОСУДА И ДА БИДЕМЕ ВИНОВНИ ПРЕД БОГА ако ја примаме „недостојно“ според зборовите на св. ап. Павле во 1. Послание до Коринтјаните, каде вели: „Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од Господовата чаша, ќе биде виновен спрема телото и крвта на Господ. Но, секој човек нека се испита себеси, и потоа нека јаде од овој леб и нека пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување бидејќи не го разликува Господовото тело“ (1. Кор. 11, 27–29).
За нас особено важен е последниот 29-ти стих, односно последните зборови „НЕ ГО РАЗЛИКУВА ГОСПОДОВОТО ТЕЛО“, кои сосема јасно опоменуваат дека причестувањето не секогаш носи „здравје“, „спасение“ или „добро“, туку – ако се случува недостојно, може да стане суд и осуда за оној кој пристапува несвесно или несоодветно подготвен.

Затоа, мора да се запрашаме: Што е Причеста или поточно што е Светата Тајна Евхаристија?
Св. Евхаристија – Причеста, не е само обред или симбол, туку е најдлабокото сретнување на човекот со Бога. Преку неа, човечката личност се преобразува, се соединува со воскреснатото и бесмртно Тело на Христос. Тоа Тело ни се дава како храна и лек против гревот и смртта – како дар на животот според зборовите на Господ Исус Христос: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има вечен живот; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“(Јн 6, 54).

Евхаристијата е место каде што небесното се сретнува со земното, каде што вечноста навлегува во времето, каде што Царството Божјо се оприсутнива, овде и сега. Таа не’ воведува во тајната на Христовата смрт и воскресение, а со самото тоа и во тајната на нашето спасение.
Свети апостол Павле вели:„Кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ја објавувате смртта на Господа, додека Он не дојде“ (1 Кор. 11, 26).

Со секое учество во Литургијата и со секое причестување, ние не само што се потсетуваме на Христовата жртва, туку влегуваме во неа, ја живееме, ја објавуваме, и го очекуваме Неговото Второ доаѓање. Впрочем, преку примањето на Светата Причест – која е „ВИСТИНСКИ ТЕЛО И КРВ ХРИСТОВИ ВО ВИД НА ЛЕБ И ВИНО“ (ова е догматската дефиниција за причеста) – ние во себе Го примаме самиот Христос, Воскреснатиот Спасител. Со тоа, не се причестуваме само со нешто свето или симболично, туку се соединувавме со личноста на Христа.

Во тој свештен и мистичен момент, се исполнува најдлабоката цел на нашиот живот – единството со Бога. Ова соединување со Христа преку Неговото Тело и Крв е почеток на нашето обожување: стануваме „мали богови“ по благодат, како што учат Светите Отци. Тоа значи дека преку Божјата милост и сила, го обновуваме нашето паднато човештво и го задобиваме животот вечен, за кој и сме создадени. Од ова можеме да разбереме колку е длабока и свештена оваа Тајна. Во неа се исполнува целокупниот духовен живот на Црквата. Сè што Црквата живее – молитва, покајание, љубов, пост, вера – се собира и се остварува токму во Светата Евхаристија. Впрочем од неа извираат но, во неа и се вовираат сите Свети Тајни. Затоа Црквата секогаш учела и сведочела дека животот со Христа и во Христа не може да се замисли без редовно и свесно учество во оваа Света Тајна и затоа таа секогаш ги повикува верните да не се оддалечуваат оваа Света Тајна, туку со вера, страв Божји и љубов, да пристапуваат кон Чашата на животот.

Повикани сме да се причестуваме почесто – но тоа не треба да биде формално, ниту механички. Ако пристапуваме без духовна подготвеност и свест, ја профанизираме Светата Тајна. Затоа, пред сè, мораме да знаеме што значи Светата Причест и каква е нејзината суштина. На тоа нè поучуваат и светите отци на Црквата.

