дома блог страница 181

Универзитет Скопје – со срце во мисијата “За Тоше”

По 18-ти пат во чест на Тоше, 12 маратонци истрчаа 900км од Нова Градишка до Крушево и беа пречекани традиционално со рози по улиците.

Оваа година маратонците беа поддржани од Универзитет Скопје, од каде велат дека ова е настан кој ја спојува спортската енергија со хуманата мисија и споменот на Тоше Проески.

Претставници на Универзитетот го пречекаа маратонскиот тим со искрени емоции, гордост и благодарност кон ликот и делото на Тоше.
Секоја година, овој ден и овој настан ја обединуваат Македонија во име на љубовта, музиката и човечноста.

,,Голема благодарност до Универзитет Скопје и Ректорот проф.д-р Аце Миленковски, кој несебично подаде рака во последните денови на организацијата на овој настан. Бидејќи, оваа година не наидовме на заеднички јазик со менаџментот на Спомен куќа ,,Тодор Проески”, ние моравме да бараме решенија за да го одржиме и оваа година овој маратон, бидејќи знаете ние тоа му го имаме ветено на Тоше и не смееме да го изневериме.”– изјавија организаторите на Маратонот за Тоше.

ВИДЕО: Фан Продукција – Зоран Пилоски (www.funzoran.mk)

Пресврт на повидок во Крушево – по два мандати Томе Христоски ја напушта градоначалничката функција?!

Анкетите покажуваат дека Крушево е подготвено за промена. Овие бројки не се само проценти, тие се гласот на луѓето кои сакаат подобра иднина за Општина Крушево. Голема ќе биде победата! Нико Чонески за Еснафско Крушево – велат од тимот на кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ.

На социјалните мрежи кружи и резултат од анкета, според која Чонески во пресрет на изборите во недела има поддршка од 57% од испитаниците, а актуелниот градоначалник, Томе Христоски, 40%.

Според кампањата, Чонески водеше позитивна кампања, им претстави на крушевчани и жителите на населените места еден нов концепт за еснафски развој и напредок на општината, вети решавање на проблемот со недостиг за вода за пиење, решавање на проблемот со крушевската депонија и покажа визија за развој на туризмот.

Останува да ги сочекаме резултатите во недела и да видиме кој ќе биде исходот и одлуката на крушевчани.

„Стартап Хаб Прилеп“ – место каде што идеите на младите ќе стануваат бизниси, а општината ќе обезбедува финансии и поддршка

Претприемништвото е двигател на секоја економија, а младите умови се полни со иновативни идеи кои можат да го трансформираат нашиот град. Меѓутоа, патот од идеја до успешен бизнис е тежок, полн со предизвици и бара поддршка. За да го поттикнеме претприемачкиот дух и да го спречиме одливот на мозоци, ќе го основаме „Стартап Хаб Прилеп” – вели кандидатот за градоначалник на општина Прилеп од Коалицијата “Искуство за успех”, предводена од Либерално Демократската Партија, Жарко Бошкоски.

Станува збор за проект кој планира вклучување на младите во развојот на градот, каде:

-Младите ќе можат да развиваат идеи, да добиваат менторство, финансиска поддршка и ресурси,

-Ќе се добива бесплатна финансиска едукација — со цел да им се овозможи на младите да разберат како да управуваат со пари, како да инвестираат, како да започнат сопствен бизнис,

“Стартап Хаб Прилеп” би значел и поддршка за култура, спорт и јавни простори кои ги интересираат младите — модерни игралишта, настани, креативни простори, фестивали, култура на отворено, театар, уметност.

-Хабот ќе биде лоциран во центарот на градот и ќе нуди комплетна поддршка за младите претприемачи, особено оние во ИТ секторот и креативните индустрии. Ова вклучува менторство од искусни бизнисмени и експерти од различни области, организирани обуки за бизнис планирање, дигитален маркетинг и финансиски менаџмент, како и правни совети за основање фирма. Најважно од сè, хабот ќе обезбеди модерен канцелариски простор по субвенционирани цени, овозможувајќи им на младите компании да ги намалат почетните трошоци и да се фокусираат на развојот на својот производ или услуга, вели Бошкоски за својот проект од изборната програма.

