дома блог страница 32

Претседателката Сиљановска Давкова на средба со Советот за женско претприемништво на општина Битола (Фото галерија)

Советот за женско претприемништво на Општина Битола беше домаќин на претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова, придружувана од градоначалникот на Битола Тони Коњановски, заменик градоначалничката Марина Крстиќ и претседателот на Советот Бојан Бојкоски.

Целта на настанот, како што истакнаа на средбата е создавање заедница во која жените ќе се охрабруваат меѓусебно, ќе ги препознаваат можностите на новото време и ќе ја развиваат сопствената сила преку знаење, личен развој, соработка и меѓусебна поддршка. Веруваме дека секоја промена започнува со една охрабрена личност, а секоја силна заедница започнува со луѓе кои се подготвени да вложат во себе и во другите.

Настанот се одржа во пријатна декорирана атмосфера во ресторан „NOYA“, како место каде инспирацијата природно се спојува со разговорот.

Посетителите имаа можност да ја проследат и изложбата на внимателно избрани жени кои преку својот труд, креативност и посветеност создаваат вредности во нашата заедница.

Малиот саем не беше само претставување на нивната работа, туку сведоштво дека зад секое дело стои истрајност, знаење и храброст.

На настанот се испрати порака дека вреди да се учи, да се расте, да се остане достоинствен и дека вистинското лидерство започнува со грижа за човекот.

Визијата на Советот за женско претприемништво е да изградиме заедница од жени кои ќе бидат љубопитни, образувани, одговорни и храбри да ги препознаваат предизвиците на новото време. Жени кои ќе бидат пример дека успехот не се мери само со постигнатото, туку и со начинот на кој ги инспирираат другите.

„ИСКРА“- Простор каде што растат жените, расте и општеството.

Денеска го празнуваме Рождеството на Пресвета Богородица – Честит именден Марија, Маре, Маријана, Марјан…

Денеска е Раѓање на Пресвета Богородица-Мала Богородица.

Црквата го востановила овој празник поради посебното значење што го има пресвета Богородица, па во врска со тоа и нејзиното раѓање во Божјата економија на спасението. Онаа што подоцна ќе го роди Бога се роди од благочестивите родители Јоаким и Ана. Јоаким потекнуваше од еврејскиот царски род, а Ана од свештеничкиот. Долго време немаа деца, цели 50 години, но имаа цврста вера во Бога и срдечно се молеа да им биде дадено дете. Голема им беше радоста кога се роди Марија, но голема беше и нивната чесност пред Бога, па тие, не заборавајќи дека Бог на посебен начин им го дал детето, ја дадоа Ма¬рија да се воспитува во Ерусалимскиот храм до времето кога му стана свршеница на праведниот Јосиф, т.е. кога Бог одреди да ја прими бла¬гата вест од ангелот дека ќе го роди Спасителот на светот.

Бидејќи ова е празник на раѓањето, мајките го поминуваат со децата. Избегнувајте ги сите потеши работи, како и работи кои се прават со рака, како на пример плетење, шиење…

Исто така се верува дека на овој ден не треба да се носат важни одлуки, а дека започнувањето на големи работи никако не смее да се прави.

Именден празнуваат: Марија, Марица, Марјан, Маријана, Маре, Маја…

Чонески: Крушево се развива во подобро место за живеење и атрактивна спортско-туристичка дестинација.

Пред вас денес сакам да ja презентирам дел од работата и активностите што ги реализиравме и што се во тек, со една јасна цел – Крушево да биде подобро место за живеење, атрактивна, туристичка и спортска дестинација, вели Нико Чонески, градоначалник на Општина Крушево.

„Во изминатиот период работевме на повеќе полиња – од патната и комуналната инфраструктура, преку водоснабдувањето и уредувањето на јавните простори, до урбанистичкото планирање, спортот и туризмот.

Еден од нашите приоритети е подобрувањето на патната инфраструктура во Општината.

