дома блог страница 22

Големи количини кеш, автомобили, дрога, злато – МВР објави целосни детали за акцијата во Прилеп, уапсени 20 лица

На 30.09.2026 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во соработка со Управата за финансиско разузнавање и Одделот за специјални полициски операции, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по повеќемесечно криминалистичко истражување, спроведе координирана полициска акција, во која е сузбиена 21-члена организирана криминална група, составена од 20 лица од Прилеп и едно лице од Скопје, кои подолг временски период вршеле кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога и економски криминал.

Постапувајќи по судски наредби, извршени се претреси кај 31 лице, на вкупно 36 локации, од кои 33 на подрачје на Прилеп, две на подрачје на Скопје и една на подрачје на Струга. Притоа, од слобода се лишени 20 лица, а при извршените претреси се пронајдени и одземени тревкаста материја, бела прашкаста материја, грутчеста материја, гасен пиштол, муниција од различен калибар, поголема сума на девизни и денарски парични средства, патнички возила, мотоцикли, мобилни телефони, метална дробилка, метален детектор, ваги и др..

Единицата за насилен криминал, крвни деликти и недозволена трговија со оружје и опасни материи при ОСОСК по спроведените претреси и пронајдени предмети, како и врз основа на претходно обезбедени материјални докази, на 30.09.2026 година до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против вкупно 21 лице, од кои против 20 лица од Прилеп и тоа, Н.В. (38), М.И. (35), Б.И. (62) и М.С. (29) за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ (член 215 ст.3) и „перење пари и други приноси од казниво дело“ (член 273) од КЗ, против М.С. (27), Д.К. (40), В.С. (40), А.Д. (29), Д.Ј. (35), Х.С. (28), Д.С. (19), Ф.З. (22), А.З. (25), В.Н. (22), А.М. (23), А.И. (20), В.А. (24), Д.Ѓ.(43), Р.С. (45) и Ј.Н. (44) за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ (член 215 ст.3) од КЗ, како и против лицето Т.Д. (75) од Скопје за „перење пари и други приноси од казниво дело“ (член 273) од КЗ.

Во периодот од февруари 2026 до октомври 2026 година, Н.В. и М.С. создале организирана криминална група, со цел вршење на кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога и оружје, како и економски криминал, во која членувале Д.К., В.С., А.Д., Д.Ј., Х.С., Д.С., Ф.З., А.З., В.Н., А.М., А.И., В.А., Д.Ѓ., М.И., Б.И., М.С., Р.С., Т.Д. и Ј.Н.. Дрогата (кокаин и марихуана) Н.В. ја купувал од НН лица по потекло од Албанија, Струга и Дебар и ја држел на безбедни локации во Скопје и Прилеп, по што ги организирал како мрежа на препродавачи Д.К., А.Д., Д.Ј., В.С., Д.С., А.З., А.М., А.И., В.А., Р.С. и Ј.Н., кои ја продавале дрогата, воспоставувајќи контакти со заинтересирани купувачи од Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино, Велес и Скопје, со кои откако ќе се договореле за видот, количината и цената, го известувале Н.В., кој им ја давал потребната количина. Дрогата ја продавале за сума од 500 до 800 денари за грам марихуана и од 4.000 до 6.000 денари за грам кокаин, а парите од продажбата му ги давале на Н.В., кој како награда им давал дел од парите, кои подоцна ги употребувале за купување на движен и недвижен имот.

М.С. ја купувал дрогата (кокаин и марихуана) од НН лица по потекло од Дебар и Гостивар и ја држел на безбедни локации во Прилеп, по што како мрежа на препродавачи ги организирал Д.К., Ф.З., Х.С., В.Н., А.М. и А.И., кои ја продавале дрогата, воспоставувајќи контакти со заинтересирани купувачи од Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино и Велес, со кои откако ќе се договореле за видот, количината и цената, го известувале М.С. кој им ја давал потребната количина. Дрогата ја продавале за сума од 500 до 800 денари за грам марихуана и од 4.000 до 6.000 денари за грам кокаин, а парите од продажбата му ги давале на М.С.., кој како награда им давал дел од парите, кои подоцна ги употребувале за купување на движен и недвижен имот.

