Претседателството на Демократскиот сојуз, на седницата одржана на 7 септември, донесе Одлука на претстојните локални избори да настапи заедно со СДСМ.
-Демократскиот сојуз подолго време се подготвува за учество на изборите при што врз основа на темелни анализи, сондажа на јавното мислење и изборните правила, како и програмските определби, одлучи да ја продолжи соработката со СДСМ.
Еден од главните мотиви е заштитата на националните и стратешките интереси на централно и локално ниво, како и имплементација на европските вредности.Цврсто сме убедени дека приоритетите на ДС за развој на општините ќе бидат дел од заедничката изборна програма и ќе бидат реализирани од новите градоначалници и совети на општините и градот Скопје.
Борбата против урбаната мафија и загадувачите на воздух, воведување ред во работата на угостителските објекти и гласната музика, донесување на детални урбанистички планови, формирање урбана полиција, средување на сообраќајниот хаос, изградба на катни гаражи итн., се само дел од приоритетите.
Демократскиот сојуз е за отворање перспективи за младите, за европска Македонија и силно се спротивставува на тие што со деструкција и екстремизам се обидуват да печалат политички поени.Демократскиот сојуз е за фер и демократски избори, но и за коренити промени на изборните правила, стои во соопштението од партијата.
Илинден 1903, АСНОМ 1944 и референдумот од осми септември 1991 година, се најсветлите настани од македонската историја со кои се создаваше македонската државност, се остваруваше сонот на многу македонски генерации.
Независна македонска држава, беше идеал на илинденците, на партизаните, на сите македонски патриоти, на сите кои си ја сакаат татковината, на сите кои си ја сакаат Македонија.
Македонскиот сон за своја самостојна држава се оствари токму на осми септември 1991 година, кога со референдум граѓаните на Македонија го избраа патот на самостојноста и независноста.
Во чест на Денот на независноста, учениците oд прилепската гимназија “Мирче Ацев”, Тамара Спасевска и Никола Димовски, под менторство на професорот Кире Николоски, изработија краток документарен видео запис за историските случувања, за референдумот и значењето на овој голем празник.
По повод 30-годишнината од независноста на Република Македонија, делегација на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од кандидатот за градоначалник Д-р Борче Јовчески, положија свежо цвеќе пред споменикот на Методија Андонов – Ченто и Могилата на непобедените.
-8-ми Септември 1991 година, денот кога македонскиот народ едногласно се изјасни дека сака своја, единствена, суверена и независна Република Македонија!
30 години подоцна го славиме тој ден со ист жар и желба за продолжување на идејата на сите македонски херои кои низ историјата дале свој придонес за ова што го имаме денес!
Нека ни е честит 8-ми Септември, Денот на независноста на Република Македонија – напиша во честитката на Фејсбук Јовчески.
Игор Џамбазов со уникатна честита за 30-годишнината од независноста на државата
-Maкедонијо моја… Денес полниш 30 лета, не си веќе девојченце. Имаше несигурно детство и ептен бурна младост. Време ти е да се прибереш малку. Застани веќе на свои нозе, сакај се малку повеќе. Иако ти е време за мажење, немој да го правиш тоа. Знаеш дека не те бива за потпишување договори. Башка и никој не те заслужува. Те сакам, Македонијо – напиша најпопуларниот македонски шоумен на Инстаграм.
„По една година, според денешната официјална статистика, можеме да кажеме дека кризата официјално заврши и дека економијата закрепнува, што е потврда за нашите анализи дека економијата е стабилна и ќе расте“, рече Заев на првата Годишна меѓународна конференција „Економско закрепнување и раст по Ковид“, организирана од страна на Министерството за финансии.
Тој потсети на податоците на Државниот завод за статистика дека во вториот квартал годинава е регистриран раст на бруто домашниот производ од 13,1 отсто.
„Ова значи дека во првата половина од оваа година постигнавме раст на БДП од 5,6 проценти. За оваа година, проектиравме раст (БДП) од 4,1 проценти, со очекување дека извозот ќе порасне за 10,6 проценти, и раст на бруто инвестициите од осум проценти “, рече Заев.
Како што посочи, стапката на вработеност повторно почна да расте со исто темпо како и пред пандемијата од крајот на 2020 година, со пораст од 1,5 проценти во последните три квартали, а просечната нето плата исто така се зголемува.
На 8 септември во 1991 година, односно пред 30 години, во Република Македонија се одржа Референдум на кој граѓаните со право на глас се изјаснуваа на прашањето: Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија.