Во тек е изградбата на пристапната улица до скијачките терени, која ќе овозможи подобар и побезбеден пристап до оваа значајна туристичка и спортска локација и ќе се поврзе со идната обиколница околу Крушево. Обиколницата е во фаза на тендерска постапка и со нејзината реализација очекуваме значително да се олесни сообраќајот низ градот, особено сообраќајот на тешките товарни возила.

Паралелно, се изработува техничка документација за подобрување на патната инфраструктура во населените места, а продолжуваме и со ревитализација и санација на локалните улици во градот.

Во тек е и изработка на сообраќаен проект, со кој ќе се обезбедат дополнителни паркинг места и ќе се регулира режимот на сообраќај во централното подрачје, со цел подобро функционирање, особено во периодите со зголемен број посетители.

Посебен фокус ставивме на едно од најважните прашања за секоја општина – сигурното и квалитетно водоснабдување.

Во тек е изработка на студија за намалување на загубите на питка вода во Крушево, со цел максимално искористување на гравитационите извори и детектирање на деловите од системот со најголеми загуби на вода,  кои ќе бидат приоритет за раконструкција.

Завршена е реконструкцијата на објектот на пумпната станица за водоснабдување на Крушево, а во тек е тендерска постапка за целосна замена на хидро и електро опремата.

Го продолжуваме и процесот на модернизација на Јавното комунално претпријатие. До крајот на септември се очекува испорака на нов ровокопач-натоварувач, а веќе е набавено и ново возило за собирање отпад. објави Скопје1.мк

Утре наместа нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, од вторник посвежо

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најавува дека утре попладне наместа ќе има услови за нестабилност со пороен дожд, појава на грмежи и засилен ветер, а претпладнето ќе биде променливо облачно и топло со сончеви периоди.

Според УХМР, од вторник и во деновите потоа ќе се задржи променливо облачно време со сончеви периоди и значително посвежо.

Македонските информатичари со два медали на Балканската олимпијада по информатика во Тирана

Од 14-ти до 20-ти септември, во Тирана, Албанија, се одржува 33-тата по ред Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2026), а домаќин на настанот е STEM Hub Center. Македонскиот тим на овој регионален натпревар во програмирање го сочинуваат натпреварувачите Владимир Грчев од Кочани, Дамјан Давков од Штип, Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица, предводени од тим лидерите Благојче Павлески и Петар Ковачовски, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Во силна регионална и меѓународна конкуренција, Владимир Грчев освои сребрен медал, а Дамјан Давков бронзен медал. Никола Стојковски и Марко Кренков, пак, освоија олимписки пофалби.

На настанот проф. Миле Јованов повторно беше избран за Претседател на Балканската олимпијада во следниот тригодишен мандатен период.

„Секој медал освоен на овие натпревари е потврда за трудот што нашите ученици, наставници и ментори го вложуваат во текот на целата година. Владимир и Дамјан со своите медали, а Никола и Марко со освоените пофалби, покажаа дека Македонија продолжува да произведува млади информатичари способни да се мерат со најдобрите во регионот. Ваквиот континуитет на резултати не е случаен, туку е плод на долгогодишниот систем на подготовки и натпревари што го негуваме заедно со ФИНКИ“, рече претседателот на Здружението, Јованов.

Учениците кои се дел од македонскиот тим за БОИ 2026 беа избрани преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 37. пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk, кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи, а циклусот беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и на неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Нетцетера и Семос едукација.

Балканската олимпијада по информатика (БОИ) е врвен натпревар во програмирање за средношколци од земји кои се наоѓаат на или околу Балканскиот полуостров, а се организира секоја година од 1993 година наваму. На овогодинешното, 33-то издание, учествуваат натпреварувачи од 13 земји-членки на БОИ заедницата (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија, Словенија и Турција), а како гости настапуваат и претставници на уште пет земји (Грузија, Киргистан, Саудиска Арабија, Туркменистан и Украина). Учениците се натпреваруваат индивидуално во решавање на алгоритамски проблеми во текот на два натпреварувачки дена.

