дома блог страница 20

Витаминка дел од Скопскиот маратон (ФОТО)

Тимот на Витаминка денес беше дел од Скопскиот маратон, испраќајќи порака за здрави навики, тимски дух и заедништво.

Витаминка настапи со две штафетни екипи, а во трката на 5 километри учествуваа и четворица индивидуални натпреварувачи.

За секој изминат километар, вложениот труд и позитивната енергија, денот беше уште една потврда дека заедно можеме повеќе.

Браво за целиот тим на Витаминка!

Мицкоски: Очекувам да имаме поевтинување на дизелот и бензинот од понеделник

На вчерашниот увид на работите со изградбата на мостот „Љубљанска“ на кејот на Вардар во Општина Карпош, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува поевтинување на дизелот и бензинот следната недела.

„Очекувам, според анализата на берзите како се движеа минатата недела, да имаме поевтинување на дизелот и бензинот следна недела, бидејќи тоа во Владата го анализираме и го следиме, но тоа ќе си го каже Регулаторна комисија за енергетика“, изјави Мицкоски.

Тој информираше дека се преговара и со Окта за дополнителен попуст, и повтори дека земјата има најниски цени на горивата во регионот.

„Преговараме со најголемиот снабдувач на нафта и нафтени деривати, пред сè мислам дизел гориво и безоловни горива, Oкта, за дополнителен попуст, со што ќе бидеме убедливо држава со најниска цена на горивото во регионот, а можеби и најниска и во Европа“, рече премиерот Мицкоски.

„Safe City“ пристигнува и во Прилеп: Над 40 точки предвидени во регионот

Системот „Safe City“ наскоро треба да биде проширен и на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Битола, а во проектот ќе биде опфатен и Прилеп.

Информацијата ја соопшти директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, при посетата на Одделението за внатрешни работи во Прилеп.

Во моментов се подготвува проектната документација, а според најавите, во наредните месеци треба да започне имплементацијата на системот на подрачјето на СВР Битола.

Проектот предвидува поставување на системот на повеќе од 40 точки во регионот, меѓу кои ќе има и локации во Прилеп. Целта е со помош на современа технологија да се овозможи поефикасно следење на сообраќајот, навремено регистрирање на прекршувањата и побрза реакција на надлежните институции.

Но, примената на „Safe City“ нема да биде ограничена само на сообраќајот. Системот, како што посочи Јанев, може да има значајна улога и во полициското работење, превенцијата, утврдувањето на факти и обезбедувањето докази во постапки, како и во одржувањето на јавниот ред и мир.

Еден од главните показатели за успешноста на системот, според Јанев, ќе биде намалувањето на бројот на жртви во сообраќајот, но и постепеното подобрување на сообраќајната култура кај граѓаните.

Тој упати апел до сите учесници во сообраќајот – возачи, пешаци и велосипедисти – доследно да ги почитуваат сообраќајните правила, сообраќајната сигнализација и останатите прописи.

Најавата е дека „Safe City“ во иднина дополнително ќе се надградува со нови технолошки алатки, со што полицијата би требало да има подобар увид на терен и да може побрзо и поефикасно да реагира во различни ситуации.

Реми и со РК Струга, со ваква игра Европа само на телевизија ќе ја гледаат прилепчани

Вљубениците во ракометот од Прилеп доживеаја ново разочарување, откако синоќа избраниците на Наум Таневски одиграа ново реми, овојпат со Струга, натпревар на кој се очекуваше сигурна победа и клучни бодови во трката за плеј-оф разигрување.

Иако сезоната е на самиот почеток, натпреварите на домашен терен, особено со оние екипи кои во изминатите сезони завршуваа во долниот дел од табелата, се клучни со цел клубот да ги исполни зацртаните аспирации, а тоа е после подолго време да се смеша во разигрувањето за место на европската сцена.

Стружани имаа водство во поголемиот дел од првото полувреме, особено во првите петнаесетина мнути кога беше 10-7 во нивна корист. Прилеп се враќаше, а првиот дел заврши со резултат 15:16.

Во вториот дел Прилеп го врати водството, на двапати водеше со 19-18 и 21-20, но наместо да го зададе последниот удар, дозволи Струга да ја преземе контролата и да поведе со плус три, 25-22.

На крајот стружани можат повеќе да жалат, бидејќи водеа со 29-27, но прилепчани не се откажаа од борбата и успеаја да земат бод од овој натпревар, за конечни 29:29.

