дома блог страница 19

Превенцијата започнува пред појавата на симптомите – На Светскиот ден на мозочниот удар, превентивни прегледи во прилепската болница

По повод 29 Октомври – Светскиот ден на мозочниот удар, во Прилеп беше реализирана превентивна здравствена акција со цел подигнување на свеста за ризиците од мозочен удар, важноста на редовните прегледи и навременото откривање на промените во крвните садови.

Во рамките на акцијата биле извршени вкупно 38 превентивни прегледи, кои опфатиле мерење на крвен притисок, проверка на нивото на шеќер во крвта и доплер-ултрасонографија на вратните крвни садови.

Резултатите покажале дека кај 14 од прегледаните лица, односно кај околу 37 проценти, биле регистрирани атеросклеротични промени (плаки) на вратните крвни садови. Особено значајно е што сите 38 лица биле без присутни симптоми во моментот на прегледот.

Од лицата кај кои биле откриени промени, 11 претходно имале дијагностицирани хронични заболувања како хипертензија, дијабетес и зголемени маснотии во крвта, додека кај три лица немало претходно утврдени хронични заболувања.

Овие резултати уште еднаш ја потврдуваат важноста на превентивните прегледи, бидејќи ризикот од мозочен удар може да постои и кај лица кои немаат никакви видливи симптоми. Навременото откривање на промените овозможува следење на состојбата, контрола на ризик-факторите и преземање соодветни мерки за намалување на опасноста.

Мозочниот удар е една од водечките причини за смртност и инвалидитет во светот, а препознавањето на првите симптоми може да биде пресудно за спасување човечки живот. Слабост или одземеност на едната страна од телото, искривување на лицето и отежнат или неразбирлив говор се предупредувачки знаци поради кои веднаш треба да се побара итна медицинска помош.

Превенцијата започнува пред појавата на симптомите. Редовните контроли, здравите навики и навремената реакција можат да спасат живот!

Повторно поскапува цената на водата наредниве месеци?!

Нов бран поскапувања на водните услуги во Прилеп се најавува за почетокот на 2027 година, откако Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе решенија со кои се утврдуваат нови тарифи за снабдување со вода за пиење и за собирање и одведување отпадни води за периодот од 2027 до 2029 година.

Според решението за водоснабдување, просечната тарифа за кубен метар вода за пиење во 2027 година е утврдена на 53,23 денари, додека за собирање и одведување урбани отпадни води тарифата ќе изнесува 7,41 денар за кубен метар. Така, збирот на овие две просечни тарифи достигнува 60,64 денари за кубен метар, без евентуалните дополнителни законски надоместоци и даноци.

За споредба, актуелната тарифа за водоснабдување во 2026 година изнесува 39,66 денари за кубен метар. Разликата меѓу оваа тарифа и новата просечна тарифа утврдена за 2027 година е значителна, но конечниот процент на промена на сметките ќе зависи од одлуките за тарифите што ќе се применуваат кон крајните корисници, како и од останатите ставки на сметката.

Засега не е прецизирано кога Советот на Општина Прилеп ќе одлучува за тарифите и каква одлука ќе донесат советниците. Регулаторната комисија ги утврдила просечните тарифи и дозволените граници, а останува да се види како тие ќе бидат применети во конечната цена што ќе ја плаќаат граѓаните.

Покрај прашањето за сметките, се отвора и прашањето за финансиските обврски на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп. Во решението за водоснабдување се наведени и трошоците за бруто-плати, кои за 2027 година се проектирани на 83,88 милиони денари, а за 2028 и 2029 година се предвидени дополнителни зголемувања. Овие проекции се дел од финансиската рамка на претпријатието, но сами по себе не значат дека платите автоматски ќе се зголемат за утврден износ.

Доколку новите тарифи донесат повисоки сметки, трошокот на крајот ќе го почувствуваат домаќинствата во Прилеп. Затоа, граѓаните очекуваат јасни одговори од надлежните: колку точно ќе плаќаат за кубик вода од 1 јануари 2027 година и дали ќе има дополнителни финансиски последици за семејните буџети.

