дома блог страница 33

Во понеделник е голем празник – еден од 12-те големи празници во православието

Рождество на Пресвета Богородица или Мала Богородица е еден од 12-те големи празници во православието што го слави раѓањето на Богородица, родена во Назарет од стари и бездетни родители, благочестивите Јоаким и Ана, како одговор на нивните молитви. Празникот се слави на 8 септември по јулијанскиот или на 21 септември по грегоријанскиот календар.

Иако овој ден се смета за почеток на сите празници во Светата православна црква, тој почнал да се празнува многу подоцна, дури откако ослабнало паганството и христијаните можат да ѝ оддадат признание и на мајката на Исус Христос.

Во македонската традиција култот има длабоки корени. Народот верува дека Богородица е заштитничка на мајките и леунките, а според записите на Марко Цепенков од Разлошко, кога жена Турчинка се мачела при породување, ја повикувале со зборовите: „Ела, Муарем-ано, ела, да је поможиш на оваа сирота што се мачи и не може да роди. Поможи е, Муарем-ана, у нас (Муарем-ана ја викаат Богоројца турцки) за побрго да родит.“ По раѓањето бабата метела со думи: „Бегај, Муарем-ано, бегај, оти овде турцка е куќата“.

Жените без деца се молеле пред иконите, па така според Миленко С. Филиповиќ, жените од Дебарски Дримкол оделе во манастирот во Калишта на Охридското Езеро за да ја занишаат сребрената лелејка (минијатурна лулка) пред иконата.

Во теолошка смисла, разликата меѓу Истокот и Западот ја опишува ставот: „Ако на запад, во западното христијанство, во центарот на почитувањето на Марија секогаш бил Нејзиниот образ како дева, девственоста, која не била нарушена од мајчинството, за православниот Исток таквата негова срдечна љубов кон Марија, Нејзиното созерцание и ‒ ќе повторам уште еднаш ‒ радосниот восхит од погледот кон Неа, од самиот почеток бил и останува нејзиното мајчинство, Нејзината крвна врска со Исус Христос.“

Многу цркви се изградени според соништа, а за селото Богородица Стефан Тановиќ сведочи дека името го добило по духот на Св. Богородица во селската икона што постојано се движела. Во 1835 година црквата изгорела, иконата одлетала на север, а селото го зафатила чума. Спасот дошол кога по совети од сон (кога иконата била во Конче, Радовишко), со рало близнак, волови близнаци и браќа близнаци ја изорале браздата околу селото.

Празникот се одбележува со собири и панаѓури во манастирите Пречиста кај Кичево, Матејче, Осоговскиот манастир и други.

Гласот на тинејџерите во “Teen Зона” – Новата радио-емисија на Радио Холидеј

Ученичката од третата година во Гимназијата “Мирче Ацев”, Михаела Велеска, е главен уредник и водител на тинејџерската емисија “Teen Зона”, која оди во етер на Радио Холидеј, на фрекфенција 102.1, која се емитува секоја среда – премиера и сабота – реприза во 12:30h.

Во емисијата се опфатени успешни тинејџери во областа на спортот, уметноста, музиката и други области од кои некои се познати, а некои се на почетокот на нивните кариери. Првата емисија започна со успешниот каратист Белистојаноски Матеј, потоа Чатлески Матеј, па следеа музичките групи “The Hounds”,”The Doctors” и многу други гости кои јавно во етер ги искажаа своите приказни, секој на свој начин како стигнал до тоа што е денес и што сака да биде понатаму.

Емисијата е во етер изминатите 6 месеци, каде се снимани повеќе од 20 емисии, доколку некој пропуштил некоја емисија, може да ја преслуша на Facebook страницата на Teen Зона.

За досегашното емитување на емисијата “Teen Зона” најзаслужни се медиумскиот покровител Радио Холидеј, водителката и главен уредник Михаела Велеска и главниот финансиски поддржувач – Speed PVC.