Бошкоски го опшува проектот како место за вмрежување и соработка, екосистем кој ќе ги негува новите бизнис идеи.

-Редовно ќе организираме „Pitch Nights” и „Demo Day” настани, каде што младите претприемачи ќе можат да ги претстават своите идеи пред потенцијални инвеститори. Нашата цел е да им помогнеме на овие идеи да прераснат во успешни компании кои ќе отвораат нови, добро платени работни места токму тука, во Прилеп, додава Бошкоски.

(ВИДЕО) ЗНАМ Прилеп: Државата ни старее, младите мораме да ги вклучиме да станат креатори на политики, а не само неми посматрачи

“Системот треба да функционира, транспарентно да се однесуваат политичките авторитети и младите ќе ги зачуваме. Јас сум убеден во ова што го зборувам, бидејќи Македонија почна да станува стара нација, младите ни заминаа”, истакна во гостување во “РАДИО ПЕЛА”, првиот човек на Движењето ЗНАМ за наша Македонија од Прилеп, Емил Јанески.

На прашање што е тоа што го нуди ЗНАМ за младите во општина Прилеп и за што ќе се залагаат нивните советници во идниот состав на Советот, носителката на советничката листа, Мирјана Стеваноска, порача дека младите треба да бидат дел од случувањата и да се слуша нивниот глас.

-Младите треба да имаат свое место во општината. Преку поголем ангажман на млади во општински програми и иницијативи, младите ќе бидат вклучени во креирањето на политиките, а не само посматрачи. За подобрување на вештините и можностите за вработување преку локални програми за обуки, поддршка на младинско претприемништво и поврзување со компании, да создадеме услови младите да останат тука и да градат иднина”, истакна Стеваноска.

Владиката Петар испиша историја, сослужуваше Литургија со рускиот Патријарх г. Кирил во еден од најголемите манастири кај Москва (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

На 8 октомври 2025 година, во денот на претставувањето на преподобниот Сергиј Радонежски, чудотворецот, во Успенскиот Собор на Свето-Троицката Сергиева Лавра беше отслужена торжествена Божествена Литургија, со која началствуваше Неговата Светост, Патријархот Московски и на цела Русија г. г. Кирил.

Со Неговата Светост сослужуваа и архиереите на Руската Православна Црква, а меѓу нив и делегацијата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, предводена од Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, член на Светиот Синод на МПЦ–ОА, Епископот Велички г. Николај, викарен епископ на Преспанско-Пелагониската епархија и архимандритот Атанасиј (Арсоски).

На Светата богослужба присуствуваа бројни архиереи, свештенослужители, монаси и многуброен верен народ, кои молитвено го прославија споменот на великиот руски подвижник и игумен на Радонеж, преподобниот Сергиј, чии мошти почиваат во оваа света лавра – духовното срце на Руската Православна Црква.

Исто така, на 12.10.2025 г., во осумнаесеттата Неделата по Педесетница, во Исакиевскиот собор во Санкт Петербург, беше отслужена Света Божествена Литургија, со која началствуваше Митрополитот Санкт-Петербуршки и Ладошки г. Варсонофиј.

На светата богослужба сослужуваа и претставниците на делегацијата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија: Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Епископот Велички г. Никола и архимандритот Атанасиј (Арсоски), како и Епископот Кронштатски г. Венијамин, Епископот Петергофски г. Силуан, прот. Сергеј Куксевич, прот. Алексеј Скљаров, прот. Роман Ковалски со соборниот клир и други свештенослужители.

Пееше соборниот хор под диригентство на Лев Дуњаев, како и младинскиот хор под раководство на Лариса Христич.

На богослужбата присуствуваше и директорот на државниот музеј „Исакиевски собор“ г. Јуриј Мудров.

По завршувањето на Божествената Литургија, митрополитот Варсонофиј им се обрати на верниците со топли зборови, изразувајќи ја својата искрена радост поради заедничката молитва и духовното единство со архиереите на Македонската Православна Црква. Во знак на благодарност и братска љубов, а како спомен на заедничкото богослужение, Митрополитот Варсонофиј им подари на архиереите на Македонската Црква крст со панагија.