Во временскиот период од 2025 до 2026 година Н.В., М.И., Б.И. (се наоѓа во притвор во Франција за кривично дело од чл.215 од КЗ), М.С. и Т.Д. прибавените парични средства за кои знаеле дека потекнуваат од извршување на кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, со намера да го прикријат понатамошното движење и локација на парите, истите ги внесувале во легалниот платен промет, откако претходно ќе ги примиле понатаму ги пуштале во оптек и тоа парични средства во вкупен износ од 4.990.270 денари и 64.670 евра.

Oпштина Прилеп ја објави програмата за одбележување на 11-ти Октомври – Денот на народното востание

Од 1 октомври до 3 ноември, Прилеп ќе биде во знакот на 85-годишнината од 11 Октомври, со низа настани, културни содржини и одбележувања посветени на празникот кој е длабоко врежан во историјата на нашиот град.

Во продолжение ја објавуваме целокупната програма на настани и одбележувања.

-ПРОГРАМА – 85 години од почетокот на НОБ на македонскиот народ – 11 ОКТОМВРИ

1–3 октомври
-Џез фестивал „Прилепски џез викенд“ – кино „Мис Стон“, НУЦК „Марко Цепенков“

4 октомври
– „Менопауза“, монодрама со Тијана Дапчевиќ – Голема сала, НУЦК „Марко Цепенков“

5 октомври
– „Бегство од музеј“ – интерактивна работилница – Участак

6 октомври
– „Детективи на минатото“ – интерактивна работилница – Участак

7 октомври
– „Менталното здравје кај младите“ – Библиотека „Борка Талески“
– Поетска вечер „Во пресрет на 11 Октомври“ – Библиотека „Борка Талески“
– Претстава „Животинска фарма“ – премиера – НУЦК „Марко Цепенков“
– „Херојот е мојот дедо“ – драмска претстава за Душко Наумоски – Участак

8 октомври
-Изложба на ДЛУ Битола – Ликовен салон – НУЦК „Марко Цепенков“
– Театарска претстава „Животинска фарма“ – реприза – НУЦК „Марко Цепенков“
– „Студент е, прилепско дете“ – драмска претстава за Борко Лазески – Участак

8–10 октомври
– Фестивал на медот – плоштад „Методија Андонов-Ченто“

9 октомври
-12:00 – Училишен перформанс „Формирање на македонското знаме“ – плоштад „Методија Андонов-Ченто“
-17:30 – Промоција на книгата „Спомени на прилепските револуционери“ – д-р Славчо Ковилоски – Библиотека „Борка Талески“
-18:30 – Проекција на филмот „До Балчак“ – кино „Мис Стон“, НУЦК „Марко Цепенков“
-19:00 – Промоција на каталог посветен на Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ – Участак
-21:00 – Слем полуфинале – кино „Мис Стон“, НУЦК „Марко Цепенков“

10 октомври
-10:00 – Меѓународен традиционален турнир во џудо „Прилеп Град Херој 2026“ – спортска сала, СОУ „Ристе Ристески-Ричко“
-18:30 – Изложба на дела од ДЛУП – Ликовна галерија, НУЦК „Марко Цепенков“
-19:00 – Посета на Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“
-19:30 – Свечена програма, Камена бина:
– Химна на Република Македонија во изведба на КУД „Пере Тошев“
– Промоција на краток филм за нападот на 11 Октомври 1941
– Поздравен говор на градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски
– Импровизиран напад на Участакот
– Огномет
-Концерт во центарот на градот

11 октомври
– 09:00 – Полагање цвеќе на спомениците на хероите
– 09:00–14:00 – Традиционална крводарителска акција по повод државниот празник 11 Октомври – простории на Црвениот крст
– 10:00 – Меморијален турнир во шах „МАТ 2026“ – спортска сала, СОУ „Орде Чопела“
– 10:00–19:00 – Tuning Car Show – автомобилско шоу – булевар „Гоце Делчев“

12 октомври
– 11:00 – Техничко-тактички збор на АРМ – изложба на воена опрема и оружје и показни боречки вештини на специјалните единици – булевар „Гоце Делчев“

15 октомври
– Театарска претстава „Вечера за глупаци“ – Голема сала, НУЦК „Марко Цепенков“

16 октомври
– Стенд-ап со Александар Михајловски – Голема сала, НУЦК „Марко Цепенков“

17 октомври
– Фолклорна вечер со КУД „Моминок“ и гости од Босна и Србија – Голема сала, НУЦК „Марко Цепенков“