За да продолжи да се емитува емисијата потребни се повеќе поддржувачи, па затоа јавно се покануваат сите општествено – одговорни компании кои сакаат да помогнат, можат да пишат на Facebook страната на Teen Зона, или да се јават во Радио Холидеј на телефонскиот број 048-422-485.

Воедно, се покануваат и сите успешни тинејџери кои досега не биле исконтактирани да ги презентираат своите успеси, можат да пишат на горенаведената Facebook страница на “Teen Зона”, или бројот на Радио Холидеј.

Со 250 бетонски столбови ќе се стабилизира земјиштето кај Ботун, Николоски и Трајановски со детали за градежната техника која за првпат се користи во Македонија

Со околу 250 бетонски столбови/колови ќе се стабилизира земјиштето на најтешкиот дел од автопатската делница Кичево-Охрид. Во пределот кај Ботун, земјата е црна-графитна и важи за најнестабилна земја, а дополнително има и многу вода. Токму затоа стабилизација на косините кај Ботун ќе се врши со градежна техника која ја првпат се користи не само во Македонија, туку и на Балканот.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈПДП, Коце Трајановски денеска на терен вршеа увид во демонтрација на поставувањето на арматурен кафез во еден од бетонските столбови длабоки во земја околу 20 метри.

Николоски истакна дека токму ваквиот состав на почвата и потрагата по соодветно безбедно решение е причината поради која досега делот околу селото Ботун беше невозможно да се стави во рамки на автопатот Охрид-Кичево, која е и последната делница која ќе биде изградена.

-Ги собравме најголемите умови и професори кои ги има Македонија во соработка со светски научници, решението го имаме позади нас. Работат машини кои тежат по 130 тони, такви има три. Вкупно ќе бидат пет кои се донесени да работат од надвор. Машините влегуваат 20 до 28 метри во земја, тоа е помеѓу 7 и 11 ката од зграда. Се спуштаат арматурни кафези, секој од нив тежи 30 тона железо, и истите се поливаат со бетон. Помеѓу нив има цевки и челични јажиња кои ги држат едни со други и практично под земја создаваме една целосна структура која треба да ја држи основата на автопатот, објасни вицепремиерот Николоски.

Додаде дека вакви бетонски столбови кај Ботун ќе има 163, а останатите ќе бидат на останатиот дел од автопатот.

Првиот човек на јавното претпријатие за државни патишта посочи дека овој проект е правен во координација и соработка со инженерите од Кина.

-Стабилизацијата на косините е еден од главните проблеми на овој проект од Кичево до Охрид. Направени се дополнителни гео истраги во должина од седум километри на околу 400-500 локации со различна длабина за да се провери составот на земјиштето во долниот дел, да може да се види на кој начин и со која технологија ќе биде стабилизирано. Направени се два клучни проекти за стабилизација. Едниот е со галериите и вториот начин е со овие бетонски столбови длабоко во земјата околу 20 метри, посочи Трајановски.

Според министерот за транспорт ако галериите се најатрактивниот дел од патот, ова е убедливо инженерски најтешкиот дел од изградбата на автопатот Кичево-Охрид.

Владиката Петар искрено за случувањата во Цариградската партијаршија: АЈ ШТО НЕ’ ТЕПАТЕ, АМА НЕ НИ ДАВАТЕ НИ ДА „ПЛАЧЕМЕ“!

Не’ тепате, но не ни давате ни да „плачеме“, им соопштил народски владиката Петар на челниците на Цариградската партијаршија на средбата на која како натрапници (падобранци) влетале Партениј и негов придружник со антимакедонски позиции, откажувајќи се без проблем од се’ што е со македонски предзнак во нашата црква. Владиката им објаснил и во штое е нашето „плачење“? –„Моето плачење е да речам дека јас сум Македонец, мојата земја се вика Македонија, мојата црква се вика Македонска правосоалвна црква, мојата нација е македонска нација. Е, тоа е нашето „плачење“, им укажал митрополитит преспанско-пегониски на средбата, пренесувајќи ги случувањата во „За македонските работи“ со новинарот Љупчо Цветановски на ТВ Алфа.

