дома блог страница 419

Изложбата на фотографии “75 за 75” од Каролина Мицевска, во четврток пред прилепчани

На 5 јуни 2025/ четврток/ од 19.30 часот во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на фотографии „75 за 75“. Автор на проектот е м-р Каролина Мицевска.

Ќе бидат изложени 75 фотографии на канвас, на која ќе бидат претставени претстави кои оставиле белег во децениското постоење на театарот „Војдан Чернодрински“. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам во програмата за 2025 година.

За проектот
75 за 75 ( 75 фотографии за 75 години театар „Војдан Чернодрински“)

Tеатарот „Војдан Чернодрински“, 75 години опстојува, и ќе опстојува, раскажувајќи ни за минатото, сегашноста, но фокусирајќи сé на иднината. Од сите уметности само Театарот е директен посредник со публиката и затоа ни е насушно потребен. Тој е светлина сам по себе, што свети од сите страни и е препознатлив за секој човек. Целта на театарот во сите времиња била и ќе биде, како што вели Хамлет „… да стои, како огледало пред природата, да ја покажува добродетелта со нејзиното вистинско лице, како и гадоста, на секој век во историјата – со неговиот неразубавен облик…“

А, нашиот театар, навистина низ децениите растејќи, развивајќи се, беше различен и преку претставите отвораше многу прашања, коментираше, просветлуваше, возбудуваше, откриваше, воспоставуваше систем на вредности, брануваше…

Досега се прикажале над 350 премиери, се одиграле повеќе од 7000 претстави, кои ги гледале на 1,7 милиони луѓе. Меѓу првите театри започна со поставување на домашните драмски текстови, па на сцената праизведби доживеале текстови од македонските драмски автори – Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески – Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески….

Иако, театарот „Војдан Черндорински“ од 2004 година е дел од ЦК „Марко Цепенков“, сепак е драгоцено место кое раскажува приказни кои остануваат трајно врежани во историјата не само во градот, туку и во македонскиот театар.

За одбележување е што низ годините најмногу претстави режирал Благода Дамевски, вкупно 62, а по 24 пати на претстави се потпишале Коле Ангеловски и М. Стефановски. Поставени се 282 текстови, кои ги режирале 70 режисери. Авторот Б. Њушиќ е поставуван 15 пати, од кои три пати – текстот „Нажалена фамилија“, и тоа во период 1950/51, 1962/63 и 1984/85. По 8 пати на сцената се поставувани текстови од Иљовски и Хаџиќ, па потоа Фејдо….За дел од претставите се освоени награди на меѓународни и домашник фестивали.

Театарот „Војдан Чернодрински“, како една од институциите со најдолга традиција во градот, низ годините има богата архива од текстови и фотографии од претстави.Фотографиите од претставите се уметност, преку кои театарот низ времето ја пренесувал, односно ја раскажувал приказната, што се случувало на сцената. Тие беа редовен сопатник на секоја претстава одиграна на сцената од театарот. Илјадници фотографии, се дел од архивата на театарот „Војдан Чернодрински“ , која се дигитализира и ќе биде достапна за јавноста. Мал дел од тие фотографии, почитувани, сега се пред вас. Заради симболиката, 75 години театар, одбравме 75 фотографии да ја отсликаме 75 годишнината од опстојот и растежот на театарот. На поставката со фотографии на канвас, презентирани се моменти од претстави наградувани низ годините, претстави кои оставиле белег во историјата на театарот „Војдан Чернодрински“ и од претстави кои биле најдолго на репертоарот и биле најгледани.

Се надеваме дека со овој избор, преку фотографијата, ви ја доближивме историјата на театарот „Војдан Чернодрински“, со која Прилеп и прилепчани се гордеат – вели авторот на проектот м-р Каролина Мицевска.

На трет ден Духовден се прославува осветувањето на манастирот Св. Никола во прилепско Загорани – Повелете на света литургија и празничен ручек

По повод втората манастирска слава на третиот ден на Духовден (денот на осветувањето на манастирската црква), во манастирот Св. Никола во с. Загорани, оваа година чествувањето ќе се одржи по следната програма:

Понеделник 09.06.2025 од 19.00 до 20.00 часот, ќе се одржи вечерна лирургија, по што домаќините ќе делат манастирска вечера, а во продолжение ќе се одржи пригодна прослава со жива музика.

Вторник 10.06.2024 од 08.00 до 10.00 часот, во манастирска црква ќе се одржи света утринска литургија, која ќе заврши со пријавување на нови ДОМАЌИНИ за наредната година.

Потоа ќе се одржи пригодна свеченост, прослава и манастирски ручек, кој ќе го подготват годинешните домаќини.

