дома блог страница 18

Општина Кривогаштани иницира активности за санација и заштита на стеблото „Блатен даб“, кое е старо 638 години и е прогласено за природна реткост

Општина Кривогаштани иницира активности за санација и заштита на стеблото „Блатен даб“ (Quercus pedunculiflora), кое се наоѓа во Кривогаштани, во непосредна близина на црквата „Св. Димитрија“ и селските гробишта.

Согласно Решението за прогласување на стеблото на блатен даб во с. Кривогаштани за природна реткост, објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 100 од 15.05.2023 година, ова стебло има статус на заштитена природна реткост и претставува значајно природно наследство кое подлежи на посебен режим на заштита.

Поради значителното оштетување на стеблото, неопходно е да се преземат соодветни стручни мерки за утврдување на неговата здравствена состојба и механичка стабилност. Постои потенцијален ризик од кршење и паѓање на гранки или делови од стеблото, што може да ја загрози безбедноста на граѓаните кои ги посетуваат гробиштата и црковниот комплекс, како и да предизвика оштетување на спомениците и надгробните обележја.

Имајќи ја предвид важноста на зачувувањето на ова природно богатство, Општина Кривогаштани ќе иницира соработка со надлежните институции и стручни лица со цел утврдување на потребните мерки за санација, заштита и долгорочно зачувување на стеблото.

Сите активности ќе треба да се спроведуваат стручно и во согласност со законските прописи за заштита на природата, со цел да се обезбеди соодветна грижа за ова значајно природно наследство, но и сигурност за граѓаните кои го посетуваат овој простор.

Зачувувањето на природното наследство и грижата за безбедноста на граѓаните остануваат важен приоритет на Општина Кривогаштани.

Додека другите најавуваат, Кавадарци гради! Базени, СПА-центар, нов кеј, спортски комплекси и инвестиции од милиони евра!

Додека во многу општини капиталните проекти сè уште се на ниво на планови и најави, Кавадарци презентира отчет со десетици реализирани и започнати инвестиции во речиси сите сфери на општественото живеење. Спортски комплекси, реконструирани улици, нови сообраќајни решенија, водоводна и канализациска инфраструктура, гасификација, зелени површини, нови објекти за социјална заштита и младински центар се само дел од проектите опфатени во отчетот за првата година од мандатот на градоначалникот Митко Јанчев.

Под мотото „Една година работа. Големи чекори за Кавадарци“, Јанчев ги презентираше инвестициите кои го опфаќаат градот, но и населените места, со посебен акцент на капиталните проекти што треба да го променат изгледот и функционалноста на општината.

Нови спортски содржини какви што ретко се гледаат во една општина

Особено впечатлив е инвестицискиот циклус во спортот и рекреацијата. Градскиот базен добива целосна реконструкција на големиот и малиот базен, нови водни атракции и детски содржини, со инвестиција од 1 милион евра. Се гради и затворен базен со инвестиција од 1,2 милиони евра, а предвиден е и нов СПА-центар од 240 квадратни метри, вреден 500.000 евра.

На ова се надоврзуваат новиот картинг центар на површина од 2.700 квадратни метри, спортскиот центар „Јасмин“ со куглана, гимнастичка сала и сместувачки капацитети за спортисти, како и новата спортска сала во Марена.

Милионски инвестиции во улици, мостови, кејови и водоводна инфраструктура

Развојот продолжува и преку големи инфраструктурни зафати. Меѓу нив се реконструкцијата на улиците „Задругарска“ и „Вељко Влаховиќ“, изградбата на нови краци на улицата „Ѓорѓи Соколов“, новиот кружен тек на Северниот булевар, мостот Марена – Сопот, како и новиот кеј на Луда Мара до Општата болница, инвестиција вредна 1 милион евра.

Значајни средства се вложуваат и во водоснабдувањето и комуналната инфраструктура, преку реконструкција на водоводните линии Страгово – Крњево и Западен булевар – Сопот, нова водоводна и канализациска мрежа во Моклиште, поставување 2.500 нови водомери и реконструкција на фекалниот колектор на булеварот „Видое Смилевски“.

