дома блог страница 1826

Денеска ќе се одлучува дали БЕСА ќе ја напушти коалицијата

По вчерашната одлука на ДИК дасе прегласува во Желино, каде во вториот круг со минимално победи кандидатот за градоначалник на БЕСА, партијата денеска на централното претседателство ќе одлучува дали да ја напушти владејачката коалиција, пишува порталот Република.мк.

Разликата во гласови во предност на кандидатот на Беса пред кандидатот на ДУИ во Желино беше 69 гласа. По поднесените приговори на ДУИ, ДИК одлучи во Желино да има прегласување.

БЕСА има право на жалба до Управниот суд но не се знае дали одлуката на судот ќе влијае на нивната одлука за напуштање на колацијата со СДСМ.

Беса има четири пратеници и нивното излегување ќе значи дефинитивен пад на владата.

Димитров: “Тешко дека во декември ќе се направи нешто”

Потпретседателот на Владата за европски прашања Никола Димитров во гостување за Утрински брифинг потсети дека имаме заедничка изјава во која се вели дека С Македонија е пример за неисполнети ветувања од ЕУ и додаде дека ова е начин регионот да се солидаризира со нас.

Но, изјавата која ја заинтригрира јавноста е соменвањето дека во месец декември би се направил некој напредок кон патот за преговори.

-Тешко дека во декември ќе се направи нешто. Оваа блокада не е само кон нас туку и кон ЕУ. Таа блокада сакале или не е и блокада на македонско-бугарското пријателство, тоа ќе доведе до речиси неповратно оддалечување, вели Димитров во Утрински брифинг.

Македонец постигна 13 погодоци на еден натпревар во Германија, а ова не му е рекорд

13 погодоци во еден натпревар, 10 во првото полувреме, тоа е учинокот на Александар Стоилов (21), напаѓач на фудбалскиот клуб МК Македонија Штутгарт кој се натпреварува во општинската лига Б1.

Погодоците Александар ги постигна во победата на неговиот клуб со 17:0, против екипата на ФВ Германија Дегерлок 2.

“Нашиот тренер Живко Колев сакаше да ме смени на полувреме. Тој рече 10 погодоци се доволно”, вели Стоилов за германскиот портал “Кикер”

Ова не е прв ваков подвиг на младиот Стоилов, кој речиси пред една година постигна 15 гола на еден натпревар, во победата на неговата екипа со 21:6 против Туркспор 2.

Во изјавата за германскиот портал “Кикер”, Александар вели дека ќе го надминел својот рекорд, но во второто полувреме противникот добро го покрил на теренот.

Собpaнието денеска добива 6 нови пpaтеници

Собранието денеска на пленарна седница треба да ги верификува мандатите на новите пратеници откако неколкумина народни избраници станаа градоначалници на локалните избори што завршија во неделата.

Локалните избори 2021 донесоа промени во собранискиот состав откако четворица пратеници победија во првиот круг од изборите. Тоа се Костадин Костадинов од СДСМ, кој сега е градоначалник на Струмица. На негово место треба да дојде Љубица Спасова со реден број 12 од листата на партијата на минатите избори.

Тимчо Муцунски е нов градоначалник на Општина Аеродром. На негово место доаѓа Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ, кој беше на осмото место на листата на партијата и коалицијата во првата изборна единица.

Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ стана градоначалник на Општина Бутел. Во собраниските купи ќе го замени Зоран Коцевски, кој на листата на пратеници во втората изборна единица беше на осмото место.

Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ е нов градоначалник на Штип, и на неговото место во Собранието доаѓа Драган Ковачки од третата изборна единица.

Во вториот круг од локалните избори градоначалници станаа и Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ во Охрид и Биљал Касами од БЕСА во Тетово.

На дневен ред на 51 седница се вкупно 14 точки, меѓу кои Предлог на одлука за испраќање на припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина, предлог-законите за Академија за судии и јавни обвинители, за адвокатура, за граѓанска одговорност за навреда и клевета, сите во прво читање.

Пратениците треба да дискутираат и за Дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, во второ читање, Предлог-законот за дополнување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, по скратена постапка, Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, во прво читање.

Mинистерот за земјоделие Хоџа: „Ако ме прашувате за личен став, јас сум за да го напуштиме мнозинството“

Прегласувањето на избирачкото место 2107 во општина Желино може да доведе до пад на Владата.

Откако Изборната комисија со 6 гласа „За“ одлучи дека на ова избирачко место ќе има прегласување, генералниот секретар на Движењето Беса за ТВ21 изјави дека треба да ја напуштат Владата.

„Ќе се зборува со одборот на партијата. Ако ме прашувате за мојот личен став, јас сум за напуштање на мнозинството“, изјави Хоџа за ТВ21.

Хоџа потврди и дека ДИК одлучила за прегласување на ова избирачко место, а претходно на својот Фејсбук напиша: „Желино кое роди партија (како Движењето БЕСА), може да стане Желино кое руши Влада! “

Во општина Желино победник на изборите е Блерим Сејдиу од Движењето Беса, кој освои 69 гласа повеќе од неговиот противкандидат од ДУИ, Фатмир Изаири.

