дома блог страница 381

Започнаа пробите за „Чорбаџи Теодос“ во Битолскиот театар

Народен театар – Битола започна со пробите за својата најнова претстава, познатата битова драма на Васил Иљоски, „Чорбаџи Теодос“. Истата ја режира Дамјан Димовски. Драмата напишана во 1937 година, којашто се смета за врвно уметничко дело на македонскиот драмски писател, е комедија на интрига инспирирана од анегдотата за присилното кумство. Дејството се случува во Скопје, во турско време. Драмата е составена од три чина, а драмското дејствие е развиено во четири етапи.

Истата ја носи пораката дека животот секогаш наоѓа начин да не соочи со сопствените неправди и да не врати на вистинскиот пат. Во претставата играат: Живко Борисовски, Марија Стефановска, Елена Моше, Никола Стефанов, Александар Димитровски, Сандра Грибовска – Илиевска, Никола Пројчевски, Александар Копања, Петар Спировски и Марија Цветановска. Премиерата се очекува на 26.мај.

Изминатиов период во Битолски театар беше промовирана Монографијата „80 години Народен театар Битола“, на авторот д-р. Иван Додовски, испишана на 310 страници, испечатена од Графопром Битола, беше изведена премиерата „Жиголо“, праизведба на македонскиот текст од авторот Игор Кузмановски во режија на Благој Мицевски. Оваа сезона НТБ ќе има вкупно 10 премиери, од кои 3 праизведби, една детска претстава, две претстави кои се дел од програмата во основните и средните училишта. Посетеноста на Битолскиот театар расте од ден на ден, па изминатите месеци немаше претстава во која имаше празно седиште. Во завршна фаза е и опремувањето на новата просторија во која ќе се чува архивата на НТБ, проектирана според барањата на Државниот архив на Република Македонија. Во овој архив, покрај архивските документи од работењето на НТБ кои истовремено се дигитализираат со новиот софтвер за дигитално архивско работење кој е во функција од 01.01.2025 год, ќе се чуваат повеќе од 250 драмски текстови од претстави поставувани на сцената на НТБ а некои од нив стари и повеќе од 60 години. Со сето ова се создава вистинска ризница на книги и текстови кои се во категоријата на културно наследство, истите во најскоро време ќе бидат дигитализирани и достапни за пошироката јавност во е-библиотеката на НТБ.

Пратениците едногласно изгласаа забрана за пиротехника во затворен простор

Со 87 гласа „за“, без гласови против и без воздржани, Собранието го поддржа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Законот беше предложен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и усвоен по скратена постапка. Со ова, се забранува пиротехника во затворен простор, а доколку има следуваат драконски казни.

Измените се резултат на трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, во која загинаа 59 млади лица, а околу 200 беа повредени. Пратеникот Тони Јаревски изјави дека измените се неопходни за да се спречат слични несреќи во иднина.

Со новите измени:

Се забранува користење на експлозивни материи и пиротехнички средства во затворени простории.

Се зголемуваат глобите за прекршителите, а за повторен прекршок се предвидува притвор.

Полицијата добива зголемени надлежности за превенција и постапување во случај на нарушување на јавниот ред и мир.

Паралелно, Министерството за внатрешни работи работи на нов Закон за експлозивни материи за цивилна употреба, со кој детално ќе се регулира оваа област.

Утре и во сабота сите во сала! Стартува борбата за опстанок! Максимално да ги поддржиме ракометарите на ПРИЛЕП

Фото/РК Прилеп/ФБ

Со две средби на домашен терен, ракометарите на РК Прилеп ќе ја започнат битката за опстанок во плеј-аут разигрувањето на Супер лигата.

Најпрво утре (среда), 02.04. со почеток од 19:30 часот, во Прилеп гостува екипата на РК Фрути Ленд Борец од Велес, а потоа во сабота (05.04) со почеток од 18:30ч. доаѓа и екипата на Пролет.

Ова се две средби на кои бодовите мораат да бидат императив, а секако поддршката од публиката не смее да изостане.

Затоа да ја исполнеме трибината во салата на СОУ “Ристе Ристески-Ричко” до последно место, да ги поддржиме момците и да се радуваме на две победи на стартот од плеј-аутот.

Над 340.000 пензионери во државата од денеска ќе добиваат за 2.500 денари повисоки пензии

Над 340.000 пензионери во Република Македонија од денес ќе добиваат за 2500 денари повисока пензија. Со линеарното покачување на пензиите во месец Септември и мартовската пензија во месец Април, пензионерите добиваат за 5000 денари повисоки пензии за само 9 месеци мандат од оваа Влада.