Следниот настан кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Јуниорската балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2026), која ќе се одржи од 22-ри до 28-ми септември во Сараево, Босна и Херцеговина. Следната, 34-та по ред Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2027), ќе се одржи идната година во Турција.

Карате клуб „Феникс“ повторно на врвот – прилепските каратисти најуспешни на „Ботони Опен“

Карате клубот „Феникс“ од Прилеп продолжува да бележи одлични резултати и уште еднаш потврди дека припаѓа во самиот врв на македонското карате.

На првиот меѓународен карате турнир „Ботони Опен 2026“, кој на 13 септември се одржа во Скопје, прилепскиот клуб беше прогласен за најуспешен клуб во генералниот пласман, а дополнително го освои и признанието за најуспешен клуб во дисциплината кати. На турнирот учествуваа 415 натпреварувачи од 33 клубови.

Каратистите на „Феникс“ имаа извонреден настап, освојувајќи вкупно 40 медали, од кои:

🥇 16 златни медали
🥈 10 сребрени медали
🥉 14 бронзени медали

Со овој резултат, „Феникс“ се најде на врвот на генералниот пласман, оставајќи зад себе голем број реномирани клубови од натпреварувањето.

Успехот е резултат на континуираната работа, дисциплина, посветеност и големата љубов кон карате спортот, како и на заедничкиот труд на натпреварувачите, тренерите и целиот клуб.

За Карате клуб „Феникс“, ова е уште едно значајно признание и потврда за квалитетната работа со младите каратисти, кои со своите настапи продолжуваат достоинствено да го претставуваат Прилеп.

Честитки за новиот голем успех на Карате клуб „Феникс“!

Вечерва почнува 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“

Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ вечерва ќе го започне своето 47. издание. Свеченото отворање е закажано во 20 часот во Центарот за култура во Битола, со проекција на филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, во продукција на „Сестри и брат Митевски“ и ја следи приказната за три генерации жени кои се соочуваат со судирот помеѓу традицијата и современите предизвици, раскажана низ перспективата на 12-годишната Адела, сместена во енергичната ромска заедница во Шуто Оризари.

Тензијата во филмот произлегува од судирот со традиционалните вредности и општествената маргинализација, додека ликовите се борат за опстанок, достоинство и заедништво.

Главните улоги ги толкуваат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото е на Дина Дума, во соработка со Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноaром, а продуцент е Лабина Митевска.
Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, како и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска, и фондовите „Еуримаж“ и „Медиа“.

Во Битола веќе пристигнаа првите гости. Црвениот килим е поставен пред Центарот за култура во Битола. Градот го добива сјајот на филмскиот фестивал во чест на браќата Манаки и е подготвен за вечерашното отворање.

По националната заштита, прилепскиот рубин ќе се промовира и на меѓународно ниво

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини в понеделник, 21 септември, ќе ги соопшти натамошните активности за заштита, сертификација и промоција на македонскиот рубин. Ќе бидат презентирани досегашните, но и идните конкретни чекори за воспоставување на системот за заштита и препознатливост на македонскиот рубин – од утврдување и документирање на потеклото, преку сертификација и воспоставување јасни критериуми, до создавање механизми за негова автентична промоција.

Посебен фокус ќе биде ставен на активностите за негово меѓународно промовирање.

Како што велат од Министерството, ова ќе биде можност јавноста и медиумите директно да се информираат што е досега направено, што следува и како ќе се одвива целиот процес во наредниот период.

На настанот ќе присуствуваат министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, членовите на новоформираната Комисија за македонскиот рубин, како и претставници на Геолошкиот завод, Заводот за индустриска сопственост, Министерството и другите институции и чинители вклучени во процесот.

Министерката Божиновска во јуни годинава соопшти дека пристигнало решението со кое и официјално се заштитува македонскиот рубин како наш, македонски полускапоцен камен.