-Јас им кажав дека овие двајцата се натрапници (Партениј и следбеникот), после им кажав дека меѓу другото вие теба да знаете дека ние сме понижувани, ние сме обесправувани, ние сме па и обесчестувани ако може да се рече поконкретно да речам, дури и тепани од вас, ама ние сето тоа сме го поднесувале од Вас и од другите цркви, кога сме биле понижувани и така натаму и никогаш не сме дозволиле како црква да се здружиме со непријателите ваши, односно со тие цркви кои така се однесувале кон Вас, туку сме биле доследни и сме барале канонски да дојде нашето признавање како автоќефална црква на што, после реков: Вие, да речеме и не’ тепате, и не е трагедијата во тоа што го поднесуваме и тепањето, ама не ни давате да плачеме! Дозволете ни, барем, да плачеме. А во што е нашето „плачење“? Моето плачење е да речам дека јас сум Македонец, мојата земја се вика Македонија, мојата црква се вика Македонска правослaвна црква, мојата нација е македонска нација. Е, тоа е нашето „плачење“, им укажал народски митрополитит преспанско-пегониски во Цариградската т.н. Севеселенска патријаршија.

-Немаа на тоа одговор, се најдоа во небрано и во тој момент не знаеја како да изреагираат, затоа што тоа е вистината и вистината не треба никого да го навредува, пренесе искрено владиката Петар во „За македонските работи“ со Цветановски.

Битола продолжува со изградбата на велосипедски патеки, над 2 километри во поранешната касарна

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска најави продолжување на проектот „Битола-велоград“, со кој се предвидува изградба на нови велосипедски патеки во градот.

Како што информираше Коњановски, досегашните пет километри велосипедски патеки на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“ ќе бидат надградени со уште над два километри патеки во поранешната касарна.

Паралелно, се работи и на проектна документација за изградба на велосипедски патеки од едната страна на улицата „Филип Втори Македонски“.

„Со ова го реализираме ветеното за Битола велоград и се залагаме за поголема мобилност, што впрочем беше и една од темите на манифестацијата ‘Европска недела на мобилност’ што вчера ја организиравме во нашиот град“, истакна Коњановски.

Тој посочи дека локалната самоуправа продолжува да работи на подобрување на уличната инфраструктура, со акцент на безбедноста, пристапноста и мобилноста.

„Насока иста“ – новиот сингл на „Луциден сон“ носи мрачна приказна за колективот и поединецот

„Зарем не си со нас?“ – „Луциден сон“ ја објави „Насока иста“ „Како се викаш? Заборави, не е важно.“

Со едно навидум едноставно прашање почнува приказната во „Насока иста“, новиот сингл и видеоспот на македонскиот музички проект „Луциден сон“.

Во песната постојано се појавуваат кратки повици и упатства: „Стопи се денес“, „Дојди влези овде“, „Зарем не си со нас?“, „Застани еве овде“. Ништо од нив само по себе не звучи особено заканувачки. Но, како што песната се движи напред, изборот станува сè помал, а насоката сè појасна.

Иста насока. Иста насмевка. За сите нас.

Врз оваа идеја е изграден и видеоспотот. Главниот лик влегува во студен, стерилен простор во кој речиси сè е веќе определено: каде се оди, каде се стои, како се изгледа и, на крајот, како се насмевнува.

Низ ходниците и салата постојано се појавува трочлена стрелка – најпрво како обичен патоказ, а потоа како знак на нешто многу поголемо. Луѓето седат во редови, погледите се вртат истовремено, а поединецот постепено се приближува кон сликата што околината веќе ја подготвила за него.

Во таа приказна Гоце Кантар не е класичен наратор, ниту класичен негативец. Неговиот лик повеќе функционира како глас на системот – мирен, речиси пријателски, токму затоа и понепријатен.

Спотот комбинира реално снимени кадри со дигитално изградени сцени и визуелни елементи создадени и обработени со помош на АИ. Технологијата не е тема сама за себе, туку средство за создавање свет кој намерно изгледа премногу чист, премногу уреден и премногу ист.

