Чонески: Крушево се развива во подобро место за живеење и атрактивна спортско-туристичка дестинација.

Пред вас денес сакам да ja презентирам дел од работата и активностите што ги реализиравме и што се во тек, со една јасна цел – Крушево да биде подобро место за живеење, атрактивна, туристичка и спортска дестинација, вели Нико Чонески, градоначалник на Општина Крушево.

„Во изминатиот период работевме на повеќе полиња – од патната и комуналната инфраструктура, преку водоснабдувањето и уредувањето на јавните простори, до урбанистичкото планирање, спортот и туризмот.

Еден од нашите приоритети е подобрувањето на патната инфраструктура во Општината.

Во тек е изградбата на пристапната улица до скијачките терени, која ќе овозможи подобар и побезбеден пристап до оваа значајна туристичка и спортска локација и ќе се поврзе со идната обиколница околу Крушево. Обиколницата е во фаза на тендерска постапка и со нејзината реализација очекуваме значително да се олесни сообраќајот низ градот, особено сообраќајот на тешките товарни возила.

Паралелно, се изработува техничка документација за подобрување на патната инфраструктура во населените места, а продолжуваме и со ревитализација и санација на локалните улици во градот.

Во тек е и изработка на сообраќаен проект, со кој ќе се обезбедат дополнителни паркинг места и ќе се регулира режимот на сообраќај во централното подрачје, со цел подобро функционирање, особено во периодите со зголемен број посетители.

Посебен фокус ставивме на едно од најважните прашања за секоја општина – сигурното и квалитетно водоснабдување.

Во тек е изработка на студија за намалување на загубите на питка вода во Крушево, со цел максимално искористување на гравитационите извори и детектирање на деловите од системот со најголеми загуби на вода,  кои ќе бидат приоритет за раконструкција.

Завршена е реконструкцијата на објектот на пумпната станица за водоснабдување на Крушево, а во тек е тендерска постапка за целосна замена на хидро и електро опремата.

Го продолжуваме и процесот на модернизација на Јавното комунално претпријатие. До крајот на септември се очекува испорака на нов ровокопач-натоварувач, а веќе е набавено и ново возило за собирање отпад. објави Скопје1.мк




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.