На Референдумот учествува 1,2 милиони наши сонародници, а според резултатите кои беа објавени речиси стопроцентно беше поддржана самостојноста на Македонија. Според конечните, официјални резултати од 1.495.626 гласачи, на Референдумот излегоа 1.021.880 или 71,85 проценти од граѓаните со право на глас. Од нив 95,09 отсто гласаа ЗА самостојна и независна македонска држава. Текот на Референдумот го следеа 167 домашни и 100 странски акредитирани новинари.
Референдумот во Македонија се одржа во предвечерјето на распадот на СФРЈ, по дефинитивното изјаснување на Словенија и Хрватска дека се определуваат за независност и самостојност. Во Македонија беше спроведено предреферендумска кампања, а на 2 септември беше објавен заеднички проглас на парламентарните и вонпарламентарните партии со кои граѓаните беа повикани масовно да излезат и да се изјаснат ЗА на Референдумот. Партиите на Албанците ПДП и НДП не го поддржаа прогласот.
Поддршка на Референдумот изрази само Унијата на албанската интелигенција. Во кампањата на Референдумот се вклучи и Македонската православна црква која со семакедонска христијанска, православна молитва, преку божествена литургија, одржана на 1 септември во Соборниот храм Свети Климент Охридски, го обнароди значењето на Референдумот како трето илинденско послание.
Во тој период, поточно на 15 јануари 1992 година, Република Бугарија беше првата држава што ја призна независноста на Македонија. Следуваа признавањето од Турција, Словенија, Хрватска, Русија и Босна и Херцеговина… Инаку на Референдумот му претходеше Декларација за независност што првото повеќепартиско македонско Собрание ја усвои на 25 јануари 1991 година формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се појавија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на Референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од страна на пратениците Албанци. Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација.
Поради противењето и притисоците на Грција, зачленувањето на ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија.
Низ 30-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии. Троцифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат.
Спорот со Грција поради името, по долгогодишни разговори под покровителство на Обединетите нации, конечно беше решен на 17 јуни 2018 година во Преспа со попишување договор меѓу двете држави. Со тоа се отвори патот на земјава кон НАТО и ЕУ.
На 27 март 2020 година Македонија стана 30 членка на НАТО. Иако веќе 16 години е земја кандидат, а во 2009 година ја доби првата препорака за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, евроинтеграцијата која долго време беше бликирана од Грција, сега е попречувана од Бугарија. Софија и покрај потпишаниот билатерален Договор за пријателство и добрососедство во август 2017, засега не се согласува со останатите 26 земји членки на ЕУ да почнат преговорите со Скопје.
Република Македонија денес има воспоставено дипломатски односи со 158 држави во светот, а под уставното име е признаена од 117 меѓу кои и три од членките во Советот за безбедност – Кина, Руската Федерација и САД.
Здравствени работници, спортисти, пожарникари, полицајци и војници, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, како и националните ансабли и културно-уметничките друштва денеска ќе продефилираат во центарот на главниот град по повод 30 години независност на државата.
Централната прослава ќе биде на отворено пред Собранието со почеток во 17:30 часот, а ќе започне со изведба на делото „Симфонија за филхармонија“ од композиторот Живоин Глишиќ по што следи дефилето.
Според протоколот, официјалниот дел ќе почне во 18:30 часот со интонирање на химната на Северна Македонија од страна на Воениот оркестар, по што ќе следуваат говорите на државниот врв. Обраќање ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.
По обраќањето на премиерот, односно од 19:30 часот започнува музичкиот дел со изведба на песна специјално аранжирана за оваа прилика и музички дел со познати солисти кои заедно со Националната филхармонија ќе изведат неколку антологиски забавни нумери.
Покрај официјалните гости и медиумите, според протоколот и актуелната состојба со пандемијата, предвидено е присуство на околу 1000 акредитирани граѓани кои приложиле вакцинален сертификат или потврда за прележаност од Ковид-19.
Додека Македонија утре го прославува роденденот на нашата татковина, вечерва по тој повод буквално „гореше“ скопско Нерези.
Жителите на населбата Нерези вечерва го прославија роденденот на нашата земја Македонија на комитски начин.
На видеото може да се забележи дека жителите се наредени низ целото спортско игралиште и во исто време ги палат баклите во чест на празникот 8 септември.
На крајот од видеото има и огномет со кој тие уште еднаш докажаа како се сака нашата татковина МАКЕДОНИЈА.