Грицкај “Стоби Флипс” и донирај за дечињата од СОС Детско село – Витаминка започнува нова хумана мисија

Со секој купен Стоби Флипс ќе се издвојуваат средства за децата поддржани од СОС Детско село Македонија. Со помош на оваа општествено одговорна кампања на Витаминка реализирана под слоганот „Заедно за топол дом, љубов и грижа за секое дете“ потрошувачите ќе можат директно да учествуваат во донаторскиот процес и да придонесат за посреќно детство на децата поддржани од СОС Детско село.

Преку ваквата иницијатива, Витаминка ја продолжува својата мисија да ги поттикнува општествената одговорност и солидарноста. Кампањата има за цел да ја подигне јавната свест и да обезбеди поддршка за децата без родителска грижа. Специјалното издание на Стоби Флипс, инспирирано од боите и мисијата на СОС Детско село, ја носи пораката на кампањата: „Заедно за топол дом, љубов и грижа за секое дете“ – симбол на заедништво и поддршка за децата кои имаат најмногу потреба од тоа.

„Со оваа кампања сакаме да потсетиме дека вистинските вредности почнуваат од емпатијата и желбата да се направи добро дело. Витаминка секогаш била блиску до семејствата и децата, а преку Стоби Флипс – бренд што го обединува сите генерации – сега ја пренесуваме пораката дека заедно можеме да изградиме посреќно и похумано општество,“ изјавија од Витаминка.

Средствата собрани преку оваа акција ќе бидат насочени кон проектот „Менталното здравје пред сè“, кој обезбедува психолошка поддршка и специјализирана едукација со рехабилитација за децата и младите поддржани од СОС Детско село Македонија.

Од СОС Детско село Македонија додаваат дека ваквите партнерства имаат длабоко и трајно значење за нивно непречено делување во општеството. „Партнерствата како ова со Витаминка се клучни за одржливоста на нашата мисија. Тие ни овозможуваат да продолжиме да обезбедуваме стручна поддршка, едукација и психолошка грижа, но и да ја шириме пораката за важноста од заедничка одговорност во грижата за секое дете,“ велат од СОС Детско село Македонија.

Во рамки на кампањата ќе бидат реализирани забавно-едукативни активности, меѓу кои посета на маскотата Флип на СОС Детско село која ќе вклучува многу забава и смеа, како и посета на децата во фабриката Витаминка, каде тие ќе можат да го запознаат процесот на создавање на нивниот омилен Стоби Флипс и да поминат ден исполнет со учење, дружба и топли моменти.

Со оваа кампања, Витаминка уште еднаш ја потврдува својата улога како општествено одговорна компанија, посветена на поддршка на најмладите и на создавање подобро, похумано и посреќно општество за сите.

“Прилепската АМАЗОНИЈА” (ФОТО)

Локацијата е во близина на “Димо Наредникот”, позади хотел “Бреза”, каде луѓе живеат во вистинска џунгла…

Којзнае какви ендемски видови се кријат во оваа “прилепска АМАЗОНИЈА”…

Фотографиите ги објави носителот на независна советничка листа, Никола Трајкоски, кој одново побара оставка од директорот на ЈКП “Комуналец” Прилеп, Абрашоски.

(ФОТО) Над 800 деца конечно ќе добијат современи услови за физичко образование – Завршува уредувањето на спортската сала во ООУ “Блаже Конески”

ООУ “Блаже Конески” во Прилеп, за многу скоро време ќе ја добие на располагање новата спортска сала, со што над 800 ученици конечно ќе добијат современи услови за изведување на наставата по физичко образование.

„Нова спортска сала во ООУ „Блаже Конески“, проект кој станува реалност и претставува значајна инвестиција во иднината на нашите деца и младите генерации. Со оваа инвестиција обезбедуваме современи и безбедни услови за спорт и физичко образование за над 800 ученици, кои ќе можат своите активности да ги реализираат во модерна и функционална спортска сала. Ова е влог во здравјето, развојот и тимскиот дух на нашите ученици. Како Општина Прилеп, продолжуваме со посветена работа на подобрување на образовната и спортската инфраструктура, затоа што нашите деца заслужуваат најдобри услови!“ -напиша Борче Јовчески градоначаник на општина Прилеп.

Проектот е инвестиција на општина Прилеп.