Одлуките за тарифите за наредниот период се донесени, но конечниот износ на сметките што ќе пристигнуваат на прилепските адреси останува прашање на кое допрва треба да се даде конкретен одговор.

РЕШЕНИЕТО од РЕГУЛАТОРНА можете да го погледнете ТУКА

VOI во Прилеп носи нова приказна за викенд уживање: Оваа сабота, врвна храна, одличен амбиент и музика во живо

Добрата храна има посебен вкус кога е проследена со добра музика, пријатен амбиент и друштво на луѓето со кои најубаво се чувствуваме. Токму таква комбинација подготвува VOI Caffe & Cucina moderna, кој оваа сабота, 31 октомври, започнува нова музичка приказна во Прилеп, спојувајќи ја својата гастрономска понуда со звуците на музиката во живо.

Ресторанот, кој во изминатите неколку месеци постепено го гради своето место на гастрономската сцена во градот, носи освежување во понудата за сите што сакаат да уживаат во квалитетна храна, современа кујна и амбиент во кој секој момент може да се претвори во убаво доживување.

А сега, на сето тоа се надоврзува и музиката!

За првата саботна музичка вечер се задолжени Acoustic Duo – Кате и Илија, прилепчани кои со својот одличен звук и акустични изведби ветуваат пријатна атмосфера за опуштено уживање. Идеална можност саботната вечер да ја поминете со семејството, пријателите или најблиските, со вкусна храна на масата и музика што создава посебно расположение.

Она што го прави VOI особено привлечен е и неговата локација, во самиот центар на Прилеп, веднаш до 13-катницата, на место што лесно се вклопува во плановите за саботен ручек, вечера или вечерно излегување.

Со воведувањето на музички настани, VOI отвора ново поглавје во својата понуда и најавува концепт во кој гастрономијата и музиката одат рака под рака. Содржина што може дополнително да го збогати ноќниот живот во градот под Марковите Кули и да понуди уште едно место за убави моменти, добра храна и дружење.

Оваа сабота, 31 октомври, резервирајте навреме за поинакво уживање во VOI Caffe & Cucina moderna, со вкусна храна, пријатен амбиент и музика во живо со Кате и Илија.

Телефон за резервации: 077 883 889

Бидејќи понекогаш за совршена саботна вечер се потребни само добра трпеза, омилено друштво и музика што ви го разубавува денот!

Битола со спортски ден испрати порака за инклузија и еднакви можности за сите

Со спорт, дружење и порака дека секој заслужува еднаква можност за учество, во Битола се одржа Инклузивен спортски ден, посветен на рушењето на бариерите и прифаќањето на различностите.

Настанот го организираше Советот за социјална заштита на Општина Битола, во соработка со ОУРЦ „Кочо Рацин“ – Битола и граѓанскиот сектор, со цел да се промовираат инклузијата, еднаквите можности и важноста на спортот како начин за поврзување на луѓето.

Претседателката на Советот за социјална заштита, Марина Крстиќ, истакна дека преку ваквите активности се испраќа силна порака дека секој заслужува можност да учествува, да се дружи, да победува и да биде прифатен.

„Шампион не е само оној што освојува медал, туку секој што храбро чекори напред, ги надминува предизвиците и верува во себе“, порача Крстиќ.

Од Општина Битола изразија благодарност до сите спортски работници, спортски клубови, здруженија, академии, училишта, ресурсни центри и граѓани кои дадоа поддршка за реализацијата на настанот.

Инклузивниот спортски ден уште еднаш потсети дека спортот е многу повеќе од натпреварување – тој е простор за пријателство, меѓусебна поддршка и почитување на различностите.

Пораката од Битола е јасна: заедно се градат општество и заедница во кои секој има свое место, а еднаквите можности и инклузијата се вредности што ги обединуваат сите.

