По победите над Младост и Куманово во првите две кола и нерешениот резултат со Тиквеш, прилепчани доживеаја тежок пораз на гостувањето кај Охрид минатиот викенд, тим кој претендира во самиот врв.
Веќе утре (сабота, 03.10.) РК Прилеп ја пречекува Струга, екипа која досега забележа само еден триумф и дури три порази.
Ова е шанса избраниците на Наум Таневски да продолжат по зацртаниот пат, а тоа е цел плен од натпреварите против екипите од долниот дел на табелата. Без потценување за Струга, но амбициите на РК Прилеп во оваа сезона се јасни – борба за местата кои обезбедуваат плеј-оф на крајот од сезоната.
Натпреварот се игра со почеток од 19 часот, а локацијата е добро позната – школската сала во СОУ “Ристе Ристески-Ричко”.
Да го бодриме момците и да се радуваме заедно на уште една нова победа!
Во свет во кој beauty индустријата постојано се менува, вистинскиот предизвик не е само да се следат трендовите, туку да се создаде сопствен идентитет. Токму со таа идеја започнува приказната на EN Beauty Studio – салон создаден со многу љубов, работа и јасна визија од неговите основачи, Натали Павловиќ и Елена Јовческа.
EN Beauty Studio постои од 2022 година, а она што започна како заедничка идеја на две амбициозни жени, со текот на годините прерасна во препознатливо име во beauty индустријата во Скопје.
За Натали и Елена, EN Beauty никогаш не бил замислен само како место каде што клиентите доаѓаат на третман. Нивната желба била да создадат простор во кој секоја жена ќе се чувствува добредојдено, негувано, убаво и самоуверено – место каде што професионалноста и квалитетот ќе одат заедно со топлата атмосфера и индивидуалниот пристап кон секој клиент.
Screenshot
Две жени, една визија
Зад името EN стојат токму Елена и Натали – две личности со свој карактер, идеи и начин на работа, но обединети околу иста цел.
Од самиот почеток тие заедно го градат брендот, носат одлуки, вложуваат во неговиот развој и постојано бараат нови начини EN Beauty да расте и да се усовршува.
„За нас, EN Beauty е многу повеќе од работа. Тоа е нешто што го создававме чекор по чекор и во кое вложивме огромен дел од себе. Најголема мотивација ни е кога гледаме дека клиентите се враќаат, ни веруваат и нè препорачуваат понатаму. Тогаш знаеме дека она што го градиме има вистинска вредност.“
Денес, по неколку години работа и неколку илјади задоволни клиенти, нивната цел останува иста – квалитетот никогаш да не биде компромис.
Признание и надвор од Македонија
Еден од посебните моменти во досегашната приказна на EN Beauty Studio беше присуството на свечено доделување награди во Белград, организирано од Стопанската комора на Србија, каде што EN Beauty Studio доби признание за најдобар салон.
За Натали и Елена, овој момент има посебно значење – не само како признание, туку и како потврда за трудот, посветеноста, усовршувањето и довербата што низ годините ја градат со своите клиенти.
„Кога нешто создавате од нула и секојдневно вложувате дел од себе во него, ваквите моменти имаат посебна вредност. За нас ова признание не е само наше – тоа му припаѓа на целиот EN Beauty тим и на сите клиенти кои низ годините ни ја дадоа својата доверба.“
Од Скопје до Белград, секој ваков успех претставува дополнителна мотивација EN Beauty да продолжи да се развива, да поставува повисоки стандарди и да ја гради својата приказна и надвор од границите на Македонија.
Но зад успешен салон никогаш не стојат само неговите основачи.
Голем дел од приказната на EN Beauty се луѓето кои секојдневно ја претвораат визијата на брендот во реалност.
Дел од тимот се Ева, Валерија, Јана, Мартина и Дарко – професионалци кои со своето знаење, талент и посветеност придонесуваат секој клиент да добие внимание и услуга на високо ниво.
Во EN Beauty особено се негува идејата дека добар тим не се создава преку ноќ. Тој се гради преку меѓусебна доверба, почитување, учење и заеднички раст.
Наместо секој да функционира само како индивидуалец, целта е сите да се чувствуваат како дел од брендот и неговата приказна.
Токму затоа, зад секоја шминка, фризура, маникир, педикир, третман или друга услуга не стои само техниката – туку човек кој ја сака својата професија.
