дома блог страница 216

(ВИДЕО) Го има ли ова некаде кај нас? Еве како се бери тутун во Хрватска

Берба на тутун во Хрватска… нема станување во 3 по полноќ, нема подвиткани берачи, машински, брзо…

Има ли воопшто кај нас ваков пример и дали воопшто може да се примени ваков начин на обработка на тутунот?

(ВИДЕО) Фатени на дело: Запален плац за возила во скопска Пинтија

Утрово во скопската населба Пинтија бил запален плац со поголем број возила. На видео снимка од инцидентот може да се забележи како непознато лице со туба бензин ги полева и ги пали автомобилите.

Пожарот предизвикал голема материјална штета.

Рано утрово пред 4.00 часот изби тежок пожар во сервис за возила пред Пинтија (над Стаклара во метстото наречено Каменик) во кој имаше повеќе автомобили, уље и други запаливи предмети, информираше директорот на ДЗС Стојанче Ангелов. БППЗ Скопје веднаш излезе на лице место и со 8 возила после тешка борба со огнот, пожарот беше изгаснат пред 6.00 часот.

Започна процес за заштита на македонскиот рубин кој го има единствено во Прилеп и Мариово

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини започна процес за официјална заштита на македонскиот рубин, соопшти министерката Сања Божиновска. На првиот состанок меѓу Министерството, Геолошкиот завод и Заводот за индустриска сопственост беа дефинирани конкретни чекори за институционално признавање и заштита на рубинот како национално богатство.

Беше презентирана и правна анализа за признавање на рубинот, а истовремено започна и координација за следните фази на процесот. Министерството се залага не само за заштита, туку и за меѓународна промоција на македонскиот минерал како дел од националниот идентитет и природната гордост на државата.

Македонскиот рубин, со својата карактеристична малиново-розева боја, се наоѓа единствено во Прилеп и Мариово и претставува реткост во Европа, како и важен дел од културното и историското наследство на Македонија.

„Време е државата да го заштити она што е само наше“, истакна Божиновска, нагласувајќи ја важноста на овој процес за идните генерации.

Објавен јавен повик: Општина Прилеп доделува 20 стипендии за студенти од Економскиот факултет

Општина Прилеп продолжува со својата поддршка за младите и нивното образование. Денеска објавивме Јавен повик за доделување на стипендии на студенти од нашата општина кои се запишани во прва година на Економски факултет – Прилеп, во прв уписен рок – напиша на ФБ градоначалникот на општината, Борче Јовчески.
 Стипендиите се наменети за:
-најдобрите студенти, кои се истакнале со својот успех и постигнувања,
-студенти од социјално ранливи категории, на кои оваа поддршка им е особено потребна.
Рокот за аплицирање е 5 дена од денот на објавувањето, а пријавите се доставуваат во Општина Прилеп – преку Архивата на Оштина Прилеп до Комисија за општествени дејности и заштита на правата на децата во затворен плик со намена “за доделување стипендии на студенти од Општина Прилеп“ со назнака „НЕ ОТВОРАЈ“, име и презиме и адреса на барателот.
Со оваа мерка покажуваме дека Прилеп вложува во иднината, давајќи им шанса на младите да се развиваат, да учат и да останат да градат успешна кариера токму овде – во својот град.
Целиот јавен повик со деталите и потребната документација е достапен на официјалната веб-страница на Општина Прилеп: https://www.prilep.gov.mk/javen-povik-za-dodeluvanje…/

Прилепчани брилијантни на Државното ридско првенство во Битола – се вратија дома со четири медали

Во организација на Велосипедската федерација на Македонија и ВК “Пелистер 15 Мај”, вчера (14.09.) во Битола, се одржа Државното ридско првенство, каде учество зедоја и се покажаа во одлично светло велосипедистите од ВК “ХЕРОЈ” од Прилеп.

Сите четворица прилепчани се закитија со медали, при што:

Стефан Маџоски беше трет во категорија на кадети,
Константин Костоски во јуниори го освои првото место,
Андреј Маџоски беше трет во категорија до 23 години,
Влатко Лозаноски го освои првото место во мастерс

Честитки за нашите велосипедисти!

Почеток на академска година и прв свечен академски час на Универзитет Скопје (ФОТО)

На Универзитетот Скопје, денес се одржа Првиот свечен академски час, со што беше одбележан почетокот на наставата за студентите запишани на прв циклус студии во учебната 2025-2026 година.