Мицкоски до Филипче: Ние не ја распродаваме државата, туку го враќаме тоа што вие го распродадовте

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на собраниската седница изјави дека ги поддржува проектите за антимон во Луке, Казандол и Иловица-Штука, при што во одговорот на пратеничкото прашање од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, поединечно ги образложи постапките и одлуките поврзани со секој од нив.

Мицкоски рече дека арбитражата за Казандол завршила со победа на македонската Влада и дека државата нема да има трошоци за постапката, а за Иловица-Штука се осврна на одлуките за спојување на концесиските подрачја и одлуката на Вишиот управен суд. Премиерот нагласи дека Владата нема да преземе ништо спротивно на интересите на граѓаните, додавајќи дека не ја распродава државата, туку го враќа она што претходната власт го распродала.

-Јас не ја распродавам, јас само го враќам тоа што вие го распродадовте. Име, територија за марихуана плантажи, француски предлози, се откажавте од македонскиот род. Тоа јас го враќам – рече Мицкоски.

За рудникот за антимон во Луке, Мицкоски рече дека неговиот став е ист како и ставот на градоначалникот на Крива Паланка, за кого посочи дека е меѓу ретките градоначалници на СДСМ и дека и тој го поддржува проектот.

-За рудникот на антимон во Крива Паланка, во местото Луке, да, сум „за“. Исто како што сум „за“ јас, е и вашиот градоначалник. Потполно исто – рече Мицкоски.

Во врска со Казандол, Мицкоски потсети дека се водела арбитражна постапка поради раскинувањето на договорот за концесија од страна на претходната влада. Тој рече дека во текот на постапката имало сведочења според кои претходната влада наводно била подготвена да се спогоди за одредена сума за да го загуби случајот, при што биле споменувани износи од 20 до 30 милиони долари.

-Во тој процес на арбитража, којшто ни беше наследен, имавме сведочења од луѓе кои, така барем велеа, дека претходната влада, била готова да се спогоди за одредена сума пари, се спомнуваа цифри од 20-30 милиони долари, да го изгуби случајот на арбитража и потоа нормално поединци да добијат одредена награда – рече Мицкоски.

Тој нагласи дека арбитражната постапка завршила во корист на македонската Влада и дека украинската компанија, која била концесионер и ја покренала постапката, треба да ги плати трошоците.

-Тој процес на арбитража заврши со победа на македонската Влада и дури странката во случајот, украинската компанија која што беше концесионер и која што ја почна таа арбитража, треба да ги плати трошоците поврзани со арбитражата. Државата ќе плати нула – рече премиерот.

Според него, тоа е пример за, како што рече, домаќинско и одговорно работење на Владата.

Во однос на рудникот Иловица-Штука, Мицкоски потсети дека проектот бил започнат за време на влада предводена од Владо Бучковски, кој бил предлог на СДСМ. Потоа, како што рече, за време на владата на СДСМ и ДУИ, Министерството за економија донело одлука за спојување на двете концесиски подрачја во областа меѓу Штука и Иловица.

Мицкоски рече дека неколкумина од тогашната влада подоцна тврделе дека не биле присутни на седницата или дека не знаеле како била донесена одлуката, иако, според него, постојат стенограми. Додаде дека една недела подоцна била донесена одлука за поништување на претходната одлука за спојување на концесиските подрачја.

Тој посочи и на одлука на Вишиот управен суд, за која рече дека ја поништила втората одлука, односно одлуката со која било поништено спојувањето, со што повторно станала важечка одлуката за спојување на концесиските подрачја.

-За тие подрачја да се спојат, потребен е анекс на договорот, а анексот на договорот не е регулиран во закон – рече Мицкоски.

Мицкоски претходно му се обрати на Филипче со критики за неговата реторика при поставувањето на прашањето, велејќи дека нема да одговори на, како што оцени, личните навреди и обвинувања што лидерот на СДСМ ги упатувал кон него и дека нема да се спушти на тоа ниво и да му одговори.

Тој додаде дека, според него, Филипче се наоѓа под притисок поради политичкиот пораз што го очекува СДСМ.