Гасификација, нов био пазар и зелени урбани површини

Во делот на енергетиката и урбаниот развој, започната е првата фаза од гасификацијата на Кавадарци, се уредува нова зелена урбана целина во Кавадаречки Дол, со озеленување на 15.000 квадратни метри и покривање на долот во должина од 760 метри.

Предвиден е и нов современ био пазар, инвестиција од 32 милиони денари, а фотоволтаични системи се поставени на 12 јавни установи, со вкупна моќност од 355 kW.

Инвестиции и во населените места, младите и социјалната заштита

Развојот не е ограничен само на централното градско подрачје. Во Дреново се гради повеќенаменски објект за спорт, рекреација и култура, меѓу Глишиќ и Марена е предвидена нова велосипедско-пешачка патека, а во Сопот е изграден нов објект „Виножито“ во рамките на детската градинка „Рада Поцева“.

Особено значајни се и проектите од социјалната сфера. Дневниот центар за лица со телесна или ментална попреченост е со капацитет од 40 корисници, а планиран е и дом за стари лица со капацитет од 55 легла и инвестиција од 160 милиони денари. Во плановите е и нов младински центар, со инвестиција од 1 милион евра, наменет за едукација, креативност, претприемништво и дружење.

Дополнително, обезбеден е грант од 50.000 долари за изработка на техничка документација за велосипедска патека до Тиквешкото Езеро, проект кој треба да отвори нови можности за туризам и рекреација.

„Една година работа е само почеток на уште поголеми цели“, е пораката од отчетот на градоначалникот Митко Јанчев, во кој се истакнува дека развојот на Кавадарци не се мери само преку нови објекти, асфалт и инфраструктура, туку и преку подобри услови за живот на граѓаните, децата, младите, спортистите и повозрасните сограѓани.

Со ваков инвестициски интензитет, Кавадарци поставува високи развојни цели за следниот период, а најавата е дека продолжува реализацијата на проектите за современ, функционален, зелен и економски развиен град.

Крцкај си награди со Стоби Флипс и Чоко Стоби – Витаминка доделува повеќе од 700 награди!

Со повеќе од 700 неодоливи награди, меѓу кои автомобил, електрични велосипеди, iPhone телефони, PlayStation конзоли, таблети и бројни други подароци, Витаминка ја започнува новата голема наградна игра „Крцкај си награди со Стоби Флипс и Чоко Стоби“.

Наградната игра започнува на 28 октомври и ќе трае до 13 декември 2026 година, а можност за учество имаат сите граѓани на Република Северна Македонија кои ќе ги исполнат условите.

Како да учествувате?

Потребно е да купите најмалку едно пакување Стоби Флипс и најмалку едно пакување Чоко Стоби, кои треба да бидат наведени на истата фискална сметка. Потоа, регистрирајте го кодот и времето на купување од фискалната сметка на еден од двата начини:

  • Преку СМС порака на бројот 142241 (цената на СМС-пораката е 5,9 денари со вклучен ДДВ).
  • Преку официјалната веб-страница www.krckajsinagradi.mk.

Важно е да ја зачувате оригиналната фискална сметка, бидејќи таа ќе биде потребна доколку освоите награда.

Повеќе од 700 награди ве очекуваат!

Наградниот фонд е навистина богат и вклучува:

  • 1 автомобил – главната награда;
  • 4 електрични велосипеди;
  • 10 iPhone телефони;
  • 10 PlayStation конзоли;
  • 10 таблети;
  • 10 Bluetooth звучници;
  • 10 Bluetooth слушалки;
  • 650 помали награди, меѓу кои детски меки играчки, Gley ваучери и пакети производи од Витаминка со брендирани подароци.

Извлекувањата ќе се организираат секоја недела, а првото е закажано за 2 ноември 2026 година. Предвидени се вкупно седум неделни извлекувања, во кои ќе бидат доделени и најголемиот дел од наградите, како и посебно извлекување за главната награда – автомобилот.

Со секоја нова фискална сметка што ги исполнува условите и со нова регистрација, добивате нова можност за учество. Една регистрирана фискална сметка претставува една пријава.

Затоа, крцкајте си ги омилените Стоби Флипс и Чоко Стоби, регистрирајте ги сметките и можеби токму вас ќе ве израдува една од повеќе од 700-те награди!

Повеќе информации и целосните правила на наградната игра се достапни на www.krckajsinagradi.mk.