Исто така како и претходниот ден, присутните верници ќе имаат можност да прослават со жива музика и гости од естрадата.

Се покануваат сите верници да присуствуваат и на пригоден начин да се одбележи овој празник.

Koнечно добра вест! Од утре почнува со работа новиот центар за полагање на возачки испити во Битола

На 4 јуни (среда) во Битола ќе започне со работа новиот центар за полагање на возачки испити кој се наоѓа во просториите на поранешниот Славјански универзитет во Битола.

Авто Мото Испитен Центар Супер Возач ДООЕЛ Битола е правниот субјект кој во наредните пет години по овластување на Министерството за внатрешни работи, ќе ги спроведува возачките испити за кандидатите за возачи од општините Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево и Македонски Брод.

АМИЦ Супер Возач Битола е со седиште во Битола и шест пријавни места во Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево и Македонски Брод, три автодроми за полагање на прв практичен испит во Битола, Прилеп и Ресен како и три центри за полагање на теоретски испит во Битола, Прилеп и Ресен.

За полагање на првиот и вториот практичен испит АМИЦ Супер Возач Битола на кандидатите за возачи им става на располагање триесетина стандардизирани возила од сите категории.

Возачките испити во АМИЦ Супер Возач Битола ги спроведуваат лиценцирани испитувачи, доминантно од редот на дипломирани сообраќајни инженери со долгогодишно искуство во едукација и тестирање на кандидати за возачи.

На интернет страницата www.supervozac.mk на АМИЦ Супер Возач Битола, кандидатите за возачи ќе може да ги најдат сите информации поврзани со пријавувањето, спроведувањето и оценувањето на возачките испити.

Непосредно по официјалниот почеток со работа, АМИЦ Супер Возач Битола ќе започне со прием на пријави за полагање на возачки испити како и со закажување и објава на распоредот за полагање на првите испити.

АМИЦ Супер Возач Битола на сите сегашни и идни кандидати за возачи од општините Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево и Македонски Брод им посакува добредојде и успех во полагањето на овој официјално најпопуларен државен испит.

Вака гигант ги испраќа вработените во пензија

Компанијата “Комфи Ангел” од Прилеп, која важи за гигант во текстилната индустрија во Македонија, на достоинствен начин се збогува со своите вработени кои исполнуваат старосна пензија.

-Денес, со исклучителна чест и емоции, се збогуваме со четворица наши колеги – но уште поважно, четворица посветени и ценети членови на нашето големо Комфи Ангел семејство – кои заминуваат во пензија. После многу години посветена, одговорна и чесна работа, нивното заминување остава празнина, но и длабока трага што ќе остане да не потсетува на нивниот придонес, искуство и човечност. Иако ќе ни недостасуваат нивното присуство, искуство и ведар дух, искрено се радуваме што започнуваат ново, заслужено животно поглавје – исполнето со мир, слобода и уживање во плодот од нивниот труд. Од сѐ срце им благодариме за нивната искреност, трудољубивост и посветеност со која секојдневно придонесуваа за растот и успехот на нашата компанија.

Од целото Комфи Ангел семејство, им посакуваме:
✨ Најпрво – добро здравје,
💛 Многу моменти исполнети со радост,
👨‍👩‍👧‍👦 Време поминато со најмилите,
🌞 И уживање во сите нешта што ги прават среќни.

Драги наши, ова не е збогум, туку едно големо благодарам – напишаа од компанијата на социјалните мрежи.

https://www.facebook.com/photo/?fbid=1188632206642596&set=a.564778592361297

Во Битола се одржа втората „Smolevo Uphill Race“ – трка (ФОТО)

Изминатиот викенд, во „Бајк Парк Смолево“, во организација на „Екстрим Бајк Тим“ од Битола се одржа втората „Smolevo Uphill Race“ – трка со планински велосипеди на нагорнина. Трката се одржа на патеката за искачување која се протега од црквата „Свети Атанас“ – Смолево до каналот, во должина од 2,8 км, висинска разлика 187м, со средна тежина и најстрмен нагиб од 7%. Меѓу натпреварувачите, лиценцираните велосипедисти, настапуваа во категориите: јуниори, кадети, сениори, мастерс и жени, додека категориите на нелиценцирани велосипедисти беа поделени на: хоби 12 – 16 години, хоби 16+ години, ветерани 45+ години и електрични велосипеди.

Овој настан беше вистинска потврда дека, спортот создава посебна енергија и атмосфера исполнета со многу адреналин и спортски дух.

Натпреварувачите и публиката ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој им честита на организаторите и наградените и нагласи дека локалната самоуправа продолжува да биде поддржувач на ваквите активности, а пред се на создавањето услови за нивна реализација.