Разбуди ги сетилата и започни го денот на најдобар можен начин – Вашиот омилен појадок е тука, La Piazza ве чека со вкусно добро утро!

Утрото има посебен шарм кога денот започнува во La Piazza.
Во срцето на Прилеп, каде градот полека се буди, тука се нуди нешто повеќе од обичен појадок — утринско уживање со стил.

Од првиот мирис на свежо кафе до последниот залак, секое утро во La Piazza е мало гастрономско патување низ вкусовите кои ги обожаваме сите. Без разлика дали сакате класичен, домашен или модерен појадок – нашето мени има сè што ви треба за совршен старт на денот.

Изберете го вашиот омилен вкус:

-Јајца со пршута и кулен – вистински избор за љубителите на силен и богат појадок.

-Омлет со три јајца – класика која никогаш не старее, со можност да изберете варијанта со шунка, сирење или зеленчук.

-Мекици со сирење – мирис на детството, свежо пржени и совршено меки, со топка павлака и домат.

-Авокадо појадок – свеж, лесен и модерен избор за сите што сакаат здрав почеток на денот.

-Пржени лепчиња – четири совршено пржени тост парчиња со сирење, павлака и свеж домат.

-Клуб сендвичи и Италијански сендвич – за оние кои сакаат да комбинираат вкус и енергија, совршени за утро што бара полна порција задоволство.

-Кремасти чорби – нежни, топли и ароматични, идеални за ладни утрински часови.

Секој појадок во La Piazza се подготвува со свежи состојки, внимание на деталите и многу љубов кон добрата храна. А кога на сето тоа ќе се додаде нивната пријатна атмосфера и вкусното кафе – добивате формула за совршено утро.

Време е за La Piazza утро!

Посетете нè и откријте зошто нивниот појадок е омилен избор на прилепчани кои знаат да уживаат во секој момент од денот.

La Piazza – местото каде денот започнува вкусно!

Утре во кафе-бар “База” промоција на романот “Грст афионови зрнца” од Горан Василевски

Во сабота, на 18 октомври со почеток во 17:00 часот, во кафе-барот „База“ во Прилеп, ќе се одржи промоција на новиот роман „Грст афионови зрнца“ од Горан Василевски. Промотор на делото ќе биде Звонко Димоски.

Сижето на „Грст авионови зрнца“, кое се одвива од последниот милениум пред Христос до сегашни дни, е вечно неодгатнатата димензија на времето што лесно и едноставно ја апсорбира краткотрајната минливост на човековиот живот според веќе востановениот, иако хаотичен редослед од минати, сегашни и идни настани. Во содржината се вткаени едноставни просто човечки дилеми за љубовта, надежта, животот и смртта, како не само земски, туку, пред сѐ, божествени и космички сили. Сѐ минува и се менува. И времето, и просторот, и настаните и лицата, за најпосле крајот да дојде во совршен склад со непишаната замисла на универзумот. Па, читајќи можеби ќе сетите дека без оглед на векот што го живееме, во нас носиме и дел од нечии дамнешни собитија. Три епохи. Три судбини. Еден таен код запишан во соништата. Од древниот Стасадор, преку Пејко, до современиот Тихо ‒ три мажи, три животи, една вечна потрага по смисла. „Грст афионови зрнца“ е раскошен роман за љубовта и честа, временско патување што ја брише границата меѓу јавето и сонот!

Горан Василевски е роден на 29.12.1968 година во Постојна, Словенија. Основно и средно образование завршува во Прилеп. Се запишува на Воената академија во Белград, а дипломира на Воената академија во Скопје. За време на активната армиска кариера, учествува и во воените конфликти во регионот. Последипломските студии ги завршува на Филозофскиот факултет во Скопје. Ја извршувал и должноста на раководител на единствената армиска компонента при ОБСЕ во Виена, Австрија. Поминува сѐ што требало да помине во животот досега, а денес, како пензионер живее во Скопје, со план да се врати и да старее во Прилеп. Започнал со поезија и во 2008 година ја издава стихозбирката „Мандарина“, а преминувајќи на проза, го издава романот „Оревот“ (2013) и збирката раскази „Монахот што се плашеше од смртта“ (2015). Автор е на повеќе стручни трудови од областа на безбедноста, разузнавањето и менаџментот.