дома блог страница 250

„СО ЉУБОВ ОД БИТОЛА“ – Изложба на фотографии посветена на битолските порти на “БИТ ФЕСТ”

Портите не се само дрвени или железни премини — тие се неми сведоци на времето, чувари на сеќавањата, граничник меѓу јавното и личното, надворешното и внатрешното. Секоја порта крие приказна – за домот, за семејството, за минатото кое живее зад неа.

Оваа година изложбата на фотографии „СО ЉУБОВ ОД БИТОЛА“ која ЦЕРИ ја реализира по тринаесетти пат е посветена на битолските порти.

На овогодишниот конкурс свои фотографии испратија 36 фотографи. Од вкупно пристигнатите повеќе од 130 фотографии стручното жири во состав: Димитар Чунговски фотограф и мајстор на фотографија , Кети Талевска Бакревска – фотограф и Диоген Хаџи – Коста Милевски – фотограф направија селекција на 30-те фотографии кои ќе бидат дел од овогодинешната изложба и ги доделија наградите на трите најдобри фотографии и пофалници за три фотографии за нивниот исклучителен квалитет.

Изложбата СО ЉУБOВ ОД БИТОЛА 2025: „Битолските порти“ ќе се отвори на 14.08.2025 – четврток во 19:30 часот во галерискиот простор на фоајето на НУ Центар за култура Битола. На свеченото отворање ќе бидат прогласени победниците и наградените.

Сите фотографии кои пристигнаа на конкурсот, а не беа селектирани како дел од изложбата ќе бидат дел од електронската изложба која ќе биде прикажана на денот на отворањето 14.08.2025 – четврток од 19:30 часот.

„Оваа изложба не ни ги покажува само портите како архитектонски елементи, туку како симболи на премин, зачувување и отпор“, нагласуваат од ЦЕРИ.

Ова 13-то издание на изложбата е дел од годишната програма на НУ Центар за култура Битола и е финансиски поддржано од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.

Како своевидна ризница и дигитална фотографска библиотека на Битола – проектот „СО ЉУБOВ ОД БИТОЛА“ и оваа година е дел од Битолското културно лето Бит-Фест 2025 и е поддржан од Општина Битола.

Ве покануваме да ја посетите оваа исклучителна изложба и да ѕирнете низ портите на Битола.

Сите љубители на фотографијата ќе имаат можност да ја погледнат изложбата од 14.08.2025 до 30.08.2025 во периодот на работно време на Центар за култура Битола

Изложбата и промоцијата на книга насловена како „FLOW“ од Александра Ацеска – во четврток во “Цепенков”

Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, со особена чест и задоволство, ве кани на едно инспиративно и уникатно литературно-уметничко „пловење“ облагородено со доза на филозофска длабочина со прилепската уметница Александра Ацеска.

Изложбата и промоцијата на книга насловено „FLOW“ од Александра Ацеска ќе се случи на  14 август 2025 /четврток/ од 20.00 часот во Ликовната галерија.

„Flow го истражува патот на животот преку водата. Проектот е составен од уметнички дела, како и уметничка книга која се состои од неколку приказни инспирирани од искуството на уметницата во Кина и четири жени чии патишта се спојуваат и разидуваат, во периоди на промени, интроспекции и созревање. Flow ја следи филозофијата дека животот, како водата, е постојана промена. Тоа е потсетник дека отпорноста, радоста и рамнотежата не се дестинации, туку текови што ги учиме“, вели Ацеска за својот уметничко-литературен концепт и проект.

Разговорот со Ацеска ќе го води Иван Ивановски, а промотор на книгата „Flow“ ќе биде Филип Димкоски.

Модератор – Александар Еленин.

Александра Ацеска (1994) е родена во Прилеп, а живее и работи во Фошан, Кина. Во 2017 дипломирала на Факултетот за ликовни уметности Скопје, отсек сликарство и графички дизајн, и на ФМУ во 2023 магистрирала сликарство. Имала неколку самостојни изложби, учествувала во голем број групни и е добитник на домашни и меѓународни награди.

Од полноќ поевтинуваат горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,06 % во однос на одлуката од 4.8.2025 година.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,159 ден/кг и сега ќе изнесува 39,786 ден/кг.