18 октомври
– „Че трчаме 2026“ – рекреативно-натпреварувачки атлетски настан булевар „Гоце Делчев“
– „Тура преку Слива 2026“ – велосипедски настан на отворено, с. Штавица

19–25 октомври
-MOCPA 2026 & Training Camp – Меморијален ориентациски натпревар „Пеце Атанасоски 2026“ – Прилеп

19 октомври
– Стенд-ап со „Солзи и смеа“ – Голема сала, НУЦК „Марко Цепенков“

21 октомври
-Тркалезна маса „Македонија на Македонците – македонска ослободителна мисла (1893–1991)“ – Собраниска сала, Општина Прилеп

22 октомври
-Годишен концерт на ОКТЕТ – Прилеп – Голема сала, НУЦК „Марко Цепенков“
– Изложба на Илија Ацески – Галерија, НУЦК „Марко Цепенков“

24 октомври
-Prilep Downhill Cup – с. Штавица

3 ноември
-Изложба на дела од ликовната колонија „Дрен“
– Тематска изложба на архивски материјали, фотографии и документи кои го сведочат развојот на Прилеп
– Свечена седница и доделување на Третоноемвриски награди

Тошковски: Разбиена сериозна организирана криминална група во Прилеп која со години дејствувала во Македонија и во земји од ЕУ

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во гостување на Радио Лидер, ексклузивно соопшти детали за големата полициска акција која вчера беше спроведена во Прилеп, посочувајќи дека станува збор за разбивање сериозна организирана криминална група, на која Министерството за внатрешни работи, во координација со Јавното обвинителство и со странски партнерски служби, работело повеќе од една година.

„Станува збор за разбивање на една организирана криминална група, многу сериозна криминална група којашто добар дел од таа организирана криминална група повеќе од 15-тина години го правела тоа што го правела и биле недопирливи за органите на прогон“, истакна Тошковски.

Министерот информираше дека во текот на вчерашниот ден биле извршени околутриесетина претреси, а околу 21 лице ќе бидат опфатени во првичната кривична пријава која во текот на денот ќе биде процесуирана. Постапувањето продолжува по итна постапка и по наредба на јавен обвинител.

Според Тошковски, постојат основани сомненија дека дел од групата во изминатиот период дејствувала и на територијата на Грција, во областа на Халкидики и Калитеа, каде што се сомничи за сериозни кривични дела од областа на имотните деликти, меѓу кои и тешки кражби. Дел од групата, според информациите со кои располага истрагата, вршел криминални дејствија и на територијата на Шпанија. Едно од лицата кое било во куќен притвор во Шпанија побегнало оттаму, а сега е обезбедено од македонската полиција и соодветно процесуирано.

„Навистина станува збор за една сериозна организирана криминална група којашто, пак ќе повторам, многу години роварела не само во Македонија туку и во земји членки на Европската Унија и со една опсежна акција под координација на Јавното обвинителство, повеќе од година дена, пак ќе повторам, е работена оваа организирана криминална група“, рече Тошковски.

Во рамки на истрагата постојат сомненија и дека одредени криминални дејствија биле потпомагани од полициски службеници кои споделувале информации со членови на групата. Поради тоа, во текот на акцијата биле извршени и неколку претреси кај полициски службеници за кои постои сомнение дека соработувале со дел од осомничените.

Тошковски информираше и дека член на најтесното семејство на еден од осомничените пред неколку месеци бил уапсен од француската полиција, откако во бункер во неговото возило биле пронајдени 10 килограми кокаин, за кои, според информациите што ги изнесе министерот, целта била да бидат донесени во Македонија.

При вчерашните претреси била пронајдена и готовина во износ од над 120-130.000 евра, а биле одземени и околу десет возила, меѓу кои две „Масерати“ и две луксузни возила „Ленд Ровер“. За едното од возилата постојат основани сомненија дека е поврзано со фалсификувана документација. Истражните дејствија продолжуваат и денеска.

Министерот потенцираше дека целта на истрагата не е само документирање и процесуирање на кривичните дела, туку и утврдување и одземање на имотот стекнат како резултат на криминални активности.

„Целта на оваа истрага и целта на овој кривичноправен процес којшто го преземаме не е само да го документираме, евидентираме и го процесуираме кривичното дело коешто го правеле сторителите, за коешто имаме и те како собрано доказен материјал во изминативе година дена, туку целта е и сето она коешто е настанато како последица на кривичните дела од аспект на зголемување на имотна состојба, биде одземено и биде ставено во функција на државата“, истакна Тошковски.