Политичката партија ДУИ поднесе и два приговори за Општина Желино, со објаснување дека отпечатоците од прст не се совпаѓаат со бројот на гласачите и оти граѓанин гласал со неважечка лична карта.

Согласно член 148, став 3 ДИК едногласно одлучи да биде отворена избирачката кутија со цел да се утврди дали граѓанинот гласал со неважечка лична карта на избирачкото место 2107, а потоа и да се утврдат неправилностите во гласањето со отпечаток од прст. За да утврди дали имало неправилности Комисијата побара да ОИК од Желино да и достави посебни обрасци на избирачките списоци со решенија за запишување на посебно избирачко право.

Фасцинантни откритија во античкиот град Стибера кај прилепско Чепигово, први такви во Македонија (Фото галерија)

Штотуку завршија овогодинешните археолошки истражувања на античкиот урбан центар Стибера кај селото Чепигово под раководство на археологот Душко Темелкоски од НУ Завод и Музеј Прилеп.

Со истражувањата е откриен административниот дел од агората – плоштад, што е прво вакво откритие во Република Македонија. Таа била средиште на економскиот, религиозниот и социјалниот живот на жителите на градот. Тука било и пазариштето.

Покрај ритуалниот бунар околу кој се одвивале разни религиозни активности, откриени се неколку значајни наоди од мермер. Сите биле поставени покрај или вградени во ниши во внатрешниот, источен ѕид.

Конкретно, откриен е мермерен жртвеник – ара посветен на богот Хермес. Овој бог бил заштитник токму на трговците, па затоа е логично што бил поставен во агората, односно пазариштето.

Најрепрезентативен наод претставува бистата веројатно на Фаустина, жената на римскиот император Антониј Пиј кој владеел во средината на 2 век од нашата ера. Тоа е време на најголемиот процут на градот, односно благосостојба на територијата на целото римско царство.

Кога Фаустина релативно млада починала во 140 година, императорот ја прогласува за дива, односно за божество. Во годините што следат во нејзина чест насекаде во царството се подигаат комеморативни бисти со нејзин лик.

Бистата од Стибера била поставена на постамент во ниша која била луксузно декорирана со флорална орнаментика. Таа според извонредната изработка претставува можеби најрепрезентативниот пример на познатата работилница на мермерни скулптури во градот.

Во агората во Стибера се откриени и две мермерни маси. На едната била најверојатно поставена терезија – вага, односно тука било местото каде била верифицирана тежината на овошните плодови, зеленчукот и житариците кои се продавале.

Другата маса претставува редок наод, за прв пат откриен во Република Македонија. Тоа е таканаречена МЕРНА МАСА за верификација на количините на течните продукти (млеко, вино). На масата има издлабено 8 реципиенти со различни пречници и длабочини и со отвори на дното, каде истекувале течните продукти. Количините кои се верификувале се 10, 5, 3, 2 литри, 1 литар, 700, 300 и 150 милилитри. Вакви мерни маси, но во фрагменти, се пронајдени во Италија, Грција, Турција и Израел.

Според сочуваноста, нашата мерна маса се споредува со онаа од Помпеја, која била покриена со лавата по ерупцијата на вулканот Везув. На фронталната страна на овие маси обично имало врежан натпис, каков што има и масата од Стибера. Според натписот кој го прочита класичниот филолог Весна Калпакоска од Битола, службеното лице на агората, агораномот со име Ајлиј Химнос, во годината 289 од т.н. македонската ера, односно 142 од нашата ера, донирал свои средства за поставување на мерната маса.

Веднаш по завршувањето на археолошките истражувања, Кире Јованоски, архитект во прилепскиот музеј веќе изврши конзерваторски анализи и би требало следната година да започне реконструкција и конзервација на откриениот дел од агората во Стибера.

Со конзерваторски зафати ќе добиеме уште една репрезентативна градба покрај храмот на заштитничката на градот Тихе. Заживувањето на античкиот урбан центар на областа Дериоп, Стибера, како значајна туристичка дестинација, го заслужуваат општина Прилеп и особено жителите на блиското село Чепигово, кои се гордеат со неа и несебично помагаат при реализацијата на археолошките истражувања.

Воедно, археологот Душко Темелкоски во иднина очекува откривање на уште вредни наоди од македонската Помпеја, Стибера.

Распад во СДСМ Прилеп, и Сугарески поднесе ocтавка

Поранешниот пратеник и министер за транспорт и врски, Горан Сугарески, објави дека поднесува оставка од функцијата претседател и член на Надзорниот одбор на СДСМ, по поразот во првиот круг од локалните избори како кандидат за градоначалник на Прилеп.

Сугарески најавува и дека нема да се врати на позицијата директор на Царинската управа, од каде што си поднесе оставка како морален чин за растоварен да влезе во градоначалничката трка.

-Во знак на морална одговорност за неуспехот на локалните избори, како на локално така и на централно ниво, поднесувам оставка од функцијата претседател и член на Надзорниот одбор на СДСМ.