Пет нови животински видови пристигнаа во ЗОО Битола – меѓу нив африканска мачка и американски ракун

Убави вести од Зоолошката градина во Битола. Благодарение на успешната соработка и пријателството со Зоолошката градина во Белград, зоо-семејството во Битола е побогато со неколку нови и интересни животински видови.

Во нивните нови живеалишта пристигнаа сервал, був, свет ибис, берберска овца и американски ракун, кои отсега ќе бидат дел од животинскиот свет што посетителите можат да го запознаат во битолската зоолошка градина.

Новите жители успешно го поминале транспортот, веќе се сместени во своите живеалишта и се под постојан надзор на ветеринарниот тим.

Од Зоолошката градина посочуваат дека меѓуинституционалната соработка и размената со други зоолошки градини се особено важни за збогатување на животинскиот фонд, подобрување на условите за животните и унапредување на едукативната улога на установата.

Воедно, упатија благодарност до тимот на Зоолошката градина во Белград за успешната соработка и поддршката.

Screenshot

Новите жители се и одличен повод за посета, па од Зоолошката градина во Битола ги покануваат граѓаните и најмладите овој викенд да прошетаат низ нивниот простор и лично да им посакаат добредојде на новите животински жители.

Подгответе ги чадорите: Од утре дожд

Под влијание на циклонска активност од утре до вторник времето ќе биде претежно облачно и постудено со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи ќе има в недела и во понеделник кон крајот на денот и во текот на ноќта кон вторник.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), на повеќе места се очекува да наврне поголема количина на дожд од над 25 литри на квадратен метар за 24 часа, а во текот на прогнозираниот период локално и над 60 литри на квадратен метар.

Во Скопје од утре до вторник времето ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. В недела и во понеделник кон крајот на денот и во текот на ноќта кон вторник врнежите ќе бидат пообилни. За целиот прогнозиран период во Скопската Котлина се очекува да наврне над 40 литри на квадратен метар дожд.

Претставата “Црнила” на Денот на ослободувањето на Прилеп

Театарот „Војдан Чернодрински“ се вклучува во одбележувањето на трети ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп. Имено, на втори ноември 2026 г./ понеделник/ од 20.00 часот во Сцена 105 ќе ја прикаже претставата „Црнила“ според Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски. Со изведбата на претставата ќе се одбележат и шестте награди што беа освоени на двата фестивали: МТФ „Војдан Чернодрински“ и меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Воедно по изведбата на претставата на актерот Александар Степанулески ќе му биде врачено признанието за најдобар актер доделено на фестивалот „Ристо Шишков“.

На јубилејниот МТФ „Војдан Чернодрински“, театарот за претставата освои пет награди; костимографија (Марија Пупучевска),сценографија (Валентин Светозарев), актер Сара Спиркоска (Млад актер), Димитар Ѓорѓиевски ( награда за машка главна улога) и наградата за режија за Дејан Пројковски.

На фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ актерот Александар Степанулески ја доби главната награда за улогата на Луков, при што вели дека театарот „Војдан Чернодрински“ е „место на негово раѓање“ и секогаш ќе биде тука.
-Вложив многу труд, а при тоа ми се отворија многу различни светови, и на крајот се валоризира позитивно – вели Степанулески.

Претставата „Црнила“ е актерска и режисерка исповед. Отвора дијалог за тоа дека мора во одредени моменти да имаме заеднички ставови, а црнилата се секогаш во македонската историја како резултат на поделбите.

Автор на музиката е Горан Трајковски, драматург е Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, а играат Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Марија Спиркоска – Илијеска, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски, Ива Малинческа.

Коњановски: 180 проекти ја одбележаа првата година од новиот мандат, 34% се веќе завршени

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на денешната 17-та седница на Советот на Општина Битола направи отчет за сработеното во првата година од новиот мандат, презентирајќи ги реализираните активности, тековните инвестиции и проектите што се во фаза на подготовка.

Како што информираше преку своето обраќање, изминатата година била одбележана со вкупно 180 проекти, од кои 34 проценти се целосно завршени, 27 проценти се во фаза на реализација, за 17 проценти се потпишани договори, додека за преостанатите 22 проценти се подготвува документацијата и се спроведуваат подготвителните постапки.