Тој посочи дека постојат сомненија и за перење пари, односно дека приносите стекнати со криминални активности биле пуштани во правниот промет во Македонија и надвор од државата. Истрагата располага и со трага поврзана со купопродажба на имот во соседна Србија.

„Целта е да покажеме и упатиме јасна порака дека криминалот повеќе во Македонија е неисплатлив и дека секој којшто согрешил и секој којшто сторил кривично дело, без оглед на каков тип на кривично дело станува збор, особено трговија со дрога и труење на нашите најмлади, ќе одговара, а притоа сè она коешто го стекнал како нелегален имот ќе биде конфискувано и ќе биде ставено во функција на државата“, порача министерот Тошковски.

Истрагата продолжува во координација со Јавното обвинителство, а Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со преземање истражни дејствија за целосно документирање на случајот и утврдување на имотот за кој постојат сомненија дека е стекнат со криминални активности.

Битола: 40-годишна пациентка починала поради недијагностицирана тромбоза, поднесено обвинение против петмина интернисти

Основното јавно обвинителство Битола, врз основа на спроведена претходна постапка и обезбедени докази, поднесе Обвинителен предлог против петмина лекари-интернисти од битолската клиничка болница “Д-р Трифун Пановски” за сторени – Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 4 во врска со член 207 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Тие се обвинети дека во периодот од 28.05.2024 до 04.06.2024 година, на Одделот за интерни болести во болницата, несовесно лекувале 40-годишна пациентка, со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба кое резултирало со смртен исход.

Пациентката се јавила во болницата по претходен преглед и упат од матичен лекар, кој изразил сомнение за воспаление на вените – тромбофлебитис. Но, по почетниот преглед на интерното одделение, без целосна анамнеза и детални анализи, и била поставена дијагноза – ревматоиден артритис и била дадена терапија, по што била пуштена дома.

Како резултат на тоа, не била навремено утврдена вистинската здравствена состојба на оштетената, односно не била откриена и дијагностицирана тромбозата, ниту била навремено преземена соодветна терапија и лекување за таквата состојба, со што била пропуштена реална можност за навремено откривање и лекување на тромботичниот процес кај оштетената, за спречување или ограничување на напредувањето на тој процес, како и на последователното влошување на нејзината здравствена состојба.

На 01.06.2024 година пациентката со силни болки во стомакот и влошена општа состојба повторно се јавила на преглед во болницата. Иако тогаш била хоспитализирана, во следните четири дена, и покрај абнормалните вредности на лабораториските и биохемиските анализи, ниту еден од дежурните лекари не презел дополнителни дијагностички испитувања со цел да се испитаат причините и да се одреди соодветна терапија.

Затоа здравствената состојба на оштетената продолжила значително да се влошува. Попладнето на 04.06.2024 година, таа побарала медицинска помош во приватна клиника во Скопје, каде била примена во тешка општа состојба. При итно извршениот хируршки зафат и била констатирана тромбоза на горната и долната мезентерична артерија со комплетна гангрена на тенкото и дебелото црево. Таа состојба веќе била неоперабилна и на 05.06.2024 година оштетената починала.

Битолската индустриска зона „Жабени“ дел од индустриските зони од Западен Балкан

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски вчера во Будва, Црна Гора, потпиша Меморандум за разбирање помеѓу индустриските паркови/зони од регионот на Западен Балкан и Европската Унија.

Церемонијата на свечено потпишување се одржа во рамки на претседавањето на Црна Гора со Берлинскиот процес за 2026 година и го означува официјалниот почеток на партнерството меѓу индустриските паркови/зони од Западен Балкан и ЕУ, соопштија од Општина Битола.

Индустриската зона „Жабени“ од Битола е единствена од земјава којашто е потписник на овој Меморандум за соработка. Целта на ваквиот вид на партнерство е да се создадат можности за развој на соработка и деловно поврзување на индустриските зони од Западен Балкан со индустриски зони кои се во земјите на ЕУ, како и да се поддржи трансферот на еколошки одржливи практики во нивното работење.

