дома блог страница 377

Секоја чест! Мечка ослободена од криволовна стапица по брзата реакција на службите (ВИДЕО)

Во координирана акција на повеќе надлежни служби, мечка која била заробена во криволовна замка, беше успешно ослободена во близина на селата Љубојно и Брајчино, Општина Ресен.

Случајот беше пријавен преку Единствениот број за итни случаи 112, по што реагирале регионалните служби и институции, кои веднаш започнале со операција за спасување на животното.

„Добивме пријава дека во атарот помеѓу Љубојно и Брајчино има заробено диво животно. Претпоставивме дека се работи за мечка поради гласното рикање кое се слушаше близу мостот на Брајчинска Река“, изјави претставник на Регионалниот ЦУК Битола.

„Веднаш беа информирани сите надлежни служби, вклучувајќи ја и Граничната полиција, Полицијата на Ресен, како и ловното друштво и други субјекти“, велат од ЦУК.

Акцијата беше брза и ефикасна, а животното беше ослободено со помош на ловците од Концесионерот, ветринарите од Националниот парк „Пелистер“, како и полицајците од МВР. Со употреба на средствата за успивање, мечката беше безбедно ослободена без повреди и пренесена на сигурно место.

„Благодарение на брзата реакција на сите вклучени, мечката е спасена. Ова е пример за одличната координација меѓу надлежните служби, што овозможи успешна акција“, додаваат од Центарот.

Инцидентот ја потсетува јавноста на важноста од брза реакција и координација во спасување на диви животни од незаконски стапици и криволов.

Во ликовната галерија на ЦК “Марко Цепенков”, отворена изложбата “Ајде да зборуваме за растенија”, од прилепската уметница Елена Димоска Николоска (ФОТО)

“Ајде да си зборуваме за растенија” е насловот на изложбата од уметницата Елена Димоска Николоска, што беше отворена синоќа во Ликовната галерија при ЦК”Марко Цепенков” во Прилеп.

На првата самостојна изложба оваа млада уметница, рече м-р Каролина Мицевска, новинар, се претставува со дела на кои се истражува убавината и упорноста на природата, наспроти човечката летаргичност и занемарување.

-Проектот ја истакнува дијаметралната спротивност помеѓу човечкото занемарување и упорната способност на природата да ја пополни празнината.Покрај илустрирањето на човечкото занемарување, проектот покажува како природата наоѓа начин да даде цел на напуштени места, трансфирмирајќи ги во живописни градини и шуми – рече Елена Димоска Николоска.

Уметницата има дипломирано на ФЛУ Скопје, каде наскоро треба да магиструра. Има реализирано повеќе групни изложби, а работи како професор по ликовно образование во училиште во Прилеп.

Изложбата е дел од годишната програма на ЦК”Марко Цепенков” поддржана од Министерството за култура и туризам.

Препис од чудотворната икона на Пресвета Богородица-Скоропослушница, од Света Гора денеска ќе пристигне во манастирот во Побожје на Скопска Црна Гора

Препис од чудотворната икона на Пресвета Богородица – Скоропослушница, ќе пристигне денеска во 16 часот во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во село Побожје, на Скопска Црна Гора, информира Скопската епархија на МПЦ-ОА.

Иконата ќе биде донесена од монаси од манастирот Дохијар на Света Гора и верници од Скопската епархија, а ќе биде дочекана пред манастирската порта од Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, заедно со свештенство, монаштво и верен народ.

По пристигнувањето ќе биде отслужена Воскресна вечерна богослужба со која ќе началствува г.г. Стефан, а присутните ќе имаат можност да се поклонат пред чудотворната икона на Мајката Божја.

Чешки државјани “ровареле” во Мариово – во станот во Прилеп полицијата им пронајде стари монети

-На 03.04.2025 при контрола на видео надзорен систем на теренот на ПС за ГН Старавина, на местото викано „Брест“ било забележано моторно возило „дачија дастер“ со странски регистерски таблички.

По извршени проверки, во 19 часот, во близина на село Подмол, полициски службеници го пронашле возилото и при извршена контрола констатирано е дека во него биле J.M.(26), Ф.К. (53) и M.H. (47), сите од Р.Чешка, а сместени во закупен стан во Прилеп.