-Моите седум години беа среќни со двајца прекрасни родители кои што ме воспитаа да израснам во човек кој што нема да се служи со таа реторика, дури и кога се наоѓа под најтежок притисок, како што вие се наоѓате во овој момент. А тој притисок е од потсвеста и од поразот кој што знаете дека секој ден ви е се поблиску и поблиску. Така што јас нема тука да одговорам и нема понатаму да се спуштам на тоа ниво за вие да ја имате таа чест јас да ја задоволам и негувам вашата потвест и оние први седум години во вашиот живот кога требало да ве воспитаат во човек кој што, кога ја добива честа од граѓаните, барем треба да се однесува достоинствено и пристојно – рече премиерот.

Нема повеќе заминување од Армијата на 45 години – Војниците добиваат нова можност

Професионалните војници во Македонија кои ќе наполнат 45 години добиваат можност да продолжат со работа до пензионирањето, но со променет работен статус. Првите договори за вработување на неопределено време како цивилни лица беа потпишани денеска во Министерството за одбрана.

Со оваа промена, војниците кои досега по навршувањето на 45-годишна возраст мораа да размислуваат за заминување од Армијата, добиваат дополнителна можност да го продолжат својот професионален ангажман.

Од Министерството за одбрана информираат дека новото решение е резултат на реформите во одбраната, спроведени во соработка со синдикалните здруженија и Генералштабот. Договорите што беа потпишани се на неопределено време, а работниот статус на професионалните војници ќе се трансформира во цивилни лица во Министерството, односно во македонската Армија.

Досегашните можности остануваат во сила и за оние кои ќе одлучат да не го продолжат работниот ангажман. Тие и понатаму ќе можат да изберат испратнина во висина од две просечни плати во државата за секоја помината година во Армијата или да се префрлат во органите на државната и локалната власт, појаснуваат од Министерството.

Според МО, со реформата се надминува долгогодишната неизвесност со која се соочуваа професионалните војници пред исполнувањето на старосниот услов за завршување на службата.

Од Министерството и Генералштабот посочуваат дека искусниот кадар е значаен ресурс за одбранбениот систем и дека задржувањето на војниците со долгогодишно искуство е важно за функционирањето на Армијата.

Незгодна дискусија на српска телевизија во живо – Гостинот ја збуни водителката (ВИДЕО)

Промените во српските телевизиски програми стануваат сè повидливи, особено на медиумите што досега беа блиски до претседателот Александар Вучиќ. Во емисиите повторно се појавуваат гости кои со години немаа простор да ги кажат своите ставови.

Таква сцена се одигра во средата наутро во утринската програма на телевизијата „Прва“, каде гостуваше српско-канадскиот режисер, продуцент и политички коментатор Борис Малагурски. Уште на самиот почеток тој ја праша водителката Анѓела Ѓурашковиќ зошто е поканет на телевизија која, според него, со години не му дозволувала настап.

„Зошто ме поканивте? Свесен сум дека бев забранет на речиси сите телевизии во Србија да зборувам за која било тема, па ме интересира што се промени сега?“, праша Малагурски.

Водителката одговори дека изборот на гости е работа на уредништвото и дека таа професионално ја извршува својата должност. Малагурски сепак не застана тука – продолжи со прашања, тврдејќи дека телевизиите со години известувале еднострано и дека постоеле списоци на подобни и неподобни гости.

П.С.З. „КОЗЈАК“ ве кани на традиционален планинарски марш, по повод 82 години од ослободувањето на Прилеп

Планинарско-спортското здружение „Козјак“ од Прилеп ги поканува сите љубители на планината, природата и историјата да бидат дел од традиционалниот планинарски марш, кој ќе се одржи на 1 ноември 2026 година (недела), по повод 82-годишнината од ослободувањето на Прилеп, на 3 ноември 1944 година.

Маршот има за цел да го одбележи овој значаен историски датум, да ја зачува спомената за минатото и да ја поттикне љубовта кон планинарењето и природните убавини на прилепскиот крај.