Во преполниот амфитеатар на Универзитетот, по интонирањето на македонската химна и на студентската химна Gaudeamus Igitur, со пригоден говор на студентите им се обрати Ректорот на Универзитетот, проф. д-р Аце Миленковски. Тој го претстави својот тим – проректорите, деканите, професорите и административниот кадар на Универзитетот и од името на сите свои соработници им посака топло добре дојде на новите студенти.

Во своето обраќање проф. д-р Аце Миленковски особено ја истакна посветеноста на наставниот кадар на Универзитетот во реализацијата на квалитетна настава со примена на методологијата на студирање по системот на трансфер на кредит според Болоњската декларација (ЕКТС-систем), потенцирајќи ја посебноста на УТМС како единствен универзитет во државата што доследно го спроведува овој систем со примена на дигиталните технологии, кои истовремено овозможуваат и непристрасна мерливост на знаењето.

Проф. д-р Аце Миленковски нагласи дека студентите, освен што треба да се стремат кон усвојување на компетенции што ќе им овозможат професионалните кариери, треба пред сѐ да се одликуваат со висока етика и морал во животот и во работењето. Осврнувајќи се на двата столба што се во основата на развојот на секоја цивилизација – здравјето и образованието – проф. д-р Аце Миленковски им порача на новите академски граѓани дека овие две вредности треба да се испреплетени во нивното секојдневно дејствување бидејќи се токму тие иднината на државата.

По завршувањето на свечениот академски час, студентите од секој факултет имаа одделни средби со деканите на кои беа информирани за идни активности во академската година, примената на дигиталната технологија во процесот на студирање, наставните програми, распоредот на настава, како и за користењето на Е-индекс, Е-студент и Е-библиотека.

Тимот на Универзитет Скопје уште еднаш им посакува успешна академска година на своите нови колеги!

ГОЛЕМА БРОЈКА: Во Прилеп ќе се гласа за 9 кандидати за градоначалници и 11 листи за советници

Кандидатури за градоначалници, независна или поддржани од политичките партии и коалиции, како и 11 кандидатски советнички листи се пристигнати во предвидениот рок во Општинската изборна комисија во Прилеп.

Четворица од кандидатите за градоначалници кои се поддржани од група избирачи се:

– Љупчо Дунимаглоски

– Ѓорѓија Игески

– Борче Чупетрески

– Павлинче Матеска

Од политичките партии и коалиции во ОИК пристигнати се следните кандидатури за градоначалници:

– Петра Лукареска (Коалиција за локални избори 2025 г. предводена од СДСМ

– Владимир Ѓорѓиоски (Македонска Ера Трета/Македонски Независни Листи-Суверенисти- За Локални Избори 2025 на територија на Северна Македонија

– Дејан Проданоски (Коалиција ТВОЈА МАКЕДОНИЈА – предводена од ВМРО-ДПМНЕ (ВМРО – Демократска партија за македонско национално единство), Локални избори 2025

– Жарко Бошкоски (ИСКУСТВО ЗА УСПЕХ – Либерално – демократската партија, Граѓанската опција за Македонија, Интегра – Македонска конзервативна партија и Партија за целосна еманципација на ромите од Република Северна Македонија, за Локални избори 2025 г. за територијата на РСМ

– Јасминка Стојковска (Политичка партија ДЕМОКРАТИ Скопје За изборна кампања за локални избори 2025 година за Избори за членови на советите на општините низ цела територија на Македонија и советот на Град Скопје и за градоначалник на општините низ цела територија на Македонија и градоначалник на Град Скопје

Кандидатски листи за советници Општина Прилеп и носителите на листи:

– Група избирачки – Ванчо Спиркоски

– Политичка партија Левица – Методија Костоски

– Група избирачи – Иле Бачанов

– Група избирачи – Страшо Наумоски

– Коалиција за локални избори 2025 г. предводена од СДСМ – Драгица Николоска

– Македонска Ера Трета – независна листа – Никола Трајкоски

– Политичка партија Единствена Македонија – Милан Јовчески

– Движење ЗНАМ – За наша Македонија – Мирјана Стеваноска

– Коалиција Твоја Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ – Билјана Кржеска