Сè за убавината на едно место
Концептот на EN Beauty Studio е создаден така што на клиентите им овозможува повеќе beauty услуги на едно место.
Од професионална шминка и фризерски услуги, до маникир, педикир, трепки и депилација, фокусот е на комплетно beauty искуство и внимание кон деталите.
Screenshot
Посебно значење се дава на постојаното усовршување, следењето на современите техники и трендови и користењето професионални производи.
Сепак, трендовите никогаш не се применуваат по секоја цена. За тимот на EN Beauty најважно е резултатот да биде приспособен на личноста што седи пред нив и секој клиент да добие индивидуален пристап.
Инвестиција во новите генерации
Еден од сегментите на кој Натали и Елена се особено горди е можноста своето практично искуство да го пренесат и на младите кои допрва влегуваат во beauty индустријата.
EN Beauty Studio соработува со СУГС „Димитар Влахов“, преку што ученици имаат можност дел од својата практична подготовка да ја поминат во реална работна средина.
За тимот ова не е само формална пракса. Идејата е младите да видат како навистина функционира еден beauty салон – од комуникацијата со клиентите и организацијата на работниот ден, до професионалниот однос, одговорноста, хигиенските стандарди и практичната примена на она што го учат.
Натали и Елена веруваат дека искусните професионалци имаат одговорност да им дадат простор и поддршка на оние кои се на почетокот.
„Некој некогаш треба да ви ја даде првата можност. Ако можеме дел од нашето знаење и искуство да го пренесеме на младите и да им помогнеме посигурно да го направат првиот чекор во професијата, тогаш тоа за нас има огромна вредност.“
Screenshot
Повеќе од beauty studio
Она што Натали и Елена сакаат да го зачуваат и со растењето на брендот е чувството со кое EN Beauty бил создаден.
Зад убавите фотографии, резултатите и социјалните мрежи постои секојдневие исполнето со работа – долги денови, многу клиенти, едукации, организација, одговорност и постојано размислување што може да се направи подобро.
Токму тоа е делот кој клиентите можеби не го гледаат, но кој го создава резултатот што го гледаат.
За основачите, успехот не се мери само со бројот на закажани термини. Тој се гледа во клиент кој повторно се враќа, во вработен кој напредува, во практикант кој стекнува самодоверба и во тим кој со текот на времето станува посилен.
Од првата идеја во 2022 година, преку илјадниците клиенти, растењето на тимот, работата со младите практиканти, па сè до признанието во Белград, секој чекор е дел од приказната која Натали и Елена ја градат заедно.
EN Beauty Studio продолжува да расте со истата идеја со која започна – да создава убавина, но и нешто што трае многу подолго од еден beauty третман: доверба.
За Натали Павловиќ и Елена Јовческа, ова е само едно поглавје од приказната.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во синоќешното гостување во емисијата „Вин Вин“ на Телма ТВ сподели дека Министерството размислува за промена на методологијата за студентскиот оброк.
Според неа, пресметката за студентскиот оброк сега кажува дека според стапката на инфлацијата, студентите треба да добијат околу седум денари. Значи, како што вели таа, тоа би било 147 денари, но посочи дека иницијативата била стигната и веќе во МОН размислувале за промена на методологијата.
„Во околните земји наши постојат други методологии, ова е субвенција на студентски оброк. Значи тие треба да добијат оброк. Има различни модели во нашата околина, ние во овој момент ги анализираме и веројатно ќе следи промена на методологијата. Тие да не добиваат пари туку најверојатно некаков тип на ваучер со кој ќе можат да си обезбедат во одредени ресторани оброк кој ќе треба да го одберат“, изјави министерката.
Синоќа спортот и верната публика на фудбалот, покажа и докажаа дека Битола е спортски град. Под рефлектори на стадионот „Петар Милошевски“ се играше меѓународниот натпревар меѓу младите селекции на Македонија и Црна Гора. Натпреварот заврши со резултат 1:1.
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски и секретарот на Општината Борче Димитровски, како и бројни спортски работници беа на трибините на стадионот.
„Задоволство беше да бидам дел од многубројната публика на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, на натпреварот меѓу младата селекција на Македонија која со реми ги заврши настапите на домашен терен во квалификациите за младинското Европско првенство, откако во Битола одигра 1-1 против младата селекцијата на Црна Гора.