По пет одиграни кола, РК Прилеп останува на петтото место на табелата 6 освоени бода. На врвот неприкосновени се Вардар и Алкалоид со максимален ефект од по 5 победи.

Во наредното коло, Прилеп му гостува на Бутел.

Во Битола свечено отворено 35. издание на фестивалот на класична музика “Интерфест”

Синоќа на големата сцена на Центарот за култура со балетската претстава „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков, а во изведба на Македонската опера и балет, беше отворено 35-то издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“.

Солисти: Наташа Трендафилова-Гицев и Балаж Лочеи од Унгарија. Кореографијата е на Михаил Крапивин од Русија.
Пред присутната публика се обрати уметничката директорка на фестивалот Милица Шперовиќ-Рибарски.

Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Битола Тони Коњановски кој кажа дека Битола е град на културата и град на традицијата, а овој фестивал дополнително го потврдува тоа.

„35 години традиција на еден од единствените фестивали на класична музика, кој секој октомври во Битола ги носи светските, но и македонските класици.

Убавината на класичната музика и уметност од вечерва по 35-пат ќе одекне од градот на клавирите благодарение на неуморноста на фестивалските творците почитуваните Рибарски.

На префинето структуриран начин, уметничкиот израз допира до секој посетител, преку концертите, уметнички изложби, театарска претстава, а вечерва на свеченото отворање и балетската претстава „Шехерезада“ во изведба на Македонската опера и балет, како и мастер класовите и подиумот за млади во соработка со Државното музичко училиште.

Особено е значајна за нашите ученици од Државното музичко училиште и нивните професори вечерта посветена на нив, односно подиумот на млади во Офицерскиот дом. Ова училиште се покажало и докажало како расадник на уметници во светот на класичната музика“ рече градоначалникот Коњановски.

Пред отворањето на фестивалот во фоајето на Центарот за култура беше поставена ликовната изложба „Современа Италијанска графика и цртеж“.

Фестивалот ќе трае до 10 октомври, а во својата програма има концерти, театарска претстава и мастеркласи.

ИТНО СМЕ ПОТРЕБНИ СИТЕ! Виктор се бори за живот, повторно е во Истанбул

Поради местото каде е туморот и поради радиотерапијата која помина многу тешко, состојбата на Виктор стана уште посложена. Се појави хидроцефалус, поради кој има и напади, а итно треба да му се постави шант. Бидејќи во Скопје никој сериозно не обрна внимание на неговата состојба, моравме итно да го пренасочиме Виктор од Скопје во Истанбул.

„Во моментот тој патува со брза помош кон Истанбул, а јас останав сама со нашето бебе во страв и неизвесност. Не знам што ќе биде натаму, но знам дека тука немаше кој да му помогне, а секој изгубен час можеше да значи уште потешка состојба за него.

Ве молам, помогнете ни!

Донирајте колку што можете трошите за итниот транспорт и лекување во Истанбул се огромни, а јас сама не можам да ги покријам. Ако не можете финансиски, споделете ја неговата приказна, за да стигне до некого што може да помогне“, вели неговата сопруга.

За да донирате кликнете ТУКА

Убавина! Светнаа новите игралишта во ООУ “Гоце Делчев” во Битола (ФОТО)

Нов сјај во центарот на Битола. Светнаа рефлекторите во ОУ „Гоце Делчев“, кое доби нови модерни спортски училишни терени.

Како што веќе информиравме изградени се две повеќенаменски игралишта, едното за мал фудбал и ракомет, а другото за кошарка.

Игралиштата се оградени, опремени со спортски реквизити и урбана опрема, а од синоќа и осветлени.

Вкупната сума на проектот изнесува 14.280.422 денари. Се работи за средства од вториот владин повик преку министерството за образование и наука.

Определба и на Општина Битола и на Владата е создавање модерни услови за спорт и рекреација во нашето образование.

Јанев по големата полициска операција во Прилеп: Митот за недопирливите конечно падна, работата продолжува

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска го посети Одделението за внатрешни работи Прилеп, по големата полициска операција спроведена пред два дена во која беше сузбиена организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со дрога и економски криминал.

Јанев одржа работна средба со раководството на полицијата во Прилеп и со дел од полициските службеници кои повеќе од една година работеа на истрагата и реализацијата на операцијата. На средбата беа анализирани преземените активности и резултатите, но и следните чекори за одржување на безбедноста и спречување повторно создавање и зајакнување на криминални структури.