„Smolevo Uphill Race“ прераснува во мега бајк евент во нашата држава. Ви благодариме на сите учесници и посетители за присуството. Се гледаме наредната година“, порачуваат организаторите од „Екстрим бајк тим“.

Беше човек за одлука и пресврт, наследи општина со 5милиони eвра долг, сега има шанса и поддршка да направи од Прилеп големо градилиште

2021 година, година на локални избори во Македонија, година кога се очекуваа промени во најголем број од општините во државата, кои тогаш беа раководени од владеачката гарнитура на СДСМ и ДУИ.

Двоецот на власт од 2017 до 2021 година, одновно нивните градоначалници, ретко каде успеаја да ги испорачаат ветувањата и промените од програмата “За живот”.

Граѓаните беа разочарани и гневни, им подготвија одговор зад параваните каков власта не очекуваше, а веројатно ниту опозицијата не се надеваше дека ќе освои таков резултат, освојувајќи ги притоа сите големи општини во Македонија.

Прилеп е секогаш општина каде најголемите политички партии гледаат мегдан за натпревар. Прилеп знаел да награди, но знаел и да казни. Иако во 2017 години причините за поразот на ВМРО-ДПМНЕ беа предизвикани од сосема поинаков инженеринг, каде патем беше вклучен цел државен полициски апарат, беа користени методи на заплашување, а се претпоставува дека имало и солиден поткуп. Згора на тоа тука беа и фабрикуваните прислушкувани разговори, кои придонесоа за победата на Илија Јованоски, чиј општински апарат во четири години целосно ги разочара прилепчани.

Во 2021 ВМРО-ДПМНЕ настапи со личност омилена кај граѓаните, човек со интегритет, достоинство, почитуван и ценет буквално од секого. Д-р Борче Јовчески го обедини членството на партијата, беше мост за помирување на разни крила во раководството на партијата, имаше симпатии кај неопределените, го гласаа дури и граѓани од спротивниот табор.

Посветеноста на професијата, познавањето на приликите во градот и долгогодишниот политички ангажман во ВМРО-ДПМНЕ, беа пресудни, па Јовчески однесе огромна победа од над 7.500 гласови разлика.

Иако прилепчани знаеја дека со централна власт на СДСМ и ДУИ, тешко можат да се очекуваат брзи резултати, сепак очекувањата беа големи. И токму така беше. Цели три години локалната самоуправа предовдена од Јовчески беше опструирана од централните власти, оставена без помош, заглавена во долгови (поточно 5 милиони евра долг) од претходното раководство.

Следеше период на консолидација на општинската каса, се правеа планови и проекти за во периодот по заздравувањето, а истовремено се вложуваше труд и напор за одржување на сите витални обврски на општината кон граѓаните.

Сега кога конечно општината е ослободена од долговите, кога администрацијата е ослободена од стегите, а сето тоа помогнато со дотациите од централната власт и парите за проекти од унгарскиот кредит, Прилеп има шанса да стане едно големо градилиште. Како дел од капиталните проекти кои се во тендерска процедура или на старт на реализација се:

-Изградбата на улицата “Победа”,
-Изградба на кружниот тек на мостот “Табана”,
-Реконструкција на ул. Орде Чопела – влез на градот од Македонски Брод
-Реконструкција на дел од плоштад Методија Андонов-Ченто (пред хотел Скопје) и поставување на урбана опрема
-Комплетна реконструкција, вклучително со електротехника, на улицата Трајко Николоски
-Изградба на ново детско игралиште во центарот на градот (позади Участакот)
-Изградба на ново детско игралиште на улицата Борка Спиркоски во населбата Типски
-Изградба на водоснабдителен систем во село Лениште
-Реконструкција на главен потисен цевковод за водоснабдување на Индустриската зона и комплексот на Манастирот Св. Димитрија во село Селце
-Изградба на фотонапонска централа која се поставува на објекти (на Пречистителната станица)

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ ги соопшти имињата за кандидати за градоначалници на 26 општини, притоа за Прилеп се’ уште не е познато со кој кандидат партијата ќе ја бара поддршката на локалните избори. Неофицијално имено на Јовчески високо котира на партиските анкети.

Двајца вицешампиони на Македонија и две бронзи – БК “АС” Прилеп со одличен настап на 31. Државно првенство во бокс (ФОТО)

Викендов во општина Петровец се одржаа финалните борби од 31. по ред Државно првенство во бокс на Македонија. Настанот беше во организација на Националната боксерска федерација на Македонија и Боксерскиот клуб “Илинден” од Скопје.