Од 12.8.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 39,786 (денари/килограм)

Министерка во посета на Прилеп, ќе промовира европски фондови за развој на градот

Заменик-министерката за европски прашања, ВикторијаТрајков, денеска ќе оствари работна посета на општина Прилеп, каде ќе се сретне со градоначалникот Борче Јовчески.

Како што соопшти Министерството за европски прашања, Трајков во Прилеп ќе ги промовира можностите за поголема искористеност на европските фондови во реализацијата на планираните проекти во општините. Новите повици за искористеност на европските фондови се очекува да бидат распишани оваа есен од страна на Европската Унија, а се одлична можност секоја општина активно да се вклучи во можностите за нивно искористување.

Во рамките на посетата на Прилеп, заменик-министерката Трајков ќе ја посети и компанијата „Бимфуд ДОО“, заедно со директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев. Оваа компанија со помош на средства преку ИПАРД програмата успеала да го модернизира своето производството.

Посетата на општина Прилеп е дел од серијата посети на заменик-министерката Трајков како дел од активностите на Министерството за европски прашања за поголема промоција на европските фондови со чија помош се овозможува подобар живот за граѓаните.

(ВИДЕО) Повеќе спонзори, подобри награди – Во петок почнува 15. јубилејно издание на најпознатиот турнир во Прилеп – KGJ 3Х3

Веќе 15 години по ред, KGJ3x3 го носи најдоброто од уличниот баскет во срцето на Прилеп! Оваа година повторно ќе имаме три дена исполнети со спорт, дружба и незаборавна атмосфера.

Од 15. до 17. август ќе се одржи 15-то јубилејно издание на одличниот турнир во баскет 3X3 “Кире Гаврилоски – Jане”. Tри дена исполнети со страст, конкуренција и одлични натпревари!

Оваа година, покрај одличните награди, турнирот ќе се игра и на нова подлога, за уште подобро баскет искуство!

Категорија +18

🥇 1. место – 25.000 денари + Дочек на Нова година во Белград
🥈 2. место – 10.000 денари + Ваучери за патување (4×40€)
🥉 3. место – 6.000 денари + Ваучери за патување (4×30€)

Категорија -17

🥇 1. место – Парична награда + Дочек на Нова година во Белград
🥈 2. место – Парична награда + Ваучери за патување (4×40€)
🥉 3. место – Парична награда + Ваучери за патување (4×30€)

Оваа година организаторите на турнирот предвидоа и нова категорија – “Corporate”!

Ако работите во иста фирма, соберете колеги, направете екипа и дојдете да се забавуваме на теренот. Нема врска дали сте професионалци или аматери – идејата е да се дружиме и да уживаме во добар баскет.

НАПОМЕНА: Местата за категоријата +18 е пополенети, а за категоријата под 18 години останува уште едно слободно место!

Ова не е само турнир. Ова е традиција. Не го пропуштај петнаесетото поглавје на КГ3Х3!

„Ритамот под кулите“ ја запали летната сцена во “Цепенков” – Дејви Спиркоски со промоција на „Ново руво“

Вчера летната сцена на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп пулсираше во ритамот на хип-хопот. Рап концертот „Ритамот под кулите“ ги собра на едно едни од најпознатите рап имиња од Македонија: Брука, Пука Козметика, Македонски синови, Дејви, Рибино, Дре, Портеро, Д.С.Ш., Зелена Зона, Марио, П.К.М., Бед Контракт, Багзи, ДЈ Узи и ДЈ Мамлио.

Главниот момент на вечерта беше промоцијата на новиот албум на прилепчанецот Дејви Спиркоски – „Ново руво“, кој содржи 11 нови композиции. Дејви, кој летово се врати од Флорида, САД, каде живее и работи во изминатите години, ја донесе својата свежа енергија и инспирација директно на сцената пред својата публика.

“Ново Руво” е гласот на разумот, преку текстовите се опишани недостатоците во општеството во кое живееме и желбите за подобра иднина.

Како што Дејви го опишува: “Зборовите од секоја трака носат порака базирана на се она што реално не опкружува или онашто го очекуваме во иднина…”.

Албумот е сниман е во студио “Перспектива Рекордс”, продуцент е Aндреј Јовановиќ – Дре, а текстовите се дело на Дејви.

Публиката скокаше, пееше, живееше во моментот. Прилеп синоќа докажа – хип-хопот е жив и брутално добар!