Покачувањето на пензиите беше едно од предизборните ветувања на оваа Влада, која веднаш, на првата владина седница, започна со постапката за нејзино реализирање.

Како Влада и ресорно министерство ја потврдуваме грижата за нашата највозрасна категорија на граѓани. Продолжуваме и понатаму со креирање на политики и мерки кои ќе го унапредуваат квалитетот на живот на пензионерите.

Во среда слетува првиот авион од Париз, Скопје наскоро ќе се поврзе и со Барселона и Лион

Од среда Скопје и Париз се поврзуваат со директна авиолинија, а како што посочува генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, со слетувањето на авион на „ЕasyJet“ од аеродромот „Орли“ во Париз на Меѓународниот аеродром „Скопје“ ќе продолжи ширењето на мрежата на летови.

-Ќе го пречекаме првиот лет на „ЕasyJet“ до Меѓународниот аеродром „Скопје“, од аеродромот „Орли“ во Париз, што е важно поради две работи. Првата е дека аеродромот „Орли“ во Париз е управуван од групацијата АДП (Groupe ADP), групација во која „ТАВ Аеродроми“ се членка, а втората важна работа е дека од 2 април патниците на Скопскиот аеродром ќе имаат бенефит да патуваат до еден од најфреквентните аеродроми во Франција, кој нуди бројни домашни и европски летови, истакна Курт за весникот ВЕЧЕР.

Следните нови линии што ќе бидат воведени од Меѓународниот аеродром „Скопје“, од 3 мај, се Барселона и Лион, двете со авиокомпанијата „Визер“.

-Ова е уште една одлична вест за патниците на Скопскиот аеродром, особено во однос на повторното воспоставување на авиолинијата до Барселона, бидејќи е многу барана дестинација за патување, вели Курт.

Тој нагласува дека има постојана голема побарувачка за патување, што влева доверба дека аеродромите во Скопје и во Охрид ќе продолжат да се развиваат како клучни регионални портали.

-За да го поддржиме ова, во годината на нашата 15-годишнина во Македонија, како „ТАВ Аеродроми“, ја подобруваме аеродромската инфраструктура, ги оптимизираме операциите и обезбедуваме непречено патничко искуство. Посветени сме на тесна соработка со авиокомпаниите, воздухопловните власти, властите во областа на туризмот и со Владата за да ги направиме Скопскиот и Охридскиот аеродром уште поатрактивна дестинација за патници и за деловни можности, констатира Курт.

Во таа насока, тој потсети дека минатата недела, на Охридскиот аеродром беше пречекан првиот лет од Истанбул на „Turkish Airlines“, што ќе биде голема придобивка не само за аеродромот „Свети апостол Павле“ во Охрид туку и за целиот регионот на Охридското Езеро и за целата македонска економија.

-Турскиот национален авиопревозник ќе лета од Истанбул до Охрид и назад четири пати неделно, што ќе биде одлична можност за луѓето кои живеат во регионот и кои сега може да патуваат од Охрид директно до Истанбул и пошироко, како и одлична можност за турските граѓани, кои ќе може да откријат нова атрактивна дестинација за одмор, потенцира генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт.

Тој потсетува дека на 2 март, на Меѓународниот аеродром „Скопје“ беше пречекана новата авиокомпанија „Transavia“, која започна да лета од/до Амстердам. „Transavia“, според него, е важна затоа што е дел од групата „KLM Air France“ и ќе лета до аеродромот „Шипхол“, кој е главен авијациски центар во Холандија.

Со летниот ред на летање, кој е на сила од 30 март (вчера), на Меѓународниот аеродром во Скопје, во летната сезона ќе има 47 дестинации управувани од 16 авиокомпании, без чартер-летовите. Од Охридскиот аеродром, во текот на летната сезона и на летниот ред на летање во 2025 година, ќе има седум редовни лета со шест авиокомпании.

Шаховски турнир во прилепскиот затвор: Секој потег е важен, и на таблата и во животот – Поттик за позитивни промени

Во Казнено-поправниот дом Прилеп се одржа шаховски турнир, каде осудените лица имаа можност да ја покажат својата стратегија, трпение и концентрација.

-Ова не е само натпревар, туку и начин за продуктивно исполнување на времето, развој на когнитивните способности и градење на дисциплина. Шахот е повеќе од игра – тој е вежба за умот, симбол на трпение и упорност. Ваквите активности се дел од нашата заложба за подобрување на процесот на ресоцијализација, создавање на нови можности и поттикнување на позитивни промени, велат од Управата за извршување на санкции.

Додаваат дека секој потег е важен – и на таблата и во животот.