Планинарската патека е долга 11 километри, со висинска разлика од 600 метри и средно тешко ниво на тежина. Учесниците ќе имаат можност да поминат време во природа, да уживаат во прекрасните пејзажи и заеднички да ја одбележат годишнината од ослободувањето на градот.

Собирното место е Спортската сала „Македонија“, а поаѓањето е закажано за 7:30 часот. Пријавувањето на учесниците е најдоцна до 30 октомври 2026 година (петок).

Од П.С.З. „Козјак“ апелираат до сите заинтересирани да се приклучат на маршот, соодветно подготвени за планинарење, и со заеднички чекори да ја продолжат традицијата на негување на историските вредности, планинарскиот дух и љубовта кон природата.Маршот има за цел да го одбележи овој значаен историски датум, да ја зачува спомената за минатото и да ја поттикне љубовта кон планинарењето и природните убавини на прилепскиот крај.

Планинарската патека е долга 11 километри, со висинска разлика од 600 метри и средно тешко ниво на тежина. Учесниците ќе имаат можност да поминат време во природа, да уживаат во прекрасните пејзажи и заеднички да ја одбележат годишнината од ослободувањето на градот.

Во Прилеп ќе се одржи трибина за карциномот на дојка: Раното откривање може да спаси живот

Со цел да се подигне свеста за превенцијата, значењето на редовните прегледи и навременото откривање на карциномот на дојка, во Прилеп ќе се одржи едукативна трибина посветена на женското здравје.

Комисијата за еднакви можности меѓу мажите и жените при Советот на Општина Прилеп организира трибина на тема „Карцином на дојка“, на која ќе се зборува за важноста на информираноста, превентивните прегледи и навременото реагирање.

На трибината ќе говорат специјалистите по хирургија, д-р Димитар Иваноски и д-р Гордана Љушиќ, кои ќе споделат стручни информации и совети за препознавање на значењето на превенцијата и раното откривање на болеста.

Целта на настанот е да се поттикнат жените да посветат поголемо внимание на сопственото здравје, редовно да ги извршуваат превентивните прегледи и да не ги одложуваат консултациите со лекар. Раното откривање на карциномот на дојка е од особено значење, бидејќи овозможува навремена дијагноза и подобри можности за лекување.

Организаторите упатуваат покана до сите жени од општина Прилеп да присуствуваат на трибината, да се информираат и да земат активно учество во разговорот за оваа важна здравствена тема.

Трибината ќе се одржи во петок, 30 октомври 2026 година, со почеток во 18:00 часот, во салата на Општина Прилеп.

Пораката е јасна – грижата за здравјето започнува со информираноста, а редовните прегледи и навременото реагирање можат да направат значајна разлика. Отворениот разговор за карциномот на дојка е важен чекор кон поголема свесност и подобра грижа за здравјето на жените.

Аероклуб Прилеп ги отвора уписите за нови членови: Децата ќе учат воздухопловно и ракетно моделарство

Аероклуб „Прилеп“ ги информира сите заинтересирани деца на возраст од 8 до 16 години дека се во тек уписите за воздухопловно и ракетно моделарство. Пријавувањето трае до 30 октомври.

Преку работилници што ќе се одржуваат двапати неделно, децата ќе имаат можност да ги откријат тајните на авијацијата и ракетите, да ја развиваат својата креативност и да стекнуваат нови знаења и практични вештини.

Во рамките на воздухопловното моделарство, учесниците ќе изработуваат модели на авиони, како и летечки модели од хартија и балса. Програмата за ракетно моделарство, пак, опфаќа изработка на модели на ракети, нивно лансирање и безбедно учество во овие едукативни активности.

Работилниците се наменети за деца кои сакаат да истражуваат, да создаваат и да научат нешто ново преку интересни и забавни активности.

Сите заинтересирани можат да добијат повеќе информации и да се пријават на телефонскиот број 070 280 950.

Уписите траат до 30 октомври, а работилниците се организираат двапати неделно и се замислени како безбедна, забавна и едукативна можност за најмладите.