Прилеп традиционално на првенството го претставуваа боксерите од БК “АС”, од каде се пофалија со две вицешампионски места и два освоени бронзени медали.

Матеј Малиноски и Лука Иваноски освоија сребрени медали и се вицешампиони на Македонија во нивните категории, додека Влатко Димески и Давид Карапеев се закитија со бронзени медали.

Од клубот на Дарко Чатлески се задоволни со резултатите на младите боксери, кои се претставија во одлично светло и оставија силен впечаток во рингот.

За пофалба е и настапот на дебитантот Ибо Салиески, кој дебитираше во рингот и загуби со 2:1, иако беше подобар во сите рунди.

Прилеп живее за театар! Редици за влезници од рано утринава пред Центарот за култура “Марко Цепенков” (ФОТО)

Денеска во 10 часот започна продажбата на влезниците за 59. издание на Македонскиот Театарски Фестивал “Војдан Чернодрински”.

Пред билетарницата на Центарот за култура “Марко Цепенков” вриеше од народ. Редици прилепчани чекаа за да купат влезници за некоја од претставите.

Од фестивалската организација велат дека билетарницата ќе работи од 10 до 14 часот и од 17 до 22 часот во периодот од 2 до 13 јуни.

Го пpaзнyваме Светиот маченик Taлaлej: Го фpлиле на ѕвepoвите, а тие ce yмилкyвале околy него

Родум од Либан, од татко Верукиј и мајка Ромилија. Осумнаесетгодишно момче со прекрасен изглед, со коса црвеножолта. Лекар по занимање.

Пострада за Христа за време на царувањето на Нумеријан. Кога храбро ја исповедаше својата вера во Господ Христос пред мачителот, Нумеријан им нареди на двајцата џелати Александар и Астериј со сврдел да му ги дупчат колената, да му провлечат јаже низ издупчените коски и да го обесат за едно дрво.

Но, на џелатите како една невидлива сила да им го зеде видот и наместо Талалеј тие издупчија една штица и ја обесија на дрвото. Кога дозна за ова мачителот помисли дека тоа го направиле намерно и нареди да ги бијат.

Тогаш Александар и Астериј повикаа: „Жив Господ, отсега и ние сме христијани, веруваме во Христа и страдаме за Него!“ Кога го чу ова, мачителот нареди и ги убија со меч. Тогаш самиот мачител зеде сврдел за да му ги дупчи колената на Талалеј, но рацете му премалеа, па мораше да го моли Талалеј да го спаси, а овој тоа и го стори со молитва.

Потоа го фрлија во вода, но тој жив му се јави на мачителот. (Зашто Талалеј во себе Го молеше Бога да не умре веднаш, туку да му се продолжат маките.) Кога го фрлија на ѕверовите, тие се умилкуваа околу него и му ги лижеа нозете. Најпосле беше убиен со меч и се пресели во Царството Небесно, во 284 година.

Заврши 51. издание на Фестивалот на народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски” – Гајдата на Пеце за младиот гајдаџија Александар Ангелов од Штип (ВИДЕО)

Викендов на локалитетот Рудина, во општина Долнени, се одржа 51. издание на реномираниот Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Настанот го слави македонското нематеријално културно наследство. Годинава фестивалот на едно место обедини околу 300 учесници од сите краеви на земјата.

Посебен акцент оваа година беше ставен на меѓународната соработка – гости беа членовите на оркестарот „Александар“ од Австрија, кои го негуваат автентичниот македонски изворен мелос, а за тие заслуги и за настапот на фестивалот ја добија “Гранд при” наградата.

-Ние сме среќни што наоѓаме начини да ја негуваме оваа музика. За првпат во дијаспората може секој да дојде и да го учи изворниот македонски мелос. Настапуваме насекаде и ја шириме македонската музика и таа убава енергија, вели Александар Арабаџиев кој го води оркестарот „Александар“ во Виена.

Главната награда – „Гајдата на Пеце“ ја доби Александар Ангелов од Штип.

-Гајдата за мене има големо значење. Пораснав со тој звук, го свиереа моите предци и мојот татко. Ќе продолжам да ги негувам овие „волшебни звуци“, изјави Ангелов.

Годинава двата фестивалски денови се одржуваа на местото познато како “На Рудина” во Долнени, при што изостанаа настапите на Камената бина во центарот на Прилеп.

Како дел од фестивалските случувања пак, во Прилеп се одржа и симпозиум насловен како „Фолклорот во минатото и денес“, со презентација на Зборникот за фолклористичките истражувања.

Фестивалот “Пеце Атанасовски” е најстарата манифестација од ваков тип во земјава, која со децении го негува и зачувува духот на македонската традиција.