Градоначалникот на општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, изврши увид на почетните градежни работи за пречистителната станица во населеното место Бела Црква. Со оваа фаза од проектот за доградба на фекалната канализација, Бела Црква и Воѓани ќе добијат заедничка станица за третман на комуналните отпадни води.
Станицата е проектирана за 1.000 еквивалентни жители и ќе врши механичко и биолошко пречистување. Предвидени се монтажа на постројката со пумпи, таложници и филтер, поставување на електричните инсталации и уредување на локацијата. Работите опфаќаат и чистење на 700 метри од постојниот одводен канал, во кој ќе се испушта пречистената вода.
Договорната вредност на изградбата изнесува 8.991.592,04 денари со ДДВ. Финансирањето е предвидено преку капитална дотација, согласно договорот на Општина Кривогаштани со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Изведувач на работите е „Игнација ФМ“ ДООЕЛ Битола, а стручниот надзор го врши „МГ Проект“ ДООЕЛ Скопје.
Договорениот рок за изведба е шест месеци од воведувањето на изведувачот во работа. Со пуштањето на станицата во употреба, отпадните води од двете населени места ќе се пречистуваат пред испуштањето, со што ќе се намали ризикот од загадување на околните води и почвата.



