Ова беше голем ден за спортска Битола, многубројната публика покажа и докажа дека Битола го сака, живее за спортот и за вакви големи настани под рефлектори на стадионот кој ги има сите услови и за меѓународни натпревари.
Верувам дека и во иднина трибините на стадионот ќе бидат полни како вечерва, особено и со млади гледачи, кои вистински знаат да се радуваат на вакви големи натпревари“ вели градоначалникот на Битола.
Во два дена, два големи спортски настани беа одиграни во Битола, пред два дена ракометен, а синоќа фудбалски спектакл.
Премиерот Христијан Мицкоски објави фотографија од приемот кај претседателот на САД, Доналд Трамп, на кој тој присуствувал придружуван од сопругата Рози.
-Македонија и САД, сојузништво засновано на доверба, поддршка и пријателство, напиша Мицкоски.
Македонскиот премиер пред неколку дена откри и за што зборувал Трамп на приемот, од кој тој бил дел за време на работната посета на САД.
-Од она што го слушнав и во говорот на Генералното Собрание на претседателот на САД, но потоа и прием каде бев присутен, го повтори ставот дека во моментов нема договор со иранската страна, тие очекуваат да завршат изборите во САД, тој потсети дека не се кандидира на тие избори, тоа се партиски избори за сенатот и конгресот. Тој има уште две ипол години, ако нема договор уште повеќе ќе ги засили војните дејства. Многу работи се случуваат во светот кои на нас треба да ни се индикатор како ние да ја градиме нашата политика, имаме јасна стратегија и план, порача премиерот.
На првиот ден од новата академска година, 1 октомври 2026 година, на Економскиот факултет во Прилеп свечено беше отворен новиот ВИТА-ХАБ, чија реконструкција и целосно опремување беа реализирани со финансиска поддршка од „Витаминка“ АД Прилеп и благодарение на заложбите на генералниот извршен директор, Сашо Наумоски.
На свеченоста присуствуваше Орде Ѓорѓиоски, директор на правни работи и човечки ресурси во „Витаминка“, кој ја прими плакетата за општествена одговорност во име на компанијата и се обрати со краток говор, изразувајќи благодарност за долгогодишната и плодна соработка.
Отворањето на ВИТА-ХАБ е уште еден доказ за значењето на партнерството меѓу академската заедница и бизнис-секторот, насочено кон создавање подобри услови за учење, развој и унапредување на младите генерации.
„Витаминка“ останува посветена на поддршката на образованието и градењето партнерства што создаваат трајни вредности за заедницата.
Цените на суровата нафта забележаа значителен пад во средата и останаа на ниско ниво, откако претходно во септември имаа солиден раст. Падот уследи по извештаите на водечките финансиски институции и аналитичари, кои укажуваат на тоа дека протокот на нафта од Персискиот Залив речиси се вратил на нивоата од пред војната.
Во моментот на пишување на текстот, суровата нафта од типот „Брент“ се тргуваше по цена од 97,36 долари, што претставува пад од претходните нивоа, додека нафтата „Вест Тексас Интермидиет“ (WTI) се тргуваше по 89,57 долари за барел.
Според податоците од „Кплер“, извозот на нафта преку Ормуз достигнува речиси 80% од предвоените нивоа, додека „Џеј-Пи Морган“ процени дека извозот изнесува дури 98%. Од „Голдман Сакс“ излезе со уште повисоки бројки, наведувајќи дека протокот од Блискиот Исток изнесува 23,3 милиони барели дневно.
– Забележуваме разлика помеѓу падот на иранскиот извоз и растот на извозот од другите производители во Персискиот Залив. Проценетиот извоз на Саудиска Арабија повеќе од двојно се зголеми во септември и го надмина просекот предвиден за 2025 година, истакнаа аналитичарите за суровини на Голдман, цитирани од Блумберг.
И покрај извештаите за одредени инциденти во Ормускиот Теснец објавени од специјализирани медиуми, пазарот остана стабилен, иако аналитичарите предупредуваат дека регионот сè уште носи ризици кои влијаат врз трошоците за транспорт.
Саркофагот во кој треба да бидат положени посмртните останки што му се припишуваат на цар Самоил е изработен од бел мермер од прилепскиот регион во Македонија, објави Бугарската национална телевизија (БНТ).
На капакот на саркофагот е врежан натписот: „Самоил во Христа Бога, цар на Бугарите“. Саркофагот се изработува во каменорезачко претпријатие во бугарскиот град Велинград.