Извршувањето високи партиски и државни функции, покрај другото подразбира и одговорност кон граѓаните и членовите на нашата партија. Во таа насока, оставката претставува мој придонес за што побрза консолидација на партијата и што поскоро враќање на победничките патеки.

Упатувам благодарност на актуелното партиско раководство, како и на сите членови на партијата за укажаната можност да извршувам високи партиски функции, меѓу кои и последната, претседател и член на Надзорниот одбор.

Јас сум социјалдемократ, секогаш тоа и ќе бидам. Останувам верен на партијата и се ставам на располагање за било каков понатамошен ангажман, објави Сугарески.

Утре во фоајето на ЦК “Марко Цепенков”, концерт на гитаристот Илија Чакароски

На 5 ноември 2021 / петок/ од 19 ч. во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи концерт на класична гитара на кој ќе настапи Илија Чакароски, кој ќе изведи дела од Бах, Сор, Џулијани, Тарега…

Податоци за Илија Чакароски

Илија Чакароски е академски образован гитарист, еден од најактивните музичари на сцената во Прилеп и во другите градови низ земјата. Почнал со музичко образование во ОМУ „Ордан Михајлоски – Оцка” во Прилеп по предметот пијано каде и го завршил 6 годишното школување. За време на школувањето учествувал на повеќе државни натпревари и освоил повеќе надради. Завршил музичка академија во Софија – Република Бугарија на Националната музичка академија „Панчо Владигеров”- отсек гитара, во класата на професор Цветан Недјалков – еден од најпознатите гитаристи во Бугарија и пошироко на Балканот. Моментално работи како професор по гитара во основно музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ Прилеп.

Поседува долгогодишно педагошко работно искуство, учествувал на многу семинари, работилници, како и селекција и утврдување на програми за реализација на школувањето по предметот гитара.

За неговата класа по гитара има преголем интерес и таа низ годините се истакнува како најбројна во музичкото училиште, а неговите ученици бележат многу бројни награди на државно ниво и имаат освоено повеќе први места. Членува во неколку бендови :Vinyl Bandits, Hypnotic Wave и др. каде се јавува и како композитор на своја авторска музика (Сенка – Vinyl Bandits и неиздадени инструментални дела од Hypnotic) Соработува со музичари од различни жанрови, еден од нив е вокалот Добрила Грашеска од Чалгија Саунд Систем, со која настапува на манифестацијата Јавен Простор Прилеп, со програма на македонски евергрини.

Класичната акустична гитара е еден од жанровите кон кои се насочува и со голем перфекционизам се труди да ја долови убавината на класичната литература напишана за овој инструмент. Изведува дела од повеке периоди: Ренесансата, Барокот, Класицизмот и Романтизмот.

Одржал целовечерен концерт на класична музика во Амфитеатарот во Струмица заедно со Ана Митоска – сопран во 2020 година, како и во Прилеп во голема сала на Центар за култура во ноември 2020 година.

50.000 бyгapcки семејства ќе добијат по 150 евра помош за греење зимава

15 милиони лева (7,5 милиони евра) одобрила привремената бугарска влада за исплата на еднократна финансиска поддршка од 300 лева (150 евра) за затоплување на околу 50.000 семејства, соопшти Министерскиот совет.

Владата донесе уредба за одобрување дополнителни расходи од 15.000.000 лева од буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2021 година.

Право да ја добијат ќе имаат лицата и семејствата на кои им била одбиена помошта за издршка за греење и за претстојната зимска сезона поради надминување на дефинираниот приход до 30 лева или поради неисполнување на условот за 6-месечна задолжителна регистрација како невработени.

Извор: “Експрес.мк”

Известување од прилепските цpковни xpaмови до сите верници кои го празнуваат Митровден

Известување од прилепските црковни храмови до верниците за празникот Св. Димитрија (Митровден)

-Браќа и сестри во Христа, наши прилепчани. Поради корона кризата и запазување на мерките и протоколите, пропишани од здравствените работници, ве известуваме дека оваа година, ЛЕПЧИЊАТА ЗА СЛАВА, ЌЕ СЕ ПЕАТ ИСКЛУЧИВО ВО ЦРКВА.

За да се избегне било какво групирање, веднаш по доаѓањето во црква, ќе се прережува лепчето посветено на светецот на вашиот дом од страна на вашите парохиски (реонски) свештеници.

НА 7ми, НЕДЕЛА, ЗАСЛОГ НА МИТРОВДЕН:

СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ (СТАРА ЦРКВА) ОД 7.30 ДО 17.00 часот

СВЕТО ПРЕОБРАЖЕНИЕ (ГРЧКА ЦРКВА) ОД 07.30 ДО 10.30 и попладне ОД 15.30 ДО 17.00 часот.

СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ (ПАРАКЛИС) И СВЕТА ПЕТКА – ТОЧИЛА ОД 07.00 ДО 16.30 часот.

СВЕТИ ПАНТЕЛЕЈМОН (БОЛНИЦА) И СВЕТИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА (ТИПСКИ) ОД 11 ДО 13 ЧАСОТ.

Нека ни се за многу години и на помош, заштитниците на нашите домови и семејства, во ликот на светителот од куќната слава, Светиот великомаченик Димитриј.