– Македонска акција МААК Сопиште – Давид Станкоски

– ИСКУСТВО ЗА УСПЕХ – Либерално – демократската партија, Граѓанската опција за Македонија, Интегра – Македонска конзервативна партија и Партија за целосна еманципација на ромите од Република Северна Македонија, за Локални избори 2025 г. за територијата на РСМ – Васе Стефаноска

Лишен битолчанец кој во повеќе наврати изнудувал пари од свој сограѓанин

-На 14.09.2025 во 17:25 часот во трговски комплекс на ул.„Климент Охридски“ во Битола, во заедничка и координирана акција на Основното јавно обвинителство Битола и на СВР Битола, од слобода е лишен Д.Г.(42) од Битола поради сомнение за извршено кривично дело „изнуда” казниво по член 258 од Кривичниот законик.

Тој се сомничи дека во текот на 2024 и на 2025 година во повеќе наврати со закани барал пари од лице од Битола за различни услуги и потреби. По преземени мерки и активности, тој е затекнат при примање на пари од лицето, по што е лишен од слобода и приведен. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Нема крај на маките на прилепчани – Победа поведе со 2:0, па загуби, Големо Коњари прими 4 гола во Арачиново

По четири одиграни кола во Втората фудбалска лига, прилепските екипи на Победа и Големо Коњари се на самото дно на табелата. Победа досега се избори само за бод, а Големо Коњари е без освоени бодови, со гол разлика 2-22.

Викендов Победа го дочека Охрид, и иако поведоа со 2:0 со головите на Андреј Петрески во 9. и на Давид Дебрешлиоски во 13. минута, црвено-белите одново беа поразени.

Охрид стигна до голем пресврт на стадионот “Гоце Делчев” во Прилеп. Во првиот дел охриѓани намалија на 2:1, а пресвртот го најавија со израмнување во 76. минута, за 6 минути пред крајот на регуларните 90 минути, Иван Глигоров ги постави конечните 2:3.

Големо Коњари пак викендов гостуваше кај Шкенија од Арачиново, каде екипата од прилепско одново беше високо поразена со 4:0.

Во наредното коло Победа гостува кај Скопје, а Големо Коњари ќе се надева на бодови против Осогово на домашен терен.

Започнаа уписите во “Бреинобреин” Прилеп – 15 години успех, илјадници успешни деца, “Бреинобреин” ја отвора вратата кон иднината (ФОТО)

ПР текст

Септемвриски уписи започнаа! Време е Вашето дете да го започне новиот ученички и креативен пат со Бреинобреин – место каде што талентите растат, учат и блескаат! Добредојдени се сите деца од 4 до 14 годишна возраст на нашиот БЕСПЛАТЕН демо час!

Зошто да го изберете БРЕИНОБРЕИН за Вашето дете?

-Можност да се стекне со меѓународни сертификати

-Изучување на Ментална аритметика / абакус – забавно и брзо сметање, развива концентрација и меморија.

-Единствено кај нас е застапено Невролингвистичко програмирање (НЛП) за деца – техники за самодоверба, позитивен став и комуникациски вештини.

-Совладување програми за личен развој – поттикнување на креативност, лидерство и критичко размислување.

Билингвална програма – изучување на англиски јазик

Вашето дете ќе добие:

-Подобрена концентрација, меморија и аналитички способности

-Зголемена самодоверба и позитивен став

-Лидерски и комуникациски вештини

-Способност за брзо и самоуверено носење одлуки

-Баланс помеѓу когнитивните и емоционалните вештини

Меѓународен сертификат

Со огромно задоволство ви споделуваме дека оваа година Бреинобреин слави 15 години успех во Македонија – 15 години исполнети со радост, посветеност и илјадници деца кои преку нашата програма станале посамоуверени, покреативни и поуспешни!

Оваа година со гордост го одбележавме и 8-миот Национален Бреинобреин натпревар, каде што учениците од Прилеп во конкуренција со деца од цела држава ги постигнаа следните резултати:

1 трофеј – прво место

3 златни медали

4 сребрени медали

Овие успеси се доказ дека Бреинобреин Прилеп ги води децата до извонредни резултати. Не пропуштајте – септемвриските уписи за демо часот се во тек!

Дозволете му на вашето дете да биде дел од глобално призната програма и да се развива на вистински начин!

Уписи за бесплатен демо час на линкот: https://brainobrain.com.mk/contact-us/ или на телефонскиот број: 075504509 Ве очекуваме!