Коњановски нагласи дека Општина Битола има најголем број аплицирани и добиени проекти во државата од двата владини повици, оценувајќи дека тоа е резултат на административната подготвеност, планскиот пристап и соработката со Советот на Општината.

Меѓу позначајните реализирани и започнати инвестиции се издвојуваат над 10 километри обновена и новоизградена патна инфраструктура, како и повеќе од 3 километри инвестиции во водоводна и канализациона мрежа.

Во делот на спортската инфраструктура, градоначалникот ги посочи реконструкцијата и изградбата на 24 училишни спортски терени и четири типски спортски сали, изградбата на боксерската сала, како и спортската сала во Бистрица. Посебно се осврна и на инвестициите во стадионот „Петар Милошевски“, кој, како што рече, според оценка на босански портал е меѓу најубавите на Балканот.

Значајни активности се реализирани и во образованието, преку подобрување на условите во основните и средните училишта, инвестиции во енергетска ефикасност, реконструкции, нова опрема и современи наставни простори.

Посебен акцент беше ставен и на проширувањето на капацитетите за згрижување деца. Според Коњановски, обезбедени се над 470 нови места во детските градинки, меѓу кои објектот „Пчеличка“, новата градинка кај ОУ „Климент Охридски“, како и градинката во населбата АРМ, каде се очекува да се обезбедат дополнителни 246 места.

Во инфраструктурниот дел беа посочени новиот булеварски влез во Битола од страната на Прилеп, улицата „СТУ 3“ со 100 паркинг места, новите паркинг-простори на „Браќа Џаферови“ и „СТУ 9“, реконструкцијата и асфалтирањето на повеќе улици во градот, но и инвестициите во населените места.

Во однос на економскиот развој, Коњановски ги издвои поставувањето на камен-темелникот на вториот маркет на „Лидл“ во Битола и отворањето на новата фабрика „Брејнчајлд производство“, како чекори кон создавање нови работни места и подобрување на инвестициската привлечност на градот.

Меѓу останатите позначајни проекти и активности беа споменати изградбата на новата противпожарна зграда, за која Општината досега инвестирала над 52 милиони денари, со дополнителен грант од еден милион долари од Министерството за одбрана на САД за нејзино внатрешно опремување, обновата на механизацијата на јавните претпријатија, проектот „Watervill“ за подобрување на водоснабдувањето, како и физибилити студијата за изградба на гондола на Пелистер, со цел планината да се развива како четирисезонски туристички центар.

Градоначалникот се осврна и на културниот живот во Битола, посочувајќи дека во изминатите 10 месеци културните настани ги посетиле над 100.000 лица, а Општината преку Програмата за култура обезбедува околу 45 милиони денари.

Во завршницата од обраќањето, Коњановски ја нагласи важноста од соработката со Советот, граѓаните и стручната јавност, посочувајќи дека развојот на Битола бара континуирана работа, јасна визија и реализација на проекти што ќе донесат подобри услови за живот.

„Предизвици има уште многу, а нивното решавање е можно само со посветена работа, конструктивна соработка и љубов кон градот кој мора да напредува во секоја област“, порача Коњановски.

Обраќањето е објавено на официјалната Фејсбук-страница на Општина Битола, во пресрет на одбележувањето на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на Битола.

Ново поврзување меѓу Македонија и Црна Гора: Директна авионска линија која ќе оперира од Тиват до Скопје

Македонија и Црна Гора ја продлабочуваат соработката, а првиот конкретен резултат од договорените активности е воспоставувањето директна авионска линија меѓу Скопје и Тиват, која ќе започне да оперира од 1 мај следната година со два лета неделно. Ова го најави заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, по денешната билатерална средба со заменик претседателот на Владата на Црна Гора, Филип Ивановиќ.

Николоски посочи дека станува збор за реализација на договореното при неговата претходна посета на Подгорица, нагласувајќи дека новото авиоповрзување ќе има значење за зголемување на размената меѓу двете држави.