Во продолжение, како потврда на досега кажаното, ќе посочам само неколку, од мноштвото, примери – толкувања од свети отци и егзегети, кои ги објаснуваат зборовите на ап. Павле (1Кор. 11, 27-29) собено за нас значајниот 29-ти стих:„Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува Господовото тело.“

1. Св. Јован Златоуст, во своите „Беседи на Првото Послание до Коринтјаните“, силно нагласува дека недостојното примање на Светата Причест е духовно опасно. Тој вели: Зошто си „јаде осуда за себе“? „Без расудување за телото Господово“, односно без размислување, без да се замисли, како што треба, големината на предложеното (тајната), без размислување за важноста на дарот. Ако целосно сте разбрале Кој е пред вас и кому Тој се нуди, нема да ви треба опомена, а само тоа би било доволно да ве зафати со целосна стравопочит, освен ако не сте паднале премногу длабоко.“

2. Св. Амвросиј Милански, во своето дело „De Sacramentis“ („За Тајните“), ги коментира зборовите на апостол Павле во стихот 29, каде се вели „не распознавајќи го Телото Господово“. Тој пишува дека овие зборови го потврдуваат реалното присуство на Христа во Евхаристијата: „Не е само символ или спомен, туку вистинско тело и крв Христови. Тие што пристапуваат недостојно не успеваат да го распознаат ова и поради тоа си нанесуваат осуда.“ Ова толкување ја истакнува важноста на свеста за светиот дар што ни е даден во Евхаристијата.

3. Блажени Теофилакт Охридски – „Не разликувајќи го Телото Господово“ односно, без испитување и размислување за големината на она што е пред него. Кога би биле свесни за тоа што се наоѓа пред нас во одредено време, немаше ни да ни треба друго будење: и само тоа би не разбудило да гледаме.

4. Свети Димитриј Ростовски вели:„Не распознава“ оној кој пристапува како да е прост леб и вино, а не како да е Бог. Таквиот „јаде и пие суд за себе, не препознавајќи го Телото Господово“ (1. Кор. 11:29). Не го распознава Телото господово оној кој пристапува без страв, без нежност, без смирение, без вера и без надеж за спасение и без љубов.“ (Извор: Креации. 19. За причестувањето на Светите Тајни).

5. Проф. д-р Александар Павловиќ Лопухин вели: „Со оглед на таквата тешка одговорност, христијанинот мора сам да открие како мисли за Христа и дали во неговото срце има доволно благодарност и почит кон заедничкиот Спасител на сите луѓе. Само со такви чувства може да се оди на љубовна вечера – инаку лесно е да се падне во грев.

„Без расудување за Телото Господово“, односно без да се разликува, не увидувајќи дека зад обичниот леб, зад обичната материјална храна се крие вистинското Христово тело: она што причесникот го јаде во св. Евхаристијата само изгледа како леб, но во реалноста го јаде телото Христово.“

6. Свештеник Даниил Сисоев вели: „Што значи „Не разликувајќи го Телото Господово“? Тоа значи да не размислувате за она со кое се причестувате. Инаку, затоа на секоја неделна литургија велам дека оние кои не веруваат во Света Троица, Богочовекот Христос, откупувањето и воскресението на телото не можат да пристапат кон Причеста. Оние кои не го очекуваат Второто доаѓање и не веруваат дека чашата ги содржи Телото и Крвта Господови не можат да се причестат. Верниците не можат да бидат примени на Причест ако не веруваат во реалноста на Телото и Крвта Господови, туку веруваат дека тие се леб и вино соединети со Божеството Христово. Таквите луѓе се виновни против Телото и Крвта и не можат да се причестат.“ (Извор: Жените во црквата: подреденост или еднаквост? Разговори за првото и второто послание на апостол Павле до Коринтјаните. Во 12 тома – том 5. Кога сум подготвен за Света Причест?).

ЗАКЛУЧОК

Сите наведени толкувања, и од светите отци и од поновите православни егзегети, се усогласени во едно суштинско предупредување: Светата Причест не е обичен ритуал, туку директно и живо заедничарење со Воскреснатиот Христос. Затоа, недостојното пристапување кон оваа Света Тајна, без вера, без покајание, без свесност за нејзината големина и реалност, е сериозен духовен престап, што може да доведе до осудување, а не до спасение.

Светите отци и егзегети ја нагласуваат неопходноста од стравопочит и свесност за реалното присуство на Христос во Телото и Крвта, а не на некаков симбол или знак. Исто така, истакнуваат дека верата во вистинитоста на оваа Тајна и вистинското знаење се предуслови за достојно пристапување.

Заклучокот е јасен: кон Светата Причест треба да пристапуваме со длабоко покајание, вера, љубов и свесност дека пред нас е сам Господ Исус Христос, не само по благодат, туку и во Неговото вистинско Тело и Крв во вид на леб и вино. Секој друг пристап – формален, незаинтересиран, или без вера – е опасен, не само духовно, туку и по внатрешниот човек, кој се храни или осветува, или се осудува.