Тие се лишени од слобода и спроведени во ОВР Прилеп.

По наредба на надлежен јавен обвинител од ОЈО Прилеп, извршен е претрес во домот каде што престојувале трите лица, при што е пронајдена метална кутија во која имало 20 стари монети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

МВР се огласи за видеото со непрописно паркираното „порше“: Возачот е казнет, но не е полицаец

Во врска со видеото на социјалните мрежи на кое се гледа непрописно паркирано возило со скопски регистарски ознаки на територија на Дебар Маало во Скопје, Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека конкретниот настан се случил на 22.03.2025. Имено, возилото е подигнато од страна на ПОЦ, а од страна на СВР Скопје преземени се мерки по член 63 став 6 од Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата и на возачот на возилото С.К. издаден му е платен налог. Исто така ве информираме дека предметното возилото не е на полициски службеник.

Во врска со постапувањето пак на полициските службеници при подигнувањето на возилото, веќе постапува Одделот за внатрешната контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР и по завршување на целокупната постапка соодветно ќе ја известиме јавноста.

Петти и последен Акатист од Великиот пост денеска во црквата Параклис и предавање на тема: “Љубовта како начело во Благодатта Божја”

Во последниот петок од Великиот Воскресенски пост во храмот св. Кирил и Методиј – Параклис, ќе се служи Мало повечерие на кое ќе се чита акатист посветен кон Пресвета Богородица и ќе се осветува петтолебие за здравје и спасение на верниот народ.

Потоа ќе се одржи и предавање од овогодишниот циклус на предавања на тема: “Љубовта како начело во Благодатта Божја”, на кое ќе предава протоереј Дејан Секулоски , во просториите на административната зграда.

Воедно упатуваме и ПОКАНА до верниот народ на Прилеп со помасовно присуство на предавањето – стои во поканата од храмот Св.Кирил и Методиј.

Храбра наша Војвотко победоносна,
ние, слугите Твои од зло избавени,
песни пофални Ти воспеваме, Богородице.
Но Ти, Која крепост имаш непобедлива,
од секоја беда ослободи не, да повикуваме:
Радувај се, Невесто Неневестна!

Драма со паркирано “Порше” во Дебар Маало: Граѓани ја принудија пајак службата да го крене (ВИДЕО)

На социјалните мрежи е споделено видео на кое се гледа расправија помеѓу граѓани и пајак служба на ПОЦ поради непрописна паркирано „Порше Кајен“ во Дебар Маало.

Според она што се слуша на видеото возилото стоело повеќе од 4 часа на велосипедска патека а полицаецот кој е присутен заедно со вработените во пајак службата вели дека возилото е службено, сопственикот е полицаец на должност.

„Каква е таа должност четири саати пред кафеана, прашуваа граѓаните кои како што може да се види од објавата на социјалните мрежи го пријавиле случајот.

По неколку минутна расправија и откако полицаецот на должност се консултира со некого, пајак службата го крева возилото.

Пожарот во “Пулс” ја зеде и шеесеттата жртва – Почина управителот на фирмата, кој работел како шанкер во дискотеката

Почина Александар Карадакоски, кој што бил управител на ММММ Кафе дооел, кој што управувал и со дискотеката Пулс во Кочани во која изби пожарот и животот го загубија 59 млади лица. Според информациите тој всушност работел како шанкер во ноќниот клуб – објави “КУРИР”

Инаку, според медиумите Александар Карадакоски кој почина во Литванија всушност бил шанкер, а вистински газда на дискотеката „Пулс“ бил Дејан Јованов – Деко.

– Оваа дилема лебдeше во јавноста затоа што таканареченото кабаре Пулс има еден сопственик на хартија, а друг во реалноста. Александар Карадаковски е всушност шанкер во диското. Тој е сопственик на фирмата ММММ Кафе на која е издадена спорната лиценца за кабарето ПУЛС, а во реалноста е Дејан Јованов – Деки кој се јавуваше во сопственоста на фирмата Класик се до нејзиниот стечај 2023, беше објавено во емисијата “КОД”.

Карадакоски е 60-та жртва од трагедијата која што ги погоди Кочани и Македонија.