Секоја чест за организацијата и се надеваме на уште вакви настани во иднина!

Фирма ИТНО бара работници за Прилеп: Почетна плата 34.000 ден. + дополнителни бонуси и надоместоци

Jaвете се на телефонскиот број: 071 551 310

Фирмата CAJEN кетеринг има потреба од работници!

Се бараат:

-чистачки
-помошник готвач
-возач

Основната плата е 34.000 денари + нaдоместок за работа за време на празници и работа во недела.

Работно време 8 часа!

Фирмата се наоѓа на ул. “Александар Македонски” бр.118/2 во Прилеп

Општина Прилеп ќе плаќа униформи за сите основци – Деновиве ќе биде објавен тендерот

Општина Прилеп во Планот за јавни набавки за 2025 година предвидува набавка на ученички униформи за учениците од прво до деветто одделение, за потребите на основните училишта.

Според Планот за јавни набавки на општината објавен на Електронскиот систем за јавни набавки, тендерот требло да биде објавен во месец јули, но се очекува тоа да биде направено пред почетокот на школската година.

Ова е одличен проект со кој ќе се постигнат повеќе цели:

Еднаквост меѓу учениците – униформите ја намалуваат видливата разлика меѓу децата од различни социјални и економски средини, што може да спречи потсмев или дискриминација поради облеката.

Фокус на учењето, а не на изгледот – кога сите се облечени исто, вниманието се пренасочува кон наставата, а не кон модата или брендови на облека.

Подобра дисциплина и ред – униформите можат да поттикнат чувство на дисциплина, организација и почитување на училиштето.

Развој на чувство за припадност – учениците се чувствуваат дел од заедница или тим, што ја зголемува колективната мотивација и училиштето го прави пообединето.

Поголема безбедност – полесно се препознаваат учениците на училишниот двор или при екскурзии, што им помага на наставниците и обезбедувањето да ја следат безбедноста.

Заштеда на време и пари – родителите не мора секој ден да размислуваат што ќе облече детето и нема потреба од купување многу разновидна гардероба.

Намалување на притисокот за следење трендови – децата не се чувствуваат обврзани да купуваат скапа или „модерна“ облека за да се вклопат во групата.

Непоканет гостин ги направи “пуздер” пчелните семејства во манастирот Св. Никола кај Прилепец – Управата моли за помош! (ВИДЕО)

Пчелните семејства во манастирот Св. Никола кај Прилепец, кои беа возобновени со манастирски пари, викендов биле речиси целосно уништени од “непоканет гостин”.

Мечка слегла од планината во манастирот, а според управата таа се’ уште се движи во овој регион. Во видео кое го споделија на социјалните мрежи, членовите на управата велат дека направена е голема штета на манастирот, а за тоа пријавиле во полиција и во ловечкото друштво, од каде како што велат не добиле никаква помош.

Велат дека ова било четврт пат како им се уништуваат сандаците со пчели, а стравуваат дека ако не се преземи нешто, или управата, или гостите во манастирот, би можеле да дојдат во блиска средба со мечката.

Магична ноќ на Пелистер! Битолскиот театар ја одигра претставата “Ноќта кога ја убив месечината” на 2.218 мнв (ФОТО)

Претставата „Ноќта кога ја убив месечината“, својата 26-та изведба ја доживеа синоќа на полна месечина на Големо Езеро (2218мнв), Пелистер.

Совршениот спој на вечноста отсликана низ отсјајот на полната месечина на површината на езерото и моќната енергија на актерите инспирирани од мирот и спокојот на природната сцена, надополнети со желбата на публиката да се доживее едно ново патување низ реалноста на секојдневието, ја направија оваа изведба многу повеќе од обична театарска уметност.

Убавините на природната сцена на моменти делуваа и помалку нереално, а присутните ја проследија театарската претстава во неверување дека и тие се дел од еден магичен миг на вечноста.

Настанот беше организиран од НУ Народен Театар Битола, Битолскиот камерен оркестар, јавната установа Национален парк Пелистер со поддршка на Општина Битола.

„Голема благодарност до ТППЕ Битола и до сите кои помогнаа овој настан успешно да се реализира“, истакнаа организаторите.
Драмската претстава е во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.

Музиката за претставата беше во живо во изведба на членови од Битолскиот камерен оркестар. Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.