-Иницијативата се спроведува во рамки на Берлинскиот процес и придонесува кон реализација на Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар за периодот 2025–2028 година, кој беше усвоен од лидерите на земјите од Западен Балкан. На овој начин треба се зајакне регионалната економска интеграција, да се подобри конкурентноста и постепено да се усогласи регионот со правилата и стандардите на ЕУ, како чекор кон подлабока интеграција во единствениот пазар на Европската Унија, информира Општина Битола.

Николоски од Брисел: Инвестициите во инфраструктурата и растот на економијата препознаени и потврдени од Европската Унија

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски е во дводневна работна посета во Брисел, каде ќе земе учество на официјални средби организирани од Европската Комисија.

На средбите ќе се разговара за актуелните економски и политички прашања, реализацијата на инфраструктурните проекти, Планот за раст и процесот на интеграција и проширување на Европската Унија.

-Овие два дена сум во посета на Брисел, на средби со претставници на Европската Kомисија, каде ќе разговараме за актуелните економски, инфраструктурни политики во државата, како и за процесот на интеграција и на проширување на Европската Унија и секако за Планот за раст каде што Македонија бележи огромни резултати, каде што Македонија е лидер во регионот. Она што е особено значајно и на што сум особено горд е дека на покана на „Пријатели на Европа“, вечерва ќе бидам дел од главната сесија на којашто ќе учествуваат околу 200 лидери од Европа. Тука се пет комесари, претставници на Европската Комисија, преку 20 европратеници, премиери на држави, вицепремиери, министри, претставници на бизнис секторот, каде што ќе зборуваме за иднината на Европа и што е она што ја определува иднината на Европа и на Европската Унија и на поширокиот европски континент, изјави Николоски.

Во текот на утрешниот ден, вицепремиерот Николоски ќе се обрати на Самитот посветен на транспротните коридори, каде со високи преставници на ЕУ и европските финансиски институции ќе се разговара за развојот на коридорите.

-Утре исто така ќе бидам дел од транспортниот самит каде што заедно со генералниот директор на Европската инвестициска банка, Роберт де Грот, банка којашто инвестира многу во Македонија, од којашто добивме 150 милиони евра грант за изградба на железницата на Коридорот 8 кон Бугарија, ќе зборуваме за големите инфраструктурни проекти коишто ги има Македонија и тоа ќе е вовед во посетата на претседателката на Европската Комисија, којашто во петок доаѓа во Скопје. Исто така, на утрешната сесија на „Пријатели на Европа“ ќе зборуваме за процесот на проширување во друштво на вицепремиерот на Украина, понатаму вицепремиерот на Молдавија, претставници од регионот, каде разговараме за процесот на проширување и за она што е потребно да се направи за процесот на проширување. Секако тука е многу важно земјите членки на Европската Унија да сфатат дека не смеат да ги блокираат земјите кандидати. Тука се надевам дека ќе има мудрост кај Бугарија и дека Бугарија ќе направи чекор напред и дека ние ќе ги почнеме преговорите за членство во Европската Унија. Овие се ретки моменти каде што се добива можност директно да се комуницира на формален и на неформален начин со оние коишто ги носат одлуките во Европската Унија и затоа сите ќе продолжиме да се бориме за Македонија, истакна вицепремиерот Николоски.

Македонија за прв пат добива нови електрични еколошки автобуси

После 14 години, Владата обезбеди нови автобуси што ќе помогнат во намалување на загадувањето, решавање на сообраќајниот метеж и подобрување на урбаната мобилност.

Ова е прва голема набавка на нови електрични еколошки автобуси, што ја спроведе Владата, а со која директно влијае врз намалување на аерозагадувањето во Скопје и другите општини и подобрување на јавниот градски превоз. Во самата постапка која беше јавна и транспарентна за јавноста и во целост отворена за сите понудувачи, согласно Законот за јавни набавки при електронската аукција се постигна најдобра единечна цена по автобус од 321.958 евра без ДДВ, велат во соопштението од министерството за транспорт.

Од Министерството ги образложуваат и техничките карактеристики на автобусите, нагласувајќи дека тие се опремени со современи системи за безбедност и се наменети за исполнување на потребите на јавниот превоз.