Рубинот што се вади во Македонија е геолошки и естетски уникат: познат е како корунд со карактеристична малиново-розева боја, што се јавува поради присуството на хром во неговата кристална структура. Се наоѓа исклучиво во околината на Прилеп и во планините на Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнената Европа што се обработува локално. Покрај својата естетска и колекционерска вредност, македонскиот рубин претставува дел од културното и историското наследство на земјата – симбол на природната убавина и националната гордост.

Активностите за заштита на македонскиот рубин почнаа во септември 2025 година.

Tри битолски училишта добиваат нови типски спортски сали

Подобри услови за спорт и физичко образование за учениците во три битолски училишта

Во три училишта на територијата на Општина Битола се реализираат проекти за изградба на типски училишни спортски сали, со кои учениците ќе добијат современи услови за спорт, рекреација и физичко образование.

Денеска градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, заедно со одговорните лица за проектот, изврши увид во градежните работи за изградба на новата спортска сала во дворот на ОУ „Стив Наумов“ во Битола.

Салата ќе се простира на површина од 650 квадратни метри и ќе биде наменета за реализација на спортски и рекреативни активности, меѓу кои кошарка, одбојка, гимнастика, ракомет, пинг-понг и други спортови поврзани со училишното образование.

Објектот е проектиран во две функционални секции. Едната ќе ги опфаќа помошните простории, односно соблекувални, канцеларија и санитарни јазли, додека во другата ќе биде сместена фискултурната сала со димензии 15 на 30 метри и висина од 7,6 метри.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 48.297.406 денари, обезбедени преку вториот владин повик, преку Министерството за образование и наука, со учество и од буџетот на Општина Битола.

Изградбата беше забавена поради потребата од измени и дополнувања на проектната документација, со цел усогласување на фазата термотехника и исполнување на потребните параметри за енергетска ефикасност.

Покрај ОУ „Стив Наумов“, нови типски училишни спортски сали ќе добијат и ОУ „Тодор Ангелевски“, како и подрачното училиште „Даме Груев“ во Долно Оризари.

Со реализацијата на овие проекти, трите училишта ќе добијат дополнителен простор и подобри услови за спортски активности, што ќе придонесе за создавање посоодветни услови за физичко образование и развој на спортските навики кај најмладите.

EУРОКОМПОЗИТ доби нови лиценци за работа со воена опрема

Наменската фабрика „11 Октомври-Еурокомпозит“ АД Прилеп направи уште еден значаен чекор во процесот на повторно активирање и рестартирање на своите производствени капацитети.

Централниот регистар официјално ја евидентираше промената во трговскиот регистар, со што и формално се потврдуваат новите одобренија и лиценци на компанијата за работа со воена опрема.

Според документот од Централниот регистар, промената е заведена под деловен број 35020260021889, по електронски пат преку регистраторот Павлинка Голешки.

Измената се однесува на „Промена на одобренија“, согласно претходно донесеното Решение бр. 17-139/3 од 11.09.2026 година, издадено од Министерството за економија и труд – Управа за наменско производство.

Со решението, на „Еурокомпозит“ му е дадена согласност за вршење на внатрешен промет со воени стоки во работните простории на седиштето на компанијата во Прилеп.

Уписот е извршен согласно законските процедури и релевантните одредби што го регулираат работењето на компаниите во оваа област.

Новото одобрение доаѓа во значаен момент за прилепската фабрика, која по сопственичката трансформација влезе во процес на реорганизација и повторно активирање на своите капацитети.

Добивањето согласност за внатрешен промет со воени стоки претставува предуслов за понатамошно реализирање на дел од планираните активности и договори поврзани со производството на заштитна и друга опрема.

За „Еурокомпозит“, ова е уште еден формален чекор во процесот на враќање на фабриката во функција и создавање услови за повторно производство во рамките на наменската индустрија.