Карадакоски на лекување беше испратен во Литванија каде и починал.

Новото раководство на Победа воведува промени: Објавен оглас за нови тренери, влезниците бесплатни за деца и социјални категории на граѓани

Соопштение од фудбалскиот клуб Победа:

-Почитувани љубители на фудбалот, новото раководство на ФК Победа АД Прилеп изразува почит и се заблагодарува до сите навивачи што беа дел од минатиот натпревар и учествуваа во хуманитарната акција за помош на семејствата на настраданите жртви од Кочани.

Ве известуваме дека парите се донирани. Воедно ФК Победа АД Прилеп ве кани да бидете дел од следниот важен натпревар, кој ќе се одигра во сабота, 05.04., со почеток од 15:00часот, против Вардар Неготино, и тоа во што поголем број да дадеме поддршка на нашите играчи.

Како што е познато во јавноста ФК Победа во моментов се наоѓа во период на реорганизација, новото раководство донесе едногласна одлука со која клубот се смета за општествено одговорна организација и сите љубители на фудбалот кои се дел од ранливите категории на граѓани (социјални случаи, граѓани со физички хендикеп…) можат да ги подигнат своите сезонски билети во просториите на клубот.

Влезот за деца до 14 години исто така ќе биде бесплатен. Како дел од новите промени во клубот, ве известуваме дека ФК Победа има слободни позиции за тренери во академијата, сите заинтересирани кандидати може да ги достават своите резимеа на официјалниот е-маил на клубот, или во клубските простории.

Кандидатите треба да се на возраст до 35 години, да зборуваат англиски јазик и да имаат основно познавање за работа со компјутери, како и да поседуваат Б лиценца.

Клубот исто така информира дека влезници за натпреварот помеѓу Победа и Вардар Неготино можат да се набават и денеска, од штандот на плоштадот “Методија Андонов-Ченто”, лоциран кај Тргачо.

Протоереј Александар Стојаноски со реакција за хуманирарните концерти: Зарем место во црква, во страсната седмица ќе бидеме на концерти?

Откако Тамара Тодевска и Антонија Гиговска најавија хуманитарни настапи за семејствата на жртвите од пожарот во Кочани, нивната иницијатива предизвика поделени реакции. Тие од една страна добија поддршка за тоа што настапите ќе им бидат од хуманитарен карактер, но од друга страна добија и критики затоа што „никому не му е до играње и пеење“.

Реагираат и свештените лица, меѓу кои Протоереј Александар Стојаноски напиша: „Зарем место во црква ќе бидеме на концерти?“

-Се слушаат најави за хуманитарни концерти од некои пејачки, поконкретно од две, нема да ги именувам јавноста ги знае, за семејствата на загинатите во пожарот во Кочани, и тоа ни помалку ни повеќе во страсна седмица. Прво секој што сака и може да донира има сметки на кој може да се уплати, а можете и да ги побарате и лично да ги контактирате семејствата. И тоа е христијански однос. А концерт хуманитарен во страсна седмица? Луѓе зар ќе танцуваме и пееме во време кога е Христос плукан, исмеван и распнат? Зарем место во црква ќе бидеме на концерти? И на крајот после се што се случи, некому му е до играње и пеење? Изгледа најважните, духовните лекции не ги научивме. И на крајот да не бидеме лешинари, ако сакаме тајно да помагаме , а не да стекнуваме публицитет на големи хуманитарци, пеејќи и играјќи на Велики Четврток и Велики Петок , само четири недели по страшната трагедија. Мислењето во овој став е лично мое и ги изразува моите лични ставови и согледувања, пишува Протоереј Александар Стојаноски.

Како што може да се забележи и од коментарите Протоереј Александар Стојаноски доби голема поддршка од граѓаните. Погледнете повеќе во продолжение.

И покрај критиките, Тодевска најави хуманитарен концерт на 17 април во МКЦ Скопје. Гиговска, пак, викендов ќе настапува во Куманово и Штип, а својот хонорар ќе го донира преку платформата „Support Kochani“, со поставени кутии за донации.

Иницијативата доби и поддршка, но останува дилемата – дали времето за вакви настани е соодветно? Граѓаните со поделени мислења.