Покрај натписот, на него се поставени повеќе христијански и средновековни симболи. На капакот има крст изработен според симболот што се наоѓа на надгробниот камен на таткото на Самоил, додека под натписот се прикажани две стилизирани птици. Мотивот е преземен од ткаенина пронајдена со останките што му се припишуваат на владетелот и која денес се чува во Музејот на византиската култура во Солун.
На страните од саркофагот се претставени и христограм, Архангел Михаил, црквата „Свети Ахил“, како и стилизиран приказ на Самоиловата тврдина во Охрид.
Според БНТ, белиот мермер е избран од околината на Прилеп поради неговите карактеристики и природните жили во каменот.
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски со претседателот на Советот Бојан Бојкоски денеска заедно со бруцошите ја споделија радоста од почетокот на новата академска година.
Пречекани од деканот на Факултетот за информатички и комуникациски технологии проф. д-р Благој Ристевски, заедно со ректорот на битолскиот универзитет проф. д-р Игор Неделковски, беа дел од свечената церемонија со која почна новата академска година.
Градоначалникот во своето обраќање пред студентите и академската заедница кажа дека за студентите започнува еден нов многу важен период на стекнување на знаења и вештини, важни за секој од нив поединечно, но и за општеството во целина.
„Низ годините со образованието и вештините, но и предизвиците со кои ќе се стекнувате ќе ја градите вашата академска кариера, но и пријателствата со вашите нови колеги и студенти и професори, кои ќе бидат многу значајна алка во вашето понатамошно делување како млади луѓе, носители на промени, иноватори, визионери, лидери.
Амфитеатрите, кабинетите, лабораториите ќе бидат места каде секојдневно ќе стекнувате нови знаење. Нема ништо поважно за младите кога влегуваат во светот на високото образование, односно науката, а вашите ментори ќе ве водат по нејзиниот пат“ , истакна градоначалникот на Битола.
Тој ја истакна и соработката која ја има Општина Битола и универзитетот „Св. Климент Охридски“, особено во делот на реализацијата на летната универзитетска пракса.
Денеска беше отворено студентското катче на овој факултет, кое беше опремено со волонтерска акција на МКЦ Битола во партнерство ФИКТ, поддржано од локалниот Совет за волонтерство на Општина Битола.
Градоначалникот денеска беше и на првиот академски час на Правниот факултет, каде имаше поздравно обраќање пред студентите заедно со деканката проф. д-р Светлана Вељановска и ректорот проф. д-р Игор Неделковски.
На студентите им посакувам успешна академска година, стекнување многу знаење и натпревар во знаење.
„Општина Битола и универзитетот „Св. Климент Охридски“ имаат одлична соработка, а сигурен сум дека бевме пионери и пример за други општини со воведувањето на универзитетската летна пракса за студенти во Општината, во Советот, во јавните претпријатија. Изминатото лето бевме домаќини на околу 40-тина студенти кои практично го надоградуваа она што го учеа низ семестрите, секој на својот факултет и струка. Очекувам и се надевам дека дел од вас во годините пред вас ќе ја искористат таа можност, да бидат дел од нашата администрација како практиканти, а по дипломирањето можеби и наши колеги“, рече градоначалникот Коњановски на свеченоста по повод првиот академски час на Правниот факултет во Битола.
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2026/2027 година трае од 1 до 5 октомври 2026 година. Студентите кои ќе се пријават во овој период ќе може да го остварат правото на субвенциониран студентски оброк од 1 ноември 2026 година.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети во државата.
Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk
За поддршка при аплицирањето студентите може да го контактираат МОН преку е-пошта: [email protected]
-Студентите на кои им било прекинато или одбиено правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходниот активен рок, информира Министерството за образование и наука.
Поради законска регулатива за засилена автентикација при бесконтактни плаќања на ПОС-терминали, студентите ќе треба да го внесат ПИН-кодот за трансакциите да бидат успешни.
-Шпаркасе банка објави две важни известувања во врска со оваа новина и поддршка за студентите: https://www.sparkasse.mk/mk/soopshtenija/2025/01/16/Izvestuvanje-za-upotreba-na-PIN-pri-plakanja
https://www.sparkasse.mk/mk/soopshtenija/2025/01/14/Izvestuvanje-za-korisnici-na-subvencioniran-obrok
Ако го знаете или го чувате ПИН-кодот, нема потреба од реактивација, наведува МОН.