Во изјава за медиумите, директорот информираше дека во рамки на операцијата биле извршени претреси на 36 локации, а дополнителна активност била реализирана вчера во банкарски сеф, каде биле пронајдени над 50.000 евра. Од вкупно 37 локации, четири претреси биле извршени кај полициски службеници вработени во ОВР Прилеп. Во рамки на акцијата биле пронајдени и одземени и моторни возила.

„Сите сме сведоци дека беше спроведена голема, сложена и комплексна операција, којашто не беше ад хок операција којашто требаше да биде само спроведена и да си отидеме, туку операција и истрага којашто бараше многу посветена работа, којашто беше долгорочна, многу посветена, истрајна и пред сè чесна работа. Колегите коишто се до мене и позади мене имаат многу непроспиени ноќи во еден подолг временски период“, истакна Јанев.

Тој информираше дека до надлежното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е поднесена кривична пријава против 21 лице, а судот во Скопје определил мерки за обезбедување за сите лица опфатени со пријавата.

Јанев посочи дека операцијата била резултат на долгорочна истрага, прибирање докази и анализи, а активностите биле спроведени не само во Прилеп, туку и во Скопје и Струга.

„Тоа што е најважно за мене како прв човек на Бирото за јавна безбедност и на сите колеги, граѓаните да знаат дека митот за недопирливите во Прилеп конечно падна. Тоа е тоа коешто е наша должност, наша мисија – дека никој не може да се затскрива зад одредени конекции, одредени врски, одредени познанства и да се прави недопирлив“, порача директорот на БЈБ.

Тој изрази благодарност до полициските службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, СВР Битола, ОВР Прилеп, специјалните полициски служби при БЈБ, како и до сите институции кои учествувале во реализацијата на операцијата.

Јанев нагласи дека успешното завршување на операцијата не значи и крај на полициските активности во Прилеп. Истрагата продолжува, а посебен фокус ќе биде ставен на секојдневното и повидливо присуство на полицијата на терен и на зајакнување на соработката со граѓаните.

„Од денеска понатаму следува потешкиот дел. Тоа за што бевме овде го завршивме, го спроведовме. Меѓутоа, истрагата ќе продолжи секако и понатаму. Она што е најважно за локалната полиција е што понатаму. А понатаму значи – секојдневно ќе бидеме присутни со граѓаните, полицијата ќе биде уште повидлива“, истакна Јанев.

Директорот упати апел до граѓаните да не бидат неми сведоци на криминалот, туку да пријавуваат и да соработуваат со полицијата, потенцирајќи дека довербата се гради со секојдневна професионална работа, присуство и конкретни резултати.

„Кога институциите работиме заедно, кога споделуваме информации, кога ги градиме тимовите и кога работиме чесно, резултатите доаѓаат сами по себе“, порача Јанев.

По полициската акција во Прилеп: За 14 лица определен притвор, за 4 куќен притвор

Кривичниот суд Скопје, по предлог на обвинителството за определување на мерки притвор и куќен притвор за 18 предлози, одлучи на 14 лица да определи мерка притвор од 30 дена, додека за четири други лица куќен притвор.

Овие одлуки се однесуваат на полициската акција спроведена во Прилеп пред два дена, во која беше разбиена криминална група составена од 20 лица, осомничени за трговија со дрога и перење пари.

Во рамки на акцијата биле извршени претреси на 36 локации во Прилеп, Скопје и Струга.

Запленети се дрога, оружје, возила и пари во вредност од околу 5 милиони денари и над 64 илјади евра.

Мицкоски пред Фон дер Лајен: Македонија ги исполнува обврските – време е Европа да обезбеди фер процес без нови условувања

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска во Скопје оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на која порача дека земјата ги исполнува реформските обврски и дека е време за фер процес и јасна европска перспектива без нови билатерални условувања.

Премиерот нагласи дека европската определба на државата е неспорна и дека Владата посветено работи на домашен терен, но очекува посилна политичка поддршка од европските институции:

„Она што денес го бараме е процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила. Ние ги завршуваме нашите обврските и спроведуваме реформи што се очекуваат од една земја, понекогаш навреме, понекогаш и малку доцниме, но сепак ги завршуваме, како земја којашто сака да стане членка на Европската Унија“, истакна Мицкоски.

Тој се осврна и на прашањата во односите со источниот сосед, посочувајќи дека се очекува вклученост на ЕУ за да се создадат услови за одржливо решение во кое договореното ќе важи за сите, без нови толкувања и дополнителни барања.