„Сакаме да потенцираме дека автобусите се стандардни, со автоматски регулиран клима уред за ладење/греење, максимална моќност најмалку 350 kW на електромоторот, дисплеј екрани за прикажување станици и број на линии, со 3 врати, платформа за лица со инвалидитет, со најсовремени системи за кочење и безбедност како и со стандарден капацитет со кој целосно се задоволуваат потребите за превоз на патници по европската директива 2018/858 и согласно ИСО стандардите 15118. Би сакале да истакнеме дека го цениме интересот на јавноста во однос на набавката, но мораме да нагласиме дека при правење на споредбата мора да се земат сите технички каректеристики на автобусите во однос на должината, капацитетот, погонот на работа, системите за безбедност и квалитетот. Секоја паушална споредба е обид да се направи манипулација или да се креира погрешна слика во однос на набавените автобуси. Ќе потенцираме дека набавката беше целосно транспарентна и согласно Законот за јавни набавки се избра најповолниот понудувач.

Во однос на споредбите со претходно набавени или донирани автобуси, од Министерството нагласуваат дека станува збор за возила со различен тип на погон и различни технички карактеристики.

„Исто така сакаме да потенцираме дека автобусите со кои се прави споредба се на погон на компримиран природен гас и се работи за автобуси кои се со целосно различни технички карактеристики. Автобусите кои ќе се набаваат се со капацитет од најмалку 33 седечко седиште, а вкупно 67 патници, а кога веќе се прават несоодветни споредби донираните автобуси се на компримиран природен гас и имаат вкупно 29 седечки места, што значи 4 седишта помалку, кога се прават вакви споредби. Се работи за различен тип на автобуси и затоа е несоодветно да се прават вакви споредби, тоа е како да се прави споредба на автопат и експресен пат. Автобусите што беа предмет на набавка целосно електрични автобуси. Доколку се прави споредба за слични проекти, на пример во Загреб набавени се 62 електрични автобуси за 56,8 милиони евра, додека во Македонија се набавија 150 автобуси и 75 полначи со вкупна вредност од 59,9 милиони евра.

Од Министерството за транспорт оценуваат дека набавката на електричните автобуси претставува определба за заштита на животната средина и подобрување на ефикасноста на јавниот превоз.

Набавката на електрични еколошки автобуси претставува јасна определба за заштита на животната средина како и подобрување на ефикасноста со јавниот превоз во Скопје и останите општини. бПокрај еколошките придобивки, набавката на нови автобуси носи и економска исплатливост на подолг рок со намалени трошоци за одржување и енергија. Ова е дел од стратешкиот план за трансформација на градскиот сообраќаен систем и подигнување на економичноста на транспортната мрежа. Со оваа инвестиција испраќаме јасна порака во борбата против аерозагадувањето и подобување на условите за граѓаните во делот на користење на јавниот превоз, како долгорочна инвестиција во транспортниот сектор и јавните услуги.

Детали за акцијата на полицијата во Прилеп: Под опсада над 30 локации, вмешани и полициски службеници (ВИДЕО)

Голема полициска акција во Прилеп, претреси на 30 локации, осомничена поголема група за активности поврзани со наркотици – oбјави “АЛФА”

Освен во овој град, претреси се прават и во Охрид и Струга. Операцијата е координирана и е дел од поширока истрага насочена кон сомнителна организирана криминална група, во која, според првичните неофицијални информации, можно е да биле вклучени и лица од полициските структури, кои исто така се под лупа на истрагата. Од специјални единици, до редовна униформирана полиција, голем број полициски службеници беа на терен, како во градот, така и на поширокото подрачје.

По ова, во градот веќе на големо се шпекулира за тоа кои можат да бидат осомничените приведени лица, зашто, како што велат прилепчани зад камерите, во Прилеп е јавна тајна кој сè се занимава со овој вид „бизнис“. Согласно тоа, а и бидејќи акцијата е сè уште во тек, официјалните информации кои треба да следат од надлежните институции кои ја водат истрагата ќе покажат дали станува збор за една од поголемите полициски операции во Прилеп во последниве години, а поврзана со оваа сериозна проблематика. Неофицијално, при денешната акција извршена е и заплена на повеќе возила кои исто така треба да бидат предмет на истрагата.

