Саркофагот во кој ќе бидат положени посмртните останки од Цар Самоил ќе биде изработен од прилепски мермер

фото:// “Минерали – М”/Dir.bg

Саркофагот во кој треба да бидат положени посмртните останки што му се припишуваат на цар Самоил е изработен од бел мермер од прилепскиот регион во Македонија, објави Бугарската национална телевизија (БНТ).

На капакот на саркофагот е врежан натписот: „Самоил во Христа Бога, цар на Бугарите“. Саркофагот се изработува во каменорезачко претпријатие во бугарскиот град Велинград.

Покрај натписот, на него се поставени повеќе христијански и средновековни симболи. На капакот има крст изработен според симболот што се наоѓа на надгробниот камен на таткото на Самоил, додека под натписот се прикажани две стилизирани птици. Мотивот е преземен од ткаенина пронајдена со останките што му се припишуваат на владетелот и која денес се чува во Музејот на византиската култура во Солун.

На страните од саркофагот се претставени и христограм, Архангел Михаил, црквата „Свети Ахил“, како и стилизиран приказ на Самоиловата тврдина во Охрид.

Според БНТ, белиот мермер е избран од околината на Прилеп поради неговите карактеристики и природните жили во каменот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.