Музички, „Насока иста“ се одликува со темна, хипнотичка звучна слика, длабоки вокали и катарзична завршница предводена од подисторзирани гитарски делници. Програмирањето, аранжманот и миксот се плод на заедничката работа во рамки на проектот.

Повторувањето на „насока иста“ и „насмевка иста“ не функционира само како рефрен, туку и како дел од самата идеја на песната – реченица која со секое повторување сè повеќе личи на правило.

Музиката,текстот,гитарите и придружните вокали ги потпишуваКостадин Стојаноски, кој стои и зад визуелниот концепт и реализацијата на видеоспотот, додекаглавниот вокал го изведува Гоце Кантар.

„Насока иста“ е достапна на YouTube и на дигиталните музички платформи.

Видео: https://www.youtube.com/watch?v=q4Q_yjy28-o

YouTube: https://youtube.com/@lucidenson

Website: https://lucidenson.com

Facebook: https://facebook.com/lucidenson

Instagram: @lucidenson

ОО СДСМ Прилеп: Наместо со работа, Тунески го започна мандатот со бришење 250 коментари на неговата објава

Новиот претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Христијан Тунески, неславно го започна својот мандат. Повеке од 250 прилепчани, од кои најголемиот дел членови и поддржувачи на партијата на која и тој припаѓа, со своите коментари на официјалната веб страна на ДПМНЕ јасно му кажаа што мислат за неговиот трагикомичен одговор на прес-конференцијата на претседателката на ОО СДСМ-Прилеп, Петра Лукавоска, велат во денешното соопштение од ОО СДСМ Прилеп.

„Исто како што му кажа дека е бесмислено после 5 години власт во Прилеп, тој и градоначалникот Проданоски за ветените проекти се’ уште забораваат во идно време: Ќе… Ќе… Ќе…

Тунески не собра храброст да ги остави коментарите на своите сограѓани на увид на јавноста, туку по неговата логика дека тоа што не се гледа не се ни случило, нареди нивно бришење. Еден од избришаните над 250 коментари беше и оној од профилот Сектор комуникации на ОО СДСМ-Прилеп, кој како поддршка на кажаното и во интерес на вистината во оваа прилика го реобјави.

Она што од фрла темна сенка врз мандатот на Тунески како претседател на Општинскиот комитет на ДПМНЕ, е користењето на неговата функција во Советот на Општина Прилеп за остварување на лични цели.

Имено, како член на Комисијата за финансирање, буџет и локален економски развој, Тунески гласал да му се доделат 100.000 денари од општинскиот буџет, за организација на настанот „Ќе Трчаме“.

Имајќи го предвид фактот дека Тунески е еден од основачите на Здружението „Трча 2023 Прилеп“, несомнено дека станува збор за класичен судир на интереси, односно дека Тунески постапил спротивно на Законот за спречување на конфликти на интереси. Или кажано со други зборови, претседателот на ДПМНЕ Христијан Тунески, сам себеси си доделил 100.000 денари, пари од граѓаните на општина Прилеп!

Дополнително, ако се знае дека освен овие средства настанот „Че Трчаме“ има и спонзори, како и дека организаторите на секој учесник во трката му наплаќаат котизација од 700 денари плус уште 300 денари за маица со логото на настанот, дека Општина Прилеп ги покрива трошоците за полициско обезбедување и за екипата на Итната медицинска помош, се поставува прашањето каде и за што се трошат сите овие пари?

Со ова, паѓа во вода тезата на Тунески дека неговото учество во организацијата на настанот е на волонтерска основа.
Ете вака, почитувани сограѓани, изгледаат лажните волонтери и „загрижени“ локалпатриоти од ДПМНЕ за спортскиот, културниот и, генерално, општествениот развој на Прилеп!

Јанев: “Кога нема резултати, следи одговорност” – разрешен тимот за борба против дрога во ова СВР

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска оствари работна посета на Секторот за внатрешни работи Куманово, каде што во фокусот беа безбедносната состојба и борбата против нелегалната трговија и дистрибуција на дрога и психотропни супстанции на подрачјето на Куманово, Кратово и Крива Паланка.