Инаку претходно на социјалните мрежи се појави фотографија од графит кој е нацртан на игралиштето во скопската населба Нерези.
На графитот беше напишано името Македонија и беа нацртани ликовите на најголемите македонски револуционери.
Иницијативата “Прилеп на точак” со одличен предлог до општина Прилеп за решавање на сообраќајниот метеж во центарот на градот
Прашање до Општина Прилеп дали улицата “Браќа Ламески” само ќе биде послана со нов слој асфалт и на неа како и досега ќе продолжи сообраќајниот хаос и дивеење никаде на свет невидено во центар на град.
– Како ќе биде обележана улицата, со една лента, со две?
– Дали е тоа улица или паркинг простор?
– Дали и понатаму пешаците ќе одат на сред коловоз или ќе летаат над автомобилите?
На оваа улица, сведоци сме на паркирани автомобили од двете страни, диви таксисти и слично, така што преку целиот ден тука функционира само една сообраќајна лента.
Сообраќајот се одвива со чекањеање, една сообраќајна лента ги пропушта возилата од другата па после тоа обратно и така тука може да изгубите и 10 минути за некој 100-200 метри.
За пешаци, велосипедисти, инвалиди или бебешки колички, едноставно тука нема место, безбедноста им е под нула, се движат помеѓу самите автомобили.
Решение:
Улицата е доволно широка, за уредно да се обележи велосипедска патека од двете страни и простор за движење на пешаците, и уредно да функционира сообраќај во два правци.
За да се реализира тоа треба само неколку канти црвена боја, гумени ступбиња по примерот на Охрид за физичко одделување од коловозот, и редовно присуство на полиција и санкционирање на секој што ќе застани “на 5 минути само да земам…”
Некои решенија се едноставни, брзи и не се потребни никакви ресурси, треба само воља и ништо повеќе…
Не е лесно да сте жена во политиката, особено не кога ќе сакате да ја следите и модата во чекор. Вистинска среќа што не врнеше, навистина ќе беше вистинска штета за една таква убава штикла.
Министерката за регионален развој и ЕУ фондови на Хрватска, Наташа Трамишак пред камерите покажа како се оди по прилично нерамен терен на штикли и тоа прилично високи. Таа се појави во една квалитетна зелена креација која навистина, не одеше со други обувки на нозете. Црвениот шлем на главата само ја дополни атмосферата на стартот на градежните работи на еден трговски центар во Осјек.
Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје:
Во последните 24 часа се направени 6.425 тестирањe, а регистрирани се 682 нови случаи на КОВИД-19:
Скопје – 317, Куманово – 51, Тетово – 49, Битола – 31, Кичево – 30, Кавадарци – 22, Гостивар – 19, Струмица – 18, Ресен – 15, Прилеп – 13, Охрид и Струга – по 11, Делчево -10, Пробиштип и Валандово – по 8, Радовиш, Крива Паланка и Кратово – по 7, Штип и Дебар – по 6, Велес, Неготино, Свети Николе и Берово – по 5, Кочани и Гевгелија – по 4, Виница и Демир Хисар – по 2, Богданци, Пехчево, Македонска Каменица и Дојран – по 1.
Регистрирани сe 1.031 оздравени пациенти од: Тетово – 393, Скопје – 296, Гостивар – 99, Куманово – 57, Кичево и Охрид – по 28, Струга – 25, Дебар – 21, Струмица – 15, Битола – 13, Прилеп – 11, Велес – 10, Македонски Брод – 8, Пехчево – 5, Радовиш и Кочани – по 4, Виница – 3, Валандово, Кратово, Свети Николе и Берово – по 2, Кавадарци, Ресен и Македонска Каменица – по 1.
Пријавени се 32 починати лица: 9 починати лица од Скопје (88г, 78г, 71г, 69г, 68г, 66г, 61г, 53г и 42г), 4 починати лица од Куманово (84г, 70г, 63г, 58г), по 3 починати лица од Гостивар (71г, 71г и 41г) и Тетово (88г, 82г и 82г), по 2 починати лица од Велес (80г и 72г), Свети Николе (73г и 53г) и Штип (56г и 33г) и по едно починато лице од Кичево (75г), Охрид (62г), Струга (80г), Дебар (83г), Струмица (70г), Прилеп (65г) и Македонски Брод (61г).
Од пријавените 28 се починати во болнички услови и 4 се починати во домашни услови.