Вработување за 600 лица: Во Македонија стартува со работа компанија која ветува високи плати

Премиерот Христијан Мицкоски најави нова странска инвестиција во Штип. Како што изјави денеска, оваа недела ќе почне со работа производниот капацитет на „Магна“, странски инвеститор во Штип, со нови 500 – 600 вработени. Се очекува компанијата да дели високи плати.

– Странски инвестиции секојдневно доаѓаат, разговараме и имаме некои петнаесетина што се во процес на развивање и очекувам од тие најмалку половината да бидат успешни, ако не и сите. Со задоволство можам да кажам дека оваа недела ќе почне со работа фабриката, производниот капацитет на „Магна“, странски инвеститор во Штип, со нови 500 – 600 вработени, добро платени вработени и со инвестиција што беше 45 – 50 милиони евра – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по посетата на струмичко Ново Село.

Со тоа, додаде премиерот, државата повторно се зацврстува во регионот како дестинација за странски инвестиции, дестинација што ќе генерира и апсорбира најголем број странски инвестиции по глава на жител. Според Мицкоски, таа цел лани била реализирана, а целта е слична и годинава.

„Магнамехатроникс“ (Magna Mechatronics) е дел од „Magna International“ – една од најголемите компании во светот за автомобилски компоненти, со седиште во Канада и присуство во над 28 земји. Специјализирана е за производство на интелигентни мехатронски системи – комбинација од механика, електроника и софтвер – кои се вградуваат во возила на водечките светски брендови.

Компанијата произведува компоненти како што се системи за заклучување, електронски контролни модули, автоматизирани врати, и иновативни решенија за безбедност и комфор. Нивните технологии се користат во возила од висока класа, со фокус на автоматизација и интелигентни решенија кои го менуваат начинoт на кој возилата функционираат.

„Магнамехатроникс“ е водечки пример за тоа како високата технологија, инженерството и иновациите се претвораат во производи што се дел од секојдневието на милиони возачи ширум светот. Компанијата вработува илјадници инженери и стручњаци и има годишен приход од повеќе од 40 милијарди долари.

Дополни ја галеријата: Што е се’ уништено во паркот на “Могилата на непобедените”?

Испокршени ламби и урбана опрема, што од несовесни граѓани, што дотраено и стасано за сменување…. на вакви слики може да се наиде на повеќе места во паркот на “Могилата на непобедените”.

Фотографиите ги добивме од наши читетели кои алармираат заеднички да ги мапираме сите недостатоци, за надлежните час поскоро да ги средат.

Почит за Македонците во Австралија! Се обединија и собраа над 87.000 долари за помош за Кочани

Македонскиот фудбалскиот клуб од Австралија Рокдејл Илинден, информираше дека, заедно со поддржувачите на клубот и нашинците, успеале да соберат 87.100 долари, средства кои ќе бидат наменети за донација за семејствата на настраданите и повредените во кочанската трагедија.

Соопштението од клубот во целост го пренесуваме во продолжение:

-Со задоволство потврдува дека ние заедно со нашите партнери, собравме 87,100 долари за Кочани.

Сите средства ќе ги префрламе на номинираните поединечни банкарски сметки на семејствата на жртвите и повредените во трагичниот пожар во Кочани, Македонија.

Овој масовен поход немаше да биде возможен без прекрасната поддршка од голем број наши корпоративни партнери. Немаме намера да ги именуваме поединечно.

Исто така, бевме поддржани во нашето собирање средства и поздравивме значителен придонес од следниве поврзани организации,
· Australian Macedonian Association – Metodija Andonov – Cento, Sydney
· MKUD Ilinden – Sydney
· Mariovo Sydney
· Bankstown City Lions FC

Би сакале да им се заблагодариме на сите поддржувачи и членови кои присуствуваа на минатата недела и кои донираа.
ФК Рокдејл Илинден упатува молитви и искрено сочувство до семејствата и најблиските на сите починати во овој трагичен настан.

ГРОЗНО! Фудбалерите оддаваа едноминутен молк за Кочани, а Балистите скандираа и свиреа од трибини (ВИДЕО)

Нецивилизирано однесување на навивачката група “Балисти” пред натпреварот меѓу Шкендија и Брера во Тетово. Додека фудбалерите оддаваа едноминутен молк во чест на загубените млади животи во трагедијата во Кочани, Балистите скандираа и исвиркуваа.

Ова е крајно нечовечки потег затоа што тука не се работи за ривалство или за нешто друго, туку за 59 млади животи и една од најголемите трагедии во историјата на Македонија.

Македонската јавност е згрозена од ваквиот потег на Балистите, а фудбалските вљубеници бараат ФФМ да преземе најстроги санкции кон клубот и навивачите од Тетово.