По 11 недели од формирањето на Работниот тим за борба против дрогата, констатирани се недоволни резултати. Поради тоа, на предлог на директорот Јанев, со одобрение од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, распуштена е регионалната организациска единица во рамки на криминалистичката полиција при Секторот за внатрешни работи Куманово, задолжена за борба против трговијата со дрога.

Сите членови на единицата се разрешени и упатени на други работни места, а на нивно место се поставени нови полициски службеници.

„Во борбата против криминалот нема простор за работа само на хартија. Потребни се конкретни акции, откриени сторители, запленета дрога и разбиени криминални мрежи. Кога резултатите изостануваат, следува одговорност – без изговори и привилегии“, порача Јанев.

Тој најави дека ќе продолжат одлучните чекори секаде каде што ќе биде констатирано неработење или отсуство на резултати.

ИЏЕ ВО БУЗЕТ: ГОЛЕМО ФИНАЛЕ НА ЕВРОПСКИОТ ШАМПИОНАТ НА РИДСКИ ПАТЕКИ

Игор Стефановски – Иџе е подготвен за последниот предизвик во сезоната. Овој викенд, од 18 до 20 септември, Бузет, Хрватска, ќе биде домаќин на големото финале на FIA Европскиот шампионат на ридски патеки (FIA EHCC).

По одличниот настап и успешниот старт со новиот прототип „Нова прото“ во Словенија, Иџе сега го насочува фокусот кон култната трка 45- Buzetski dani 2026, која традиционално привлекува голем број врвни европски возачи.

Официјалната листа на пријавени брои дури 242 возачи, а во Категорија 2, во која од оваа сезона настапува Иџе со новиот болид, се пријавени најдобрите имиња од европската елита.

„Очекуваме добар резултат и сакаме таму да ја продолжиме оваа убава европска приказна. Бузет има посебно место во мојата кариера“, вели Иџе, кој со нетрпение го очекува настапот. Стефановски ветува спектакл за верната публика во Бузет.

Бузет има посебно значење за неговата кариера. Токму на оваа патека минатата сезона Иџе ја возеше својата 200-та трка во кариерата, а сезоната во FIA Европскиот шампионат на ридски патеки ја заврши со одлично трето место во Група 1.

Оваа година предизвикот е уште поголем. Со преминувањето на Ново прото, Игор Стефановски – Иџе и официјално се пресели во Категорија 2, најпрестижната и технолошки најнапредната категорија во европскиот автомобилизам на ридски патеки.

Последниот викенд од европскиот шампионат носи нова битка, силна конкуренција и уште еден спектакл на легендарната патека во Бузет. Иџе е подготвен. Бузет и неговата публика го очекуваат. Македонија ќе има нова шанса да навива за својот шампион.

Николоски на средба со американската амбасадорка: Со поддршка од САД, Македонија го забрзува економскиот развој и регионалното поврзување

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оствари работна средба со Никол Варнс, вршител на должноста, амбасадор на САД во земјава.

На средбата се разговараше за економската соработка меѓу двете земји и поддршката на САД во делот на реформските процеси на Македонија. Економските врски меѓу двете земји исто така се на високо ниво, а трговската размена бележи позитивен тренд.

Заменик претседателот Николоски, на средбата истакна дека развојните политики на Владата се насочени кон економски развој, токму преку реализација на крупните капитални проекти кои водат кон регионалното поврзување и интеграција.

Тој додаде дека изградбата на автопатите на Коридорите 8 и 10-д се реализираат со одлична динамика согласно предвидените рокови.

Двајцата говорници го поздравија стратешкото партнерство меѓу двете земји, исткнувајќи дека тоа е гарант за обезбедување на стабилност во земјата и регионот.

Македонија и САД имаат одлични билатерални односи, се заклучи на средбата и во насока на истите постои силна подготвеност за унапредување на соработката во области од заемен интерес.