Во Пелагонија се случува инфраструктурен бум, автопатот Прилеп – Битола ќе го завршиме пред рокот, работиме на обиколница Прилеп, но и на други крупни инфраструктурни решенија – истакна при денешната средба со претставници од Регионалните Стопански комори на Прилеп и Битола, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
-Следната пролет ќе можеме да возиме по првите километри автопат на потегот од Прилеп до Битола, а целиот автопат да се заврши пред рокот со што ќе имаме комплетно автопатско решение од Прилеп до Битола, рече Николоски.
Вицепремиерот ја потврди информацијата на Маркукуле, дека од од месец јуни Македонски железници ќе пушти во сообраќај дополнителни линии, или еден вид градски воз помеѓу Прилеп и Битола, а со цел да се олесни комуникацијата помеѓу двата пелагониски центри додека се гради автопатот.
-Како резултат на отежнатиот сообраќај на регионалниот пат воведуваме градски воз меѓу Прилеп и Битола со цел да се олесни комуникацијата меѓу општините. За таа цел работиме заедно со двете железнички претпријатија, МЖ Инфраструктура и МЖ Транспорт и некаде во месец Јуни најдоцна да го пуштиме новиот градски воз кој што би оперирал на линија Прилеп-Битола-Жабени, додаде заменик претседателот на Владата.
Тој најави и дополнителни проекти за развој на Пелагонискиот регион, а со тоа и на бизнисот.
-Сакам да најавам уште три проекти, еден е обиколница на градот Прилеп, со цел товарните возила да ги извадиме надвор од градот, вториот проект е топловодот, односно парното за градот Битола и третиот проект е гасификацијата, потенцираше Николоски.
Инаку, според информациите на Маркукуле, од јуни од Прилеп до Битола и обратно ќе сообраќаат по 4 возови дневно, а цената на билтетот ќе биде симбилични 150 ден. за повратна карта.
