-Денеска заедно со потпретседателот на Владата на Црна Гора договоривме и веќе станува реалност директна авионска линија од Тиват до Скопје. Истата ќе оперира два пати неделно, ќе стартува од 1 мај и се надевам дека сериозно ќе придонесе не само за зголемување на бројот на патници и размената помеѓу двете држави, туку и за развојот на туризмот и бизнисот, истакна Николоски. Дополнителнопланираме во текот на следната година да организираме еден бизнис форум, кадешто ќе можат да се запознаат компаниите од двете држави и заеднички да зборуваат за нови можности, во делот на стопаска соработкa, истакна Николоски.

Тој нагласи дека со црногорската влада се преговара и за воведување на линија Скопје -Подгорица и Тиват-Охрид. Како значајна тема на денешните разговори беше посочено и инфраструктурното поврзување, особено можностите што ги отвора изградбата на автопатот Скопје – Блаце за регионалната транспортна и економска комуникација.

-Македонија на крајот на август месец почна да го гради автопатот Скопје-Блаце, којшто значи директно поврзување со Црна Гора, и значи отварање на Македонија кон трето пристаниште, тоа е пристаништето во Бар. Имајќи предвид дека имаме добро поврзување со пристаништето во Солун, градиме поврзување со пристаништето во Драч, со изградбата на овој автопат ќе имаме добро поврзување и со пристаништето во Бар, и на тој начин го правиме она што е најдобро за државата, а тоа е како држава која не излегува на море, да имаме излез на најмалку 3 пристаништа, рече вицепремиерот Александар Николоски.

На билатералната средба бeше потврдена и одличната политичка соработка меѓу двете држави, потенцириајќи ја можноста за унапредување на односите во сите области. Вицепремиерот Николоски упати честитки за реформските процеси што ги спроведува Црна Гора и за постигнатиот напредок на нејзиниот европски пат, истакнувајќи дека членството на Црна Гора во Унијата би претставувало значаен поттик не само за земјата, туку и за целиот регион и процесот на проширување на Европската Унија.

ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА ЈА ПОДДРЖУВА УМЕТНОСТА: „НАБУКО“ НА СЦЕНАТА НА НАЦИОНАЛНАТА ОПЕРА И БАЛЕТ

Вечерва со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена „Набуко“ од Џузепе Верди, едно од најзначајните дела на оперската уметност, кое преку моќна музика и драматична приказна ги отвора универзалните теми за слободата, достоинството и копнежот по татковината.

Претставата ќе биде изведена под диригентската палка на Мирон Михаилидис од Грција, во режија на Ренато Бонајуто од Италија. Сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор Климент Тодороски, хор-мајстор Јасмина Ѓорѓеска, а за светлосниот дизајн е задолжен Милчо Александров.

Во насловната улога ќе настапи Марјан Јованоски, Злата Тошевска Димовска ќе ја толкува Абигаиле, Николина Јаневска ќе настапи како Фенена, Ѓорѓи Цуцковски како Исмаил, а Александар Стефаноски како Захарија. Во останатите улоги настапуваат Диме Петров, Јаворка Витанова и Јане Дунимаглоски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, како и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

„Набуко“ е опера во четири чина и едно од најпознатите дела на Џузепе Верди, особено препознатливо по хорската композиција „Va, pensiero“, која со текот на времето стана симбол на копнежот по слобода.

Со поддршката на културните содржини, Видеолотарија Касинос Австрија продолжува да вложува во уметноста и културното наследство, давајќи придонес кон создавање вредности што ја збогатуваат заедницата.

Момироски: Советот ќе одлучува дали водата да поскапи до 27%

Новинарот Зоран Момироски во најновата неделна колумна, меѓудругото пишува и за поскапувањето на водата за пиење во Прилеп, кое е неизбежно, но засега не е познато колку ќе изнесува.

-Денеска на редовна седница Советот меѓудругото ќе расправа за Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, за правилници кои ќе ја регулираат работата и паркинг локации за такси превозниците како и извештајот за досегашната работа на ЈОУДГ ,,Наша иднина,,. Најголем предизвик пред советот ќе биде на една од следните седници, одлуката за тоа колку ќе се зголеми цената на водата. Регулаторна реши, Управниот одбор на ЈКП Водовод и канализација потврди и предлага цената од 1.јануари 2027 година да не биде повисока од 27% во споредба со сегашната. Крајната одлука е на Советот на градот. За и околу ова прашање подетално во следната колумна, пишува Момироски.