Инаку, ова не е првпат Прилеп да биде инволвиран во активности поврзани со дрога. Во април 2021 година, на Плетвар, со техничка поддршка од американската ДЕА, беа запленети околу 200 килограми марихуана, чија вредност беше проценета на околу 800.000 евра. Дрогата беше превезувана со комбе и требало да заврши во Грција. Тогаш, беа уапсени шест лица, помеѓу кои и тогашниот командир на Полициската станица во Прилеп. Во оваа акција, освен дрогата, при претресите беа пронајдени голема сума пари, колекција од луксузни часовници, оружје и муниција. Во октомври истата година, по признанието на вина и склучените спогодби, двајца од обвинетите добија по пет години затвор, тројца по три и пол години, а само командирот не призна вина и неговиот случај продолжи во судска постапка.

КАРОЛИНА ДУРЛО ЗА “АЛФА ТВ”

Откако премиерот најави разрешување, директорот на НУ Историски музеј – Крушево, Миха Оџаклиески, поднесе оставка

– Ќе побарам од министерот за култура и туризам да биде разрешен директорот на таа институција, заедно со Управниот одбор, бидејќи таков тип на институција не треба да бидат изнајмувани и користени за такви намени, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање во однос на изнајмувањето на „Македониумот„ во Крушево, а откако тој го најави разрешувањето, директорот Миха Оџаклиески си поднесе оставка.

Директорот на НУ Историски музеј – Крушево, Миха Оџаклиески, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата наведувајќи дека одлуката е личен, морален и етички чин и израз на одговорност кон институцијата и кон јавноста.

Оставката на Оџаклиески следува по реакциите во јавоста во врска со снимањето на спотот „Секси мама“ од страна на косовскиот рапер Дон Џони во внатрешноста на споменикот „Македониум“ во Крушево, кој е заштитено културно наследство на државата.

За случајот денеска се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кој најави дека уште денеска ќе побара разрешување на директорот на Историскиот музеј во Крушево и на членовите на Управниот одбор на оваа институција, кои дозволиле да се изнајми историскиот споменик „Македониум“ за снимање музички спот.

Оџаклиески во оставката наведува дека во конкретниот случај не е прекршен ниеден закон, правилник или друг акт, ниту е постапено спротивно на која било одлука донесена од Управниот одбор на установата. Според него, станува збор за постапка што била дел од веќе воспоставена и претходно применувана практика во институцијата.

Сепак, како што посочува, раководењето со јавна институција подразбира одговорност што не се исцрпува единствено во почитувањето на законските норми, туку подразбира и високи морални и етички стандарди, особено кога станува збор за довербата на јавноста.

– Иако немало намера за прекршување закон, правилник или одлука, направен е ненамерен пропуст во процената на начинот на кој одредена постапка може да биде разбрана од јавноста. За тоа чувствувам морална одговорност и затоа ја поднесувам оставката – наведува Оџаклиески.

Тој упатува и извинување до јавноста за настанатата недоумица и за ненамерниот пропуст нагласувајќи дека извинувањето го упатува како израз на почит кон граѓаните и кон институцијата на која ѝ служел.

– НУ Историски музеј – Крушево е институција од особено значење за нашата културна и историска меморија. Нејзиниот углед и довербата на јавноста се поголеми од секоја функција и од секој поединец што во определен период ја извршува таа функција – се наведува во оставката.

Оџаклиески истакнува дека оставката ја поднесува со чиста совест во однос на законската одговорност, но со целосна свест за моралната одговорност што ја носи функцијата директор на јавна установа.

Со овој чин, како што наведува, предност им дава на угледот и интересот на институцијата пред личното задржување на функцијата.

Полициска операција во Прилеп: околу 30 локации под полициски претреси, под лупа и полицајци

Неофицијално дознаваме дека Прилеп од рано утрово е под засилено полициско присуство. Специјални единици и униформирани полициски службеници се распоредени на терен, а МВР преку Бирото за јавна безбедност спроведува претреси на околу 30 локации.

Операцијата е координирана и е дел од поширока истрага насочена кон сомнителна организирана криминална структура.

Според неофицијалните информации на НетПрес, истрагата е поврзана со активности со наркотици, а под лупа на истрагата наводно се и лица од полициските структури за кои постојат сомневања за можни поврзаности со лица или активности што се предмет на истрагата.

Од специјални единици до редовната униформирана полиција голем број полициски службеници се видливи на терен и се вршат проверки на повеќе локации во градот и поширокото подрачје.

Акцијата е во тек. Дали станува збор за една од поголемите полициски операции во Прилеп во последните години, треба да покаже целосниот тек на истрагата и официјалните информации од надлежните институции.